Недефинирани (дополнителни) критериуми за оцена на избраните решенија во тендерите за промоција и маркетинг, субјективни оценки на членовите на Комисиите за евалуација што води до ризик од дискриминација и потиснување на конкуренцијата во постапките.
Ова е најчестата формулација во наодите од „скенирањето“ поединечните тендери во Државна лотарија, предмет кој го отвори Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) по истражувањето на РСЕ објавено на 20 ноември 2023 година.
Тогашната проверка на сопственичката структура на компаниите добитници откри дека голем дел од тендерите ги добиваат фирми кои се блиски или се роднински поврзани со „Арберија дизајн“ и „Арс Ламина“, компании кои нецела деценија, од 2014 година беа издавачки куќи со ексклузивни договори за печатење на учебници по наставната програма „Кембриџ“.
„Арбериа десигн“ во 2015 година беше и една од најголемите донатори на политичката партија ДУИ, а во 2022 година го доби и тендерот од Министерството за политички систем за организирање на годишнина од прославата на Рамковниот договор.
По истражувањето, ДКСК по допрен глас отвори предмет и ангажирала надворешно стручно лице за да изготви експертиза за начинот на кој се спроведени постапките за јавна набавка.
Во документите во кои РСЕ имаше увид, ангажираниот експерт истакнал дека правното мислење се заснова исклучиво врз основа на документацијата која е доставена на увид и за која не може да се гарантира дека е целосна и комплетна.
„Утврдените состојби посочуваат на постоење на ризик од недоследности при примената на Законот за јавните набавки, но, не претставуваат гаранција за краен исход на какви било постапки пред надлежни органи што во иднина би можеле да се поренат“, пишува во анализата.
Кои се наодите?
Анализата опфаќа четири тендери кои ги добила компанијата „Поинтер“, за која РСЕ пишуваше дека е во сопственост на Зоран Фиданоски, кој е брат на Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на „Арс Ламина“.
Тендерот за закуп на веб портали и маркетинг кампања за наградна игра на Државна лотарија е тежок 243,902 евра. Економски најповолна понуда се избира врз основа на односот меѓу цената - 60 бодови и квалитет - 40 бодови.
Стручњакот ангажиран од ДКСК навел дека за крајниот резултат од збирот на поените е дефинирана формула, но, не се дефинирани и дополнителни критериуми за оцена на решението по кое би се водела Комисијата за евалуација, со цел да се отстрани ризикот од субјективизам.
„И покрај тоа што со тендерската документација е наведена содржината на ПР решението, не е јасно дефинирано врз основа на кои критериуми членовите на посебната комисија го темелат оценувањето на кувалитетот на истото, освен субјективната оценка... Може да се заклучи дека договорниот орган не постапил во согласност со член 99 од Законот за јавните набавки“, се наведува во анализата.
Дополнително, се наведува дека критериумот квалитет не е дефиниран на начин на кој ќе овозможи преглед на евлуацијата на понудите од аспект на објективност со што се создава ризик од дискриминација на економските оператори и намалување на конкуренцијата во постапката.
Слични или индентични се формулациите во анализата и за наодите и за други три тендери кои ги добила „Поинтер“ во вредност од 609,756 евра - за маркетинг на Државна лотарија, корпоративен бренд, организирање наградна игра.
„Арбериа десигн“ и „Литера Гроуп“
Анализата ги посочува како проблематични и седум тендери кои ги добиле овие две компании за ребрендирање, рекламни кампањи, поддршка за продажба и рекламни активности.
Тетовската „Арбериа десигн“ беше наведена како клиент и на „Хеј дооел“, компанијата на Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“, на која и беа исплатени над 300.000 евра за кирија, рентајќи поранешен ресторан за свадби на Државна лотарија. Овој договор, со доаѓањето Владата го раскина и кажа дека има елементи на кривично дело.
Анализираниот тендер на ДКСК за ребрендирање на корпоративниот бренд на Државна лотарија преку ново лого и водење на рекламна кампања е во вредност од 243,902 евра.
И во овој случај, експертот ангажиран од Антикорупциска навел дека „и покрај тоа што во тендерската документација е наведена содржината на бараните документи, не е јасно дефинирано врз основа на кои критериуми членовите на посебанта Комисија ќе го темелат оценувањето на квалитетот, освен субјективната оценка“.
Дополнителниот увид во постапката, се наведува дека начинот на кој е дефинирано Државна лотарија за избере најповолна понуда, воопшто и не влијаел на исходот од постапката, бидејќи „Арбериа десигн“ била и единствен понудувач.
Генерално, истите заклучоци провејуваат и во јавните набавки кои ги добила „Литера Гроуп ДООЕЛ Скопје“. Нејзин сопственик е Афет Иљази од Тетово, за кого медиумите пишуваа дека бил уредник во издавачката куќа „Арбериа Десигн“, а своевремено бил и лице за контакт во оваа компанија во тендерските постапки.
За тендерите во Државна лотарија, во анализата за ДКСК се утврдени и други проблематични аспекти под кои услови се добиени.
Па така, во добиената јавна набавка за печатени и брендирани материјали за поддршка на продажба и промотивни активности, утврдено е дека предметот на набавка не е прецизно дефиниран, односно не се определени точните количини на стоки што договорниот орган планира да ги набави.
„Со споредба помеѓу двете понуди може да се заклучи дека дел од ставките во понудата која е избрана за најповолна се со далеку пониски цени од цените кои биле понудени од страна на вториот понудувач, но од страна за Комисијата за јавни набавки не е побарано објаснување за невообичаено ниска цела, поради што постои ризик овие стоки воопшто да не се нарачаат или пак ако се нарачаат да бидат со низок квалитет...Начинот на набавка овозможува субјектовно определување на стоки кои ќе се набават, намалување на квалитетот на истите, субјективно формирање на цени што понатаму влијае на економично користење на средствата и конкуренцијата во постапката спротивно на член 4,5 и 110 од Законот за јавни набавки“, пишува во документот.
Речиси идентични се заклучоците и за два други тендери кои ги добила „Литера Гроуп“ - за набавка на канцелариски материјали од речиси 5.000 евра и брендирани материјали за промотивни активности (памучни маици, УСБ стикови, антистрес топчиња и алуминиумски спортски шишиња за договорена сума од 16,260 евра. Односно, непрецизни предмети на набавки и неопределени точни количини.
ДКСК побарала дополнителни информации и Обвинителството и Управата за финансиска полиција - дали имаат отворено предмети за тендерите во Државната лотарија.
Наодите на експертот ангажиран од ДКСК се готови уште во времето на поранешното раководство кое ги остави во наследство на актуелниот состав на ДКСК.
Меѓутоа, не видоа светлост на денот бидејќи кон овој предмет е „залепен“ уште еден за Државна лотарија. Станува збор за договорот за закуп на деловен простор во скопско Визбегово за сума од 2,6 милиони евра.
Со смената на екс директорот Перпарим Бајрами, новиот прв човек на Државна Лотарија, Александар Климовски најави, а Владата го раскина договорот за закуп. Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека тој договор е основа за покренување кривична постапка.
За овој случај веќе работи и Управата за финансиска полиција. Дел од веќе собраната документација е и записник од Државната лотарија, која во септември ангажирала проценител кој утврдил дека цената за рентање по квадратен метар во тој реон во Скопје се движи од 2,5 - 4,5 евра.
А според склучениот договор со фирмата „Хеј ДООЕЛ“, изнесувала два до три пати поскапо. Дополнително, се испитува и оправданоста дали Државната лотарија реално имала потреба од нов објект.
Прв управител на „Хеј ДООЕЛ“ беше Натура Груби Бела, братучетка на екс вицепремиерот Артан Груби, а братот на нејзиниот сопруг беше дел од обезбедувањето на поранешниот министер за политички систем и односи меѓу заедниците.
Подоцна, сопственик на објектот стана Асмир Јахоски, кој е газда на фирмата „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски.
Постапките на правосудните институции досега резултираа со две различни истраги - едната за проневера на над 8 милиони евра во Државна лотарија за набавка на ВЛТ апарати, додека другата е за тендери за набавки на ТВ уреди од кумановската компанија „Ритрон копи“.
За купувањето на видеолотариските терминали, ОЈО побара притвор за екс директорот Перпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер Артан Груби. И двајцата се недостапни за македонските органи и за нив има распишано меѓународни потерници.
За Артан Ајрули, сопственикот на „Ритрон копи“, Обвинителството побара, а Кривичниот суд му го одзеде пасошот и му наложи да се јавува во суд.