Достапни линкови

 
Интерпелации за членови на Судски совет - тест на доблеста за оставки?

Интерпелации за членови на Судски совет - тест на доблеста за оставки?


Судски совет - архива
Судски совет - архива

Собранието ги изгласа интерпелациите на петмина членови на Судскиот Совет. Со ова заврши собраниска седница, но гласањето на нивната недоверба не значи и оставки за овие пет члена на Судскиот совет. На расправата за интерпелациите на петте члена на Судскиот совет не присуствуваа пратениците од СДСМ.

Собранието на денешната седница со 73 гласа изгласа недоверба на членот на Судскиот Совет Тања Чачарова Илиевска. Со 75 гласа пак, Собранието изгласа недоверба и на членот на Судскиот Совет Миљазим Мустафа. Со ова заврши денешната собраниска седница на која претходно им беше изгласана недоверба и на Павлина Црвенковска, Селим Адеми и Весна Дамева. Изгласувањето на интерпелациите не значи оставки за овие пет члена на Судскиот совет.

Зад иницијативата за интерпелациии, поднесена на 7 февруари, застанаа 67 пратеници од владејачкото мнозинство, но за заминувањето од функциите на петте члена на Судскиот совет ќе треба да одлучат самите, а така налага и Законот за Судски совет.

Поранешната претседателка и член на Судски совет, Весна Дамева од собраниската говорница рече дека како што не одговарала на поединци од минатата власта, така не одговара и на поединци од оваа власт.

„Се прашував дали може да се гази преку живи луѓе. Очигледно е дека желбата за власт е посилна од било какво чувство и било кое средство. Проблемот нема да се реши со интерпалцијата, на ваков начин само се продлабочува проблемот и се прави опасен преседан кој ќе има далекусежни последници и по судството и по државата“, рече Дамева.

Членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска во денешната изјава за медиумите кажа дека нема да присуствува на собраниската седница на која ќе се расправа за нејзината интерпелација. Според неа, „интерпелација на член на Судскиот совет е недозволен акт и противуставен“ и напоменува дека досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судскиот совет.

„Уставот посветил доволно одредби и точно уредени се клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет. Пратениците за жал немаат уставно право на ваков чин. Со тоа што е поднесена интерпелација само за петте членови не е само повредена само една од темелните вредности на уставниот поредок туку е повредено и основното начело на еднаквост на членовите на Советот. Се прави дискриминација на членовите што е недозволиво“, рече Чачарова-Илиевска.

Судскиот совет брои 15 члена, од кои тројца ги избира Собранието со Бадентерово мнозинство. Други двајца ги предлага претседателот на државата, но и нивниот избор го врши Собранието. Еден од овие двајца членови треба да биде припадник на помалите етнички заедници.

Осум членови, пак, ги избираат судиите од своите редови на непосредни избори со тоа што тројца од нив се припадници на заедниците кои не се мнозинство во државата.

Двајца се само по функција членови (претседателката на Врховниот суд и министерот за правда), кои може да присуствуваат на седници, но, тие немаат право на глас.

Што мислат пратениците за членовите на кои им се гласаше недоверба?

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски реагираше дека Даева одржала политилки говор пред пратениците, сакајќи да се промовира како жртва. Тој објасни дека интерпелациите не се напад врз судската власт, како што толкуваат Дамева и нејзините колеги.

„Свесни сме дека немаме право да ги повикуваме на одговорност останатите 8 члена на Советот, кои се судии. Нив, според законите, треба самите судии да ги повикаат на одговорност. Судиите сега треба да дадат одговор дали ќе покренат иницијатива да се разрешат и останатите членови на Сускиот совет – рече Мицевски.

Тој потенцираше дека ова не е политика интервенција, туку обид да се запре политичката контрола врз Советот.

Оливер Спасовски од СДСМ рече дека овие интерпелации се преседан и упад во судството.

„Ова го руши поредокот на поделба на власта и е повреда на начелото на еднаквост на членовите на Судскиот совет – рече Спасовски.

Собранието констатира дека Чачарова Илиевска и Миљазим Мустафа имале значителен придонес во загрозување на независноста, професионалноста и угледот на судството и суд.

Според пратеникот Бобан Карапејовски, самиот состав на Судскиот Совет е „изваден од партиските штабови“.

„Кога ја избирале Тања Чачорова Илиевска, предлогот е потпишан од претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, тогаш, Костадин Костадинов, омилениот градоначалник на семејството Заеви. Познатиот правник бил адвокат, потоа бил посебен советник за правда во канцеларијата на претседателот на Владата. Толку за неполитизираноста на Судскиот совет, рече Карапејовски.

Според пратеникот Халил Снопче, овие членови на Судскиот Совет не ги исполниле условите да бидат во служба на правото и на државните интереси, туку се воделе од политички интерес.

„Нивната дејност била политичка и како последица, немале успех во нивната работа, како членови на Судскиот Совет. Тие не ја поддржувале правдата, туку работеле според политичките интереси, рече Снопче.

Додека премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на 11 март очекува нивно разрешување од функциите, опозициската СДСМ обвини дека со овој потег се прави „груба партизација на Судскиот совет“ и дека овие постапки се спротивни на договореното на власта со ЕУ за реформската агенда.

Во пресрет на денешната седница на Судски совет, претседателот Александар Камбовски вчера изјави дека седницата не се користи како алиби за членовите за кои се бара интерпелација.

„Апсолутно не. Немаше никаква намера. Ние кога се закажуваше нашата седница не ни знаевме дека ќе биде на ист датум и собраниската седница. Нашава седница воопшто не е пречка таа да биде одржана, и обратно, собраниската, пак, да биде пречка нашава да се одржи. Доколку некој од колегите изрази желба да отиде таму и да даде изјава, ние тука ќе ја прекинеме седницата и ќе почекаме да се врати. Значи нема да има никаква пречка ниту во Собрание, ниту во Судскиот совет“, рече Камбовски.

На прашањето дали неговите колеги би поднеле оставки, кажа дека тоа е индивидуална одлука на секој член.

Меѓу законот и доблеста

Законот за судски совет во членот 31 пропишува шест основи за разрешување на членови на Судски совет. Меѓу нив, не е наведена постапка преку интерпелација во законодавниот дом, кој избира третина од телото.

На член на Судски му престанува мандатот ако му е истечен, на негово барање, ако е разрешен од судија, осуден е со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата, ако му се утврди трајна неспособност за вршење на функцијата или пак е избран на друга јавна функција.

По поднесувањето на интерпелациите, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека ако бидат изгласани во Собранието, членовите е доблесно да се повлечат.

„Тоа не значи дека им престанува мандатот на тие членови, сепак тие може да речат, не си поднесуваме оставка и ќе останеме и понатаму да го водиме судството со доверба кај граѓаните од два проценти. Законот е таков, непрецизен, и може тоа да се случи и тоа нас нема да нè изненади, ако тие одлучат со тоа да живеат. Но, ние како политичари толку можеме да направиме, со сила ништо, нив до последно ги штити законот, таков е“, изјави Мицкоски на 9 фебруари.

Оставки очекува и претседателката Гордана Силјановска - Давкова.

„Ова е апел до моралот“, изјави Силјановска - Давкова, „зашто тие се избрани не за да бидат судски скандал мајстор, туку за да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт“.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски во неодамнешно интервју за Радио Слободна Европа изјави дека единствено место каде е предвиден начин или постапка за разрешување на член на Судски совет е во Законот за Судски совет, според кој, само Советот може да разрешува.

„На друго место јас не сум сретнал по законите дека постои таква можност – да бидат разрешени во некоја друга постапка. Значи, разрешувањето се одвива тука во Судскиот совет“, изјави Камбовски.

Тој смета дека секој може да поднесе иницијатива до Собранието, но, сите мора да делуваат по закон и Устав.

Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ на 7 фебруари поднесоа интерпелации до законодавниот дом за работата на третина членови од составот на Судскиот совет, односно петмина кои ги бира Собранието.

На иницијативата на владејачките партии и претходеше низа превирања во работата на Судскиот совет изминатите години.

На почетокот на јануари годинава, Александар Камбовски беше избран за нов претседател на Судскиот совет, откако на три дена пред истекот на мандатот, екс претседателката Весна Дамева поднесе оставка од функцијата, но сепак, остана член во телото.

Таа обвини за политички притисоци од власта и директни напади од премиерот Мицкоски.

По оставката, се случи и претрес во Судскиот совет. МВР по наредба на ОЈО Скопје изврши претрес со цел обезбедување два записници за проверка на евентуални елементи на кривично дело во врска со мандатот на поранешната претседателка на Судскиот совет.

Дамева по втор пат застана на претседателската позиција, откако беше разрешена, а за претседател беше назначен Сашко Георгиев. Потоа, Управниот суд го поништи разрешувањето и изборот па Дамева повторно застана на чело на Судскиот совет.

Сенка врз работата на Судскиот совет фрли и апсењето на поранешниот член и Врховен судија, Наќе Георгиев. Тој беше разрешен од функцијата откако доби тригодишна затворска казна за поткуп, откако призна дека земал пари од синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.

Политичката дебата за работата на Судскиот совет беше наелектризирана и во однос на иницијативата за разрешување на Беса Адеми, претседателката на Врховниот суд и воедно член на телото.

Иницијативата дојде по интервју на Адеми во кое отворено говореше за политички притисоци врз институцијата на која таа е прв човек со цел оживување на „амнестијата“ на претседателот Ѓорѓе Иванов и политичките математики за спас на експремиерот во бегство, Никола Груевски.

Претседателката Адеми беше и предмет на хајка на онлајн медиуми поврзани со тогаш владејачката ДУИ.

Судскиот совет одлучи да ја отфрли иницијативата на нејзиниот колега - член Миљазим Мустафа. Тоа беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, додека работата на Врховниот суд беше позитивно оценета.

По низата скандали кои го потресоа Судскиот совет, ова тело беше под лупа на Европската Унија (ЕУ), која во септември 2023 година ја започна Оценската мисија на неговото работење. Европската унија напиша 40 мерки за Судскиот совет.

Меѓу нив најзначајни се реформирањето на Судскиот совет, измените на Законот за Судскиот совет, на кој Министерството за правда веќе работи, потоа новата Стратегија за реформа во правосудниот сектор и за зајакнувањето на довербата на граѓаните во правосудството.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG