Г-не Кржаловски, како гледате на дебатата за промена на државниот грб и химната, откако премиерот Христијан Мицкоски потврди дека прашањето било отворено меѓу коалиционите партнери?
Може да се гледа од два аспекти, дека нема што друго да се прави, дека е послободен период па сега е време да се пополни со тоа, или второ е дека навистина е дел од договорот за владината коалиција и дека е време да се покрене и тоа прашање. Генерално јас повеќе сметам на првото, бидејќи гледаме дека е застанат или нема придвижување во процесот на евроинтегациите, ниту се разговара за уставните промени. Или, ова може да е дел од поголем пакет, бидејќи и за ова потребна е уставна промена, за државниот грб и можеби со самата расправа ќе се вклопи целата приказна како да се направат уставни промени кои се кочница за процесот на евроинтеграција.
Дали сметате дека власта, сега во овој момент, треба да троши енергија на вакви прашања?
Ако декларацијата е дека приоритет е Европската унија, нема никакви насоки што се прави во таа смисла, до каде се попуштањата на бугарската страна или преговорите со ЕУ да се смени нешто во процесот за да ги почнеме преговорите по поглавје. Од друга страна се вовоедува нова тема која не е многу приоритетна и може е добро така да се почне процесот, да се предизвикаат повеќе дебати. Подобро е кога е посмирено, помалку тензично да се разговараат овие прашања, иако не чекаат локални избори па ќе стане тензично. Но, би рекол дека е помирен период и одредено време нема турбуленции и ова е плодна почва дека може да предизвикаат, вклучително и меѓуетнички тензии. Така да во таа смисла е непотребно и не е приоритетно, но од друга страна може да се разбере и како почитување на коалициски договор и како помирен период да се дебатираат тие работи и можеби како отворање на дискусија за посериозните теми за пристапувањето во ЕУ.
Власта бара реформи во правосудството за кое Мицкоски, но и други истажувања, покажуваат дека има ниска доверба кај граѓаните. Кој е вашиот став околу пристапот на Власта да направи промени во правосудниот систем?
Тука имаше различен пристап на она што Европската унија го препорача уште пред изборите со мисијата во која имаше 40 препораки кои ги дадоа за реформа на судството и она што ВМРО-ДПМНЕ го ставија во својата програма како порадикален рез во судството и тоа е дилема - колку треба да се засече, ако се изразиме медицински, за лечење на разни рани и проблеми. Се најдоа во некоја дискрепанца и сега колку што гледам се обидуваат да се усогласат тие два пристапи, да не биде толку радикално како што беше во Албанија, каде останаа само со осум судии во Врховниот суд и во повисоките судови, бидјеќи 70-80 отсто од судиите не го поминаа ветингот – тоа што е порадикалниот пристап. Од друга страна, со помал рез, гледаме дека не се придвижуваат работите, правосудството со години е со најниска доверба, под 20 отсто во целосна и делумна доверба, а целосна е едноцифрен број од веќе пет – шест години и како самите тие да не разбираат дека нешто сериозно не чини таму и не се прават реформи од внатре во самиот систем, и во самиот Републичкиот судски совет и во Јавното обвинителство, да реформата се придвижи од внатре. Ако ја прави Владата ќе се гледа како наметната и тоа е проблем сам по себе. Јас лично сум приврзаник на порадикално решение, бидејќи толкав е проблемот.
Колку тоа е во согласност со препораките на ЕУ во Оценската мисија во која имаше десетици насоки за реформи?
Тука е разликата, таму се да речеме мерките помеки, бидејќи не се препорачува ветинг, токму од искуството од Албанија, бидејќи од една страна се направи тоа прочистување на судии кои се корумпирани, или се сметаа за корумпирани, или самите не сакаа да влезат во процесот на проверка, па се повлекоа самите, и искочи дека многу малку судии останаа и тоа направи застој да се назначат судии на испразнетите позиции. Европа генерално тоа не го препорачува, тој експеримент да се повтори и тука, или барем не така радикално. Иако, јас пак ќе речам, сметам дека веројатно треба, дури и по цена на застој.
Истовремено се случуваат и протести против судскиот систем откако младата Фросина Кулакова беше прегазаена на пешачки премин на Партизанска. Колку овој вид на притисок може да донесе промени?
Нормално, тоа предизвика оправдана реакција на јавноста тоа што се случи и генерално често така реагираме како јавноста, нормално е на тоа каква е сериозноста на случката и е оправдано, но според мене голем дел од тие работи потоа не донесоа системски промени, бидејќи и генерално од тие што се одговорни, ретко кој доживува сопствена одговорност, бидејќи барањата генерално се општи, а целиот систем мисли дека некој друг е крив во ситуацијата и дека некоја друга институција треба да реагира.