Патот на Албанија за пристапување во ЕУ ќе биде одвоен од Северна Македонија, а првите преговарачки кластери ќе бидат официјално отворени на 15 октомври. Ова одлука била донесена едногласно од страна на амбасадорите на земјите-членки на Европската Унија во среда (25 септември), тврди бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во Советот на ЕУ.
„Ова е добра вест за Албанија во нејзините напори да ги исполни барањата за напредок на нејзиниот пат кон ЕУ, но е назадување за Северна Македонија, која уште еднаш не успева да го направи решавачкиот чекор кон пристапувањето во ЕУ“, пишува „Еурактив“
ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот, но понатамошниот преговарачкиот процес по поглавјата беше запрен. За Северна Македонија поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот, а за Албанија поради блокада од Грција, по приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите.
Белери, кој во меѓувреме беше избран за европратеник од Грција на изборите во јуни, беше ослободен од притвор за да може да го заземе своето место во Европскиот парламент.
Сепак сега, како што тврди „Еурактив“, Албанија на 15 октомври ќе одржи Меѓувладина конференција со ЕУ, на која ќе ги отвори преговорите по Кластерот 1 наречен „Основни вредности“, во кој се вклучени и поглавјата набавки, статистика, судство и основни права, правда, слобода и безбедност и финансиска контрола.
По изборите во мај годинава, на кои победи ВМРО-ДПМНЕ, владата на Христијан Мицкоски стави до знаење дека сака да го репреговара т.н. „француски предлог“, што, како што потсетува „Еурактив“, наиде на отфрлање од ЕУ која предупреди дека следниот чекор ќе биде одвојување на Северна Македонија и Албанија од патот кон ЕУ.
И покрај тоа што посетата на македонската претседателка на Софија беше неофицијална, што протоколарно не предвидува поставување на знамето во таква прилика, како што оценува „Еурактив“, сепак, таа ги заостри односите меѓу двете земји, по што бугарскиот претседател извести дека скандалот го организирале моќни сили кои не сакаат Северна Македонија да стане дел од ЕУ.