Достапни линкови

Актуелниот Судски совет „трн во око“ на новата власт


Судски совет
Судски совет

Новата власт најавува дека целосно ќе го распушти актуелниот состав на судскиот совет и со закон ќе донесе, нов професионален и независен. Поранешни судии и невладини оценуваат дека ова е преседан и политичка мерка. Препораките се судиите сами да си ги „исчистат“ редовите од политичко влијание

„Распуштање и законска реформа на Судскиот совет“. Ова е насловот посветен на промените кои ги најавува новата власт на ВМРO ДПМНЕ во програмата „Платформа 1198“, а е посветен на телото кое ги бира и разрешува судиите. Во овој дел партијата нотира дека Судскиот совет и судиите се ранливи од надворешни влијанија и заплашувања.

„Сегашниот состав на Судскиот совет го има изгубено кредибилитетот и затоа ќе биде распуштен“, пишува во програмата.

И лидерот и мандатар Христијан Мицковски во последните свои јавни настапи покрај итните законски измени за Влада и избор на градоначалници, како еден од приоритетите го истакнува распуштањето на Советот. Според изјавата дадена од Собранието на 5 јуни, очекува да обезбеди двотретинско мнозинство и меѓу првите закони да бидат реформите во Советот.

„Тука се законите со кои што треба да се отвори фронт против корупцијата, а тоа се законите кои што го регулираат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители и новиот начин на избор, за тоа да биде избор на самите судии и обвинители. Да нема политичко мешање по принципот како до сега“, изјави Мицкоски.

Спротивно на ова, пак, во програмата сепак е оставено простор дека дел од новите членови на советот ќе се избираат на предлог на Собранието и на Претседателот на државата како и до сега.

„Со законски измени ќе утврдиме строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата. Постапката ќе биде транспарентна и јавна, со што ќе се гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Од предложените кандидати ќе се бара да имаат програма за работа со точно утврдени индикатори за успешност“, пишува во програмата.

Владеачката партија во една реченица, сепак ветува дека при процесот на законска реформа на Судскиот совет ќе ги земеме предвид сите препораки од Европска Унија и добрите практики на Европската мрежа на Судски совети.

Реформско решение или упад во системот?

Според поранешната судијка во Врховниот суд Вера Коцо, доколку на овој начин се направи целосно распуштање на Советот, тоа би било упад на власта во судскиот систем. Смета дека нема гаранција дека ако се распушти овој состав, следниот нема да биде под политички влијанија.

„Во однос на распуштањето за мене тоа е политичка мерка. Јас не подржувам едно такво распуштање на Судскиот совет бидејќи тоа може да предизвика други негативни појави. Имено дали ќе бидете толку сигурни дека новите членови во судскиот совет нема истото да го направат. Да тргнеме од 2012 година. Зар не беа присутни изборите на судии од тефтерчиња? Што значеше тоа? Мешање на извршната власт“, вели Коцо во интервју за РСЕ што во целост ќе биде објавено в недела.

Од Коалицијата сите за правично судење сметаат дека распуштањето на Судскиот совет со закон може да предизвика штета врз судството и да ја загрози независноста што би било несоодветен преседан за мешање во судската власт.

„За да се избегнат ваквите преседани, се уште сме на истиот став дека членовите на Судскиот совет треба да си поднесат оставки како личен чин. Воедно, мора да напоменеме дека и до сега, Собранието ја имаше можноста за интерпелација на членовите на Судскиот совет избрани од редот на несудски членови, односно од Собранието. Во однос на членовите на Советот кои доаѓаат од редот на судиите напоменуваме дека истите се избрани од страна на судиите на непосредни избори од каде го црпат својот легитимитет“, вели Ивана Петковска, претседател на Коалицијата.

Сегашниот закон предвидел дисциплински постапки за членовите

Членот 34 во Законот за Судски совет превидел дисциплинска постапка за некој од членовите доколку работел несовесно. Може да ја иницираат 20 судии или пак некој од членовите на советот со право на глас.

Тоа може да случи ако влијаел врз независноста на судиите или вршел притисок за предмети, не ја извршил својата функција, ако одбил да поднесе изјава за имотна состојба и ги прекршил правилата за изземање во ситуации во кои знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање.

Законот предвидел и разрешување на член на Судски совет.

„Членот на Советот се разрешува од функцијата ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на членот на Советот без оправдани причини и повредата предизвикала тешки последици“, пишува во законот.

Според Коцо во неколку наврати можело да се применат овие мерки но тоа не се случило. Како еден од примерите го посочува незаконското разрешување на претседателката Весна Дамова и изборот на тогашниот нејзин наследник Сашко Георгиев. Откако Управниот суд пресуди во корист на Дамева, таа се врати на претседателската функција, но никој не одговараше за ова.

„Во законот за Судски совет е предвидена можност да се поведе дисциплинска постапка за одговорност на член на Судски совет, но дали тоа се случи во изминатиот период? Јас не сум видела да е повикан на дисциплинска одговорност некој член на судскиот совет“, вели Коцо.

И последниот избор на двајца членови „под лупа“

Во четвртокот , на 6 јуни беа избрани двајца нови членови на Судскиот совет, Исамедин Лимани и Александар Камбовски.

Лимани е од редот на врховните судии и добил 7 гласа, додека неговиот против кандидат судијката Цветанка Периќ, која иако се повлече сепак остана на избирачкото ливче, добила 2 гласа.

Од судиите од битолското апелационо подрачје, над 40 судии го одбраа Камбовски, со 28 гласа, наспроти Татјана Сусулеска со 10 гласа и Александра Поп-Стефанија со 3 гласа.

Овој избор веќе е „под лупа“ на Државната комисија за спречување на корупција бидејќи се случува во време кога се уште не е формирана новата Влада. Од ДКСК за Радио Слободна Европа велат дека од понеделник ќе ги разгледаат законските можности за овој избор.

Интересно за овој избор беше и што и покрај тоа што судијата Цветанка Периќ се повлече на ден пред изборите, сепак се најде на гласачкото ливче и доби два гласа.

Образложението од Советот беше дека не може да се избрише нејзиното име, но спорно за дел од членовите беше тоа што се повлекува непосредно пред изборите, со образложение дека е поради здравствена состојба. Дел од нејзините колеги се посомневаа во ваквото објаснување.

Три четвртини од судиите не му веруваат на судскиот совет

Публикацијата „Проценка на ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија“, објавена деновиве а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, меѓу другото го анализира и работењето на Судскиот совет во изминативе три години. Во неа е утврдено дека голема е недовербата и на судиите кон членовите на советот.

„Речиси три четвртини од судиите не веруваат дека Судскиот совет успешно ја штити судската независност, а не веруваат ни дека унапредувањето на судиите се врши согласно со објективни, мерливи и праведни критериуми’ стои во извештајот.

Таму се нотирани и неколку случаи на политички личности кои јавно ги критикувале судските одлуки за случаи во кои биле вмешани високи функционери, што укажувало на потенцијално политичко мешање. И покрај тоа, Судскиот совет не ги осудил овие вербални напади врз судството, ниту со издавање официјални изјави, ниту со преземање други конкретни чекори за заштита на судиите.

„Во согласност со мислењето на Консултативниот совет на европски судии, Советот мора одлучно да се спротивстави на секој обид за напад или притисок врз поединечни судии или врз судството како целина“, стои во извештајот.

Препораките се дека Судскиот совет треба да ги штити судиите од сите форми на политички притисок и друго мешање. Тие се во насока дека мора да се носат самостојни одлуки за подобрување на правичноста и транспарентноста кога има избори, унапредувања и дисциплински постапки против судиите.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG