По промената на власта до обвинителството почна да допира глас

Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков

Обвинителството соопшти дека отворило предистражна постапка за перење пари против поранешни високи функционери во Македонија, откако поранешниот српски министер за надворешни работи Вук Јеремиќ обвини дека извлекувале пари од Македонија и „преку разни шеми“ ги пласирале во Србија.

По промената на власта се чини дека до Јавното обвинителство почна да допира глас за наводите за криминал од минатата власт. Обвинителството вчера соопшти дека по допрен глас отворило предистражна постапка поради постоење на индиции за перење пари против поранешни високи функционери.

Поранешната судијка во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, вели дека една од причините за зголемената агилност на обвинителството е промената на власта.

„Промената на власта е едната димензија. Втората димензија е следење на она што во сите извештаи е укажано. Меѓу другото, неактивноста на обвинителството беше предмет на разгледување. Така што, сето тоа се елементи и факти коишто претпоставувам доведуваат до промена во оваа насока“, вели таа.

Допрениот глас всушност е обвинувањето од поранешниот шеф на српската дипломатија и претседател на Народната партија во Србија, Вук Јеремиќ, кој во интервју за српската ТВ „Наша“ минатата недела рече дека поранешни високи македонски функционери „панично“ ги извлекуваат нелегално стекнатите пари од Македонија и преку „разни шеми“ ги пласираат во Србија. Тој обвини дека зад наводниот стратешки партнер на фирмата „14 октомври“ од Крушевац, односно зад фирмата Чехословак груп, стои поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.

„Тргнаа панично во Македонија да ги извлекуваат парите оние кои беа дел од режимот на Никола Груевски. Клучниот човек за таа операција се вика Сашо Мијалков, кој беше шеф на тајната полиција во Македонија и десна рака на Никола Груевски. Тој почна да извлекува пари од Македонија и со разни шеми, преку рајските острови, па Холандија, па во овој конкретен случај преку Чешка, ги пласира и ги пере парите кои во Македонија се стекнати преку коруптивни активности“, рече Јеремиќ минатата недела.

Јеремиќ ги повика српските власти да почнат истрага во врска со тој случај и посочи дека истрагата треба да почне од поставениот директор Воислав Спаравало и неговите врски со Мијалков.

ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагира на ваквите обвинувања и демантира дека нити Никола Груевски, ниту Сашо Мијалков немаат никаква поврзаност со приватизацијата на фабрики во Србија. По отворањето предистражна постапка, ВМРО-ДПМНЕ реагира дека тоа е „уште еден доказ дека во Македонија нема правен систем и правда која е подеднаква за сите туку партиско политички прогон нарачан од Заев и неговата хунта“. Тие очекуваат предистражната постапка да заврши што побрзо „за да може потоа да се процесуира случајот и против Вук Јеремиќ и против сите медиуми блиски до СДС кои ја злоупотребуваат оваа изјава заради нарушување на честа и угледот“.

Владејачката партија во Србија СНС го обвини Јеремиќ дека измислува лаги и оти е финансиран од Зоран Башановиќ, кого српските медиуми блиски до претседателот Александар Вучиќ го нарекоа „потрчко“ на македонскиот премиер Зоран Заев.

Сепак, обвинителството дури сега, по промената на власта, одлучи до него да допре глас, иако дел од македонските медиуми со години пишуваат за бизнис релациите на Мијалков со Спаравало.

Истражувањето на порталот НоваТВ и ОЦЦРП од 2014 покажува дека Мијалков имал недвижнини и фирми во Чешка, кои не ги пријавил во Антикорупциската комисија, иако имаше законска обврска за тоа. Една од фирмите на Мијалков во Прага, „Сервис Поинт ММ с.р.о“ е ликвидирана во 2013 година откако истата компанија успева да изгради 50 луксузни апартмани во областа Михле во Прага.

„Земјата на која се градат овие апартмани ја обезбедува Мијалков, инвестицијата е вредна 500 илјади долари, а тој тогаш поседува 50 проценти од уделите во фирмата. Сашо Мијалков поседува имот, односно стан во овие апартмани кој што го нема пријавено во Антикорупциската комисија. Останатите удели во оваа фирма се поделени помеѓу браќата Воислав и Дејан Спаравало, долгогодишни партнери на Мијалков со добри локални врски“, пишуваа пред три години НоваТВ и ОЦЦРП.

Во тогашното истражување беше наведено дека браќата Спаравало или главните бизнис партнери на Мијалков во Чешка, се поврзани со широк спектар на бизнисмени низ земјата.

„Тие имаат многу заеднички работи со Мијалков. Едно време имаат и заедничка адреса на траен престој во Прага. Имаат фирми на регистрирани на исти адреси и сите заедно живееле во истата куќа. Спараваловци преку мрежа од компании се врзуваат со други бизнис тајкуни од просторите на поранешна Југославија“, се наведува во тогашното истражување на НоваТВ и ОЦЦРП.