Достапни линкови

Мијалков ја „прослави“ УБК


Тоа што сите зборуваат за институцијата за која доскоро малку се знаеше придонесува за слабење на системот за безбедност на државата и нејзината стабилност и безбедност, вели Павле Трајанов.

Тоа што од институција за која многу малку се знаеше, Управата за безбедност и контраразузнавање се претвори во фокус на вниманието на македонската јавност, според упатените се должи на две причини. Првата велат, се прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата, а втората Сашо Мијалков, односно директорот која ја предводеше оваа институција, а кој неодамна даде оставка од функцијата. Бидејќи користи модерни системи за разузнавање, прислушување и тајно следење, симптоматично е дали таа служба партијата што е на власт не ја злоупотребува за пресметка со политичките противници, вели поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов.

Значи изместена е целокупната поставеност и функција на оваа управа и затоа е сега предмет на јавна дискусија.
Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи.

„Она што сега е разоткриено е дека овие системи што ги поседува управата се злоупотребени за масовно прислушкување на граѓани, на политичари, на политички противници за меѓусебно прислушување и сл. Значи изместена е целокупната поставеност и функција на оваа управа и затоа е сега предмет на јавна дискусија. Со тоа всушност се слабее системот за безбедност на државата и нејзината стабилност и безбедност“, вели Трајанов.

Управата ја раководи директор, кој треба да биде стручен, независен и секогаш контра власта, вели Трајанов, додавајќи дека е нелогично личноста која ја предводи оваа служба да биде член на извршниот комитет на владејачката партија и братучед на премиерот. Таа личност треба да ги разоткрива негативните процеси во државата, а не да ги покрива или стимулира. Управата треба да биде гарант за заштита на правата на граѓаните, вели Трајанов.

Во историјата на сите институции стои дека доколу индивидуата која ја раководи доминира или покажува сила кон другите институции, тогаш другите институции се должни да ја почитуваат, или од страв или од закани и сл. Таа институција е злоупотребена бидејќи јавноста многу знаеше за неа.
Башким Селмани, универзитетски професор.

„Управата ја раководи директорот. Ако тој ја измести функцијата на оваа управа, наместо да работи во согласност со надлежностите, става се во функција на личните интереси или интересите на партијата на власт, или на една група која владее во државата, тоа е комплетна злоупотреба на целата институција.“

Во последните пет години оваа институција стана бренд во државата, вели професорот Башким Селмани. Според него колку повеќе оваа институција е во центар на вниманието, толку повеќе слабее безбедносниот систем на земјава.

„Во историјата на сите институции стои дека доколу индивидуата која ја раководи доминира или покажува сила кон другите институции, тогаш другите институции се должни да ја почитуваат, или од страв или од закани и сл. Таа институција е злоупотребена бидејќи јавноста многу знаеше за неа“, вели Селмани.

Селмани е убеден дека голема улога за тоа што оваа Управа стана толку позната во јавноста има нејзиниот доскорешен директор Сашо Мијалков.

„Сите други институции беа во служба на тој директор или на таа институција. Значи во прашање е индивидуата. Безбедносни служби ние сме имале и порано, не сме знаеле кој бил директор. Во државата значи од претседателот, премиерот па се до граѓаните кои жито берат, сите знаат дека само тој одлучува и тоа не е јавна тајна.“

УБК има дефинирани надлежности во законот за внатрешни работи. Нејзината главна функција е да собира информации во функција на заштита на поредокот и да ги штити безбедноста и националните интереси на државата, но меѓудругото да преземе мерки против странските служби ако постојат индикации за загрозување на државната безбедност. Трајанов објаснува дека првиот човек на оваа институција треба да работи во согласност законските надлежности, но неговата работа треба да ја контролира и првиот човек на МВР. Постојат и три собраниски комисии за надзор и контрола на работата на УБК, но како што Трајанов посочува нивната улога е само формална, а не суштинска.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG