Достапни линкови

Оставките - блеф или почеток на разврската?


Блеф на премиерот Никола Груевски или почеток на расплетот на политичката криза во земјава? Во овие насоки се движат размислувањата на домашните аналитичари по оставките на првите луѓе на МВР и министерството за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.

Ова е само почеток на оставките, продолжува притисокот и мора да се заврши со оставка на Никола Груевски и неговата Влада.
Мирјана Малеска, универзитетски професор.

Професорката Мирјана Малеска, вели дека притисокот од внатре ќе расте и дека ова е дел од серијата оставки кои ќе следат и кои според неа треба да завршат со оставка на премиерот.

„Внатрешниот отпор во општеството е израз на едно ново расположение кое одигра главна улога во барањето на власта да понесе одговорност. Ова е само почеток на оставките, продолжува притисокот и мора да се заврши со оставка на Никола Груевски и неговата Влада“, вели Малеска, додавајќи дека ова е логичен чекор ако се има предвид дека ниту од внатре, ниту од надвор не постои расположение за соработка со актуелната власт.

Професор Башким Селмани, пак, се сомнева во овој потег на Груевски за мини реконструкција на Владата. Вели дека оставките, кои се морален чин се задоцнети. Овој чекор го толкува и како опасност од нова енергија и сила на премиерот кој само решил едни свои послушници да замени со други.

Самиот премиер има направено „рифреш“ на своите однесувања. Тој ја засилува својата моќ. Со овие оставки тој добива нова енергија како да постапува. Ова е само морален чин и не верувам дека ќе биде реален и дека ќе биде успешно. Не знаеме што стои во позадина.
Башким Селмани, универзитетски професор.

„Самиот премиер има направено „рифреш“ на своите однесувања. Тој ја засилува својата моќ. Со овие оставки тој добива нова енергија како да постапува. Ова е само морален чин и не верувам дека ќе биде реален и дека ќе биде успешно. Не знаеме што стои во позадина“, вели Селмани.

За разлика од Малеска, Селмани не е убеден дека политичката криза ќе заврши со оставка на премиерот и неговата Влада. Но и двајцата велат дека во следниве неколку дена особено важно ќе биде однесувањето на албанскиот коалициски партнер во власта, односно Демократската Унија за интеграција.

„Тие сакаат да бидат и дел од решението. Но од она што слушнавме, некои луѓе таму се искомпромитирани, но не до таа мерка. Тие сакаат да бидат дел од таа преодна Влада и ако тоа некој може да им го понуди или гарантира,верувам дека тие ќе го превземат следниот чекор да ја напуштат Владата“, вели Малеска.

Селмани пак не верува во ваквото сценарио. Вели дека партијата има морална одговорност да се изјасни за сите досегашни случувања, а тоа не го прави.

„Не ми се верува да ја напуштат власта. Многу сомнително е како ќе постапат тие бидејќи во јавноста не се изјасниле за сите досегашни случувања. ДУИ многу затворено постапува. А дали ќе одат до крај заедно со премиерот или не, останува да видиме“, вели Селмани.

Експертите не веруваат во можен политички договор во деновите што следуваат. Работите можат да се поправат ако овие политички потези на премиерот не се блеф, вели Селмани, додека Малевска уверува дека постојат повеќе варијанти за излез од кризата, а едната од нив е преодна влада во која како што вели ќе седат луѓе кои се докажале со своето однесување и кои можат да ја вратат довербата на граѓаните во институциите.

По серијата средби на на амбасадорите на САД, на ЕУ и на Франција, Германија, Италија и Велика Британија со државниот врв и со лидерите на поголемите политички партии, следуваа оставки на министрите Јанкуловска и Јанакиески и на директорот на УБК, Сашо Мијалков.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG