Црни вреќи со гласачки материјал, зборување за пресметки со неистомисленици или луѓе кои ја поддржуваат или соработуваат со опозицијата, соработка меѓу власта и некои опозициски партии, разговарање за фалсификување на лични документи. Ова можеше да се слушне вечерва во Универзална сала од телефонските разговори на кои, како што велат од СДСМ, се слушаат гласовите на претставници на власта и други личности.
Покрај во преполната сала, насобраните граѓани трибината на опозицијата именувана како „Вистината за Македонија: Изборен грабеж“ ја следеа и на двата видео бима поставен пред објектот. Претседателот на партијата Зоран Заев побара итна оставка на владата, оставка на јавниот обвинител Марко Зврлевски и на раководниот тим на МРТВ и да се формира преодна влада која треба да создаде услови за спроведување фер и демократски избори. Во таа влада, според Заев, нема да може да членуваат луѓе за кои има сомнеж или докази за незаконски постапување или криминал. Таа влада, според него, ќе треба целосно да ја одвои државата од владејачките партии и веднаш да започне јавна, транспарентна и непристрасна истрага за прислушувањето со вклученост на меѓународната заедница.
Во еден од разговорите како што рекоа од партијата се слушаат гласовите на министерот за транспорт Миле Јанакиески и шефот на УБК Сашо Мијалков кои разговарале за избирачки материјал и списоци.
Прв машки глас: Па нели го имаме избирачкиот список целиот комплет?
Втор машки глас: Не не не. На тој што е гласано минатата недела. На тој што се потпишуваа.
Прв машки глас: Аха.
Втор машки глас: За да знаеме кој излегол кој не излегол. За четири избирачки места го најдовме. Е сега за останатите, во црни вреќи е. Ги знаеш оние пластичните што се затвараат? Кога ќе го тргнеш само се затвара. Како, како на патент. Пластично е, и со жиг е ставено.
Прв машки глас: Добро.
Втор машки глас: Да појде некој, не знам сега дали имате такви луѓе, да го отворат да не се познае дека е отворено?
Прв машки глас: Е сега не знам треба да го видиме тој механизам. Мене не ми текнува каков механизмот е тој, ама ај... “
Со друг разговор пак за кој се тврди дека се гласовите на Мијалков и лидерот на ДПА Мендух Тачи од опозицијата велат дека се докажувала соработката меѓу власта и опозициската партија на Албанците.
Прв машки глас: Мендух, што правиш?
Втор машки глас: Еј, здраво.
Прв машки глас: Добар си ми?
Втор машки глас: Не те барав бе за ништо, не се плаши.
Прв машки глас: Нееее, ти можеш да ме бараш за што сакаш мене.
Втор машки глас: Само да ти кажам тука сум, ако треба нешто, кажи.
Прв машки глас: А?
Втор машки глас: Тука сум, ако треба нешто, кажи, за сé, до смрт.
Прв машки глас: Добро бе, важи. “
Според опозицијата во еден од телефонските разговори за кој тврдат дека е меѓу министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и Јанакиески се слушале закани и за семејство на загинатиот пејач Тоше Проески.
Машки глас: Бети.
Женски глас: А?
Машки глас: Во Крушево сум, овие од семејството на Тоше Проевски против нас се, што правиме? Да ги избркаме од работа, да не им даваме повеќе по 3.000 евра и да им се затвори музејот.
И вечерва како и на претходните прес конференции на опозицијата еден од почестите гласови кои можеа да се слушнат во разговорите е како што тврдат од опозицијата е на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Во еден од нив за кој се тврди дека се слушаат нејзиниот и гласот на генералниот секретар на владата Кирил Божиновски од опозицијата велат дека се зборувало за пресметка со човек вработен во МВР кој го ставиле на пониско работно место.
Машки глас: И мислам дека треба да летне и он. Жена му, сега почнав да барам кај работи, треба да ги оставиме без ништо.
Женски глас: Знаеш, он е глуп човек. Значи, сега ќе го пуштиме инспектор.
Машки глас: И тоа кафаната треба да му ја запалиме. И така. Тие три работи, мора да се направи тоа.“
Инаку на вечерашниот настан зборуваа и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, потпретседателката на партијата Радмила Шеќеринска и генералниот секретар Оливер Спасовски Сите повикаа да се собори оваа власт но и да се обединат сите други како што нагласија слободарски сили без разлика на нивната припадност по која било основа. Заев во својот говор рече дека ова не е последната „бомба“ што ја објавува опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ уценува со монтирани разговори
На трибината на СДСМ, реагираа од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во нивното соопштение се наведува дека Зоран Заев и неговата врхушка во СДСМ денеска покажале дека сакаат да ја држат целата држава во уцена со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани, кратени и менувани разговори по телефон без никаква автентичност.
„СДСМ не е ништо повеќе од прислужник на сценарио кое има цел да ја дестабилизира Македонија, да предизвика кавги и конфликти и помеѓу Македонците и помеѓу сите други граѓани на нашата држава“, се наведува во партиското соопштение.