Повеќе телефонски разговори, кои како што рече, претседателот на СДСМ Зоран Заев се доказ дека власта ги местела и крадела изборите, беа претставени на денешната прес-конференција во седиштето на партијата.
Гласот за кој Заев тврди дека е на министерката Гордана Јакулоска признава дека во станови од 40-тина квадрати има по 50 луѓе од Пустец на кои им издавале лични карти.
Машки глас: Значи, циркус, а?
Женски глас: Вика, Ристе го пуштивме да ни кажува од лице место. Една од СДС се држи за радијатор и ме гребе, и оваа се мава од радијатор. Човечињава идат и гласаат и ќутат. И климаат со глава. Тој еден луд џандар и вика, госпоѓо отстапи....Лудница. Ама знаеш, таму е стварно лудница, ама си гласаат луѓево. хахаххаха
Машки глас: Си гласаат луѓето непречено.
Женски глас: Мислам, ја многу би сакала да видам како изгледа оваа како се мавала од радијатори и му вика, Ристе тебе те знам, ќе видиш ти убаво.
На друга снимка пак, како што тврди Заев, се слушало како Јанкулоска со пратеникот од Струмица Васил Пишев зборува за употребата на Ромите во гласачкиот процес.
Женски глас: Васе, како ситуација?
Машки глас: Абе, добро е тука, ама се топи тоа...
Женски глас: Види, му кажав на Славе, таму кадешто мислите дека е тенко, не пишувајте записници, остајте простор за приговор, немамее контрола таму, остајте простор па после за уши циган по циган ќе ги вадиме...Сега мора така, оти затворени се избирачките места...Океј Васе...
Машки глас: добро, добро..
Но сепак најмногу реакции во полната сала на партиското седиште предизвика снимката на која Заев тврди дека се слушаат гласовите на Мартин Протоѓер и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески. На неа, вели Заев, се слушаат закани од шефот на кабинетот на Груевски за претседателот на Фудбалската федерација на Македонија.
Машки глас 1: Молам
Машки глас 2: Овој мајмунов од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за утакмицава, за да не се напуни стадионов.
Машки глас 1: Му кажав на тој шо му е чоеко, денес за тоа праев муабет..ако не објават до понеделник...
Машки глас 2: Ако не објават до понеделник, кажи му дека он, жената, децата, све у ендек ќе ги најдат.
Денешната шеста прес конференција на која Заев ги објавува телефонските разговори траеше повеќе од еден час и беа пуштени околу дваесет снимки. На нив, како што рече претседателот на опозицијата, меѓудругите се слушнаа и гласовите на премиерот Никола Груевски, директорот на УЈП Горан Трајковски, министерот за здравство Никола Тодоров, директорот во Царина Влатко Мијалков. Во еден од разговорите, според него, се слушаа како Груевски на Јанакиески му зборува за ситуацијата на изборите во Општина Центар.
Машки глас 1: Ало.
Машки глас 2: Миле, како е?
Машки глас 1: Капиштец има две избирачки места, водиме. Вака сега, на 23 избирачки места обработени.
Машки глас 2: Да.
Машки глас 1: А, необработени 43, водиме за 140. Мешано. Значи, само тие кај што... По мое, ќе биде плус минус 600 гласа и можно е да има втор круг оти во просек, општина Центар имала неважечки ливчиња, околу 1000-1500...
Машки глас 2: Аха, аха. Значи, да ни беа овие преспанциве, ќе завршевме работа?
Сепак најчести беа снимките на, како што посочи Заев, Јанакиески и Јанкулоска. Од сите нив, рече претседателот на СДСМ станува јасно како со фалсификат Груевски се одржува на власт или, како што нагласи, преку казни на фирми, на такси компании, со закани за одземање на лиценци, со условување на земјоделците со субвенциите, со условување на наставниците, пензионерите, социјално загрозените.
Заев најави и дека следната осма т.н. бомба на опозицијата ќе биде објавена во вторник во Универзална сала во Скопје каде што ќе бидат презентирани, како што рече, најзначајните, најдрските и најбезобразниот грабеж на изборниот процес.
„Видовте со кого си имаме работи, делот од тимот на Никола Груевски богови станале. Имаме ли држава или сè е партија“, рече Заев.
ВМРО - ДПМНЕ: На изборите сме имале јасна, чиста и убедлива победа
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше на прес-конференцијата на Заев на која тој објавуваше разговори за изборни нерегуларности.
„Преку денешната прес конференција тој сака да ја убеди јавноста дека изборните процеси не биле регуларни и дека стотиците илјади граѓани кои гласале по свое убедување за ВМРО-ДПМНЕ всушност не гласале или гласале вон својата волја. Но секој граѓанин кој гласал за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата За подобра Македонија многу добро знае дали гласал и зошто гласал“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата понатаму велат дека Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имала јасна, чиста и убедлива победа на сите претходни избори со огромна поддршка на народот.
Заев објави разговори за притисоци врз фирми, потоа како како инспекциите на УЈП казнувале за да вршат притисоци, како се одземале лиценци за такси компани.
Други телефонски разговори, според Заев, ги покажуваат притисоците врз социјалните случаи кои ги координираат Јанакиески и Јанкулоска.
Во други разговори, според Заев, се разобличуваат притисоците врз администрацијата. Јанакиески им наложува на директорите да ги донесат вработените на гласање во Могила и Новаци, а и притисоци во Општина Центар.
„Треба да гласаат за нас и потврда да дадат дека гласале за нас. Со триаголниче да заокружат за да знаеме“, вели машки глас на една од снимките.
Во наредниот сет, според Заев, се покажува контролата врз медиумите.
Наредниот сет разговори го покажува, како што вели Заев, притисокот врз ДИК.
Последниот сет разговори што ги објави Заев се за различни злоупотреби на државата.