Во период од еден месец во јавноста преку интернет каналот Јутјуб протекоа две снимки од кабинетот на премиерот Никола Груевски на кои тој разговара со претседателот на СДСМ Зоран Заев. По објавувањето на првата, која беше пуштена и во дел медиуми, и самиот Груевски рече дека од Обвинителството побарал спроведување на посебни истражни мерки со кои средбите со Заев биле снимени, а дека опремата за снимање во неговиот кабинет веднаш била демонтирана.
Единствена институција од кадешто можат да излезат таквите мерки е токму Обвинителството, или пак доколку се направи злоупотреба на они што ги прибрале да направиле копија, а за тоа не го известиле Обвинителството, а тоа е Министерството за внатрешни работи.Владимир Пивоваров, универзитетски професор.
Подоцна Зврлевски рече дека тие проверуваат дали материјалите што се појавија, а се однесуваат на истрагата за случајот „Пуч“, се прибавени со такви мерки. Тогаш тој нагласи и дека нивното објавување е кривично дело, но тоа не спречи понатамошно објавување дури и на нови како викендов.
Според измените на Законот за кривична постапка, материјалите добиени од посебни истражни мерки ги поседува само Јавното обвинителство, тврди професор Владимир Пивоваров. Тој објаснува дека припадници на Министерството за внатрешни работи по налог на Обвинителство само ги спроведуваат бараните мерки, а потоа снимките им ги доставува назад.
„Единствена институција од кадешто можат да излезат таквите мерки е токму Обвинителството, или пак доколку се направи злоупотреба на они што ги прибрале да направиле копија, а за тоа не го известиле Обвинителството, а тоа е Министерството за внатрешни работи, значи не треба воопшто да попуваме од каде би можеле, како би можеле, тоа се двете единствени точки од кои можеле да излезат ваквите продукти во јавноста“, вели Пивоваров.
Мора во моментот да направи нешто и мораше уште од првиот пат кога се појавија тие информации да направи нешто, затоа што тоа е негова законска обврска и тој по закон мора да обезбеди соодветно чување на тие документи.Слаѓана Тасева, универзитетска професорка.
И професорката Слаѓата Тасева тврди дека Јавното обвинителство е најодговорно за протекувањето на овие материјали во јавноста.
„Мора во моментот да направи нешто и мораше уште од првиот пат кога се појавија тие информации да направи нешто, затоа што тоа е негова законска обврска и тој по закон мора да обезбеди соодветно чување на тие документи. Тоа не треба да му се случува од случај до случај па да се грижи за тоа како се чуваат, туку треба постојано тоа да го прави“, вели Тасева.
Пивоваров пак нагласува и дека Јавниот обвинител во периодот од првата до втората снимка можеше да преземе поконкретни чекори.
„Гледаме дека нема никаква забрани, материјалите и понатаму стојат по веб-сајтовите, стојат на Јутуб, нема никаква забрана тие да бидат симната од кадешто се објавени“, вели Пивоваров.
Викендов и од партијата ДОМ која е во владината коалиција побара оставка од Зврлевски бидејќи сметале, оти тој треба да биде главна фигура во судската разврска, човек со интегритет и стручност, во кој ќе имаат доверба сите политички субјекти и јавноста.