Достапни линкови

Ќе одекнат ли „бомбите“ низ медумската цензура?


Граѓаните живеат меѓу двата паралелни светови кои им се претставуваат, едниот на власта, другиот на опозицијата, а оркестрираните информации кои им се сервираат се недоволни да донесат свој суд за одреден настан. Не живееме во време кога има само еден или два медиуми, па ако тие не јават, настанот не се случил, велат познавачите на медиумските состојби.

Опозицискиот СДСМ, објавувајќи прислушувани разговори, го стартуваше проектот „Вистината за Македонија“, но по сè изгледа вистината за која тие зборуваат тешко стасува до сите граѓани, со оглед на медиумската слика. Граѓаните со кои зборувавме велат дека одамна не им веруваат на медиумите, оти, како што велат, едни пишуваат едно, други друго и не знаат што е вистина, а што не. Помладите велат дека главно се информираат од интернет портали, гледаат видео снимки на јутуб или на социјалните мрежи, на повозрасните, пак, им остануваат телевизиите.

Не сум многу по политиката, ама јас се сомневам во изјавите и на едните и на другите. Има нешто и вистина, ама главно сето тоа се политички манипулации и игри.
Анкетиран граѓанин.

„Не сум многу по политиката, ама јас се сомневам во изјавите и на едните и на другите. Има нешто и вистина, ама главно сето тоа се политички манипулации и игри.“

„Немам врска, ни се разбирам, ни знам.“

„Нејќам да фаворизирам, ама мене ми е преку глава, до тој степен ми е преку глава што размислувам за бугарски пасош да извадам, зашто веќе ми е преку глава.“

„Работам по цел ден и за ништо не сум информирана, ни вести сум чула, ни ништо.“

„Сигурно дека нè интересира, нормално, ама важно не сум информирана, навистина не сум.“

„Не е сè за верување, ама има дел и вистина“, велат анкетираните граѓани.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев објави аудио снимки, со кои, како што вели, се покажува спрегата влада-убк-медиуми. Според Заев, снимките покажуваат како власта менаџира и владее во буквална смисла со медиумите, и тоа не само со приватните, туку и со националниот сервис - Македонската радио телевизија. Заев сепак е убеден дека „Вистината за Македонија“ ќе излезе на виделина.

„Искрено се надевам дека од денеска, во интерес на граѓаните и во интерес на јавноста во Република Македонија, сопствениците, уредниците и новинарите во медиумите под контрола на власта ќе се охрабрат и одважат, а со тоа и ослободат од стегите на власта“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев, кога ја објави првата „бомба“, односно снимки од телефонски разговори.

Заев - Власта прислушувала над 100 новинари
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:40 0:00

Во синоќешната дебата со публиката на novatv.mk, Заев рече дека информациите што ги пласираат допираат до граѓаните и покрај медиумската блокада од најголемиот дел од националните телевизии.

Направивме анкети во саботата и неделата после објавата за Љубе Бошкоски. Анкетата ја направивме на примерок од 800 луѓе низ цела Македонија, само 16 проценти не чуле за бомбите и за содржината на бомбите и верувам дека меѓу тие 16 отсто има и луѓе кои се плашат да кажат дека слушнале, значи има продорна моќ, но секако тоа треба да се прошири максимум колку што треба.
Зоран Заев, СДСМ.

На прашањето зошто не се делат цедеа од материјалите и зошто нема разгласи и митинзи за да може да се слушне за тоа што се објавува, со оглед на медиумската слика пред сè во руралните средини, Заев вели дека е многу скапо, а партијата е веќе девет години во опозиција и тие како партија немаат пари.

Премиерот Никола Груевски, пак, вели дека народот ќе препознае кој е во право, а кој не.

„И сега ќе објавуваат какви нелуѓе сме биле ние, сето тоа наменски за да создадат страв кај луѓето дека којзнае што има за некој од нив, односно да имаат можност да го балансираат гневот на граѓаните од фактот дека едно лице како Зоран Заев го има нивниот приватен живот на компакт диск, дека го руши системот на оваа земја, дека директно ги нарушува државните интереси и ја руши приватноста на граѓаните“, рече премиерот Никола Груевски на прес-конференција.

И сега ќе објавуваат какви нелуѓе сме биле ние, сето тоа наменски за да создадат страв кај луѓето дека којзнае што има за некој од нив.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Новинарката Оливера Трајковска која е една од новинарите кои добија папки со прислушувани разоговори, вели дека аудио снимките се само крунскиот доказ за тоа од каде се произведува вистината.

„Особено дека во медиумскиот простор нас ни конкурира креирана вистина. Дека невозможно е ексклузивна фотографија, тонско парче да имаат во вестите сите три телевизии, беше јасно од каде се произведува вистината“, изјави Трајковска.

Во еден од разговорите што го обелодени СДСМ, во кој, како што рече Заев, разговараат министерката за култура Елизабета Канческа Милеска и уредникот на Сител, Драган Павловиќ Латас, женскиот глас бара во вестите да оди еден прилог, на што уредникот негодува.

please wait

No media source currently available

0:00 0:01:58 0:00
Директен линк

Се поставува прашањето, колку во ваква медиумска ситуација, граѓаните може целосно да бидат информирани за сите аспекти на одреден проблем, за да може да донесат свој суд за одреден настан.

Апсолутно има релативизирање на целата работа, со многу осмислена кампања којашто се спроведува. Има несовесно и непрофесионално пишување на низа медиуми, електронски и печатени, така што сите веројатно размислуваме за таа состојба и секако е загрижувачки.
Анкетиран граѓанин.

Најголем дел од телевизиите често остануваат слепи за одредени појави од државата, па така не го видоа штрајкот на СОНК, едвај преброија по некој студент на протестите, останаа неми за нивната окупација, односно ослободување на универзитетите, а „бомбата“ на опозицијата ја ставаат како 5-6 вест во рамки на вестите, или со други извештаи се обидуваат да ја релативизираат и да ѝ го намалат значењето.

„Па важно е од каде се снимките. Ако се од странски тајни служби, нормално дека тие ќе очекуваат нешто за возврат, да го смениме името или некои други отстапки, многу е битно.“

„Генерално гледано, секоја работа има свои тајности и сега не треба секои „валкани алишта“ да се вадат пред јавноста. Тоа е факт, не само во Македонија, туку во целиот свет, дека има некои работи што треба да се пласираат пред јавноста, а некои што не треба да бидат пласирани. Ваквото пласирање води само до еден вид на анархија.“

Тие ја одработуваат својата агенда, успешно ги спинуваат „бомбите“, односно информациите и го намалуваат нивното значење. Дури посегнуваат и по дрски манипулации само за да го намалат значењето на изнесените факти.
Соња Стојадиновиќ, политички аналитичар.

„Тоа не е измислена приказна, така што тоа е најбитното нешто.“

„Сè кажуваат снимките, на крај ќе се види, народот е тука да одлучи кому ќе му верува. Мислам дека секој треба да размислува со своја глава и не треба никој од страна да му кажува што е и како е.“

„Апсолутно има релативизирање на целата работа, со многу осмислена кампања којашто се спроведува. Има несовесно и непрофесионално пишување на низа медиуми, електронски и печатени, така што сите веројатно размислуваме за таа состојба и секако е загрижувачки“, велат анкетираните граѓани.

За збунетоста на граѓаните говори и следниот пример. Нашиот соговорник бил сведок на студентски протест како случаен минувач, видел дека некои млади луѓе протестираат, си отишол дома и чекал на вести да види за што протестирале, што е проблемот, но за нив немало ништо на телевизиите.

Доаѓаше до израз влијанието на политичките партии врз уредувачката политика на македонските медиуми и сметам дека се очекуваше дека овој случај нема да биде покриен, односно медиумите коишто ја поддржуваат власта ќе се обидат да го спинуваат случајот.
Сефер Тахири, комуниколог.

„Кај старата автобуска станица бев и они поминаа, со тапани со сè, ги сретнав. Вечер на телевизија немаше ништо, не знам дали не сум фатил на Телма, ама немаше на другите. Синот гледал на интернет и вика стварно имало“, вели еден граѓанин.

И студентите се побунија зашто МТВ не известува за автономните студентски зони, па така екипата на јавниот сервис МРТВ 2, во обидот да влезе во автономната зона на студентите на Филолошкиот факултет и да направи снимки од окупацијата, наиде на студен пречек од студенти – членови на Студентскиот пленум. Револтирани од игнорантскиот однос на јавниот сервис за студентските случувања во земјава, ја потсетија телевизијата дека граѓаните ја плаќаат и за да се информираат за студентската окупација.


„Пожелни сте, но доаѓате и не нè пренесувате. Зошто не нè пренесувате ниту од протести, ниту од сите активности што ние ги правиме? Тоа се наши пари со кои работите. Имаме право да го окупираме и објектот на Македонската радио телевизија да знаете“, ѝ порачаа студентите на екипата на МРТВ.

Не треба да се заборави дека сега не е време кога има само Нова Македонија и Македонска радио телевизија, и ако тие два медиуми не објавеа, настанот како да не се случил. Народот сега има и други извори на информирање, така што вистината нема да се сокрие, народот сепак ќе дознае.
Мирче Адамчевски, претседател на комисијата за жалби при Советот за етика.

Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ вели дека провладините медиуми многу успешно ги извртуваат фактите кои ги соопштува лидерот на СДСМ на прес-конференциите.

„Тие ја одработуваат својата агенда, успешно ги спинуваат „бомбите“, односно информациите и го намалуваат нивното значење. Дури посегнуваат и по дрски манипулации само за да го намалат значењето на изнесените факти“, вели таа.

Комуникологот Сефер Тахири вели дека медиумите за многу други случаи, кои и не биле толку комплицирани, известувале по партиска директива, па така е и сега.

„Доаѓаше до израз влијанието на политичките партии врз уредувачката политика на македонските медиуми и сметам дека се очекуваше дека овој случај нема да биде покриен, односно медиумите коишто ја поддржуваат власта ќе се обидат да го спинуваат случајот“, вели Тахири.

Судовите се преполни со случаи новинар против новинар и тоа е најголемата трагедија што ни се случува. Извештаите што ги прават новинарите секогаш се во согласност со уредувачката политика на секоја куќа.
Лидија Богатинова, уредник.

Тој додава дека необјективното известување на медиумите ќе влијае негативно врз самите медиуми.

„Врз нивната доверба којашто после овој случај мислам дека ќе бележи поголем пад. И така довербата кај дел од медиумите што ја поддржуваат власта во континуитет е во опаѓање, а после овој случај, којшто мислам дека ќе биде школски пример како не треба да се известува, сметам дека медиумите ќе го фактурираат нивното непрофесионално известување“, вели Тахири.

Мирче Адамчевски, претседател на комисијата за жалби при Советот за етика и поранешен член на Советот за радиодифузија, вели дека големите медиуми треба да дадат поголема гласност на тоа што се случува. Тој вели дека медиумите многу различно известуваат за тоа што се случува.

Затоа тие „бомби“ се објавуваат со некое временско растојание, токму тој недостиг во информирањето или поклопувањето на власта на каналите на информирање да го компензира со пренесување на информацијата од човек на човек.
Петрит Сарачини, граѓански активист.

Има медиуми коишто воопшто не посветуваат внимание или посветуваат сосема мало внимание на едно прашање што е многу деликатно и што е од јавен интерес, но има медиуми и коишто целосно ги покриваат настаните. Сметам дека однесувањето на големите медиуми, посебно на јавниот сервис и на другите национални телевизии, е неетичко“, вели тој.

Поради непрофесионалното и неетичко новинарство до граѓанинот не доаѓа вистината за ситуацијата, вели Адамчевски.

„Нема јасност во она што е публикувано. Народот тешко дека може да разбере на што се однесува, веќе станува збор и за манипулации, медиумите манипулираат“, вели Адамчевски.

Неодамна, во изјава за нашето радио, уредничката на Канал 5 телевизија, Лидија Богатинова рече дека професионализмот во новинарството не е загубен и за неа најголемата трагедија е поделбата и кавгите меѓу новинарите, како и судските процеси меѓу нив.

„Судовите се преполни со случаи новинар против новинар и тоа е најголемата трагедија што ни се случува. Извештаите што ги прават новинарите секогаш се во согласност со уредувачката политика на секоја куќа“, вели таа.

Адамчевски вели дека сега не е време само на еден или два медиуми, па граѓаните кога тогаш ќе дознаат.

„Не треба да се заборави дека сега не е време кога има само Нова Македонија и Македонска радио телевизија, и ако тие два медиуми не објавеа, настанот како да не се случил. Народот сега има и други извори на информирање, така што вистината нема да се сокрие, народот сепак ќе дознае. Нормално нема да биде до тој степен, поготово во руралните средини и кај оние семејства што не се приклучени на интернет и не купуваат весници и коишто се информираат главно од телевизиите“, вели Адамчевски.

Комуникологот Сефер Тахири се согласува дека во денешно време е невозможно информацијата да не стигне до граѓаните.

„Самиот факт што денеска имаме голем број на интернет медиуми, развојот на социјалните мрежи секојдневно е во подем, мислам дека таквите начини и обиди за цензурирање на протокот на информациите нема да дадат никаков успех и сметам дека граѓаните конечно ќе бидат запознаени“, вели Тахири.

Но, ако се погледне гледаноста или слушаноста на телефонските разговори што опозицијата ги објавува на јутјуб, тие се слушани или гледани до 250 илјади пати, колку што гледачи има само еден телевизиски дневник.

Петрит Сарачини, кој има искуство со медиумите, вели дека и покрај медиумската блокада, информациите доаѓаат до граѓаните и до они кои не се толку упатени во политиката.

„Имав пред некој ден прилика, откако беше објавена една „бомба“, да шетам низ Скопската чаршија и видов како еден дуќанџија им раскажува на другите дуќанџии што чул на вести. Мислам дека тоа е дел од тактиката на опозицијата, затоа тие „бомби“ се објавуваат со некое временско растојание, токму тој недостиг во информирањето или поклопувањето на власта на каналите на информирање да го компензира со пренесување на информацијата од човек на човек“, вели тој.

Сарачини вели дека во ова време информацијата нема да може долго време да се држи контејнирана.

„Луѓето сепак зборуваат меѓу себе, си раскажуваат што слушнале, што виделе и затоа мислам дека во брзо време голем дел од граѓаните ќе бидат информирани за тоа што се случува“, вели тој.

Од друга страна, телевизијата сè уште е најмоќниот медиум во Македонија. Последните достапни податоци за тоа од каков медиум се информираат граѓаните се од 2013. Испитување на јавното мислење спроведено од тогашниот Совет за радиодифузија, покажува дека најголем број од граѓаните, дури 79 отсто се информираат од телевизиите, потоа следуваат интернет порталите од каде се информираат 44 отсто од граѓаните, 20 отсто се информираат од весниците и 8 отсто од радио.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG