Девет снимки од разговори на кои, како што рече претседателот на СДСМ Зоран Заев, премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт Миле Јанакиески договарале уривање на објектот Космос, беа презентирани на денешната прес-конференција. Од разговорите, нагласи Заев, се докажува дека Груевски лично по изборите во 2011 година и затворањето на А1 телевизија, ја диригирал акцијата за уривање на објектот Космос во сопственост на Фијат Цаноски, сват на сопственикот на А1 Велија Рамкоски.
Тоа, вели Заев, Груевски го правел поради одмазда.
Од снимките како што нагласи претседателот на СДСМ, се слушало како Груевски диригира кога да се достави решението за уривање до Цановски, му кажува на Јанакиески како да се збрише објектот и да се смени Деталниот и Генералниот урбанистички план, давал инструкции кога да се почне уривањето, односно, како што додаде Заев, освен одмаздата, ништо друго не го интересирало.
Во разговорот меѓу Груевски и Јанакиески се слуша како премиерот зборува за сугестиите од Брисел, кои биле во насока дека ако се урива објектот Космос, исто така треба да се постапи и со други кои се нелегални затоа што законите треба да важат за сите.Зоран Заев, СДСМ.
Заев исто така рече дека во разговорот меѓу Груевски и Јанакиески се слуша како премиерот зборува за сугестиите од Брисел, кои биле во насока дека ако се урива објектот Космос, исто така треба да се постапи и со други кои се нелегални затоа што законите треба да важат за сите.
Објектот Космос беше урнат по изборите во 2011 година и затворањето на телевизијата А1. Инаку, Фијат Цаноски му е сват на затворениот сопственик на затворената А1 телевизија Велија Рамкоски. Имено, ќерката на Рамкоски му е сопруга на синот на Фијат Цаноски.
До април 2011 година, партијата ПЕИ на Цаноски беше во коалиција со владејачката ВМРО-ДПМНЕ, но тогаш коалицираше со опозицискиот СДСМ. Четири месеци подоцна беше урнат станбениот објект Космос во скопската населба Ќерамидница што го градеше градежна фирма на Цаноски.
Заев рече дека од досега обработените материјали има барем шест прислушувани амбасадори.
„Најважните амбасадори, на најважните земји. Сите амбасадори се важни, но на највлијателните земји. Детали не кажувам, зашто имаме намера на нив тоа да им го соопштиме. Сите што цело време биле мета, нема да дозволиме после тоа јавноста да се сити со нив со објавување“, рече лидерот на СДСМ.
Во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела, италијанскиот амбасадор во земјава Ернесто Масимо Белели изјави дека лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев му кажал дека и странските амбасадори во Македонија биле мета на прислушување. Станува збор за неколку акредитирани амбасадори во земјава и дел од неколку дипломати кои си заминале од Македонија, вели Белели. Тој додава дека разговарал со неговите колеги од дипломатскиот кор од ЕУ за таквата можност и тие се загрижени поради тоа, иако засега немаат докази за такво нешто.
Најважните амбасадори, на најважните земји. Сите амбасадори се важни, но на највлијателните земји. Детали не кажувам, зашто имаме намера на нив тоа да им го соопштиме.Зоран Заев, СДСМ.
Инаку ова е петта така наречена бомба на СДСМ и за разлика од претходните паузи во објавите доаѓа брзо по четвртата. Во средата на прес конференција Заев објави дека повеќе од сто новинари биле прислушувани од Управата за безбедност и контраразузнавање и пушти шест телефонски разговори преку кои како што рече се докажува суровата и свирепа вистина за тотална контрола што ја имале воспоставено Груевски, Мијалков и уште неколкумина нивни соработници. Премиерот Груевски истиот ден на прес конференција рече дека во изминатиот период Македонија била таргет на странска разузнавачка служба, потпомогната од нивни соработници од земјава кои тоа го правеле за финансиска корист. Откако премиерно беше пуштен разговор во кој се слуша неговиот и гласот на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски, Груевски не сакаше да навлегува во веродостојноста на прислушуваните разговори.