Достапни линкови

За Груевски е рано за одговорност за прислушувањето


Не треба да се брза со барањето одговорност од македонските служби поради прислушувањето, вели премиерот Никола Груевски.

Опозицискиот СДСМ денеска до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски и непознати лица од судот и јавното обвинителство, поради основано сомнение за оддавање службена тајна, односно за објавувањето на снимките од разговорите на премиерот Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев во кабинетот на премиерот.

Колабиран е безбедносниот систем. Во секоја нормална држава челниците на таквите институции прво, не чекајќи да поминат ни пет минути, си даваат оставка. Како може мене дома да ми се случува нешто, мојот сопруг да трупа дома калашникови и бомби четири години наназад, а јас поим да немам за таа работа?
Солза Грчева, пратеничка.

„Во неговата вчерашна прес-конференција, Груевски изнесе аргументи, коишто укажуваат на тоа дека претседателот на СДСМ Зоран Заев бил следен со посебни истражни мерки и таквите материјали беа изнесени во јавноста преку медиумите и токму поради тоа ја поднесовме оваа кривична пријава. Покрај за Никола Груевски, кривична пријава е поднесена и против НН лица од МВР, Судот и од Јавното обвинителството, односно сите оние коишто имале пристап до вакви информации коишто беа изнесени во јавноста и со тоа и тие сториле такво кривично дело – оддавање на службена тајна“, рече партискиот претседател Оливер Спасовски.

Тој рече дека, после материјалите што ги објавиле за спрега меѓу владата и судството, не може да има верба во институциите, но оти дел од судиите и обвинителите треба да се одважат и да застанат на страната на правдата.

Груевски на вчерашната прес-конференција рече дека надлежните треба да утврдат кој ги објавил снимките.

Треба да се сочека, во една транспарентна постапка да се утврдат фактите, деталите, да не се суди никој однапред, да се види што се случувало точно, што се сите анализи, па потоа на крајот да се носат одлуките. Секако, одлуките ќе бидат во согласност со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија.
Никола Груевски, премиер на Македонија.

Во однос на прислушувањето, опозицијата тврди дека прислушувала власта, додека власта тврди дека прислушувале странски тајни служби, со кои соработувал претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Во меѓувреме, премиерот Груевски рече дека не треба да се брза со барање одговорност од безбедносните служби за аферата „Прислушување“, пред да се утврдат сите факти. Тој ова го кажа одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

Пратеничката Солза Грчева, која беше избрана како кандидат на СДСМ, но потоа не ја прифати партиската одлука за бојкот на парламентот, го праша премиерот Груевски дали смета дека никој во владата не е одговорен за распадот на безбедносниот систем.

„Колабиран е безбедносниот систем. Во секоја нормална држава челниците на таквите институции прво, не чекајќи да поминат ни пет минути, си даваат оставка. Како може мене дома да ми се случува нешто, мојот сопруг да трупа дома калашникови и бомби четири години наназад, а јас поим да немам за таа работа? Како може? Јас ја поставувам компетенцијата на тие луѓе во прашање, не само моралната одговорност, туку компетенцијата. Како е можно сè уште да ги имаме истиот директор на УБК, истиот министер за внатрешни работи, а веќе им се суди на луѓето што работат кај нив?“, праша Грчева.

Премиерот Груевски рече дека не треба да се брза со барањето одговорност.

„Треба да се сочека, во една транспарентна постапка да се утврдат фактите, деталите, да не се суди никој однапред, да се види што се случувало точно, што се сите анализи, па потоа на крајот да се носат одлуките. Секако, одлуките ќе бидат во согласност со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија“, рече Груевски.

Претходно, и ЗНМ ги повика премиерот Никола Груевски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и директорот на УБК Сашо Мијалков да дадат оставка, без разлика кој го нарачал прислушувањето. Здружението исто така го повика Јавното обвинителство сериозно да ги разгледа објавените докази за прислушување на новинарите и да покрене соодветни постапки.

„Тие се должни да спречат вакво масовно кршење на уставните права и слободи на граѓаните. Нивното заминување од функцијата ќе помогне да се расчисти целиот случај“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера обвини дека власта прислушувала повеќе од 100 новинари, а на дел од нив им беа предадени докази за нивно следење.

Второто новинарско здружение, МАН, пак, денеска реагира дека јавното објавување туѓи приватни телефонски разговори без потврда за автентичност и согласност на учесниците посочени во разговорот е кривично дело, како и масовно кршење на човековите права.

„Објавените разговори од страна на СДСМ се употребуваат за партиски потреби, односно подигање на партискиот рејтинг на СДСМ на штета на законот и основните човекови права“, смета МАН.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG