Многу нелогичности има во целиот случај „Пуч“, коментираат експертите, откако беше објавена спогодбата на еден од обвинетите Звонко Костовски, кој го призна делото и доби три години казна затвор. Во пресудата е наведено дека Костовски ја користел опремата за прислушување на МВР, а потоа материјалите преку друг службеник на УБК стигнувале до првообвинетиот Зоран Верушевски за паричен надоместок. Верушевски потоа имал намера материјалите да ги предаде на странски служби, а во меѓувреме тие завршиле во рацете на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Затоа сега не би можело да се каже што е реално, што е вистината, што е објективно, туку сè е во една фаза на некое изнесување на личната, сопствена позиција и овде практично ние немаме објективно судење, немаме оценка на доказите.Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.
Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека има многу недоречености, кои се надвор од целата процедура и не може сега да се бара логика во изнесувањето на некои факти.
„Не може да се изнесува нешто што е во фаза на истрага. Со каква веројатност човек може да прифати дека тоа е точно, затоа што се коментира така како што му одговара на тој којшто е засегнат. Затоа сега не би можело да се каже што е реално, што е вистината, што е објективно, туку сè е во една фаза на некое изнесување на личната, сопствена позиција и овде практично ние немаме објективно судење, немаме оценка на доказите“, вели Трпеновски.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека постапката на обвинителството и судот е избрзана и рокот е прекраток за да се разгледаат сите аспекти на случајот и да се обезбедат сите докази.
Затворањето на овој начин на оваа кривична пријава остава многу дилеми, остава неодговорени многу прашања, дотолку повеќе што за другите обвинети нема никакви индиции во кој правец ќе се одвива постапката.Насер Зибери, полиитчки аналитичар.
„Затворањето на овој начин на оваа кривична пријава остава многу дилеми, остава неодговорени многу прашања, дотолку повеќе што за другите обвинети нема никакви индиции во кој правец ќе се одвива постапката“, вели Зибери.
Според Трпеновски, власта сега сака само да помине со формалности дали материјалите се добиени од странска служба или не, што воопшто не прави разлика и суштината не е во тоа.
„Не коментира дали има право некој да прислушува, не коментира како може министер за внатрешни работи да кажува дека некого ќе сотре, ќе брка од работа, дека нема да ги плаќа со пари од институциите, а институциите се финансираат од буџетот којшто го полнат и лицата коишто сака да ги избрка од работа. Според тоа, содржината на она што е досега изнесено воопшто не им одговара и затоа не ја коментираат. Јас мислам дека во целата оваа работа се сака вниманието да се сврти само на некој формален план, а не на суштината“, вели Трпеновски.
Зибери смета дека е важно да се утврди кој прислушувал, но секако дека содржината на разговорите е исто така кривично дело доколку се утврди вмешаноста на властите во аферите. Трпеновски додава дека суштината е дали со ова прислушување и обелоденување на некои разговори е извршено кривично дело и од кого, како и тоа кој ги крши човековите права, а сè останато е дефокусирање на јавноста.