Собранието денеска формално ја прифати оставката на министерот за финансии Зоран Ставревски, а на негово место е назначен актуелниот директор на Управата за јавни приходи Кирил Миновски. Ставрески поднесе оставка поради здравствени причини и е последен во низата од најистакнатите кадри на ВМРО ДПМНЕ, а воедно и кум на поранешниот премиер и лидер на партијата Никола Груевски кој се откажа од својата функција.
Се ослободуваат секако од одговорноста на последиците кои ќе настанат од лошите политики на власта. Патологијата на власта во овој случај и во други случаи го покажала тоа.Темелко Ристовски, професор.
Но, од таканаречените бомби на опозицијата кои произлегуваа од прислушуваните разговори јавноста можеше да слушне дека не секогаш Ставрески се согласувал со политиките на лидерот, туку напротив му изразувал и недоверба.
„Да ти кажам ноќеска каква порака добив ми се смачи. Ми идеше да го грабнам телефонот и да му ја скршам главата. Баш е да речам забегана порака. Човек што изгубил контакт со реалност“.
Ставрески во јавноста ќе биде запаметен и по реченицата „Немаме за леб, а трошиме на чоколади“ која можеше да се слушне во еден од прислушуваните разговори и по големите задолжувања на земјата за време на неговото владеење.
Речиси и никој не остана во Владата од функционерите кои важат за блиски на Груевски. Најпрвин оставки поднесоа министрите за внатрешни работи и транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и неговиот братучед, шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. По него следеше и министерот за информатичко општество Иво Ивановски, а од функцијата директор на УЈП, беше сменет и Горан Трајковски. Професорот Темелко Ристовски вели дека штом луѓето си заминуваат значи не гледаат перспектива во политиките на Владата и бараат излез, бидејќи во спротивно би сноселе одговорност како колектив.
„Се ослободуваат секако од одговорноста на последиците кои ќе настанат од лошите политики на власта. Патологијата на власта во овој случај и во други случаи го покажала тоа. Луѓето штом видат криза штом видат еден безизлез во политиката на власта свесни, совесни и одговорни луѓе и функционери несакајќи да ја сносат одговорноста кон она што ќе ги донесат погрешните политики ја напуштаат Владата. Така што, ова е еден показател на една дезинтеграција на Владата како колектив“, смета Ристовски.
На Груевски од неговите најистурени „играчи“ му остана само министерот за здравство Никола Тодоров, кој е и вклучен во преговорите за излез од политичката криза. Промени на речиси сите министерски позиции имаше и од ДУИ, при што половина имиња од владиниот кабинет сега се нови и непознати лица.