Достапни линкови

Фон дер Лајен во обид за отплеткување на македонско-бугарскиот јазол


Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска доаѓа во посета на Скопје, а утре пристигнува и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Бугарската блокада на македонските евроинтеграции ќе биде тема на разговорите. Премиерот Заев очекува исчекор во односите со Бугарија кон крајот на годинава по завршувањето на изборите, и во Македонија и во Бугарија.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен попладнево пристигнува во Скопје, каде што со македонските лидери ќе разговара за спорот со Бугарија.

Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата, а потоа ќе заминат во Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со европски пари. Таму ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Од Европската Комисија не сакаат да откријат во кој правец ќе се движат разговорите во Скопје, ниту дали ќе има пораки до Бугарија во врска со блокираните македонски евроинтеграции, објави МИА. Повеќе детали ќе се знаат по средбата.

Портпаролката на Европската комисија Дана Спинант пред посетата соопшти дека ЕУ е посветена на регионот.

„Таа ќе се сретне со лидерите и ќе разговара за билатералните односи со ЕУ и регионалните прашања, перспективата за преговори за членство на Северна Македонија е дел од пошироката дискусија, целта на претседателката е да ја потврди нејзината посветеност кон регионот и перспективата за преговори за членство во ЕУ со овие земји кога времето и условите ќе бидат добри и преговорите ќе бидат завршени“, рече таа.

Портпаролот на Европската комисија, Ерик Мамер, претходно најави дека Урсула фон дер Лајен во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија.

„Претседателката оди на Западен Балкан да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот, ова се партнери на ЕУ со кои имаме многу силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи вклучително и тоа билатерално прашање“, рече Ерик Мамер, зборувајќи за македонско-бугарскиот спор.

Еден ден по посетата на Фон дер Лајен во Скопје ќе допатува и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, потврдиле од Европската комисија за МИА.

Програмата на посетата сѐ уште се финализира но извесно е дека тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев.

Вархеји минатата недела беше во Бугарија каде разговараше за надминување на бугарската блокада за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Премиерот Зоран Заев пред неколку дена рече дека очекува исчекор во македонско-бугарските односи по завршувањето на локалните избори во Македонија на 17 октомври и новите парламентарни избори во Бугарија на крајот на ноември.

Тодоров: Не може да се избрише фактот дека некои држави биле нацистички
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:48 0:00
Директен линк

„Очекуваме зелено светло во Бугарија, се надевам час поскоро, најскоро во декември да може да го направиме следниот получекор – првата меѓувладина конференција“, рече Заев, додавајќи дека потоа следува скрининг процесот, па отворањето на кластерите.

Заев рече дека може уште 27 години да живееме со блокадата, како што беше случајот со Грција, или да донесеме „мудри одлуки“.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции, тврдејќи дека земјава ја краде бугарската историја и оти македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Бугарија има привремена влада од април, кога поранешниот премиер Бојко Борисов поднесе оставка. На два изборни циклуси не можеше да се формира мнозинство за влада, па во ноември Бугарите повторно ќе одржат парламентарни избори, заедно со претседателските.

Фон дер Лајен во Скопје треба да допатува од Тирана, каде што се среќава со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот Илир Мета. Таа во наредните три дена ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан. Како што беше најавено во Брисел, таа утре ќе ги посети Косово, Црна Гора и Србија, а ден подоцна, Босна и Херцеговина.

Таа се среќава со балканските лидери една недела пред Самитот ЕУ - Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот.

Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширување“, туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

Во годишното обраќање за состојбата на Европската унија пред парламентот на ЕУ, Фон дер Лајен ја повтори својата поддршка за интеграција на регионот во ЕУ, велејќи дека тоа е обврска за младите луѓе кои веруваат во европскиот сон. Според претседателката на ЕК, ЕУ и Западен Балкан секогаш ќе бидат посилни заедно.

„Ова им го должиме на младите луѓе, кои веруваат во европската иднина. Ги зголемуваме инвестициите во Западен Балкан за околу една третина од бруто домашниот производ на регионот. Инвестирањето во иднината на Балканот е инвестиција за ЕУ“, рече таа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG