Северна Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство со Европската Унија и САД би сакале да се одржи меѓувладината конференција до крајот на оваа година, вели Габриел Ескобар, заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во американскиот Стејт департмент. Во интервју за радио Слободна Европа во Вашингтон тој порачува дека билатералното прашање со Бугарија не треба да го блокира влезот на земјата во Европската Унија.
„Ние би сакале да се одржи меѓувладината конференција и за Северна Македонија и за Албанија во исто време - оваа година, доколку можат. Го изработија потребното. Ги направија неопходните реформи. И тие го заслужија тоа. Значи, ако не оваа година, почетокот на следната година“, вели Ескобар.
Во однос на бугарското вето за почеток на преговори на Северна Македонија, Ескобар вели дека постојат и други начини да се реши ова прашање, без да се блокира европската интеграција на Македонија.
„Јас нема да ја отфрлам загриженоста на една малцинска група во Европа. Но, тоа е билатерално прашање, а тие го претвораат во мултилатерално прашање, што не засега сите нас. Постојат компромисни решенија и ние ги охрабруваме да се однесуваат конструктивно и стратешки за да се реши ова прашање. Постојат и други начини за да се адресира ова прашање, освен блокирањето на нивната интеграција во Европската Унија“, вели Ескобар.
На прашањето дали претстојните избори во Бугарија ќе сменат нешто во односите меѓу Бугарија и Македонија, Ескобар со став:
"За Бугарија, без оглед на тоа каков е исходот на изборите - нашите пораки ќе бидат исти, дека билатералното прашање не треба да го блокира стратешкиот императив за влегување на овие земји во Европската Унија. Има решенија и имаше некои добри решенија за решавање на ова билатерално прашање меѓу Северна Македонија и Бугарија. Значи, ние ќе притискаме без разлика на се. "
Американскиот заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи порачува дека американската политика на Балканот е конзистентна што подразбира целосна поддршка за европска интеграција на земјите од Западен Балкан. Сепак посочува дека земјите треба да ги исполнат реформите за да ги усогласат нивните интереси и вредности со оние на Европската Унија.
„Малку е разочарувачки да се види дека и после 20 години откако го нашуштив Балканот, бидејќи таму бев во 2001 година, дека нема многу напредок во оваа област. Така што се надевам дека преку американското партнерство и американските пораки и американскиот ангажман, можеме да ги вратиме двете страни на вистинскиот пат. Овој беше еден од најспорите процеси на проширување досега. Кога ќе погледнете колку брзо тој процес се одвиваше за другите земји во регионот. Би сакале да ја вратиме таквата динамика “, вели Ескобар во интервјуто.
Габриел ја потврдува поддршката на американската администрација и во однос на дијалогот помеѓу Косово и Србија и во оваа насока посочува:
„Ние го гледаме Мирослав Лајчак не само како преговарач за ЕУ, туку како некој што ја има нашата доверба во постигнувањето на целта што ја сакаме - а тоа е изнаоѓање решение меѓу Србија и Косово. Најитното прашање за да тргнат работите напред е прашањето за исчезнатите лица, на пример. Тоа е хуманитарно прашање што не треба да се блокира со политички спорови. Има семејства кои чекаат години да откријат што се случило со нивните сакани. Едноставно, не разбирам зошто би имало недостиг на компромис“, вели Ескобар.
Во однос на руското и кинеското влијание во Србија тој вели:
Да бидам искрен, Русија не инвестира во Србија. Тоа е мит. Русија не дава хуманитарна помош. Таа всушност не е трговски партнер. Ако ги погледнете првите 10 трговски партнери за Србија, Русија не е таму. Значи, навистина се работи за конкуренција со Кина. И мислам дека оваа влада е со јасен став за Кина. Има многу работи кои треба да се разгледаат, бидејќи не е само финансирањето. Постојат нетранспарентни прашања што ги попречуваат нашите американски компании да учествуваат со фер услови во српската економија. И јас сум убеден дека со фер услови нашите компании ќе бидат поконкурентни од кинеските. Имаат подобри синџири за снабдување во Европа, имаат подобра услуга за клиенти во Европа, го совладаа прашањето за контрола на квалитетот. Кина нема. Кина добро се снаоѓа во нетранспарентни средини“, заклучува Ескобар.
Во интервјуто тој го поздравува именувањето на поранешниот пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер, за американски пратеник за изборните реформи во Босна, потег за кој Вашингтон вели дека е знак на неговата посветеност кон регионот. Според Ескобар изборната реформа во БиХ е еден од првите чекори потребни за да се направи Западен Балкан „пофункционален“ како држава.
Инаку новата функција Ескобар ја презеде токму од Метју Палмер.Тој беше именуван на 7 септември. Ескобар има дипломатско искуство на Западен Балкан каде што во периодот од 1998 до 2001 година имаше четири последователни мандати во повеќе држави. Покрај заменик амбасадор во Србија тој беше на служба и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Тој беше шеф во кабинетот во Канцеларијата на високиот претставник во Бањалука во босанскохерцеговскиот ентинет во Република Српска како и шеф на канцеларијата на американската амбасада во тој град.
Ескобар беше и на функцијата заменик шеф на американскиот дипломатски тим за врски во главниот град на Црна Гора, Подгорица и шеф на политичкиот оддел во Србија веднаш по повторното отворање на американската амбасада во Белград во 2001 година.
Амбасадата на САД беше затворена поради прекинувањето на дипломатските односи со Србија поради етничкото чистење и протерувањето на албанското цивилно население од Косово.