Достапни линкови

Вести

Блинкен по повод денот на независноста: Имате голема поддршка од САД

Државниот секретар на Соединетите Држави, Антони Блинкен
Државниот секретар на Соединетите Држави, Антони Блинкен

Државниот секретар на Соединетите Држави, Антони Блинкен, испратил писмо до шефот на дипломатијата, Бујар Османи, во кое честита 30-години независност и порачува дека САД се големи поддржувачи на Северна Македонија.

„САД се покрај вас додека вие продолжуваше со вашите напори за зголемување на просперитетот на сите ваши граѓани, унапредувајќи го владеењето на правото и засилувајќи ги вашите демократски институции. Северна Македонија, исто така, ја има нашата непоколеблива поддршка и кога станува збор за остварување на вашите аспирации за членство во ЕУ“,пишува во писмото од Блинкен.

Државниот секретар на САД во писмото нагласува и дека САД со гордост ја поздравиле Северна Македонија како 30 земја-членка во НАТО кое членство, според него, е доказ за посветеноста на земјата кон регионалните и глобалните мир и безбедност.

„Вашето учество во мисиите на Алијансата, вклучително и во Авганистан, ја покажува вашата посветеност на заедничките вредности“, напишал Блинкен.

Честитка по повод денешниот празник претходно испрати и американскиот претседател Џо Бајден до својот македонски колега Стево Пендаровски.

види ги сите денешни вести

Претседателот на Европската народна партија: ЕУ да го поддржи Радио Слободна Европа

Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија (ЕПП)
Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија (ЕПП)

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер, рече дека Европската Унија (ЕУ) треба да го поддржи Радио Слободна Европа како медиум кој ги промовира европските вредности - слобода, демократија, владеење на правото.

Вебер тоа го кажа во Подгорица, на конференцијата „Семејството на ЕПП во регионот на Западен Балкан“.

Тој оцени дека Црна Гора е лидер во процесот на пристапување во Европската унија (ЕУ), наведувајќи дека е „видлива посветеноста на Владата и на целото општество кон оваа цел“.

„Црна Гора и другите земји во регионот бараат интеграција заснована на заслуги и секој спротивен сигнал од наша страна треба да се избегне“, смета Вебер.

На новинарско прашање дали ЕУ треба да го поддржи Радио Слободна Европа откако претседателот на САД, Доналд Трамп потпиша извршна наредба да се скратат седум федерални агенции, вклучително и Американската агенција за глобални медиуми УСАГМ (USAGM), која меѓу другите го надгледува и Радио Слободна Европа/Радио Слобода (РСЕ/РЛ), Вебер рече дека тоа е пример колку се менува геополитичката ситуација.

„Верувам дека оние кои ги промовираат овие вредности, а тоа е Радио Слободна Европа во Прага, во Чешка, треба да бидат поддржани од Европската унија“, рече Вебер.

Тој се осврна и на буџетот потребен за работа на Радио Слободна Европа.

„Зборуваме за буџет од приближно 140 милиони евра, колку што е сегашното финансирање на РСЕ. Затоа, од моја перспектива, мора сериозно да бараме решение за да ги обезбедиме потребните средства. Тие ги бранат принципите за кои се залагаме“, рече тој.

Вебер кажа дека одлуките што ги носат не смеат да бидат краткорочни, туку „мора да се водат од она во што веруваме и за што се бориме“.

Вебер е претседател на ЕПП, најголемата група во Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија, од која потекнуваат претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и претседателката на ЕП, Роберта Мецола.

Некои членки на Европската унија почнаа да ја разгледуваат можноста за поддршка на Радио Слободна Европа по извршната наредба на Трамп.

Чешка, Полска, Летонија, Естонија и Литванија изразија поддршка за идејата, нагласувајќи дека затворањето ќе биде „подарок за противниците на Европа“ и дека затворањето ќе биде „непоправлива штета за демократските аспирации ширум светот“.

„Прекинот на финансирањето на РСЕ би бил „огромен подарок за американските непријатели“, рече претседателот и извршен директор на РСЕ, Стивен Капус на 15 март.

„Иранските ајатоласи, кинеските комунистички лидери и автократите во Москва и Минск ќе го прослават распаѓањето на РСЕ по 75 години. Давањето победа на нашите противници ќе ги направи посилни, а Америка послаба“, речеКапус во изјавата.

Радио Слободна Европа емитува програма во 23 земји на 28 јазици, со мисија да ги промовира демократските вредности и институции преку ширење информации и идеи.

Склад за гориво до изгорената дискотека во Кочани

Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16.03.2025
Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, 16.03.2025

Жителите на Кочани тврдат, дека сопственикот на дискотеката, кој веќе е во притвор имал голем резервоар за нафта близу дискотеката „Пулс“ во која настана пожарот во кој загинаа 59 луѓе. Сметаат дека е избегната поголема трагедија, бидејќи огнот не го зафатил и резервоарот. Прв оваа информација ја објави српскиот сајт Информер по што македонското обвинителство ја потврди информацијата.

„При увидот е констатирано дека постоел склад за гориво во близина на објектот. Сите други околности се испитуваат“, велат од обвинителството.

Од снимките кои ги објавуваат медиумите се гледа дека надворешна пумпна станица се наоѓа веднаш над дискотеката во ограден дел од куќа, а под земја се наоѓа складот кој е на исто ниво со објектот на дискотеката.

Инаку за пожарот во кој се повредени повеќе од 180 луѓе, во притвор за сега се 16 осомничени меѓу кои е и газдата на клубот. Загинаа 59 млади луѓе.

Пожарот настана од користење на пиротехнички сретства на настап на групата ДНК.

Вчера граѓаните протестираа пред куќата на сопственикот на дискотеката и го демолираа и другиот кафе бар кој го има во градот.


Мерц: Зголемувањето на трошоците за одбрана е нова ера на европската безбедност

Потенцијалниот германски канцелар Фридрих Мерц
Потенцијалниот германски канцелар Фридрих Мерц

Потенцијалниот германски канцелар Фридрих Мерц денеска (18 март) изјави дека планираното зголемување на германските трошоци за одбрана и економскиот раст претставуваат пресвртница за европската безбедност.

„Со години живееме во лажно чувство на сигурност“, рече Мерц во обраќањето пред Бундестагот, додавајќи дека „повоената мировна дивиденда одамна е исцрпена“ и дека на Германија и треба целосна ревизија на нејзините одбранбени способности.

Тој нагласи дека одлуката за зајакнување на одбранбената готовност претставува „прв голем чекор кон нова европска одбранбена заедница“, која би можела да вклучи и земји надвор од Европската Унија.

Мерц меѓудругото истакна дека 3 милијарди евра (3,3 милијарди долари) дополнителна помош за Украина би можеле да бидат доделени после петок, односно по гласањето во долниот дом на парламентот за масовниот план за трошење и олеснување на строгите фискални правила во земјата.

Партиите кои го туркаа пакетот рекоа дека ја имаат потребната поддршка за да се донесат мерките.

Тој, исто така, мора да помине и во Горниот дом или Бундесратот, каде што гласањето е закажано за в петок (21 март).

Мицкоски: Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот, ќе утврди oбвинителството

илустрација
илустрација

Премиерот Христијан Мицкоски одговорајќи на новинарско прашање дали градоначалникот на Кочани ќе сноси одредена одговорност во врска со пожарот во дискотеката, најави дека истражните органи во текот на денот ќе ги проверат сите документи во Општината. Тој е на ставот дека никој нема да се заштитува и секој кој има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара.

„Дали и колкава е одговорноста на градоначалникот, ќе утврди Обвинителството. Градоначалникот во својата оставка напиша дека стои на располагање за се. Не бега. Тука е. Денеска, колку што јас знам, истражните органи ќе влезат и во Општината. Ќе ги проверат сите документи. Ако вие сега пледирате дека тој е ВМРО-ДПМНЕ, па ние го штитиме, не, се лажете. Никого нема да штитиме. Свети ВМРО да биде, и јас да сум, родена сестра, брат да ми е, ќе одговара ако има каква било вина“, изјави Мицкоски по посетата на повредените од трагичниот пожар во Општина Кочани во ГОБ 8 Септември Скопје.

Како што посочи, кривична одговорност ќе има за сите, но не треба да се шпекулира, или да се креираат информации кои се косат со вистината.

Претходно, од Министерството за внатрешни работи ја потврдија информацијата дека денеска во зградата на општина Кочани се влезени претставници од надлежните институции кои треба да ја подигнат потребната документација во врска со надлежностите на општинската администрација околу дозволите и работењето на дискотеката „Пулс“.

Од Обвинителството засега нема официјална информација дали нивни обвинители се влезени во општинската зграда.

Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазаов вчера си поднесе неотповиклива оставка.

Пред македонската амбасада во Белград, оддадена почит на загинатите во пожарот во Кочани

Стотици граѓани и студенти во Србија денеска (18 март) им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани. Пред Амбасадата на Северна Македонија во центарот на Белград се палат свеќи и се положуваат цвеќиња за 59-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Поменот за жртвите трае 75 минути.

Како што најавија студентите во блокада, покрај 15-минутниот помен што секојдневно го одржуваат во спомен на жртвите од новосадската несреќа што предизвика бран масовни протести во Србија неколку месеци, ќе додадат и минута молчење за секој загинат во Кочани.

„Покрај 15-те што вообичаено ги одржуваме, ќе додадеме минута за секој убиен во Кочани“, се вели во соопштението на студентите во блокада од Филозофскиот факултет во Белград.

Студенти и граѓани им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани, Белград, 18 март 2025 година
Студенти и граѓани им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани, Белград, 18 март 2025 година

Инаку во Србија и во Босна и Херцеговина денеска е Ден на жалост поради трагедијата во Кочани, додека во Црна Гора- Ден на жалост беше на 17 март.

Денеска е Ден на жалост и во Бугарија.

Во големиот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март загинаа најмалку 59 млади лица, а беа повредени 155 граѓани.

Студенти и граѓани на Србија им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани, Белград 18 март 2025 година
Студенти и граѓани на Србија им оддаваат почит на жртвите од пожарот во Кочани, Белград 18 март 2025 година

Од повредените, 89 пациенти се на лекување во земјава, а 76 се транспортирани во соодветни здравствени установи во странство.

Северна Македонија официјално го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првично барајќи итна евакуација на 15 пациенти со тешки изгореници. Како одговор, девет европски земји – Хрватска, Грција, Романија, Словенија, Шведска, Литванија, Унгарија, Луксембург и Норвешка – веднаш понудија помош преку овој механизам.

Турција ги осуди израелските напади врз Газа и повика на глобална акција

Појас Газа
Појас Газа

Турција денеска (18 март) ги осуди најновите израелски напади врз Газа, наведувајќи дека масовното убивање Палестинци претставува нова фаза во тоа, што го опиша како „политика на геноцид“ на Владата на Нетанјаху.

„Израел му пркоси на човештвото со кршење на меѓународното право и универзалните вредности на најсериозен начин“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Во него се предупредува дека агресивните акции на Израел ја загрозуваат регионалната стабилност во момент кога се интензивираат меѓународните напори за мир.

„Агресијата што ја покажа израелската Влада ја загрозува иднината на регионот. Неприфатливо е Израел да предизвикува нова спирала на насилство“, се наведува во соопштението од Министерството.

Анкара ја повика меѓународната заедница да заземе цврст став против Израел, повикувајќи на итна акција за траен прекин на огнот и испорака на хуманитарна помош за Газа.

Потврдувајќи ја позицијата на Анкара, Министерството ја нагласи и непоколебливата поддршка на Турција за палестинската кауза и посветеноста на регионалните мировни иницијативи.

Состојбата на повредените е релативно стабилна, 76 пациенти се транспортирани во странство

илустрација
илустрација

Релативно стабилна е состојбата на повредените во дискотеката, но не може да се каже каква ќе биде состојбата понатаму, бидејќи се уште е рано, рече денеска (18 март) заменик министерот за здравство Јовица Андовски, во изјава за медиумите.

Во „пластика“ имало хоспитализирано 17 пациенти, на Токсикологија 13, на Торакална 4, Траума 2, Детска хирургија 4, Карил 14, Стара градска 12, градска општа болница „8 Септември“ 18, Штип 3, Пулмологија 2, или вкупно 89 пациенти во земјава.

Вкупно 76 пациенти се транспортирани на лекување во странство. Последни, ноќеска биле префрлени во Хрватска, Словенија и Виена по двајца, тројца во Атина.

Планирани биле уште префрлувања во странство. Во Виена, Полска, Шведска, Холандија, Италија, Хрватска, Норвешка и Словенија.

Стигнати биле доктори од неколку странски земји. Докторите од Белгија биле на терен и правеле анализа на најтешко повредените на КАРИЛ. Од Израел дошле неколкумина, а се очекуваат уште неколку, кои ќе бидат распределени во Клиничкиот центар и ,,8 Септември". Пристигнале и по шест доктори од Чешка и ВМА од Белград.

Андовски додаде дека од шест пациенти во Анкара од кои првично пет биле интубирани, сега биле екстубирани, значи состојбата им се подобрила.

Полска и балтичките држави се повлекуваат од Договорот за забрана на противпешадиски мини

илустрација
илустрација

Министрите за одбрана на Полска, Естонија, Летонија и Литванија во заедничко соопштение изјавија дека нивните земји ќе ја напуштат Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиски мини со цел да ја подобрат својата безбедност по руската инвазија на Украина.

Повлекувањето од договорот од 1997 година, што министрите им го препорачаа на лидерите на нивните земји, кои имаат заедничка граница со Русија, ќе им овозможи повторно да почнат да акумулираат противпешадиски мини.

„Со оваа одлука испраќаме јасна порака: нашите земји се подготвени и можат да ги искористат сите неопходни средства за заштита на нивните потреби во безбедносната сфера“, се наведува во соопштението на министрите за одбрана.

Тие тврдат дека по ратификацијата на Конвенцијата од Отава за забрана на противпешадиски мини, се влошила безбедносната состојба во регионот.

„Во светло на ова нестабилно и променливо безбедносно опкружување, обележано со руска агресија и континуирана закана за евроатлантската заедница, од суштинско значење е да се проценат сите мерки насочени кон зајакнување на нашите способности за одвраќање и одбрана“, истакнуваат министрите.

Минатата недела, литванскиот министер за одбрана најави дека Финска, која исто така се граничи со Русија, можеби ќе одлучи да се повлече од Конвенцијата од Отава.

Радев: Бугарија е подготвена да преземе уште повредени од пожарот во Кочани

Румен Радев, претседател на Бугарија
Румен Радев, претседател на Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска (18 март) изрази сочувство до роднините на загинатите во пожарот во Кочани и се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија.

Радев изјави дека Бугарија е подготвена да прифати на лекување повеќе повредени и оти се чека македонските власти да кажат дали има потреба од преземање на уште десет лица.

Во бугарските болници во моментов се хоспитализирани 14 повредени, кои беа пренесени со воено-транспортен авион „Спартан“ и со амбулантни возила на софиската Итна медицинска помош.

„Во готовност се и авионот „Спартан“ и медицинските тимови, така што ќе продолжиме да даваме помош. Бугарија е подготвена и ќе продолжи да помага во се што е потребно. Најважно е што оваа трагедија покажува дека луѓето од двете страни на границата можеби ќе мора да се потпираат еден на друг, но не само во денови на искушенија како денешните, туку заради нашата заедничка европска иднина“, рече шефот на бугарската држава.

Тој им се заблагодари на бугарските медицински тимови и воениот персонал за брзата реакција и професионалноста во транспортот на повредените и за укажаната специјализирана медицинска помош.

Македонската амбасадорка Агнеза Руси Поповска, која го пречека претседателот Радев во амбасадата, изјави дека денеска во Софија се очекува да пристигнат министрите за здравство и за надворешни работи Арбен Таравари и Тимчо Муцунски за да ги посетатат повредените македонски граѓани хоспитализирани во бугарските болници.

Во Бугарија денеска е прогласен ден на жалост во спомен на жртвите во Кочани и солидарност со народот во Северна Македонија.

Бугарскиот Црвен крст, Националната болница за превенција и контрола на заразни болести „Н.И. Пирогов“ и Националниот центар за трансфузиона хематологија организираат крводарителска акција за повредените во пожарот. Како што пренесуваат бугарските медиуми, само во првите два часа над 120 луѓе во Софија дарувале крв за настраданите во трагедијата во Кочани.

Станков: Приоритет ни се обдукциите и идентификацијата за да може роднините да ги подигнат телата

Дикотеката „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025 година
Дикотеката „Пулс“ во Кочани, 17 март 2025 година

Приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може роднините да си ги подигнат телата, изјави за МИА, Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, во врска со обдукциите на жртвите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, што се случи рано утрото во неделата.

Тој подвлече дека постапката ќе биде завршена, тогаш кога ќе заврши обдукцијата и идентификацијата на сите тела.

Идентификацијата, вели тој, не се извршува само со обдукција, туку и со ДНК анализи.

Станува збор за два паралелни процеса.

„Работиме со планирано темпо. Паралелно се вршат и обдукција и ДНК анализи. Собрани се ДНК материјали за споредба, од роднините на починатите. Очекуваме брзо да се заврши работата. Не може точно да се каже кога, приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може телата да си ги подигнат роднините“, нагласи Станков.

Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 млади лица, а над 150 повредени се згрижени во земјава и странство.

Денеска е ден на жалост во неколку земји од регионот. Србија, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина го прогласија денешниот ден 18. март за ден на жалост по повод трагедијата во Кочани пред два дена.

Низ македонските амбасади во светот се отворени книги на жалост. Отворени се книги на жалост и во Собранието и во Министерството за надворешни работи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG