Достапни линкови

Нефункционални институции – корупција, страв и насилства


Њузлетер 06.10.2023 - Кога не функционираат институциите на државата, граѓаните чувствуваат несигурност, гнев, страв, па некои стануваат и насилни.

Зошто македонските граѓани стануваат сѐ понасилни?

Алармантно е што само во минатиот месец во државава имало 6 убиства, исто колку што имало убиства во цела 2022 година. И додека убиствата и насилствата ги полнат страниците за црна хроника, изминатиот период чести се и вестите во кои Северна Македонија се промовира како држава со намален криминалитет и безбедно место за живеење. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред десетина дена потенцираше дека земјава е најбезбедна на Западен Балкан.

Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска смета дека промените и настаните во средината околу нас влијаат во однесувањето на луѓето да се случат промени кои ја прават агресијата „подозволена“ за решавањето на проблемите.
„Особено во нашето општество каде сите овие години од независноста ние сме во некоја транзиција и овие големи проблеми на општеството во годините на транзиција доведуваат до тоа да не се гради чувството на безбедност во животот на луѓето – ниту лична ниту општествена“, вели Јовановска-Стојановска.

Оперативно техничката агенција (ОТА) без директор, прислушкувањето без контрола

ОТА речиси еден месец функционира без директор затоа што на досегашниот, Зоран Ангеловски, на 7 септември годинава, му истече петгодишниот мандат без право на реизбор. Со неговото заминување од ОТА, која е една од клучните институции во безбедносниот и ланецот на борба против криминалот, оваа институција остана без прв човек кој одлучува за голем број на дејствија во областа и делегира овластувања во безбедноста надолу по хиерархија.

Директор на оваа институција чија цел е да оневозможи незаконско прислушување на телефонските разговори се бира во Собранието со двотретинско мнозинство, што во услови на сериозна политичка поларизираност е тешко остварливо.

Но, пред да биде ставено ова на пленарна седница пратениците од Комисијата за избори именување имаат задача да одлучат кој од досега пријавените 21 кандидат е соодветен за избор на директор во наредните 5 години. Огласот за нов директор на ОТА беше распишан на 5 септември годинава, на само два дена пред истекот на мандатот на актуелниот директор.

Пратеникот и член на комисијата за избори и именување од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев смета дека ваквата ситуација ја прави ОТА нефункционална институција. Тој објаснува дека овластувањата за потпишување на акти за делување на институцијата, но и плата за вработените, се црпат од мандатот на директорот, што значи дека по истекот на мандатот се доведува во прашање легитимноста и легалноста на одлуките и мерките на оваа институција.

Од Кривичниот суд велат дека засега без проблем соработуваат со ОТА каде што се спроведуваат наредбите за посебни истражни мерки.
„Истите се издаваат по предлог на Јавниот обвинител и се доставуваат согласно Законската процедура до надлежните служби во агенцијата, а не лично до директорот на агенцијата“, велат од Кривичниот суд.
Од ОТА не добивме одговор за тоа, како во пракса функционира институцијата без директор и со какви последици се справуваат во работата поради вакуум просторот.

Истекува мандатот и на антикорупциската комисија

Мандатот на членовите на ДКСК истекува за четири месеци, без право за реизбор. Од Собранието „абер нема“ за избор на нова комисија, каде треба да се селектираат новите членови. Следи година на избори, што може да го отежне процесот, во неизвесност е и составот на комисијата за селекција.

Роковите, изборите и кавгите може, но и не мора да бидат пречка за изборот на новиот состав на ДСКС, велат од невладините организации, кои, со законот е пропишано дека треба да учествуваат во процесот за избор на кандидати. И покрај тоа што Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор скоро две години не функционира, сепак претставници од таму за избор на членови на ДКСК, ќе има.

Интересно е тоа што во актуелниот закон не е предвидено продолжување на мандатот на стариот состав доколку не се избере нов. Актуелната Претседателка на ДКСК за Радио Слободна Европа, потврди дека на последниот состанок со претставници на Собранието разговарале и на оваа тема.
„Не би требало да се доведе институцијата да остане без комисија имајќи предвид дека следната е изборна година, а токму една од надлежностите на комисијата е следење и на изборните кампањи и финансирањето на политичките партии“, вели Билјана Ивановска, претседателката на Антикорупциската комисија.
Ивановска смета дека решиле доволно предмети со назнаката „корупција“, но поразително е што ниту еден не е процесуиран од Државното обвинителство до надлежен суд. Втор предизвик, кој Комисијата го имаше зацртано пред себе а не успеа да го реализира до крај, е носењето на Закон за потекло на имот.

Излегува дека ДСКС си ја работеше работата, но без никаков ефект.

Таканаречената позитивна листа на лекови не е ажурирана повеќе од 10 години

Во државава сеуште се користат лекови кои во Европа веќе се исфрлени од употреба, бидејќи има нови и подобри. Има предлози кои ги разгледува комисија, па потоа треба да бидат одобрени од Фондот за здравствено осигурување, и така со години.
Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо - често и од други држави. Но, нема временска рамка кога и кои нови лекови ќе станат достапни за пациентите.

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, ја претстави новата Комисија на 1 август годинава. Составена е од претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за лекови и медицински средства, Институтот за претклиничка и клиничка фармакологија со токсикологија, како и од Универзитетските клиники, кои се доктори специјалисти, од различни области на медицината и фармацијата. Претседател е проф.д-р Љубица Шутуркова од Фармацевтски факултет.
Од нив се очекува да сработат нешто што не им успеа на тројцата претходни министри за здравство: Беким Сали, Венко Филипче и Никола Тодоров.
Според Светската здравствена организација (СЗО), Северна Македонија е меѓу земјите кои имаат големи приватни плаќања за здравствена заштита мерено според капацитетот на домаќинството да плати за истата. Тоа најмногу ги погодува посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Трошоците се должат главно на приватни плаќања за лекови.

Кога не можеш да ги решиш клучните проблеми, измисли нови

Невработеноста, корупцијата, животниот стандард и неефикасната администрација се меѓу проблемите што тлеат и се во пораст, но тие како да не се во фокусот на политичарите. Нив, според аналитичарите, не им одговараат теми кои не можат да ги решат, па ја дефокусираат јавноста со амнестија, споменици...

Значат ли спротивставените ставови за амнестијата меѓу владините функционери подлабоко разидување кај коалициските партнери, но и во самиот СДСМ? Ќе успее ли Министерството за одбрана да постави споменици кај Љуботенски бачила, Карпалак и Вејце по „кавгата“ што ја имаше со локалните власти? Значи ли најавата за музеј на УЧК во Арачиново контраодговор на локалната власт на ДУИ кон социјалдемократите?
Ова ли се најголемите маки што ги мачат граѓаните или се само политичка фасада со која се затскриваат реални и важни проблеми и афери за кои јавноста бара решение и одговори.

„Всушност ние ги имаме проблемите кои се стари и постојано се тука, но никако не се најгоре на агендата за да станат тема за некоја експертска, општа, медиумска дебата и анализа. Ако законот за амнестија и спомениците се топ теми во нашата јавна дебата тоа значи дека актерите кои тоа го проектирале така да биде, успеале во нивната намера“, вели аналитичарот Џељал Незири.

„Македонскиот народ заслужува поголемо почитување од сите страни“

Искусниот и меѓународно признат фотограф Горан Тачевски се родил и пораснал во Скопје. Семејните околности го однеле во Хрватска, а професионалните предизвици потоа во Париз и во Прага, каде што живее сега. Во текот на следните 365 дена често ќе доаѓа дома за низ фотографскиот објектив да лови приказни за обични луѓе во реални ситуации, низ македонските градови и села. Планот му е фотографиите да ги стави во книга за да ја прикаже неговата перспектива на животот овде.

„Македонскиот народ заслужува поголемо почитување од сите страни“
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:36 0:00


Младост - лудост и дрес код

Сите некогаш биле млади. Секоја генерација ја доживеала својата „младост – лудост“. Веројатно многумина некогашни а и сегашни млади ги почувствувале оние прекорни погледи од постарите, кога, нели, постарите вртат глава кога во нивна близина ќе поминеа помлади, по слободно облечени, според нивните модни стандарди, па со она лелеее... цццц... па со нивните коментари „види бре како се облекле децана“. Во ова издание на Поткастот Зошто разговараме со ученици на скопската гимназија Орце Николов и со директорот Митко Димовски.

Дрес код - како се облекуваат младите во и надвор од училиштата
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00
Директен линк
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG