Достапни линкови

ОТА еден месец без директор, а пријавени 21 кандидат


Илустрација
Илустрација

Заинтересирани за директорското столче во Оперативната техничка агенција има, ама пратениците се уште не ги разгледале кандидатите. Во меѓувреме ОТА еден месец е без директор, нема кој да потпише наредби за делување, па се доведува во прашање легалното делување на оваа безбедносна институција.

Вкупно 21 кандидат за директор на Оперативната техничка агенција ( ОТА) се пријавиле на јавниот оглас што беше објавен само на два дена пред истекот на мандатот на досегашниот директор на ОТА Зоран Ангеловски, вели претседателката на собраниската комисија за избор и именувања Марија Георгиевска за Радио Слободна Европа.

Оваа институција речиси еден месец функционира без директор затоа што на Ангеловски на 7 септември годинава, му истече петгодишниот мандат без право на реизбор. Со неговото заминување од ОТА, која е една од клучните институции во безбедносниот и ланецот на борба против криминалот, оваа институција остана без прв човек кој одлучува за голем број на дејствија во областа и делегира овластувања во безбедноста надолу по хиерархија.

Директор на оваа институција чија цел е да оневозможи незаконско прислушување на телефонските разговори се бира во Собранието со двотретинско мнозинство, што во услови на сериозна политичка поларизираност е тешко остварливо.

Но, пред да биде ставено ова на пленарна седница пратениците од Комисијата за избори именување имаат задача да одлучат кој од тие 21 кандидат е соодветен за избор на директор во наредните 5 години.

„Во зависност од планираните активности на Собранието и секако со претходна координација очекувам наредните денови да отпочнеме со постапката“, вели Георгиевска за РСЕ.

Огласот за нов директор на ОТА е распишан на 5 септември година, на само два дена пред истекот на мандатот на актуелниот директор.

Според огласот објавен во Службениот весник, кандидат за директор може да биде секој македонски државјанин кој има завршено високо образование во областите од безбедност, компјутерска безбедност или компјутерска техника и информатика, како и електротехника, правни или економски науки.

Од искуство во огласот се бара кандидатот да има најмалку десет години искуство во некоја од наведениве области. Рокот за учество на огласот беше десет дена, што значи дека на 16-ти септември овој оглас е затворен.

ВМРО-ДПМНЕ -Обезглавена ОТА е нефункционална институција, поради неодговорност на Владата

Пратеникот и член на комисијата за избори и именување од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев вели дека и по две недели откако е истечен рокот од јавниот оглас до сега како опозиција не добиле известување од претседателката на комисијата за кои се имињата на кандидатите за нов директор ниту нивните биографии.

Јанушев кој е и претседател на комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникации вели дека не добил ни одговор на барањето за надзор за тоа каква е ситуацијата во ОТА откако нема директор.

Според него, ваквата ситуација ја прави ОТА нефункционална институција, поради несериозноста и неодговорноста на Владата на секое поле. Тој објаснува дека овластувањата за потпишување на акти за делување на инстуицијата, но и плата за вработените, се црпат од мандатот на директорот, што значи дека по истекот на мандатот се доведува во прашање легитимноста и легалноста на одлуките и мерките на оваа институција.

„Да, претпоставувам дека од судот и обвинителството пристигнуваат наредби за нови ПИ мерки, претпоставувам дека започнатите ќе продолжат, нема причина зошто да запрат доколку се исполнети сите законски услови. Но прашањето е што по престанокот на мандатот од 7 септември, па понатаму во овој целиот период и период што престои до избор на нов директор“, вели Јанушев.

Кривичен Суд - Наредбите за ПИ мерки без проблем се спроведуваат

Од Кривичниот суд велат дека засега без проблем соработуваат со ОТА каде што се спроведуваат наредбите за посебни истражни мерки.

„Истите се издаваат по предлог на Јавниот обвинител и се доставуваат согласно Законската процедура до надлежните служби во агенцијата, а не лично до директорот на агенцијата“, велат од Кривичниот суд.

До објавувањето на овој текст не добивме одговори од Агенцијата за тоа како во пракса фунцинира институцијата без директор и со какви последици се справуваат во работата поради вакум просторот.

По смената на власта во 2017 година, една од првите реформи кои беа на списокот беше токму да се прекине со синџирот на моќ, кој монополот врз опермата за прислушување ѝ го даваше на УБК. Со овие реформи некогаш семоќната Управа за безбедност и контраразунавање беше расформирана и нејзините ингеренции поделени меѓу Агенцијата за национална безбедност и Оперативната техничка агенција (ОТА), на која и припаднаа надлежностите за одобрување на следење на комуникациите. Според законот ОТА е „самостоен и независен државен орган кој обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи, односно дејствува како технички премин помеѓу операторот и овластените органи, без можности за активирање или спроведување на снимањето на следените комуникации. ОТА не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација

Според последните податоците од Основното обвинителство во текот на минатата година со посебни истражни мерки ( ПИМ) биле опфатени 413 луѓе со што биле обезбедени докази во вкупно 53 обвинителски предмети. За споредба во 2021 година ПИМ биле употребени против 215 луѓе за прибирање докази за 126 предмети.

Најупотребувана мерка е следење и снимање на телефонски и други електронски комуникации покажува извештајот на Обвинителството доставен до Собранието. Токму најмасовната аферата со прислушување на над 20 илјади луѓе објавена во 2015 година од тогашната опозициска СДСМ беше причина за создавање на институција замислена како филтер кој ќе спречи незаконско прислушување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG