Достапни линкови

Злоупотреба на пратеничкиот имунитет за навреди и дискредитации


Илустрација од собраниска седница во македонскиот парламент
Илустрација од собраниска седница во македонскиот парламент

Политичката коректност и пристојна комуникација меѓу пратениците одамна не е случај за македонското Собрание. Наместо аргументирана дебата, говорницата се користи за меѓусебни навреди и обвинувања. Професорката од Правниот факултет Ана Павловска-Данева вели дека на граѓаните им се потребни свежи идеи и конкретни мерки за подобар живот, а не лични пресметки.

Лични навреди и дискредитации, јавно читање на доверливи психијатриски извештаи, обвинувања за лаги и манипулации. Вчерашното ниво на комуникација во собраниската сала е уште еден од низата примери како изгледа една седница со пратенички прашања во македонското Собрание.

Политичката нетрпеливост и отсуството на дијалог меѓу пратениците од власта и опозицијата не ретко преминува и во говор на омраза.

Па така пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки побара разрешување на министерката за обрана Славјанка Петровска откако претходно читаше извештај од психијатриско вештачење на Петровска и кажа дека секој ден пиела седативи.

„На министерката за одбрана согласно извештајот од специјалист психијатар цитирам „и се тресат рацете, не може да задржи мисла, има намалено внимание и концентрација и проблеми во мислењето, збунета е и конфузна. Има намалена волја, непријатни мисли и мора да вложува дополнителни напори да ги извршува истите напори што претходно ги извршувала“. Покрај оваа состојба на намалени когнитивни функции на министерката и е препишана и седативна терапија, односно 3 месеци е под седативи“, рече Ковачки од собраниската говорница.

Петровска изјави дека извештајот е одраз на тоа како таа се чувствува поради како што рече, претходно изнесените лаги од Ковачки.

„Психички сум и здрава и стабилна да одговорам на сите лаги кои пратеникот упорно и упорно ги изнесува. За тоа што пишува во тоа вештачење и што го предизвикало таквото мое однесување, се разбира ќе се видиме во суд. Исто како што кажав пред неколку месеци од оваа говорница дека за вашата лага ќе се видиме на суд, да ќе се видиме наскоро“, му одговори Петровска на Ковачки.

Да потсетиме дека пред неколку месеци Ковачки обвини дека Петровска, криела луксузен имот во Радишани, односно во својот Анкетен лист до ДКСК пријавила само долгови, два кредити и една кредитна картичка. Петровска поднесе тужба за ова, а најави уште една тужба против Ковачки, во врска со неговиот фејсбук статус каде тврди дека на територија на Косово биле уапсени двајца припадници на военото разузнавање испратени од министерката.

Осуда за говорот на колегата Ковачки денеска упати пратеничката од СДСМ, Жаклина Лазаревска.

„Многу „јаки“ мажи овие вмровциве. Не знам што е во прашање, дали се докажуваат кој е поголемо мажиште или едноставно нивнито вистинско лице излегува на виделина, но очигледно волкот си го менува влакното, но не и навиките“, вели Лазаревска.

„Дегутантно и за слушање“

Проф. д-р Ана Павловска - Данева
Проф. д-р Ана Павловска - Данева

Говорот предизвика низа реакции и на социјалните мрежи. Професорката Ана Павловска-Данева, од Правниот факултет во Скопје, инаку поранешна пратеничка, вели дека говорот на Ковачки не само што е политички крајно некоректен, некултурен и недозволив, туку е и контрапродуктивен.

„Не само што не е етичко, ваквото однесување е дегутантно да се слуша, независно од тоа дали сте поддржувач или не, на конкретната личност за којашто се зборува. Од правен аспект недозволиво е да се изнесуваат здравствени податоци за кое било лице бидејќи тоа според Законот за лични податоци се смета за заштитен податок на секој граѓанин. Во овој случај пратеникот не може да одговара, бидејќи тој ја „злоупотреби“ собраниската говорница бидејќи за даден став на таа говорница пратениците уживаат имунитет и затоа, наместо тоа да го каже на прес конференција тој ја искористи пратеничката говорница“, вели професорката Павловска-Данева.

Директен линк

Навреди, обвинувања и пак најави за тужби имаше и помеѓу пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков и вицепремиерот Артан Груби. Лефков покажа документ за исплата на буџетски средства кон фирмата на братот на вицепремиерот Артан Груби, а тој пак најави тужба за клевета.

Пратенички прашања - Полемика на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, и вицепремиерот Артан Груби
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:50 0:00

На една од претходните седници на пратенички прашања, беше кажано дека братот на Артан Груби купува деловен објект на улица Македонија по цени багателни, како оние од времето на транзицијата. Во едно интервју на една национална телевизија Артан Груби, оној кој е потпишува како прв вицепремиер негираше дека воопшто имало средства префрлени од министерството со кое тој раководи, ама еве ги документите укажуваат на нешто друго, рече Лефков.

Груби му порача на Лефков дека ќе се видат на суд.

„Поднесов тужба да се видиме на суд за сето тоа што го клевети и му недостига храброст да излезе надвор од говорницата на собранието за да го клевети истото и ја користи говорницата затпоа што знае дека се соочува со правни последици за тоа што го зборува. Така да, за сето тоа што го зборува господинот кој е гласен а не е храбар, ќе се соочиме и со него и со ВМРО-ДПМНЕ како партија за сето тоа што е клеветено, ќе си ги соочиме фактите“, рече Груби.

Проф. Данева: Меѓучовечката комуникација е падната на најниско ниво

Ова не е прв пат да се слушаат вакви дебати во собраниската сала. Македонската јавност е сведок на политичка некултура и опаѓање на квалитетот на парламентарна дебата во законодавниот дом веќе подолго време. Од навреди кои алудираат на машкоста на премиерот до тоа дали пратениците користат дрога, преку мерење на интелигенција па до семејни врски, криминал и говор на омраза. Ова беа дел од темите за кои се надвикуваа пратениците од собраниската говорница пред еден месец, додека јавноста чекаше да бидат избрани новите министри.

Професорката Павловска-Данева вели дека негативната кампања во собрание е непродуктивна и им го намалува рејтингот на партиите, независно дали се власт или опозиција.

„Анкетите тоа го покажуваат. Ниту една политичка партија не ужива огромна доверба како што тоа било случај порано. За разлика од тогаш, сега имаме апатични луѓе коишто не сакаат да излезат на гласање и не и веруваат ниту на една партија. Наспроти негативната кампања, наспроти личните обраќања и квалификации, на граѓаните им се потребни свежи идеи и конкретни мерки кои ќе бидат преземени и ќе значат подобрување на нивниот живот и на меѓучовечката комуникација, бидејќи и таа е опадната на најниско ниво“, констатира Павловска-Данева.

Неаргументирано зборување и отсуство на политичка култура на собраниската говорница регистрираше и Институтот за демократија во едно од своите истражувања за работата на парламентот. Во него забележуваат дека само 7 проценти од говорниците пред јавноста се послужиле со еден или повеќе аргументи кога дискутирале за конкретно законско решение.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG