Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на седницата за пратенички прашања повторно го обвинија премиерот Димитар Ковачевски дека „дезертирал“ од армијата во 2001 година. Тој одговори дека поради здравствен проблем, утврден лекарски пред почетокот на конфликтот, не бил во можност да служи војска.
Вака започна седницата, а самите пратенци на крајот рекоа дека собраниска дебата е „спуштена на дното“. Препукувањата, навредите и употребата на зборовите криминалци и лажговци се случуваше додека пратениците ги прашуваа владините министри за актуелните проблеми со енергетската криза, која беше главна тема, но се зборување и за економијата, екологијата, енергетската сиромштија и за проблемот што учениците и натаму немаат учебници.
Во првиот дел од расправата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки рече дека премиерот нема легитимитет да ја води државата, бидејќи приложил документ за трајна неспособност и дека со тоа лажирал да не служи војска.
„Лице кое одбило да ја брани сопствената држава не смее да има пристап до буџет од пет милијарди евра, не сме да има на располагање државен апарат: војска, образование, здравство... Таквите лица треба да се на друго место, а не во владата“, рече пратеникот Ковачки.
Премиерот Ковачевски, пак, одговори нарекувајќи ги опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ „лопови, криминалци, неработници, насилници, кодоши“, а за Ковачки рече дека крадел документи додека бил во АРМ и издавал информации со кои тргувал со интерни и странски структури.
„Знаете што е дефиниција за воен дезертер? Тоа е човекот платен со народни пари кој зборуваше пред мене, тоа е човекот на кој му ги симнале еполетите и му ја соблекле униформата, па затоа облекол костум за да плука овде по својата држава“, рече премиерот Ковачевски.
Други пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го прашаа премиерот дали ќе ги прифати предлозите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за набавка на енергенси и електрична енергија по пониски цени.
Ковачевски рече дека кај него во кабинетот немало архива за понуди и состаноци за понуди со компании, туку дека имало отворена постапка за јаглен, мазут и за гас.
„Секој оној кој има понуда за овие енергенси кои се бараат веднаш може да ја достави понудата. Не може јас да бидам тој кај кого ќе доаѓаат контакти, па јас да одам со контактите“, рече Ковачевски.
Мицкоски денеска рече дека државата во моментов е загрозена и дека понудата до Владата да обезбеди „дупло поевтина струја“ се уште стои и дека за неа е подготвен да дебатира со Ковачевски на било кој медиум.
Но, тој додава дека во изминатиот период имало комплетно игнорантски однос од Владата кон стопанството и кон предлозите на опозицијата.
Мицкоски вчера понуди контакти кои ги има тој и неговата партија преку кои би се набавиле енергенси за производство на струја, за непречено производство на домашните капацитети.
Понудата следуваше откако Ковачевски вчера на прес-конференција, меѓу другото, соопшти дека парното ќе биде вклучено на време, а болниците и школите ќе плаќаат поевтина струја.
Освен за енергетската криза, пратениците ги прашуваа министрите на Владата што се случува со учебниците, велејќи дека во Министерството за образование и наука се случува хаос.
„Учебници нема и одговорете на прашањето зошто на 29 септември се уште нема учебници и кога планирате да доставите печатени учебници за децата“, праша пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Велика Серафимова Стојкова.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири одговори дека со почетокот на новиот концепт во образованието биле изготвени нови наставни програми кои се поврзани со новиот наставен концепт, а додаде дека во Бирото за образование чекале да бидат подготвени учебниците и дека новите програми треба да бидат според законот. Сите книги кои се прифатени се пратени во Бирото за образование и се чека одговорот од рецензентите, одговори Шаќири.
„Направивме максимум за новиот концепт да нема недостаток. Откако ќе поминат во Националниот совет, ќе бидат доставени и верувам дека до првото полугодие ќе имаме учебници“, рече Шаќири.
Енергетската криза беше меѓу главните теми на собраниската седница за поставување пратенички прашања, но и овој пат не изостанаа навредите на релација власт-опозиција. Пратениците на опозицијата генерално не беа задоволни од одговорите на владините министри.
Седницата за поставување на пратенички прашања се одржува секој последен четврток во месецот, а предност за поставување прашања до премиерот и министрите имаат претставниците на опозициските партии.