Блокадите во Собранието се случуваат уште од 2020 година, од самиот почеток на мандатот на актуелниот пратенички состав, така што некои закони се заглавени и повеќе од две години. Опозицијата во моментов не доаѓа на координации, а пратениците меѓу другото дебатираат за предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа и избор на двајца уставни судии. Се чека и усвојувањето на законот за парична помош на ранливите групи граѓани за справување со енергетската криза да можат од следниот месец да ги добијат парите.
Во моментов опозициската ВМРО-ДПМНЕ прави „активна блокада“ на Собранието, а Левица најави блокади во врска со референдумот. Дваесетина закони беа блокирани и пред почетокот на летните одмори. Законот за прекршоци е системски за кој е потребно да гласаат две третини од пратениците и е меѓу оние кои со години се чека на нивно усвојување. Долго време не се усвоени ниту Изборниот законик, законите за наставници во основно и средно образование кои се заглавени во ресорните комисии, како што беше и изборот на нови уставни судии.
Претседателот на Собранието Талат Џафери на денешен брифинг со новинарите рече дека за подобрувањето на работата на Собранието неопходна е измена на собранискиот Деловник за во иднина да биде оневозможена блокада на работата.
Одложувањето на усвојувањето на многу закони е нотирано во Извештајот за напредокот на Македонија на Европската комисија (ЕК), каде се наведува дека работата на Парламентот е нарушена поради политичка поларизација.
Влора Речица – истражувачка од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ вели дека иако блокирањето на Собранието не е нова појава во македонската политичка сцена, тоа според неа е многу деструктивно. Таа вели дека најновите извештаи на Институтот за демократија во рамки на Програмите за парламентарна поддршка, исто така укажуваат на недостаток на аргументација и интеракција меѓу патениците на мнозинството и опозицијата.
„Тоа укажува дека нема консензус за многу прашања. Со оглед дека се наоѓаме во глобална економска и енергетска криза, многу е важно да имаме функционално Собрание кое не само што ќе носи закони, но исто така коешто ќе биде функционално за да врши надзор врз извршната власт и начинот на кој се трошат парите и како се носат одлуките во кризна состојба“, вели Речица.
Собранискиот спикер смета дека Извештајот на ЕК реално ја отсликува состојбата во Парламентот. Според него, причина за тоа се одлуките на политичките партии, за кои вели дека се легитимни, но посочува дека тоа се отсликува и на перцепцијата на работата на Собранието.
„На тоа јас не можам да влијаам, дури и да сакам. Тоа се тесни партиски одлуки коишто не зависат од работата и од волјата на претседателот на Собранието“, вели Џафери.
Потребно е да се ограничи Деловникот за работата на Собранието, вели Џафери. Доколку не се донесе нов Деловник, со оваа пракса и во иднина ќе ги има истите проблеми секој нареден кој ќе добие мандат, вели тој.
ВМРО-ДПМНЕ и Левица во моментов имаат партиски одлуки да не доаѓаат на неделните координации, вели Џафери додавајќи дека тоа прашање не е во негова надлежност, ниту пак има инструменти за да може да го промени во насока на подобрување на работата на Парламентот.
Во однос на динамиката за промена на Деловникот, вели дека партиите треба да работат на разгледување на триесетина членови, од Член 132 до Член 160, и да се дефинираат слабостите. За тоа треба сите партии да ги усогласат ставовите, а доколку постојат дилеми за одредени прашања, тие ќе бидат оставени отворени до последната средба за нивно кончено допрецизирање, вели Џафери. За промената на собранискиот Деловник партиите долго време разговараат во рамки на процесот „Жан Моне.“
„Итно е потребно да се реактивира процесот Жан Моне“, да се донесат новите измени на Деловникот на Собранието, со што ќе се изменат многу правила и процедури, но најважно е тоа се предвидуваат измени во надзорната улога на Собранието и доколку овој процес почне ќе може да имаме и Деловник кој ќе овозможи пофункционално Собрание“, вели Речица.
Во петок се очекува да заврши дебатата за избор на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа, како и двајцата уставни судии. Од понеделник се очекува да продолжи дебата и за другите точки кои се поминати на собраниските комисии, вклучително и мерките за помош на ранливите групи граѓани за справување со енергетската криза. Динамиката зависи од работата на комисиите за законите да дојдат на дневен ред на пленарните седници.
За прашањето за уставните измени за внесувањето на Бугарите во Уставот, или предлог ќе достави Владата или ќе биде потребна иницијатива од 40 пратеници, рече Џафери. Процесот е почнат во насока на апелите да се дојде до меѓу партиска согласност, бидејќи е потребно двотретинско мнозинство. Процесот има рокови и затоа тој не може да биде отворен и така да остане, вели Џафери. Засега проблем е усогласувањето, вели Џафери додавајќи дека дава поддршка партиите да седнат и да се усогласат и потоа да се пристапи кон конкретна акција за менување на Уставот.
Промената на Уставот треба да се случи за околу една и пол година и за што е потребно да гласаат најмалку 80 пратеници, откако власта во јули го прифати францускиот предлог за кревање на бугарското вето и одблокирање на интеграцијата кон ЕУ. Но, отворањето на Уставот го условија албанските парламентарни партии, кои бараат при внесувањето на Бугарите во Уставот, да биде избришана формулацијата „20 проценти“ и да биде заменета со албански народ, албански јазик.
Европската комисија (ЕК) во Извештајот на напредокот на земјава наведува дека потребно е да се ограничи употребата на носење на закони по скратена постапка за да се овозможи ефективна проверка и консултации за законодавството. Надзорот на извршната власт треба да се прави преку поредовни седници на пратенички прашања, потребно е спроведување на договорените предлози за внатрешни реформи од „Дијалогот Жан Моне“, а остануваат и предизвиците во однос на поефикасно планирање на процесот на донесување закони, наведува ЕК.