Тенкото парламентарно мнозинство кое беше формирано по парламентарните избори веќе неколку месеци го покажува своето неефикасно работење во законодавниот дом. Преку амандмани или отсуство од седниците, опозицијата ја блокира работата на собранието, а поради немање кворум стотина закони чекаат на ред.
Иако собранискиот спикер Талат Џафери се обидува преку координативни средби да ја придвижи работата, Собранието останува блокирано.
ВМРО-ДПМНЕ се лути бидејќи нивните барања биле игнорирани од власта, а пратеничкта група на Алијанса за Албанците и Алтернтива поднесе над 7000 амандмани за десетина закони кои се во собраниска процедура.
Домашните аналитичари велат дека кревкото парламентарно мнозинство е главната причина поради која неколку пратеници можат да бидат во ситуација да уценуваат и да го блокираат системот.
„Последиците се гледаат. Со месеци нема нормална седница на парламентот и еден куп закони чекаат на расправа и одбрување во парламентот. И сега заради некој хир на неколку луѓе, стои целиот систем, зад кој сите се кријат, а всушност тие го прават системот. Системот е таков затоа што не направија стабилно мнозинство и сега заради некоја работа која им е битна само на неколкумина пратеници, стојат закочени еден куп важни закони, само заради парцијалните партиски интереси, вели извршниот директор на МЦМС, Александар Кржаловски.
Според него, ваквиот исход ја покажува неспособноста на владејачкото но и на целата политичка елита за постигнување компромис и постигнување договор за учество во заедничка влада, а тоа негативно се одразува со справувањето со короната, со економските последици, со предизвиците на патот кон ЕУ, но и на дневно ниво.
И политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека немањето политички дијалог во законодавниот дом ја минимизира улогата на Собранието и дека ако така се продолжи можно е да влеземе во нова политичка криза.
„Мислам дека тука се работи за борба за превласт и дневно политички игри, а целата таа битка се води во исклучително тежок период, кој бара разум и конструктивноста од сите политички чинители. Мислам дека и парламентарното мнозинство нема активна улога во воспоставување на нормален дијалог со опозицијата, кој е многу потребен бидејќи власта се потпира на тенко парламентарно мнозинство“, вели Незири.
Можни опции за деблокада
Нашите соговорници потсетуваат дека секогаш кога Собранието е нефункционално, како решение се наметнува „лидерската средба“ на која прашањата се решаваат врз основа на партиските интереси. Затоа според Незири решението на овој проблем треба да се гледа во следните опции:
„Првата опција е да најде начин како да го зголеми мнозинството и да го направи собранието функционално. Втора опција е концентрациона или широка влада во која би учествувале најрелевантните политички партии и третата најнепопуларна опција се нови избори за кои не верувам дека же донесат некој друг резулатат. Така што во моментот излезот е конструктивна соработка со опозцијата или пак вклучување на истата во една широка владина коалиција“, заклучува Незири.
Собранието - место за ниски навреди или за добри закони?
Покрај несогласувањата меѓу владејачкото мнозинство и пратениците од опозицијата поради што тешко се доаѓа до кворум за работа, имаше примери на кои на надзорните расправи и седници во Собранието не се појавуваа и актуелни претставници на државните институции, чии години извештаи беа на дневен ред, па така многу седници беа прекинувани.
Дали работата на Собранието ќе се подобри со дијалогот „Жан Моне“ останува да се види. Овој формат на средби меѓу претставници на Европскиот парламент и македонските политички лидери има за цел да го помогне политичкиот дијалог далеку од очите на јавноста. Дијалогот е замислен како подобрување на дијалогот власт- опозиција и политичко култивирање на нивните односи.
По 23 март се очекува во Собранието да се вратат и пратениците кои поради корона вирусот беа изолирани и беа спречени да доаѓаат во Собранието.