Достапни линкови

Пензионери – вистински и политички, секој со своја борба


Њузлетер 22.09.2023 - Се отвораат картите од политичките игри под маса во врска со уставните измени. За пензионерите засега нема поголеми пензии, но за нив и за другите граѓани, за кои нема повисоки плати, има “гарантирани цени“.

Законот за амнестија заглави во Влада

Главна тема деновиве во јавноста, по медиумите, меѓу политичарите беше и сеуште е: кој сѐ се сретнал или не се сретнал со „политичкиот пензионер“ и бегалец Никола Груевски, што разговарале, ако разговарале, па доверливи информации, па деманти, па наводни тајни преговори за кои зборуваше дури и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, па преписка меѓу Груевски и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицковски преку Фејсбук...

Што од сето тоа е точно или само шпекулација можеби ќе дознаеме некогаш. Но, дека нешто се мати, тоа е сигурно, а веројатно поврзано со изгласувањето на Уставните измени со кои би се внеле Бугарите во Уставот и би почнале преговорите за членство во ЕУ.
Ваквата теза ја подгреа и информацијата дека во Владата, по втор пат не помина предлог Законот за амнестија, со кој беше предвидено да им се укинат или намалат казните на осудениците кои сториле полесни кривични дела. Што е спорно или пак кој се и што се треба да влезе во овој закон, и зошто, може само да се претпоставува.

Министерот за правда Кренар Лога се заканил со оставка доколку се направат манипулации со неговиот предлог Закон за амнестија. Инаку, тој не беше предлагач и на измените во Кривичниот законик, кои исто така се поврзуваат можна политичка заднина.


Се подготвуваат ли и други за „политичка пензија“?

Како да се објасни зошто за Њујорк заминаа две државни делегации, една предводена од претседателот на државата Стево Пендаровски и 10-мина од неговиот кабинет, а другата од премиерот Димитар Ковачевски, со неколкумина министри и придружен персонал.

На социјалните мрежи има коментари дека делегациите се толкави затоа што, на некои од нив, ова можеби им е една од последните шанси за посета на САД на државен трошок.
Никаде не е наведено колку точно ја чинат државата патувањата на државните делегации во странство, но ако се земат предвид авионските билети, хотелското сместување и дневниците за сите членови на делегациите, може да се претпостави дека сумата достигнува и до десетици илјади евра.

Премиерот Ковачевски беше во фокусот на јавноста и во мај годинава кога за време на посетата на САД ги поведе и неговите деца. Медиумите бараа тој да одговори кој платил за патувањето на неговите деца. Тогаш премиерот рече дека неговите патувања и на членовите на делегациите се според процедурите на Владата, а патувањата на другите членови на неговото семејство се нивни приватни активности и немаат допирна точка со Буџетот на државата.

Радио Слободна Европа во мај испрати прашање до Владата колкави биле трошоците за патувањето на делегацијата, но до овој момент одговор нема.
„Сите функционери треба да бидат отчетни пред народот. Тоа е во духот на доброто владеење и управување со државните ресурси“, велат за Радио Слободна Европа од Државната комисија за спречување корупција.

За вистинските пензионери – ветувања

Анализи, работни групи, размислувања, проценки... не им помагаат на пензионерите да имаат поквалитетен живот откако го отслужиле својот работен век.
Револтирани од зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто, пензионерите веќе неколку недели протестираат низ градовите во државата за корекција и на нивните пензии. Бараат линеарно зголемување на пензиите за 3.500 денари и минималната пензија да биде 18.000 денари.

На Денот на пензионерите, 20-ти септември, се собраа и пред владата да ги повторат барањата, но засега нема расположение за нивно исполнување.

Пензионерите не се единствени кои, мотивирани од инфлацијата, зголемувањето на цените и покачувањето на платите на функционерите, преку штрајкови и протести бараат или допрва ќе бараат повисоки примања. Такви се и судските административци, медицински персонал, вработени во јавниот сектор...
А, познато е дека какви плати, такви пензии ќе имаат кога ќе дојде време за тоа.

Протест на пензионерите во Скопје
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:03 0:00


Нема повисоки плати и пензии, има „гарантирани цени“ на производи ама откако енормно скокнаа

Почна потрагата низ маркетите по производи по „гарантирана цена“. Откако цените отидоа до плафон, сега, Владата реши да ги замрзнува.
Листата вклучува над 50 производи во околу 25 категории од пекарската, млечната, месната индустрија. Листата е преземена од Државниот завод за статистика, согласно нивните методологии за утврдување на инфлацијата и на производите кои се трошат повеќе.
Но, се забрануваат акции и попусти на производите. Од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека ова е една од „најмалку јасните мерки“ на Владата и според нив таа нема никаква пазарна основа или логика. Оттаму велат дека производителите и трговците не секогаш ги креираат овие акциски продажби заради рокот на производот, туку и да го промовираат и да го доближат до потрошувачот.

„Единственото логично објаснување зошто Владата ја донесе оваа мерка, е со цел да не се минимизира акцијата што ја спроведува самата, односно намалувањето за 10% на одредени производи. Затоа што да бидеме реални, промоции од типот на „плати едно земи две“, или воопшто промотивните акции можат да бидат многу поатрактивни за купувачите и ценовно поповолни. И уште, најчесто како промотивни или акциски продажби се токму прехранбените производи и оние за секојдневна потрошувачка, односно оние кои се опфатени со владината мерка“, вели Дукоски.

Клучниот проблем, дали големите дистрибутери и маркети имаат монополска позиција и ги креираат цените како сакаат, надлежните досега не успеаја да го расчистат.

Трамвај во Скопје имало во 19-ти век, па се пензионирал за навек

Кога ќе се изморел, коњот легнувал среде патот за да се одмори. Патниците чекале, возачот на трамвајот пушел цигара и си правел муабет со минувачите. Но, битно, Скопје имало трамвај, исто како и во Виена, на крајот на 19 век. Е денеска Виена има електричен, Скопје нема никаков.
Зошто Скопје нема трамвај? Зошто ниту еден од тројцата бивши градоначалници ветија, а не успеаја да почнат со изградба на Трамвај. Трифун Костовски, па Коце Трајановски, и Петре Шилегов имаа инцијативи, нарачаа студии, некои дојдоа и до тендери за кои градот плати пари и толку. Слушнете ја целата приказна во новиот Поткаст „Зошто“ на Радио Слободна Европа.

Скопски трамвај, о желбо пуста неостварена!
please wait

No media source currently available

0:00 0:16:45 0:00
Директен линк
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG