Достапни линкови

УСБ држава


Њузлетер 29.09.2023 - Протести, чекање одговори, политички договарања, јавни прозивки... Стари кавги и нови актери. И меѓу нив - едно УСБ

Стара приказна, нови актери

Неделата ни почна со стара приказна, но со нови актери. По минатонеделната преписка за законот за амнестија во која фејсбук дописи стасуваа и од Будимпешта, на сцена се појави нов „актер“ - УСБ, мемориски стик на кој, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, имало докази за тајна оска СДСМ-Никола Груевски - ДУИ. Следуваа ред обвинувања, ред демантии, но, се уште, без одговор што го чека целата јавност - дали некој ја договарал предложената амнестија.

Министерството за правда, како предлагач на законот за амнестија, смета дека „треба да се направи ресоцијализација на одреден број осуденици“. Предлагаше да се ослободат од затвор осудени лица за лесни кривични дела кои се казнуваат со затворска казна до шест месеци. На тие пак кои биле осудени на повисока казна од шест месеци требаше да им се намалат казните за 30 отсто. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека законот е селективен и дека е парцијално решение кое служи за „ситни политички поени“ пред избори, оти во него не влегувале осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

И ослободени и обештетени?

И измените на Кривичниот законик останаа горлива тема, неделава од поинаков агол - Дали обвинетите чиј кривичен прогон ќе запре поради измените на Кривичниот законик, ќе може да бараат отштета за времето поминато во притвор? Да, ќе можат да бараат отштета, а парите ќе ги добијат од државниот буџет. Искуството покажува дека за отштета се исплаќале суми од 50, па до речиси 100 евра за ден поминат во притвор.

Од 2017 година до сега, Врховниот суд донел 39 одлуки да им исплати оштета на граѓани за лежење во затвор. Од нив, во 31 биле поради неосновано лишување од слобода - притвор, а осум поради неоснована осуда. Станува збор само за случаи во кои Врховен правел ревизија на одлуки на пониските судови, откако поради незадоволство на странките биле поднесени барања за вонреден правен лек.

Оттука бројот на случаи во кои од државната каса се одлеале пари по овие основи е поголем ако се има предвид дека во оваа евиденција не влегуваат предметите што не завршиле пред највисоката судската инстанца.

„Малолетен политички декор“

Редовно на социјалните мрежи гледаме фотографии, видеа од политичари со деца од најразлични пригоди, па се поставува прашањето што од ова е злоупотреба на деца за политички цели? Експерти велат дека тоа е важно да се разграничи, бидејќи и покрај укажувањата, политичарите се уште тоа како да не го разбираат. Што точно претставува злоупотреба на деца во политички цели? Важно е да се направи разлика меѓу фотографирање на политичари со деца за политички поени и остварување на средби со деца и разговори со нив, вели народниот правобранител за заштита на правата на децата Васка Бајрамоска за РСЕ.

Премиерски маркетинг
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:30 0:00

За разлика од овој тип промоција на политичари со деца, кој Бајрамоска го правда преку претходно потпишана изјава на родител, од друга страна вели дека јавното изложување на децата од страна на политичари во време на кампања претставува класична злоупотреба на малолетници за политички цели и вели е редовна пракса и покрај нивните апели пред секоја изборна кампања. Бајрамоска објаснува дека ако фотографии од политичари со деца од некое основно училиште, на пример, се направени за активностите на училиштето, тогаш тоа не мора нужно да се смета за злоупотреба на детските права.

За разлика од народниот правобранител пак, од Првата Детска амбасада во земјава Меѓаши, за РСЕ велат дека секое јавно појавување и фотографирање на политичар со дете може да се смета за кампања, иако и тие го истакнуваат делот дека со претходно потпишана изјава од родител, сликите на политичарите со деца од училишта или градинки можат бидат оправдани.

Протести за европски плати за достоинствен живот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:04 0:00

Тендерите врват, дијабетичарите страдаат, УПОЗ на протест

Дијабетичарите се вознемирени од помагалата што ги добија. Од МАЛМЕД велат дека медицинското помагало е регистрирано според законот. Од веледрогеријата „Д-р Пановски“ , пак, тврдат оти приложените сертификати на производот се гаранција за неговата безбедност и квалитет.

Од две зла, е бирано помалото, велат извори на Радио Слободна Европа за тоа како по последниот тендер, до дијабетичарите стигнаа глукометри за кои велат дека се без оригинално пакување, во најлонска кеса и без спецификација. Националната комисија за дијабетес по првичното укажување од пациенти реагирала, но им било сугерирано да ги земат глукометрите и лентите, оти можат да останат и без нив ако повторно се оддолжи постапката за набавка.

Дијабетичарите и за овој „сет“ помагала чекаа девет месеци, уште од почетокот на годинава. Ова е најдолго чекање досега, иако проблемите со тендерите за лицата со дијабетес се влечат со години наназад – а ги „решава“ секој нов министер за здравство кога ќе дојде на функцијата.

Протестираа и дијабетичарите, и граѓаните засегнати со случајот „Онкологија“, и судската администрација... Вработени во судската администрација, поделени во два синдикати, во истовреме протестираа низ центарот на Скопје со исти барања - повисоки плати за 78 отсто и да им се исплатат додатоците на плата од 35 отсто, што не ги земаат со месеци. Колкаво покачување добиле судиите, да добијат и административците, порачаа синдикалците.

Лога: Не се амнестираат академци туку осуденици, но имиња не потврдувам

Додека опозицијата најавува блокада на предлог-законот за аместија, министерот за правда вели дека ќе им даде албум со фотографии и огледала на пратениците за да се погледнат пред да гласаат. Ако се донесе, законот целосно ќе ослободи најмалку 286 осуденици, а на 996 ќе им се скрати казната.

Предлог-законот за амнестија за околу десетина дена треба да се најде пред пратениците во скратена постапка. Иако претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави дека може да го стави на седница веќе в вторник (3 октомври), сепак, предлогот ќе го почека министерот Кренар Лога да се врати од службено патување во САД бидејќи тој лично сака да го брани законот во парламентот.

Предлогот предвидува целосно ослободување на лицата осудени на затворски казни до шест месеци, а осудениците со казни од шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда. Исклучок од амнестијата има за тешките кривични дела.

Како Скопје ќе стане град на културата?

Град Скопје ќе биде Европска престолнина на културата за 2028 година. Но, европските експерти кои ја разгледувале апликацијата во декември 2022 година, нотирале серија забелешки за понудената програма и инфраструктурни проблеми. Како Скопје ќе стане град на културата, градските власти не одговараат.

Во радиус од еден километар, центарот на главниот град долго време изгледа на градилиште без роковник. Тарабите се уште ги кријат започнатите, но, не и завршени објекти на црквата Св. Константин и Елена на улица Македонија, хотелот Мериот Кортрајд и Офицерскиот дом на плоштадот Македонија, барокните згради на ЕЛЕМ и Пелагонија...

Но, ова слика, очигледно ќе мора постепено да се менува до крајот на 2027 година. Бидејќи со влезот во 2028 година, Скопје ќе биде пред целогодишен предизвик да ја одбрани титулата за европска престолнина на културата.

Зошто многу млади малку знаат историја?

Гоце Делчев, Методија Андонов Ченто, цар Самоил...Ова се само некои од историските личности за кој во македонската јавност се воделе и се водат жестоки дебати. Но колку навистина знаеме за нив, или за времето во кое живееле и дејствувале? Пред се колку знаат младите луѓе и дали воопшто ги интересира историјата? Реформите во образованието се ретки, во историското образование уште поретки, а за него слушаме единствено кога ќе се откријат катастрофални грешки. Каква историја се предава во училиштата? Ги бараме одговорите од историчарот Петар Тодоров, кој е експерт за османлискиот и постосманлискиот период на Балканот, но го истражува и образованието по историја.

Слушнете ја целата приказна во новиот Поткаст „Зошто“ на Радио Слободна Европа.

Косово, Украина, Нагорно-Карабах, Грција...

Очигледно не беше спонтан напад, изјави за Радио Слободна Европа, Чарлс Капчан, професор на Универзитетот Џорџтаун и поранешен директор за европски прашања во Советот за национална безбедност на САД во администрациите на Бил Клинтон и Барак Обама, по случувањата во селото Бањска на северот од Косово на 24 септември.

Според извештаите, вооружена група првин нападнала припадници на косовската полиција при што беше убиен еден полицаец. Косовската полиција веднаш спроведе акција во која ликвидираше тројца од напаѓачите, по што косовските власти го обвинија Белград, а оттаму стасаа негирања и од Владата и од претседателот Александар Вучиќ.

Меѓународната заедница побара итно смирување на тензиите и расчистување на случајот, а од Москва стаса порака дека Русија будно следи што се случува. Приштина побара меѓународна истрага.

Во фокусот од настаните во светот беа и случувањата во Ерменија, по воената акција на Азербејџан во Нагорно-Карабах. Повеќе од половина од околу 120.000 етнички Ерменци од Нагорно-Карабах избегаа во Ерменија по молскавичната воена операција, а ерменскиот премиер Никол Пашинјан го обвини Азербејџан за „етничко чистење“.

Евакуација имаше и во Грција, по новиот бран поплави во Волос. Откако бурата „Даниел“ направи пустош пред еден месец, сега бурата „Елиас“ предизвика нови поплави, големи материјални штети и масовна евакуација.

Во Украина продолжија воените дејствија. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 28 септември пристигна во ненајавена посета на Киев, од каде изјави дека украинските сили постепено освојуваат територии во контраофанзива против руските сили. Зборувајќи на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, Столтенберг кажа дека руските сили се борат за „империјалните заблуди“ на Москва, пренесоа британските медиуми.

XS
SM
MD
LG