Достапни линкови

Амнестии и споменици за дефокус од реалните проблеми?


Невработеноста, корупцијата, животниот стандард и неефикасната администрација се меѓу проблемите што тлеат и се во пораст, но тие не се фокусот на јавниот дискурс. На политичарите, според аналитичарите, не им одговараат теми кои ќе ги погодат или не може да ги решат, па избираат амнестија, споменици...

Кој ќе гласа „за“, а кој е против предлог-законот за амнестија кој денеска по скратена постапка беше доставен во Собранието? Значат ли спротивставените ставови за амнестијата меѓу владините функционери подлабоко разидување кај коалициските партнери, но и во самиот СДСМ? Ќе успее ли Министерството за одбрана да постави споменици кај Љуботенски бачила, Карпалак и Вејце по „кавгата“ што ја имаше со локалните власти? Значи ли најавата за музеј на УЧК во Арачиново контраодговор на локалната власт на ДУИ кон социјалдемократите?

Вакви прашања деновиве се на врвот на политичкиот дискурс во земјава. Но, дали ова се најголемите маки што ги мачат граѓани или се само политичка фасада со која се затскриваат реални и поважни проблеми и афери за кои јавноста бара решение и одговори.

„Всушност ние ги имаме проблемите кои се стари и постојано се тука, но никако не се најгоре на агендата за да станат тема за некоја експертска, општа, медиумска дебата и анализа. А, тоа се невработеноста, корупцијата, напредокот на земјата, економијата итн. Јас би рекол дека сè зависи од тоа колку чинителите на јавната сфера ќе наметнуваат некоја тема што погоре на агендата. Ако законот за амнестија и спомениците се топ теми во нашата јавна дебата тоа значи дека актерите кои тоа го проектирале така да биде, успеале во нивната намера“, вели аналитичарот Џељал Незири.

Тој посочува дека во период кога се наближуваат двојни избори во државата – претседателски и парламентарни, очекувано е партиите да имаат свои теми и проекции за тоа што да биде во фокусот на јавноста.

„Секако дека партиите не сакаат да отвораат теми од кои ќе бидат погодени, не сакаат да наметнуваат теми како приоритетни кои не може да ги решат или пак не сакаат да наметнуваат теми кои се реални за граѓаните, но не им носат гласови. Целата таа јавна агенда мислам дека е резултат на партиските проекции, тие што замислуваат да стане топ тема во јавноста и тоа и станува“, вели Незири.

Или некоординација или дефокус

Зборувајќи за темите што се во фокусот на јавноста, аналитичарот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања смета дека се бега од реалните проблеми како што е скандалот со терапиите на Клиниката за онкологија, а се наметнуваат други како што е предлог-законот за амнестија што тој го нарекува „создаден проблем“.

По изјавите на премиерот Димитар Ковачевски дека ќе се поднесат амандмани на законот за кој самата влада даде зелено светло доколку тој опфати лица осудени за масакрот кај Смилковско езеро во 2012 година, Божиновски гледа две сценарија – или нема никаква координација околу тоа што прави власта и што предлага или има обид за некаков дефокус за ситно ќарување на политички поени.

„Истото го имаме и со министерот за внатрешни работи (Оливер Спасовски) кој е дел од таа влада, а вели јас сум против законот за амнестија. Ако премиерот не знае во што се состои, министерот за внатрешни работи е против, тогаш кој е за? Тоа остава прво еден впечаток на целосна несериозност, а второ, повторно обиди за манипулација. Свесни сме дека изминатите години она што навистина требаше да се реши, навистина беше скандал, се беше едноставно или ставено под тепих или се донесоа пресуди кои се надвор од секаква логика“, вели Божиновски.

Според него, она што се случува е дефокусирање на јавноста од еден скандал преку создавање нов. Претпоставувам, вели Божиновски, власта смета дека едниот може да наштети помалку од другиот.

„Ние дури немаме ни обиди за дефокус на нешто што би било, да речеме, позитивно, нешто што би било во корист на власта. Имаме обид да се поклопи една негативна со друга негативна тема која можеби е помалку негативна од оваа првата. Тоа се случи со Онкологија. После онкологија, се донесоа измените на Кривичниот законик“, додава Божиновски.

Медиумите и невладини актери да ги наметнуваат темите

За јавниот дискурс да се промени и да се сврти кон реалните проблеми што ги засегаат граѓаните аналитичарот Незири смета дека поактивни треба да биде актерите што не се во склоп на владините институции. Невладините организации, медиумите, синдикатите, верските организации се оние што, според него, треба да наметнат да се зборува за животниот стандард, економијата, корупцијата, ефикасноста на администрацијата итн.

„Тие организации треба да бидат поактивни за да наметнуваат нивни теми и проблеми во таа јавна агенда. Тоа секаде во светот е така, ако сакаш некој проблем да не биде решен треба да постават такви теми на јавната агенда со тоа што тие проблеми ќе бидат ставени настрана или ако сакате да се решат ќе ги ставите најгоре во таа приоритетна листа“, вели Незири.

Предлог-законот за амнестија, кон кои беа вперени погледите, денеска преку собраниските канали треба да биде доставен до пратениците. Очекувањата се на дневен ред на седница да се најде наредната недела откако министерот за правда Кренар Лога ќе се врати од службено патување бидејќи рече дека самиот сака да го брани законот во парламентот. Таму, пак, ВМРО-ДПМНЕ најави блокада. На брифинг со новинарите Лога го правдаше предлог-законот со тоа што има пренатрупаност во затворите и нема можност за ресоцијализација. Откако предлог-законот доби „пас“ од Владата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски излезе со став дека не е време за амнестија, дека нема да помогне бидејќи ќе опфати мал број лица, како и оти минатите искуства покажуваат дека најголем дел од амнестираните претходно се враќаат во затвор бидејќи прават ново кривично дело.

Спомениците на бранителите од 2001 што Министерството за одбрана сака да ги постави кај Љуботенски бачила, Карпалак и Вејце се вратија во фокусот на јавноста откако по првичните несогласувања со локалните власти. Од Одбрана вчера соопштија дека започнале постапка со која нема да биде потребна согласност од општините. Владата ги задолжила институциите, местата каде се планира споменици да се доделат на Министерството. Во меѓувреме, медиумите пренесоа дека Општина Арачиново планира да изгради музеј на УЧК, што било едно од неисполнетите ветувања на градоначалникот Ридван Ибрахими, како и дека се бира локација за овој објект.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG