Достапни линкови

Корупцијата како „Пиреј“


Уште еден обид за борба против корупцијата во Македонија е новото меѓуресорско владино тело, формирано деновиве. Со оглед на досегашните искуства, малкумина веруваат во поголем успех и покрај енергичните најави за решителна битка против корупцијата. Дали сега ќе биде поинаку? Њузлетер 11.04.2025

Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и Коштрева.

„Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“
Вакво е објаснувањето за насловот на романот Пиреј, од неговиот автор, Петре М. Андреевски, еден од најчитаните македонски романи во поновата македонска книжевност.

Иако романот е на друга тема и за други времиња, терминот „Пиреј“, може да се примени и за раширената корупција во самостојна Македонија.

Како стигнавме дотаму што без „рушвет“ не може да се заврши речиси ниедна работа, или обратно, со мито, поткуп, наместени тендери, поединци да остваруваат големи профити на штета на буџетот и граѓаните? Тоа стана систем на функционирање на целото општество.

Клучните проблеми со корупцијата им се јасни на сите, немање политичка волја за сериозна битка, нефункционални институции, неефикасен правосуден систем. Дури и кога се откриваат големи коруптивни афери, заглавуваат низ надлежните институции, се развлекуваат истраги, судските процеси траат со години... и се така додека не се заборави. И, никому ништо.

Секоја досегашна македонска влада најавуваше „решителна битка против корупцијата“, „нула толеранција“, „искоренување на корупцијата“, но по извесно време се покажуваше дека „пирејот“ повторно никнал, се размножил, и тоа почнувајќи од највисоките функционери, па надолу по вертикала.

Дали истата приказна ќе биде и со актуелната влада и ново-формираното Меѓуресорско тело за координација на активностите против корупцијата?

Конститутивната седница на ова тело, со која претседаваше заменик-претседателот на владата, задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, се одржа неделава, во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, претставници на САД, ЕУ и ОБСЕ.

Меѓуресорското тело ќе има одговорност да воспостави координација помеѓу сите клучни институции. Тоа се: Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Министерството за правда, Министерството за финансии и други. Нема одговор зошто досега немало координација меѓу овие институции?

„Овие институции веќе имаат надлежности. Она што им недостасува е координација, храброст и одговорност. Ова тело мора да биде местото каде што информациите се споделуваат навремено. Каде што никој не премолчува. Каде што се преземаат иницијативи, се следат случаи и се бараат резултати“, изјави премиерот Мицкоски.

Најави и дека лично ќе ги следи резултатите од работата на ова тело.
Тој повтори дека судството и обвинителството се слабата алка во борбата против корупцијата, но, не понуди решение за овој дел од проблемот.
Ги повика граѓаните, медиумите, невладиниот сектор и бизнисот да бидат дел од овој процес, да пријавуваат, да реагираат и да не молчат.

Голем дел од нив и досега не молчеа, објавуваа, изнесуваа докази, сомневања, но молчеа властите, молчеа надлежните институции. За кратко време ќе се покаже дали сега и тие нема да молчат и дали ќе преземаат конкретни чекори со судски епилог.

Какви беа досегашните искуства?

Слични енергични изјави од политичари имало и досега, од „не СДСМ, свети СДСМ да е ќе има борба против „Октоподот“, за аферата со штедилницата ТАТ. Потоа, и сите наредни премиери имаа слични најави за неселективна битка против корупцијата, која најчесто беше селективна. За да се набројат сите крупни коруптивни афери од осамостојувањето на Македонија досега, може да се напише цела книга.

Претходната влада донесена на плеќите на „Шарената револуција“, ветуваше расчистување на криминалите на Никола Груевски, па дури Зоран Заев намести бројчаник на Порта Македонија, кој ќе одбројува колку од „украдените пари“ се вратени во буџетот.

Надежите на граѓаните беа големи. Но, ниту бројчаникот проработи, ниту пари се вратија, а поголемиот дел од судските процеси пропаднаа. На корупција падна и тогашното Специјалното јавно обвинителство преку аферата „Рекет“.

Во владата на Зоран Заев имаше и вицепремиер задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси”, - Љупчо Николовски, но, резултат немаше, напротив.

Слична изјава има и сега од премиерот Мицкоски по трагедијата во Кочани: „Не ВМРО, свети ВМРО да е, секој што згрешил, ќе одговара“. Дали?

Затоа, од претходните искуства и решителни најави, и за ова ново владино тело за координација на активностите против корупцијата, малкумина сметаат дека ќе биде ефикасно.
Останува, оваа влада да ни го докаже спротивното или многу бргу ќе и дојде крајот, а „пирејот“ ќе продолжи да вирее на ова тло.

********************

*Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG