Достапни линкови

 
Американско Министерство за одбрана: не се планирани промени кај трупите во Косово

Американско Министерство за одбрана: не се планирани промени кај трупите во Косово


илустрација
илустрација

Повеќе од 25 години, мисијата на НАТО на Косово, КФОР, се грижи за безбедноста. Меѓутоа, во време кога американските власти сигнализираат за можно намалување на американското воено присуство во Европа, се поставуваат и прашањата: дали американските војници ќе останат во КФОР или администрацијата на Трамп ќе бара услуги за возврат?

Министерството за одбрана на САД наведува дека во моментов нема промена во позиционирањето на американските сили на Косово. Меѓутоа, со тековните тензии на Балканот и променливите глобални приоритети, Косово мора да биде подготвено за секое сценарио, велат поранешните претставници на НАТО.

„Секој војник на КФОР целосно и јасно ја разбира својата должност да ги заштити сите граѓани на Косово“, изјави тогашниот командант на мировната мисија на НАТО, Мајк Џексон, на 25 јуни 1999 година.

Овие сили почнаа да се распоредуваат во Косово истиот месец, веднаш по потпишувањето на Кумановскиот договор, што доведе до целосно повлекување на српската војска и полиција од Косово.

Првично имаа околу 50 000 војници, но со текот на годините оваа бројка падна на околу 4600.

Повеќе од 25 години подоцна, нивната мисија останува иста – „одржување безбедна средина за сите“, но иднината на овие сили е донекаде сомнителна.

Претставник на американското Министерство за одбрана потврди за Радио Слободна Европа дека „нема промени во позиционирањето на силите што би биле најавени сега“.

Американски војник во Урошевац
Американски војник во Урошевац

Сепак, поранешниот висок функционер на НАТО, Џејми Шеј, вели дека американскиот претседател Доналд Трамп има „трансакциски“ пристап и дека може да бара услуги од Косово во замена за задржување на војниците.

„Ајде, бидете подготвени“, вели Шеј за РСЕ.

Поранешниот командант на Косовските безбедносни сили, Кадри Кастрати, оценува дека земјата во моментов не е во состојба да се одбрани.

Како се појавија прашањата за американските трупи во Европа?

Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет и порача на Европа дека треба да се подготви за преглед и можно намалување на американското воено присуство.

За време на посетата на Варшава минатиот месец, Хегсет рече дека иднината на американското воено присуство ќе зависи од глобалните закани и американските стратешки приоритети.

„Затоа нашата порака е толку остра до нашите европски сојузници. Сега е време да се инвестира, бидејќи не може да се претпостави дека присуството на Америка ќе трае вечно“, рече Хегст на 14 февруари.

Според документот до кој дојде Вашингтон пост, Хегсет им наредил и на Пентагон и на американските воени лидери да направат планови за намалување на буџетот за одбрана за осум отсто во секоја од следните пет години.

Уште еден елемент на оваа дебата додаде американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.

Тој ги критикуваше европските лидери дека ја отфрлаат екстремната десница, а истовремено ја поврзуваат иднината на американските трупи во Европа со политичките одлуки на континентот.

Говорејќи на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците на 20 февруари, Венс рече дека Американците нема да поддржат задржување на војниците во Германија, ако луѓето таму можат да бидат приведени поради навредливи објави на социјалните мрежи.

„Целата германска одбрана е субвенционирана од американските даночни обврзници“, рече тој.

Ситуацијата предизвика значителна загриженост кај сојузниците преку Атлантикот.

Човекот што се очекува да стане германски канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека неговата цел ќе биде да постигне независност од САД во однос на безбедноста.

„За мене апсолутен приоритет ќе биде да се зајакне Европа што е можно побрзо“, рече тој.

Трамп, дури и за време на неговиот прв претседателски мандат, постојано бараше од европските сојузници значително да ги зголемат своите финансиски придонеси за одбраната.

Запрашан за време на прес-конференција на 18 февруари дали би бил подготвен да размисли за повлекување на сите американски војници од Европа како дел од договорот со рускиот претседател Владимир Путин за мир во Украина, Трамп рече:

„Никој не побара од мене да го направам тоа. Мислам дека не треба да го направиме тоа. Не би сакал да го направам тоа“, рече Трамп.

Американските трупи во Европа

Соединетите Држави имаат неколку оперативни и воени бази во Европа.

Најголем број американски војници - повеќе од 35 000 - се распоредени во Германија.

Во земјата се наоѓа и најголемата американска воздушна база - Рамштајн во која се сместени повеќе од 16 000 војници, цивили и луѓе кои работат со договори.

Освен привременото засилување на почетокот на руската војна во Украина, американското воено присуство во Европа се намалува од крајот на Студената војна. Според Европската команда на САД, од 2022 година, вкупниот број на американски војници во Европа се движеше помеѓу 75 000 и 105 000.

Од нив, околу 63 000 војници моментално се постојано распоредени, додека останатите ротираат. Во Косово, САД имаат околу 600 војници како дел од мисијата КФОР, во споредба со повеќе од 5000 во 1999 година.

Од таа година, САД имаат и база Бондстил во близина на Урошевац, во југоисточно Косово. Тоа е и најголемата американска воена база на Балканот.

Што вели НАТО?

Радио Слободна Европа го праша НАТО дали има планови да обезбеди присуството на КФОР на Косово да остане непроменето, по можното намалување на американските војници во Европа.

Во одговорот, меѓу другото, се наведува дека „американските функционери јасно ја кажале својата посветеност на Алијансата, вклучително и американското присуство во Европа“.

Исто така, се наведува дека САД јасно ги кажале своите очекувања сојузниците од НАТО да направат повеќе, да инвестираат повеќе и да произведуваат повеќе, „за поддршка на нашата заедничка безбедност“.

„НАТО постојано се прилагодува на променливото опкружување. КФОР продолжува да го спроведува својот мандат-врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, да придонесе за безбедна средина за сите луѓе и заедници кои живеат во Косово“, рече претставникот на НАТО, додавајќи дека „САД продолжуваат да играат фундаментална улога“ во мисијата КФОР.

Косовската претседателка Вјоса Османи на средбата со командантот на КФОР Енрико Бардуани на 4 март рече дека Европа се соочува со комплицирана геополитичка ситуација и дека „заедничкиот ангажман со КФОР и НАТО останува од суштинско значење“.

Бидете подготвени

Шеј, кој имаше различни улоги во НАТО до неговото пензионирање во 2018 година, не очекува итни промени во присуството на американските војници во Европа, а со тоа и во Косово, но вели дека ситуацијата останува неизвесна и дека треба внимателно да се следи.

Според него, американскиот контингент во Косово е мал и „не претставува голем финансиски товар за САД, во споредба со американските сили во Германија или Полска“.

Тој, исто така, потсетува дека Трамп во минатото „се обидел да игра миротворец меѓу Белград и Приштина“ и вели дека американските трупи во Косово „им даваат на САД поголема моќ во таа улога“.

„Но, Трамп има трансакциски пристап и може да го праша Косово какви услуги може да понуди за да ги задржи војниците во Косово – особено во форма на деловни зделки и можности за инвестирање. Затоа, бидете подготвени“, вели Шеј.

Тој додава дека буџетските кратења на Пентагон неизбежно ќе ја принудат американската војска да ги штеди и прераспредели своите ресурси.

Зошто е важно присуството на НАТО на Косово?

Скоро 26 години по завршувањето на војната и 17 години по прогласувањето на независноста, Србија не го призна Косово и односите меѓу двете земји остануваат напнати.

Иако преговараат за нормализација на односите од 2011 година, Србија продолжува да го смета Косово за дел од својата територија.

По вооружениот напад во северно Косово во 2023 година, косовските власти ја обвинија Србија за обид за анексија на областа со мнозинско српско население.

Србија негираше каква било улога во нападот, но неколку дена собираше воени трупи на границата со Косово.

Косовските безбедносни сили не даваат информации за нивните одбранбени способности, сметајќи ги за чувствителни, но нивниот поранешен командант Кадри Кастрати оценува дека земјата во моментов не е во состојба да се одбрани.

„За жал, ние сме многу далеку, бидејќи нема инвестиции. Ние заостануваме во однос на човечкиот капацитет, инфраструктурата, опремата и оружјето“, додава Кастрати.

Косовските безбедносни сили се во процес на трансформирање во редовна армија и се очекува да има повеќе од 7500 активни и резервни членови, од сегашните околу 2500.

Косовскиот министер за одбрана Ејуп Македончи кон крајот на минатата година за РСЕ изјави дека Косово за четири години потрошило повеќе од 269 милиони евра за набавка на оружје.

Познато е дека Косово има набавено оружје од две сили на НАТО: САД и Турција и дека има намера да изгради сопствена фабрика за производство на муниција.

Говорејќи за важноста на НАТО на Косово, поранешниот министер за одбрана Агим Чеку вели дека безбедносната ситуација во земјата не е суштински променета по интервенцијата на западната алијанса во 1999 година.

„НАТО дојде во Косово поради агресивниот пристап на Србија кон Косово и Албанците. За жал, овој пристап сè уште не е променет. Србија продолжува да го третира Косово како дел од себе и продолжува да го негува сонот за нејзино враќање во Косово“, изјави Чеку за РСЕ.

Сè додека не се постигне договор за взаемно признавање меѓу Косово и Србија, Чеку вели дека мисијата КФОР ќе остане клучен безбедносен фактор во земјата.

„Тој е и гаранција за стабилност на целиот Западен Балкан“, вели Чеку.

Слично милсење има и поранешниот албански министер за одбрана Фатмир Медиу.

„Балканот е од големо стратешко значење за НАТО, особено поради неговиот пристап до Медитеранот и Јадранот. Но, за Косово присуството на НАТО е уште поважно - да се гарантира неговата стабилност и да се спречи дестабилизација на ситуацијата од страна на актери како Србија, Русија и Кина“, вели Медиу за РСЕ.

Може ли КФОР да преживее без американски војници?

Поранешниот функционер на НАТО, Шеј вели „ДА“.

„КФОР беше под италијанска и турска команда, а повеќето војници се Европејци“, вели тој, додавајќи дека „Европејците се одговорни само за Босна и Херцеговина од 2004 година“.

И покрај тоа, Шеј тврди дека американските трупи треба да се задржат на Косово што е можно подолго, бидејќи, како што вели, тоа обезбедува континуирано внимание од САД.

„Американските трупи на теренот го држат Косово на радарот на Белата куќа и Стејт департментот и помагаат САД да бидат ангажирани во дијалогот Косово-Србија“, вели Шеј.

Со зголемената несигурност во регионот (поради судењето на лидерот на Република Српска Милорад Додик и тековните протести во Србија) - американските сили служат како стабилизирачки фактор, смета тој.

Како може Косово да се подготви за секое сценарио?

Медиу вели дека е време Косово да се усогласи што е можно повеќе со НАТО и САД, „и да не води внатрешни политики што водат до поделби“.

„Земјата треба да преземе проактивен пристап кон членството во НАТО и да ги продлабочи стратешките односи со САД“, вели тој.

Медиу, кој моментално е член на албанскиот парламент, исто така предлага создавање заеднички воени сили со членките на НАТО во Западен Балкан – Албанија, Северна Македонија и Црна Гора – за да се изгради, како што вели, моќен одбранбен механизам.

„Стабилноста на Косово и на целиот регион не може да се остави на немилост на судбината“, вели Медиу.

Шеј, исто така, ја нагласува важноста на Косово да се ангажира со администрацијата на Трамп на сите нивоа, „за да се осигура дека неговите интереси се соодветно соопштени и да се избегнат изненадувања“.

„Трамп е непредвидлив, па затоа е најдобро да се подготвите за сите сценарија“, вели Шеј.

Со оглед на трансакцискиот стил на дипломатија на американскиот претседател, Шеј додава дека и Косово треба да ги идентификува областите за можни преговори со него.

Бизнис интересите секогаш доаѓаат до израз, вели тој, земајќи го како пример договорот за минерали меѓу САД и Украина, за кој се зборува.

Потребата за оваа деликатна рамнотежа која ја одредува безбедноста на Косово беше очигледна уште во 1999 година, кога генералот Џексон (сега починат) одби наредба од неговиот американски командант да ги блокира руските сили да влезат во Косово, без договор со НАТО.

„Нема да ја започнам Третата светска војна за вас“, му рекол Џексон на генералот Весли Кларк во јуни 1999 година.

Ако Џексон го спречил тоа пред повеќе од четвртина век, зошто безбедноста да се остави на случајност денес?

XS
SM
MD
LG