Достапни линкови

Купчан: Маневрите на северот на Косово се од корист за Курти, не и за државата


Косово - Војници на КФОР распоредени на мостот на Ибар во Митровица
Косово - Војници на КФОР распоредени на мостот на Ибар во Митровица

Чарлс Купчан, поранешен директор за европски прашања во Советот за национална безбедност на САД, смета дека потезите на Владата на Косово на северот на земјата се мотивирани од внатрешната политика, пред изборите во февруари, но посочува дека тие се опасни за Косово.

На 30 август, владата на премиерот Албин Курти затвори пет паралелни српски институции на северот на земјата.

Овие потези на Приштина беа опишани од меѓународната заедница како еднострани и некоординирани и како безбедносен ризик.

„За мене тоа се гестови и маневри на внатрешно политичко ниво, кои можеби се добри за политичката судбина на Курти, но не се добри за Косово“, изјави Купчан за Радио Слободна Европа.

Косово - Косовски Срби протестираат против затворањето на српските институции на Ксоово.
Косово - Косовски Срби протестираат против затворањето на српските институции на Ксоово.


Според него, Косово мора да го балансира практикувањето на суверенитетот со цел нормализирање на односите со Србија и членство во Европската унија и НАТО.

РСЕ: Косово се соочи со некои од најжестоките меѓународни критики во текот на викендот, по затворањето на неколку паралелни српски институции на северот на земјата. Соединетите Држави оценија дека акцијата е одраз на „влошување на нашите односи“. НАТО исто така изрази разочарување. Колку е сериозна оваа ситуација?

Купчан: Мислам дека тоа е особено вознемирувачко бидејќи доаѓа по низата чекори преземени од владата на Курти, откако дојде на власт, кои го попречуваат дијалогот со Србија и ги загрозуваат односите со Соединетите држави и Европската унија.

Чарлс Купчан
Чарлс Купчан


Дали станува збор за забрана за користење на динари, или за обврска за промена на регистарски таблички, обид за отворање на мостот на Ибар, едностран обид за наименување градоначалници на северот, иако тие биле избрани од мало малцинство гласачи, или сега затворање на тие паралелни институции, тоа не се чекори од помош.

Но, сега кога изборите во Косово се најавени за февруари, мислам дека Курти се позиционира да се справи добро во тој процес.


Знаеме дека секаде во светот, а особено на Балканот, национализмот добро функционира. Мислам дека тоа е токму она што го прави Курти. Но, според моја проценка, тоа е кратковидно, бидејќи ја поткопува поддршката на Косово во меѓународната заедница и не помага во напредокот на дијалогот со Србија. Напротив, го враќа назад.

За мене тоа се гестови и маневри на ниво на внатрешна политика, што можеби е добро за политичката судбина на Курти, но не е добро за Косово.

РСЕ: Но, колку е значаен овој притисок врз Косово кога се знае дека во Брисел има договор за укинување на паралелните структури?

Купчан: Мислам дека има смисла, бидејќи рамката [на Охридскиот договор], кој подоцна беше создаден од ЕУ, а за кој Курти и [српскиот претседател Александар] Вучиќ се согласија, иако не го потпишаа, се заснова на реципроцитет, дека напредуваме заедно, а не одделно.

Вучиќ побара од ЕУ конкретни акции на Косово, а не само осуда
Неопходна е критика. Косово и Србија мора да направат тежок избор. Нивните лидери се соочуваат со внатрешни стимулации да го направат токму она што го прави Курти. И, критикувајќи ја Приштина однадвор, меѓународната заедница создава поттик за Курти, Вучиќ и другите да се движат во поконструктивна насока. Значи, тоа не е само обична критика, тоа е критика која има за цел да ги прилагоди политиките што ги водат двете страни.

РСЕ: Колку лошо може да се одвиваат работите?

Купчан: Веќе видовме изливи на насилство. Не верувам дека одиме кон големо насилство, но тоа не може да се исклучи. Видовме дека КФОР [мисијата на НАТО во Косово] исто така го зголеми нивото на своите сили. Во изминатите неколку дена видов фотографии од сили кои стојат на мостот на Ибар [главниот мост во Северна Митровица]. Претпоставувам дека беа загрижени за евентуалното поминување на активисти кои ќе се обидат да направат неволја.

Интервенција на КФОР во Звечан, има повредени
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:00 0:00


Ова е тензичен момент и за мене тоа е една од причините зошто меѓународната заедница го подигна нивото на претпазливост.

РСЕ: Дали може да се случи САД или НАТО да му свртат грб на Косово?

Купчан: Не верувам дека ова е пресвртница во поддршката на Западот за Косово. Но, важно е граѓаните на Косово да го земат предвид фактот дека - да не беа напорите на САД, напорите на НАТО и американските европски партнери, Косово веројатно денес немаше да ја ужива својата независност.

Следствено, не сакате да ја загрозите надворешната поддршка, која на многу начини е клучна за вашата безбедност и вашата одржливост како независна земја.

РСЕ: Дали мислите дека Владата на Косово може да најде среден пат - и за проширување на законитоста и суверенитетот и за одржување добри односи со меѓународната заедница?

Купчан: Реалноста е дека чекорите што Курти ги презема не се неразумни од гледна точка на практикување на суверена моќ. Она што го прави Приштина, би го направила секоја суверена влада.

Ако во Тексас, на пример, Мексико отвори паралелни институции и обезбедува здравствена заштита, безбедност и други видови општински услуги, САД нема да бидат среќни и, всушност, ќе ги затворат тие паралелни институции.

Значи, од перспектива на политичките и правните власти, ова што го прави Курти има многу смисла. Меѓутоа, проблемот е што Косово не е во мирна средина. Се наоѓа во тензична средина, во тежок регион, среде многу тешки преговори со Србија за нејзино признавање.

Во такви околности, мислам дека на лидерот, кој и да е, останува да балансира меѓу практикувањето на суверенитетот, политичките и правните норми со цел нормализирање на односите со Србија и влез во ЕУ и НАТО.

РСЕ: Но и Косово чувствува дека меѓународната заедница не го третира подеднакво. Претседателката Вјоса Османи во саботата ја повтори оваа критика за ЕУ, велејќи дека Косово нема еднаквост во процесот на дијалогот со Србија. Како би ги коментирале овие наводи?

Купчан: Мислам дека секогаш треба да се има на ум крајната линија. На кој било фронт, било да е за динарот, за регистарските таблички или за паралелните институции, Косово има право да каже дека не се однесувате праведно со нас, дека сакаме да бидеме земја како секоја друга земја.

Но, од друга страна, ако однесувањето на Косово се оцени од перспектива дали тоа му помага, дали води кон целта и го приближува Балканскиот Полуостров до плурализам, мултиетничност, стабилност и интеграција во евроатлантските институции, тогаш таму е уште еден одговор - тие чекори не се корисни.

Со оглед на тоа што меѓународната заедница е фокусирана на крајната цел, сметам дека критиките кон Владата во Приштина се оправдани.

РСЕ: Пред малку го спомнавте мостот на Ибар. Меѓународната заедница го предупреди Косово да не го отвора за автомобилски сообраќај во овој момент. Со оглед на неодамнешните настани, дали е реално да се очекува дека Косово може да ја иницира оваа акција деновиве?

Купчан: Мислам дека последните настани го прават едностраното отворање на мостот уште поопасно. Затоа што затворањето на паралелните институции сигурно ќе го мобилизира српското мнозинско население на север да биде на штрек, да каже дека правите работи што го загрозуваат нивниот квалитет на живот и нивните врски со Србија. Затоа, не е време за преземање чекори кои потенцијално би можеле да доведат до конфликт меѓу Албанците и Србите.

РСЕ: Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, во неделата најави нови напори за обновување на дијалогот меѓу Приштина и Белград. Дали мислите дека ќе има резултати?

Купчан: Порано или подоцна - да. Веројатно, но подоцна. Во моментов не се чини дека сме во ситуација да има конструктивни напори од Приштина и Белград. Последната рунда преговори во која требаше да се сретнат Курти и Вучиќ не се одржа. Ова не е добар знак.

Како што наближуваат изборите во Косово, се сомневам дека ќе видиме поинаков пристап од Приштина. Според тоа, мислам дека напредокот во дијалогот веројатно ќе треба да почека до изборите во февруари.

XS
SM
MD
LG