Достапни линкови

Вести

Аиво Орав го презеде раководството на Канцеларијата на ЕУ во Косово

Аиво Орав (архивска фотографија)
Аиво Орав (архивска фотографија)

Амбасадорот Аиво Орав, естонски дипломат со повеќе од 30 години национално и европско искуство во дипломатијата и прашањата на Европската унија (ЕУ), на 2 септември ја презеде функцијата шеф на Канцеларијата на ЕУ во Косово, односно специјален претставник на ЕУ.

Орав, кој претходно беше постојан претставник на Естонија во ЕУ и шеф на делегациите на ЕУ во Црна Гора и Северна Македонија, го наследи чешкиот дипломат, амбасадорот Томаш Шунјог.

Орав рече дека со големо задоволство и длабоко чувство на одговорност ја презема функцијата шеф на Канцеларијата на ЕУ во Косово, важен партнер на ЕУ во Западен Балкан, соопшти Канцеларијата на ЕУ во Приштина.

„Ветувам дека ќе работам рамо до рамо со локалните и меѓународните партнери од ЕУ во Косово за подобрување на дипломатските и политичките односи, консолидирање на позицијата на ЕУ како најголем косовски инвеститор, трговски партнер и донатор и поддршка на патот на Косово кон ЕУ и реформите поврзани со ЕУ“, рече тој.

Имајќи ја предвид предизвикувачката геополитичка ситуација, се додава во соопштението, амбасадорот Орав се обврза да го координира присуството на ЕУ на терен, вклучително и ЕУЛЕКС, во промовирањето на стабилно, мирно, демократско и мултиетничко Косово.

„За време на мојот мандат, мојата визија е Косово да постигне одлучувачки напредок на својот пат кон ЕУ, што ќе донесе опипливи придобивки за неговиот народ“, рече амбасадорот.

Орав додаде дека значителна финансиска и техничка помош од ЕУ може да го поддржи Косово во спроведувањето на виталните реформи кои, како што рече, ќе го подобрат квалитетот на животот за сите, особено во областите на владеење на правото, сузбивање на корупцијата и организираниот криминал, човечкиот права, економија и јавна администрација.

Според него, тука спаѓа и функционирањето на демократските институции, енергетиката, животната средина и законодавството.

Новиот шеф на Канцеларијата на ЕУ во Косово, исто така, изрази подготвеност да придонесе за новата динамика во односите меѓу ЕУ и Косово, за која, како што рече, може да овозможи продолжување на финансиската помош од ЕУ за Косово.

Орав ја презема функцијата во време на обновена ескалација на тензиите во Косово, откако косовските власти затворија пет паралелни српски институции на северот на Косово.

На денот кога Авио Орав ја презеде функцијата, ЕУ повторно ги предупреди косовските власти дека „неуспехот на страните да ги деескалираат тензиите ќе има последици“, а откако паралелните српски институции на северот на Косово беа затворени со помош на косовската полиција.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, оцени дека ова е „бескорисен, уште еден некоординиран и унилатерален чекор кој има капацитет да ги зголеми тензиите и да доведе до натамошна ескалација на и онака нестабилната ситуација на теренот“.

Косовските власти затворија пет паралелни српски институции на северот на земјата - областа каде што живеат мнозинството Срби - за кои рекоа дека работат под раководство на Србија, „прекршувајќи ја уставноста и законите на Република Косово“.

Затворени се институциите на косовската област Митровица, паралелната општина Митровица, паралелната општина Звечан, паралелната општина Зубин Поток и паралелната општина Лепосавиќ.

Акцијата на 30 август, која ја спроведоа косовските власти, меѓународната заедница ја опиша како еднострана и некоординирана.

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина ја критикуваше ваквата одлука и соопшти дека е „загрижена и разочарана“ од континуираните некоординирани акции на Владата на Косово, кои го одразуваат растечкото влошување на односите меѓу двете земји.

види ги сите денешни вести

Невреме во Тетово: Поплавени улици, се поставува заштита во домовите

Архивска фотографија: Невреме во Тетово, јуни 2024 година.
Архивска фотографија: Невреме во Тетово, јуни 2024 година.

Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината, при што има поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

„Во улицата спроти касарната поплавени се гаражи, дворови а сопствениците поставуваат соодветни бариери за заштита од водата да не навлезе во домовите. Поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот во овој дел од градот“, велат од ЦУК.

ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово веќе интервенираат со соодветна механизација- багери, но исто така дел од екипите на ТППЕ-Тетово вршат испумпување на водата од поплавените објекти.

Командирот на тетовската противпожарна единица Авни Амети изјави дека вечерва интервенирале со испумпување на вода од 13 куќи во Мала Речица каде биле поплавени дворови, подруми и приземните катови од објекти.

„Кај касарната имаше задржување на вода на улиците, но со оглед на направен т.н бај-пас успеано е водата да не навлезе во дворовите“, вели Амети, пренесе МИА.

Регионалниот Центар за управување со кризи од Тетово информираше и дека поради поплавените улици отежнато се одвива и сообраќајот кај касарната во градот.

Покрај пожарникарите, според РЦУК Тетово, интервенираат и од ЈКП-Тетово и Општина Тетово со соодветна механизација.

Десетици жени го обвинија египетскиот милијардер Ал Фајед за сексуална злоупотреба

Мохамед Ал Фајед пред фудбалски натпревар во англиската Премиер лига, Лондон, 15 ноември 2008 година.
Мохамед Ал Фајед пред фудбалски натпревар во англиската Премиер лига, Лондон, 15 ноември 2008 година.

Адвокати во Британија кои застапуваат десетици наводни жртви на Мохамед Ал Фајед, поранешен шеф на познатата стоковна куќа Хародс во Лондон, на 20 септември објавија дека нивните клиенти тврдат дека тој силувал и сексуално напаѓал млади жени.

Според нив, тоа се случувало во поголемиот дел од 25-годишното работење на Ал Фаед, од 1985 година наваму, кога бил на чело на светски познатата стоковна куќа во Лондон.

Тие зборуваа на телевизиска прес-конференција во Лондон по документарниот филм на Би-Би-Си „Ал-Фајед: Предатор во Хародс“.

Најмалку 37 жени од Австралија, Канада, Италија, Малезија, Романија и САД досега излегоа со обвинувања за злоставување против египетскиот милијардер.

Во документарецот, кој се емитуваше во четвртокот, Ал Фајед, кој е роден во Египет, а почина минатата година на 94-годишна возраст, е обвинет за силување на најмалку пет жени во неговите имоти во Лондон и Париз и дека извршил серија други физички напади и во Хародс и надвор од него.

„Ќе разјасниме: Мохамед Ал Фајед беше чудовиште. Но, тој беше чудовиште овозможено од систем, систем што продре во Хародс“, рече водечкиот адвокат Дин Армстронг.

Некои од наводните жртви на Ал Фајед биле тинејџерки во времето на злоставувањето, од кои најмалку една имала 15 години, според документарецот на Би-Би-Си.

Лондонската Метрополитен полиција соопшти дека била запознаена со минатите наводи и дека го испрашала Ал Фаед во 2008 година во врска со сексуалната злоупотреба на 15-годишно девојче, но обвинителите тогаш не отвориле случај.

Семејството на Ал Фајед не ги коментираше овие наводи.

Ал Фаед се пресели во Британија во 1960-тите. На врвот на своето богатство, тој го поседуваше хотелот Риц во Париз и фудбалскиот тим Фулам од југозападен Лондон. Се движеше во високите кругови на Лондон. Тој стана истакнат теоретичар на заговори по несреќата во Париз во 1997 година во која загинаа неговиот син Доди и принцезата Дијана.

Ал Фајед го продаде Хародс во 2010 година на компанија во сопственост на државата Катар.

Во изјава за Би-Би-Си, сопствениците на Хародс рекоа дека се „апсолутно згрозени“ од наводите за злоупотреба, но додадоа дека дури минатата година биле информирани за нив.

На Дунав во Србија е воведена редовна заштита од поплави

Реката Дунав во Србија. (Илустративна фотографија.)
Реката Дунав во Србија. (Илустративна фотографија.)

Во Србија е воведена редовна заштита од поплави на Дунав, од Бездан до Ковиље, соопшти претпријатието „Води на Војводина“ на 20 септември.

Како што е најавено, се спроведуваат редовни мерки за одбрана од поплави во вкупна должина од над 253 километри - на делниците од насипот на Дунав, од државната граница со Унгарија до Ковил, како и на водните структури на хидросистемот Дунав-Тиса-Дунав и насипите во внатрешноста.

Редовната заштита од поплави се врши по мерењето на водостојот на Дунав, од утрото на 20 септември, на станиците Бездан, Апатин, Богојево, Бачка Паланка и Нови Сад.

„Во моментов на сила се одбранбените мерки на териториите на општините Апатин, Оџаци, Бач, Бачка Паланка, Сремски Карловци, како и во градовите Сомбор и Нови Сад. Од превентивни причини повеќето од делниците беа претходно воведени во одбранбениот режим, за надлежните служби да имаат доволно време да се подготват за евентуални интервенции“, се додава во соопштението.

Минатата недела бурен бран ги донесе најлошите поплави во последните две децении во Централна Европа, од Романија до Полска, а најмалку 24 лица загинаа, пренесува Ројтерс.

Нивото на Дунав се зголемува во Унгарија, а реката се излева од коритото во Будимпешта и уште 50 населени места. Во земјата се уште се очекува ударниот бран, а на терен се распоредени над 5.000 спасувачи и исто толку доброволци.

„Води на Војводина“ потсетува и дека, според прогнозите на Хидрометеоролошкиот завод на Србија, водостоите на Дунав во наредните денови ќе се покачат.

Врвот на брановите кај Бездан се очекува на 25 септември, а кај Нови Сад меѓу 27 и 28 септември. Прогнозите се дека нивото на водата на Дунав кај Нови Сад ќе биде под границите на вонредната заштита од поплави“, посочуваат од компанијата. надвор.

Се додава дека стручните служби се дежурни, го следат развојот на состојбите и го посетуваат теренот, следејќи ги евентуалните промени.

Израелската армија соопшти дека висок функционер на Хезболах е убиен во напад врз Бејрут

Луѓе се собираат во близина на оштетена зграда на местото на израелски ракетен напад во јужните предградија на Бејрут, петок, 20 септември 2024 година.
Луѓе се собираат во близина на оштетена зграда на местото на израелски ракетен напад во јужните предградија на Бејрут, петок, 20 септември 2024 година.

Израелската војска објави дека Ибрахим Акил, висок воен функционер на Хезболах, бил убиен во воздушен напад врз населба во Бејрут на 20 септември.

Хезболах, милитантната вооружена група поддржана од Иран, прогласена за терористичка организација од страна на САД, веднаш не ја потврди неговата смрт.

Во израелски напад во јужното предградие на либанската престолнина загинаа најмалку девет лица, а беа ранети речиси 60 други, според либанските здравствени власти, а беа урнати две станбени згради.

Израелската војска, исто така, тврди дека во нејзиниот напад биле убиени и други „врвни оперативци“ на елитните сили на Хезболах Радван, без да даде детали.

Акил служеше во највисокото воено тело на Хезболах, Советот за Џихад, и беше санкциониран од САД за неговата улога во двата терористички напади во 1983 година, во кои загинаа повеќе од 300 луѓе во американската амбасада во Бејрут и во касарната на американскиот марински корпус.

Израелскиот воздушен напад е најсмртоносниот таков напад на Израел врз либанската престолнина од војната меѓу Израел и екстремистите на Хезболах во 2006 година.

Овој напад се случи веднаш откако Хезболах го нападна северен Израел со 140 ракети.

Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах на 19 септември вети дека ќе продолжи со секојдневните напади против Израел и покрај овонеделната смртоносна саботажа на комуникациските уреди на неговите членови, што тој го опиша како „сериозен удар“.

Пејџерите на членовите на Хезболах масовно експлодираа оваа недела, при што загинаа најмалку 37 луѓе и беа повредени илјадници во Либан во напад што му се припишува на Израел.

Владата на Србија го поддржа воведувањето на задолжителен воен рок

Српските вооружени сили пред пристигнувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг, мај 2024 година (илустративна фотографија).
Српските вооружени сили пред пристигнувањето на кинескиот претседател Си Џинпинг, мај 2024 година (илустративна фотографија).

Владата на Србија на 200 септември соопшти дека почнала со акции за повторно воведување на задолжителен воен рок во земјата.

Во соопштението на Владата се наведува дека е донесен заклучок според кој ќе се формира работна група за „разгледување активности и мерки“ за задолжителен воен рок.

Како што се наведува, со тоа е поддржан предлогот на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој присуствуваше и на денешната седница на Владата.

Според сегашните предлози, предвидено е задолжителниот воен рок за мажи во Србија да трае 75 дена.

Воениот рок за жените ќе биде доброволно и ќе се одвива под исти услови, соопшти Владата.

Пред објавувањето на Владата се огласи и претседателот на Србија, кој рече дека министрите го поддржале неговиот предлог за враќање на задолжителниот воен рок.

„Истакнав дека ова е голема работа за Србија, не само за одбраната на земјата, туку и затоа што ќе го зајакне чувството за одговорност и сериозност кај младите, што ќе им биде потребно за сè што ќе наидат во цивилниот живот“, напиша Вучиќ на Инстаграм.

Тој додаде дека „градовите и општините каде што се наоѓаат касарните исто така ќе имаат корист од задолжителната воена служба, бидејќи тие области ќе се издигнат економски и ќе напредуваат и ќе се развиваат уште побрзо“.

Вучиќ рече дека воениот рок ќе трае многу пократко од претходно.

Идејата за воведување задолжителен воен рок беше конкретизирана во јануари 2024 година.

Тогаш Генералштабот на Војската на Србија покрена иницијатива и му предложи на претседателот на Србија повторно да се воведе задолжителниот воен рок.

Задолжителниот воен рок во Србија беше укинат на 1 јануари 2011 година.

Оттогаш, приклучувањето во армијата е само доброволно.

И Хрватска донесе одлука за повторно воведување на воениот рок од следната 2025 година.

Тошковски: Се работи на што поскоро ставање во функција на камерите за сообраќајни прекршоци

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Mинистерот за внатрешни работи Панче Тошковски денекса изјави дека во МВР се работи на техничко решение, но и на законско за да се добие функционален систем при следењето на сообраќајот со камери.

Тој истакна дека нивната цел е што поскоро да бидат ставени во функција камери со кои ќе се утврдуваат и казнуваат сообраќајните прекршоци, и со тоа да се намалат жртвите во собраќајот и да се зглеми сообраќајната култура.

Тој истакна дека кога бил отпочнат проектот со поставувањето на камерите не било размислувано „како навистина да ќе биде ставен во функција целиот тој систем.“

„Колку казни ќе продуцира на дневна основа, дали тие ќе може да се сработат од страна на вработените во рамки на Министерството како ќе се процесираат. Кој ќе води постапка дали треба да се зголеми бројот на вработени во рамки на Министерството коишто би ги работеле прекршоците од аспект на изрекување на прекршоци. Ќе одат во суд, како ќе постапува судот кога моментално еден судија за прекршоци во Скопје работи на повеќе од 2 000 предмети на дневна основа закажува повеќе од 45 судења. Кој ќе ги сработи тие предмети?“, рече Тошковски.

Тој додаде дека поставувањето на камерите треба да покрие и дел од криминалистичката работа на Министерството за внатрешни работи и дека камерите би требало конкретно да утврдат сторен прекршок во три сегменти: погрешно паркирање, преминување на црвено светло и недозволена брзина.

„Еден од клучните проекти ако не сакаме да има по стотина жртви на годишна основа, мораме сообраќајната култура да ја подигнеме не едно скалило, туку три, четири скалила нагоре“, рече Тошковски.

Фон дер Лајен најави заем од 39 милијарди долари за закрепнување на Украина

Russia Ukraine War EU
Russia Ukraine War EU

Европската комисија ќе ѝ даде на Украина нов заем до 39 милијарди долари, објави на 20 септември во Киев претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен (фон дер Лајен), велејќи дека тоа е „уште еден голем придонес на ЕУ за закрепнувањето на Украина“.

„Немилосрдните руски напади значат дека на Украина ѝ е потребна постојана поддршка од ЕУ“, рече фон дер Лајен во објава на мрежата Х.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „планот за победа“ на неговата земја во војната против Русија зависи од брзите одлуки донесени од сојузниците оваа година.

Зеленски рече дека Украина планира да ги искористи средствата за воздушна одбрана, енергија и купување домашно оружје.

Заемот е дел од поширокиот план на земјите од Групата седум (Г7) за собирање средства за поддршка на Киев користејќи приходи од околу 300 милијарди долари.

Станува збор за руски финансиски средства кои се замрзнати како дел од санкциите кон Москва поради инвазијата врз Украина.

По неколкумесечни разговори, Европската унија во мај постигна договор меѓу своите земји-членки според кој 90 отсто од приходите ќе одат во фондот за воена помош за Украина предводен од ЕУ, додека останатите 10 отсто ќе го поддржат Киев на други начини.

Фон дер Лајен ја посети украинската престолнина еден ден откако објави дека ЕУ ќе обезбеди дополнителни 178 милиони долари за да и помогне на Украина да ја поправи оштетената енергетска инфраструктура, да ги прошири обновливите извори на енергија и да финансира засолништа.

Украина им забрани на официјалните лица да ја користат апликацијата Телеграм

Апликацијата за пораки Телеграм.
Апликацијата за пораки Телеграм.

Украинскиот Национален координативен центар за сајбер безбедност на 20 септември ја забрани употребата на апликацијата за пораки Телеграм за владини службеници, воен персонал и вработени во критичната инфраструктура од безбедносни причини.

Центарот го цитираше шефот на разузнавањето Кирил Буданов дека има „суштински информации“ дека руското разузнавање може да пристапи до кореспонденцијата и личните податоци на корисниците на Телеграм.

Но, Андриј Коваленко, шеф на Центарот за борба против дезинформации на Советот за безбедност, на Телеграм објави дека ограничувањата се однесуваат само на официјалните уреди, а не на личните телефони.

Телеграм е широко користен и во Украина и во Русија и стана критичен извор на информации по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Но, украинските безбедносни претставници постојано изразуваа загриженост за неговата употреба за време на војната.

Со седиште во Дубаи, Телеграм беше основан од Русинот Павел Дуров, кој ја напушти Русија во 2014 година, откако одби да ги исполни барањата за затворање на опозициските групи на платформата „ВКонтакте“, која ја продаде.

Дуров беше уапсен по слетувањето во Франција во август, како дел од истрага за злосторства поврзани со детска порнографија, трговија со дрога и лажни трансакции на Телеграм.

Во соопштението на Советот за безбедност се наведува дека Буданов обезбедил докази дека руските специјални служби можеле да пристапат до пораките на Телеграм, вклучително и до избришаните, како и до личните податоци на корисниците.

Секогаш сум ја поддржувал и ја поддржувам слободата на говорот, но прашањето за Телеграм не е прашање на слобода на говор, тоа е прашање на национална безбедност“, рече Буданов.

Претседателот Володимир Зеленски, како и воените команданти и регионалните и градските власти, редовно објавуваат вести за војната и известуваат за важни одлуки на нивните канали на Телеграм.

Хезболах истрела 140 ракети кон Израел

Борци на Хезболах присуствуваа на погребот на луѓето кои загинаа откако стотици пејџери експлодираа низ Либан, во област јужно од Бејрут. 18 септември 2024 година.
Борци на Хезболах присуствуваа на погребот на луѓето кои загинаа откако стотици пејџери експлодираа низ Либан, во област јужно од Бејрут. 18 септември 2024 година.

Либанската милитантна група Хезболах на 20 септември истрела 140 ракети во северен Израел, еден ден откако лидерот на групата Хасан Насрала вети дека ќе му возврати на Израел за масовниот бомбашки напад, соопштија израелската војска и Хезболах.

Хезболах е милитантна вооружена група поддржана од Иран и прогласена за терористичка организација од страна на САД.

Израелската војска соопшти дека ракетите биле истрелани во три бранови и биле насочени кон локации долж разурнатата граница со Либан.

По нападот, израелската војска соопшти дека нападнала области низ јужен Либан, чија цел била инфраструктурата на Хезболах, но не наведе детали за штети.

Хезболах соопшти дека ракетите биле одмазда за израелските напади врз селата и домовите во јужен Либан, а не за дводневните нападите за кои широко се обвинува Израел дека активирал експлозиви во илјадници пејџери на Хезболах.

Хезболах и Израел речиси секојдневно разменуваа оган од 8 октомври, еден ден по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, но денешните ракетни напади беа потешки од вообичаеното.

Хамас претходно го прогласија за терористичка организација САД и ЕУ.

Лидерот на Хезболах, Хасан Насралах на 19 септември вети дека ќе продолжи со секојдневните напади против Израел и покрај овонеделната смртоносна саботажа на комуникациските уреди на неговите членови, што тој го опиша како „сериозен удар“.

Најмалку 37 луѓе загинаа, а илјадници се ранети откако пејџери и други уреди експлодираа во Либан во вторникот и средата.

Повеќе од 95.000 луѓе се ранети и во Газа од 7 октомври, соопшти Министерството за здравство.

Вучиќ на средба со командантот на Националната гарда на Охајо Харис

Српскиот претседател Александар Вучиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Србија е решена да ги зајакне севкупните билатерални односи со Соединетите Американски Држави (САД), особено на економскo ниво, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во објава на својот Инстаграм профил по средбата со командантот на Националната гарда на Охајо, генерал-мајор Џон Харис.

„Со задоволство ја констатиравме заедничката искрена посветеност за продолжување на успешната соработка меѓу Србија и Националната гарда на Охајо и презентиравме предлози за можностите за нејзино подобрување“, напиша Вучиќ.

Тој се сретна со Харис во Белград на 20 септември, ден пред 80-годишнината од мисијата „Халиард“, спасувањето на сојузничките пилоти од окупирана Србија во 1944 година.

Една од темите на разговор била безбедносната ситуација на Косово, а Вучиќ побара од Харис „посилна поддршка од САД“ за заштита на Србите и обезбедување на нивните права.

Српската армија и Националната гарда на Охајо имаат долгогодишна соработка во рамките на Програмата за државно партнерство на Србија и американската сојузна држава Охајо.

Покрај одбраната, Србија и САД работат и на интензивирање на соработката во областа на енергетиката.

Договорот за стратешка соработка во областа на енергетиката меѓу Србија и САД беше потпишан на 18 септември во Вашингтон од страна на американскиот потсекретар за економски раст, енергетика и животна средина Хозе Фернандез и министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG