Договорот за економска соработка меѓу Косово и Србија, признавање на Косово од страна на Израел, политички несогласувања и обвинувања - ова се дел од настаните кои го одбележаа односот на Косово со претходната американска администрација под водство на Доналд Трамп во 2016-2020 година.
Соединетите Држави тогаш инсистираа на економска нормализација на односите меѓу Косово и Србија со образложение дека благосостојбата на граѓаните ќе ја стави политиката во втор план.
Тогашниот специјален пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, оцени дека конечниот договор меѓу двете страни ќе ја постави основата за економски развој, а дека немањето таков договор ќе биде главната пречка за странски инвестиции.
Така, на 4 септември 2020 година, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и тогашниот премиер на Косово, Авдула Хоти, во Белата куќа го потпишаа Договорот за нормализација на економските односи.
Тогаш Вашингтон го оцени договорот како „нов почеток за Западен Балкан“.
Договорот, меѓу другото, предвидуваше изградба на автопатот на мирот Приштина-Мердаре, како и железничка линија на истата траса. Косово и Србија продолжија да работат на изградбата на тој автопат, но тој сè уште не е завршен.
На косовска страна, работите привршуваат во Подуево кај Мердар, додека Србија ја отвори првата делница од тој автопат за сообраќај во јули 2023 година.
Беше планирано да се изработи и физибилити студија за езерото Газиводе, кое се протега и на територијата на Косово и на територијата на Србија, што го направија САД во јуни 2021 година.
Во таа студија беше предложено решение за заедничко управување со езерото Газиводе врз основа на „колумбискиот модел“, кој требаше да ги реши спорните прашања во врска со водоснабдувањето, енергетските агенции и контролата на поплавите.
Тогашниот специјален пратеник на американскиот претседател, Гренел предложи езерото Газиводе (или на албански јазик Ујмани) да се преименува во езеро Трамп. Ваквата идеја ја поддржа и тогашниот премиер на Косово, Авдула Хоти, но и официјален Белград.
Претходно, во јануари 2020 година, Гренел посредуваше за постигнување договор меѓу Косово и Србија со германската компанија Луфтханза за воспоставување директна авиолинија на релација Приштина-Белград.
Трамп го опиша договорот како „уште една победа“.
Сепак немаше други поместувања по овој договор.
Односите со Курти
Од друга страна, односите на Гренел со лидерот на движењето Самоопределување и тогашен и сегашен премиер на Косово, Албин Курти не беа добри.
Владата на Курти беше соборена во март 2020 година, само два месеци по нејзиното формирање, на барање на коалициониот партнер - Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), а според Студијата за улогата на лажните вести на Западен Балкан, која беше претставена во декември 2020 година во Европскиот парламент, такво нешто се случило поради „американската операција со дезинформации“.
Во документот се објаснува дека Гренел „договорил“ сенаторот Дејвид Пердју и синот на американскиот претседател Доналд Трамп помладиот да објават на Твитер предлог САД да ги повлечат своите трупи од Косово.
Военото присуство на САД во рамките на мировната мисија на НАТО, КФОР, се смета за гаранција за безбедноста на Косово.
По падот на неговата влада во 2020 година, Курти рече дека имал „тешка комуникација“ со специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговори меѓу Косово и Србија, Гренел, кој побарал од него да го укине данокот од 100 отсто за увоз на стоки од Србија, без воведување реципрочни мерки. Тој изјави дека не се согласува со тоа барање.
По соборувањето на владата на Курти, овој данок го укина новиот премиер од ДСК, Авдула Хоти.
Курти го обвини и Гренел за директно мешање во политичката криза во Косово и дека неговиот предлог за договор со Србија вклучува територијална размена и дека таков договор не може да биде мировен.
Критиките на Гренел зa новиот мандат на Курти
Новата влада предводена од Албин Курти беше реизбрана во март 2021 година.
Во меѓувреме, Ричард Гренел често ги критикуваше потезите на премиерот на Косово, Курти, кога станува збор за потезите на неговата влада во општините на северот каде живее мнозинско српско население.
И актуелната администрација на САД ги критикуваше потезите на премиерот Курти со образложение дека се еднострани и некоординирани дејствија, кои му наштетуваат на односите со Вашингтон.
Гренел во август годинава на социјалната мрежа Х ја коментираше реакцијата на САД во Приштина во врска со затворањето на Поштата Србија на северот на Косово, со оценка дека „Курти е проблемот“.
Тој му рече на амбасадорот Џефри Ховениер дека „строго формулираните писма не функционираат“.
„Разбирам дека сегашната Бела куќа го игнорира Балканот, а Камала Харис не знае каде е Балканот... но ова е неприфатливо. Албин Курти е проблем и сите го знаат тоа“, напиша Гренел, додавајќи дека има алатки кои се користат како „последици“.
Што може да се очекува?
Тоби Фогел од Советот за политика на демократизација во Берлин, не верува дека Балканот ќе биде високо на листата на надворешнополитички приоритети на Белата куќа, но дека новата администрација на Доналд Трамп сигурно „нема да донесе ништо добро“.
„Сегашната политика на САД и на Европската Унија (ЕУ), која главно е насочена кон Белград, веројатно дополнително ќе се зајакне. Агендата на „српскиот свет“ дополнително ќе се зајакне. Политики засновани на вредности и демократски стандарди ќе бидат отфрлени во корист на склучување договори со сегашните авторитарни лидери. За ова не требаше да ни се случи Трамп, тоа се случи и за време на администрацијата на Бајден, со поддршка на ЕУ - но Трамп дополнително ќе ги забрза сите назадни тенденции во актуелните политики меѓу нашите „партнери“ во регионот“, смета Фогел.
Тој оценува и дека планот за „размена на територии“ меѓу Косово и Србија би можел повторно да заживее, а последиците од тој план особено би се одразиле во Босна и Херцеговина.
„Европејците не се подготвени да се спротивстават. Всушност, последниот пат кога оваа идеја беше сериозно разгледана, иницијативата беше преземена од шефицата за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, а потоа и од администрацијата на Трамп. Поделбата немаше да биде мирна, но Европејците не се подготвени ниту да го спречат ниту да управуваат со насилството на терен, ниту во Косово, ниту во Босна и Херцеговина“, вели Фогел.
За време на администрацијата на Трамп во 2016-2020 година, Ричард Гренел инсистираше на постигнување конечен договор кој предвидуваше и размена на територии, на што Владата на Албин Курти силно се противи.
Од друга страна, професорот по меѓународно право и односи на Универзитетот во Приштина, Африм Хоти, во изјава за РСЕ вели дека косовските институции мора да бидат свесни дека не е од суштинско значење кој ја води Белата куќа.
Тој посочува дека Косово досега имало добри односи со секоја американска администрација и потсетува дека напредокот на Косово бил тесно поврзан со таквите односи.
„Врз основа на тоа, верувам дека новата администрација на Трамп ќе донесе нова енергија, ќе ги врати процесите и не се сомневам дека не само Косово, туку и целиот Балкан ќе биде насочен кон економски европеизам“, рече Хоти.
Тој го окарактеризира фактот што највисоките косовски функционери му ја честитале победата на Трамп како позитивна вест, која навестува добри односи меѓу официјална Приштина и САД.
„Другата добра вест е што и премиерот Курти сфати и треба да продолжи да разбира дека не само што треба да одржуваме блиски односи со САД и да работиме во координација со нив, туку дека треба да вложиме многу посилна енергија во однос на лобирањето, за да Косово ја обезбеди позицијата што навистина ја заслужува во американската администрација“, рече Хоти и повтори дека традиционално добрите односи меѓу Косово и САД не треба да се земаат „здраво за готово“.
Победата на Доналд Трамп на претседателските избори му ја честитаа косовскиот премиер Албин Курти и претседателката Вјоса Османи.
„САД се клучен сојузник, пријател и партнер на Косово и со нетрпение очекуваме да работиме заедно за напредок и мир“, напиша Курти на социјалната мрежа Х.
Османи изјави дека САД остануваат „непоколеблив и незаменлив“ партнер и сојузник на Косово.
Победата на Трамп му ја честитаа и претставниците на опозициските партии во Косово.