Поранешниот претседател Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори во САД, откако проекциите покажаа дека тој победи во неколку сојузни држави кои се сметаа за одлучувачки за исходот од изборите.
Од 270 електроски гласови во Изборниот колеџ, колку што му се потребни за стане 47-претседател на САД, според проекциите, Трамп веќе има 277.
Според американскиот систем, граѓаните не одлучуваат директно кој ќе стане претседател, туку тоа го прави изборниот колеџ со 538 членови, во кој секоја држава добива однапред одреден број електори еднаков на бројот на претставници што ги има во Конгресот. Трамп веќе го има потребното мнозинство.
„Со секој здив ќе се борам за вас, за вашите семејства, за иднината. Нема да мирувам додека не испорачаме силната, безбедна и просперитетна Америка каква што заслужуваат нашите деца и која ја заслужуваат вие“, им рече тој во обраќањето во раните утрински часови на 6 ноември пред поддржувачи собрани во Палм бич, Флорида.
Неговата ривалка Камала Харис, како што соопштија од нејзиниот штаб, ќе се обрати наредниот ден.
Дополнителен удар за демократите е и тоа што Републиканската партија ја презеде контролата врз Сенатот, еден од двата дома на американскиот Конгрес.
Трамп во говорот рече дека веројатно ќе ја задржат контрола и врз Претставничкиот дом.
„Златно доба“ и „економски камбек“
Во обраќањето во кое прогласи победа „каква што Америка нема видено“, Трамп на Американците им вети златна доба.
„Ќе им помогнеме на нашата земја да заздрави“, рече Трамп.
Тој ја спомена и миграцијата, што беше една од клучните теми и во неговата кампања, порачувајќи дека луѓе треба да доаѓаат во САД, но тоа да биде легално.
На сцената за победничкиот говор Трамп беше придружуван од членовите на неговото семејство и соработниците, меѓу кои и идниот потпретседател на САД Џеј Ди Венс, досегашен сенатор од Охајо.
„Мислам дека штотуку бевме сведоци на најголемото политичко враќање во историјата на САД“ рече Венс додавајќи дека сега ќе следува и „најголем економски камбек во историјата на Америка“.
Честитки од ЕУ и регионот
Не требаше долго откако Трамп прогласи победа за на негова адреса да стигнат и првите честитки. Меѓу првите му честиташе унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој отворено застана зад Трамп во текот на оваа кампања.
„Најголем политички камбек во историјата на САД. Честитки за претседателот Доналд Трамп на неговата огромна поддршка. Победа која беше премногу потребна за светот“, напиша Орбан на мрежата Икс.
Се огласи и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, како и лидерите на европските институции.
„Неговото лидерство повторно ќе биде клучно за одржување на Алијансата силна. Се радувам што повторно ќе работам со него на унапредување на мирот преку НАТО“, порача Руте.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула Фон дер Лајен, посочи дека се радува на повторната соработка со Трамп за унапредување на трансатлантската агенда.
„ЕУ и САД се повеќе од сојузници. Не поврзува вистинско партнерство кое обединува 800 милиони граѓани. Оваа врска е длабока, вкоренета во нашата заедничка историја, посветеност на слободата и демократијата и заедничките цели за безбедност и можности за сите“, наведе Фон дер Лајен.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека „како сојузници и пријатели, ЕУ се радува на продолжување на конструктивната соработка“.
Честитки до Трамп упати и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, оценувајќи дека „оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата“.
„Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, наведе Мицкоски.
Од регионот честитки упатија и српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Косово Вјоса Османи, претседателот на Република Српска Милорад Додик и други функционери и политичари од земјите од Западен Балкан.
Овие избори се сметаат за историски и нивниот исход најверојатно ќе има големо влијание врз руската војна во Украина, воениот конфликт на Блискиот Исток и други глобални прашања како што се климатските промени.
Меѓу останатите, честитки пристигнаа и од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изрази очекувања дека ќе се постигне мир за Украина.
„Ја ценам посветеноста на претседателот Трамп на пристапот ’мир пред сила‘ во глобалните работи. Токму тоа е принципот што практично може да донесе мир во Украина. Се надевам дека заедно ќе го спроведеме тоа на дело. Со нетрпение ја очекуваме ерата на силни Соединети Американски Држави под решително водство на претседателот Трамп“, вели Зеленски.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека ова е „историски камбек во Белата куќа“ кој ќе овозможи нов почеток за Америка и голема посветеност на сојузништвото помеѓу Израел и САД.
Историски избори
Токму развојот на настаните поврзани со Украина и Израел се меѓу причините зошто овие избори во САД се сметаат за историски – извесно е дека тие ќе имаат големо влијание врз руската војна во Украина и воениот конфликт на Блискиот Исток, но и за други глобални прашања како што се климатските промени.
Додека Камала Харис најавуваше дека ќе ја продолжи политиката на претседателот Џо Бајден за помагање на Украина, јасно изразувајќи ја желбата да ја види Русија поразена, Трамп ја доведе во прашање поддршката на САД за Украина велејќи дека Европа треба да го носи најголемиот дел од товарот во помошта за Киев. Исто така, тој неколку пати го повтори неговиот став дека Киев треба да постигне договор со Москва за да се спречи или стави крај на инвазијата.
Во Украина, каде што внимателно се следеа изборите, шефот на парламентарната комисија за надворешни работи рече дека гледа „и предизвик и можност“ во победата на Трамп.
„Трамп ќе се води исклучиво од интересите на Соединетите Држави, онака како што тој ги разбира, така што ќе треба да му докажеме дека е во интерес на САД да продолжат да ја поддржуваат Украина“, изјави пратеникот Олександар Мережко за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Според него, ќе стане многу појасно кога Трамп ќе го избере својот советник за национална безбедност.
Доколку се потврди победата на Трамп, тој ќе биде најстариот претседател според возраста во моментот на инаугурацијата, првиот осуден претседател, а само вториот кој ќе служи два мандати кои не се последователни – еден по друг.
Трамп беше претседател на САД по победата на изборите во 2016 година, а во 2020 загуби од актуелниот претседател Џо Бајден.
Единствениот кој досега имал два непоследователни мандати беше Гровер Кливленд кој беше претседател на САД во мандати од 1885-1889 и од 1893-1897 година.