Покрај светските лидери и македонските политичари испратија срдечни честитки, набрзо откако републиканскиот кандидат Доналд Трамп на 47-мите претседателските избори во Соединетите Држави изјави дека ја победил неговата соперничка демократската кандидатка Камала Харис. Трамп се обрати пред неговите поддржувачи во Палм Бич, Флорида, оценувајќи дека ова е „политичка победа каква што Америка нема видено досега“, а вети и дека следува „златно доба за Америка“.
Премиерот Христијан Мицкоски ја испрати честитката веднаш по обраќањето на Трамп пред поддржувачите во Палм Бич.
„Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи“, вели Мицкоски во честитката.
Тој додава дека „Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион“.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова му посака на Трамп „многу успех во извршувањето на одговорната функција“.
„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот“ напиша таа.
Сиљановска Давкова очекува стратешкото партнерство да се унапреди и САД да помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели.
Кон честитките на државниот врв се приклучи и претседателот на Собранието, Африм Гаши кој посочи дека овој значаен момент ја одразува силата на американската демократија.
„Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка“, напиша собранискиот спикер на неговиот профил на Фејсбук.
Лидерот на опозициската Демократската унија за интерграција ( ДУИ) Али Ахмети пак вели дека очите на целиот свет се насочени кон САД, каде се гласаше за 47-ми претседател на, како што се вели во честитката, водечката земја во демократскиот свет.
„Американските гласачи се определија за импресивно враќање на претседателот Трамп во Белата куќа во Вашингтон. Му честитам на американскиот народ и на претседателот Трамп за неговиот денешен избор и го споделувам уверувањето дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш за конечно да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа“, напиша Ахмети.
Со честитка за победата на Трамп се огласи и лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави имаат долгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш взаемен напредок и благосостојба“, напиша Филипче.
Гласањето за нов претседател на САД помина во атмосфера исполнета со напнатост и исчекување.
Покрај на претседателски, дел од гласачите ширум САД гласаа и за избор на нови членови на Конгресот, за гувернери, за составите на локалните парламенти и совети, а во некои сојузни држави се одржуваат и референдуми за одредени прашања, како што е правото на абортус.
Со победите во Западна Вирџинија и Охајо, Републиканската партија ја освои контролата над американскиот Сенат. За Претставничкиот дом, кој во моментов исто така е под контрола на Републиканците, пак, сè уште нема јасна слика која партија е во предност.
Новиот претседател треба да ја презеде должноста во јануари 2025 година.