Достапни линкови

Вести

ЕУ по коментарите на Трамп: „Украина е демократија, Путиновата Русија не е“

илустрација
илустрација

Европската Унија возврати на обвинувањата на американскиот претседател Доналд Трамп дека украинскиот лидер Володимир Зеленски е „диктатор“.

Трамп го нападна Зеленски откако Вашингтон започна мировни напори со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на тригодишната војна во Кремљ.

„Имаме прилично јасна позиција за ова: претседателот Зеленски е легитимно избран на слободни, фер и демократски избори“, изјави портпаролот на ЕУ Стефан де Керсмакер за новинарите.

„Украина е демократија, Путиновата Русија не е“, додаде тој.

Коментарите на Трамп против украинскиот лидер ги поттикнаа стравувањата во Европа дека Вашингтон го напушта својот сојузник во Киев за да обезбеди брз договор со Москва.

ЕУ инсистира на тоа дека и Украина и Европа мора да имаат збор за време на какви било преговори.

„Не може да има решение за Украина без учество на Украина, ниту без вклучување на Европската Унија“, изјави Де Керсмакер, додавајќи дека „безбедноста на Украина е безбедност на Европската Унија“.

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, нарекувајќи го „диктатор“ кој ризикува да ја изгуби својата земја доколку „не се замине брзо“. Украинскиот претседател Зеленски возврати дека американскиот претседател е под влијание на руски дезинформации.

види ги сите денешни вести

Состанок на министрите за трговија на ЕУ за американските царини

илустрација
илустрација

Министрите за трговија на Европската Унија денеска (7 април) се состануваат во Луксембург за да подготват стратегија за убедување на американскиот претседател Доналд Трамп да отстапи од новите царини воведени за блокот.

Министрите на ЕУ, исто така, се очекува да разговараат за реципрочни царини, како и за други мерки кои ќе бидат спроведени во случај напорите за преговори за решение со Вашингтон да не успеат.

Американската влада од 5 април воведе универзални царини од минимум 10 отсто за увоз од речиси сите нејзини трговски партнери, откако Трамп претходно ги објави минатата недела.

Министрите на ЕУ ќе разговараат и за трговските односи со Кина, а комесарот за трговија на ЕУ Марош Шефчовиќ ќе ги информира за неговите неодамнешни разговори во Пекинг.

ЕУ со години се обидува да ја убеди Кина да ги прекине трговските практики, вклучително и субвенциите за кои блокот смета дека ја нарушуваат конкуренцијата, пренесе ДПА.

Најмалку 20 загинати во невремето што погоди делови од САД

илустрација
илустрација

Најмалку 20 лица загинаа во невремето и поплавите што од средата зафатија делови од САД, вклучително и деветгодишно момче во државата Кентаки кое беше однесено од порој и неколку луѓе кои загинаа од торнадо во градот Тенес, југозападниот дел на државата Тенеси.

Гувернерот на Џорџија, Брајан Кемп, вчеравечер им изрази сочувство на семејствата на двете жртви кои беа погодени од дрво на терен за голф, пренесува Еј-Би-Си Њуз.

Одделот за управување со вонредни состојби во Арканзас потврди дека првата жртва на невремето е петгодишно момче пронајдено во југозападен дом во Литл Рок, без детали за причината за неговата смрт.

Според извештај на командата на пожарникарскиот округ Бофор-Лесли и извештајот на сообраќајната полиција на државата Мисури во сообраќајна несреќа на околу 100 километри западно од Сент Луис загинал 16-годишен пожарникар.

Десет жртви на невремето беа пријавени во Тенеси, три во Мисури, две во Кентаки и по една во Индијана и Арканзас.

Предупредувањата за поплави се на сила од вчера наутро од Луизијана до западна Пенсилванија, а денеска предупредувањето беше лиферувано и за северна Флорида, Џорџија и Јужна Каролина.

Еј-Би-Си Њуз наведува дека од вчера во најмалку 10 држави, од Канзас до Охајо, пријавени се над 90 торнада.

Филипче избран за претседател на СДСМ на внатрепартиски избори

Венко Филипче, претседател на СДСМ
Венко Филипче, претседател на СДСМ

Венко Филипче официјално е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на денешните (6 април) директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.

Претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски рече дека од 23.712 запишани избирачи, вкупно гласале 18.140 односно 76,5 проценти од активно регистрираните членови.

„Тоа што добив двојно повеќе гласови од претходниот пат е само доказ дека нашата интензивна работа дава резултат. Ова е доказ дека изборниот процес не беше само технички организиран, туку е доказ дека нашите членови искрено веруваат во исправноста на политиките коишто изминатиот период ги водиме“, рече Филипче на вечерашната прес-конференција.

Георгиевски информираше дека за Филипче гласале 18.001 избирачи, а имало 139 неважечки ливчиња.

Внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, претходно беа закажани за 16 март, но беа одложени поради трагедијата во Кочани.

Филипче за лидер беше избран во јуни минатата година на вонредните избори кои СДСМ ги организираше по оставката на Димитар Ковачевски поради историски најлошиот резултат на парламентарните и претседателските избори. Тогаш негови противкандидати му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите. Филипче ќе има мандат од четири години.

Уште еден собир во Кочани - граѓаните „револтирани од гнилиот систем“

Протестен собир во Кочани под мотото „Ваш профит - наши животи“, 6 април 2025
Протестен собир во Кочани под мотото „Ваш профит - наши животи“, 6 април 2025

Роднини и пријатели на починатите во трагичниот пожар, како и на лицата од обезбедувањето во дискотеката „Пулс“, наместо да маршираат како што беше планирано, попладнево (6 април) останаа на собирното место во „Паркот на револуцијата“ во Кочани.

На собирот под мотото „Ваш профит – наши животи“ им оддадоа почит на настраданите, а наместо говор, испратија писмено известување до јавноста.

„И во овие болни мигови, некој успеа да го подели народот. Јавно демантираме дека закажаниот протестен марш со мото „Ваш профит - наши животи“ е марш само за обезбедувањето! Сите ние имаме повредени или загинати роднини и пријатели! Сите мирни собири до сега беа за правда за прерано изгубените животи, за подршка на семејствата на повредените деца и за неправедно приведените членови за обезбедувањето. Револтирани сме сите од овој гнил систем! Стоп за селективна правда“, се наведува во известувањето.

Организаторите на собирот нагласија дека дополнително ќе информираат дали протестните маршеви ќе продолжат и во наредните денови.

Вчера (5 април) во Кочани се одржа протестен марш наречен „Марш за ангелите“ кој го предводеа членови на семејствата на починатите.

Организаторите на маршот во известувањето за овој марш до МВР нагласија дека тој „не е за лицата од обезбедувањето во дискотеката, а граѓаните кои не го прифаќаат тоа укажување не мора да се приклучуваат“.

Пожарот што се случи рано изутрина на 16 март, одзеде 60 животи, а повеќе од 200 луѓе беа повредени.

Над 50 земји побарале трговски преговори со Белата куќа, вели советник на Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп ги објави царините на 2 април 2025 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги објави царините на 2 април 2025 година.

Повеќе од 50 земји побараа од Белата куќа да започне трговски преговори, изјави денеска (6 април) економскиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, јави агенцијата Ројтерс, додека американските власти се обидуваат да го одбранат наметнувањето нови царини што предизвикаа глобални превирања.

Директорот на Националниот економски совет на САД, Кевин Хасет, негираше за телевизијата ABC News дека царините се дел од стратегијата на Трамп за уривање на финансиските пазари со цел да се изврши притисок врз Федералните резерви на САД да ги намалат каматните стапки.

Тој рече дека нема да има „политичка принуда“ врз американската централна банка. Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social во петокот (4 април), Трамп сподели видео во кое сугерира дека неговите царини имаат за цел да ја погодат берзата во обид да наметне пониски каматни стапки.

Министерот за финансии Скот Бесент зборувајќи за телевизијата NBC News го намали значењето на падот на берзата и рече дека „нема причина“ да се предвидува рецесија поради воведувањето царини.

Трамп ги потресе економиите ширум светот бидејќи во средата ги објави царините за американскиот увоз, што поттикна одмазднички мерки од Кина и ги подгреа стравувањата од глобална трговска војна и рецесија.

Во неделните утрински емисии на американските телевии, највисоките функционери на Трамп се обидоа да ги прикажат царините како паметно репозиционирање на САД во глобалниот трговски поредок, а економските нарушувања како краткорочни последици.

Американските акции паднаа за околу 10 отсто во два дена откако Трамп објави нов глобален царински режим кој беше поагресивен отколку што очекуваа аналитичарите и инвеститорите.

За падот на пазарите аналитичарите и големите инвеститори го обвинија агресивниот пристап на Трамп кон царините, за кои повеќето економисти и шефот на американската централна банка веруваат дека ризикуваат да ја поттикнат инфлацијата и да го загрозат економскиот раст.

Хасет изјави за ABC News дека царините на Трамп досега поттикнале „повеќе од 50“ земји да контактираат со Белата куќа за да започнат трговски преговори.


Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те денеска понуди нула царини како основа за разговори со САД, ветувајќи дека ќе ги отстрани трговските бариери наместо да наметнува реципрочни мерки и велејќи дека тајванските компании ќе ги зголемат инвестициите во САД.

За разлика од другите економисти, Хасет рече дека не очекува голем удар за потрошувачите бидејќи извозниците најверојатно ќе ги намалат цените.

Министерот за финансии Бесент изјави за NBC News дека не очекува рецесија поради царините, наведувајќи го како причина поголемото зголемување на работните места во САД, отколку што се очекувало.

„Можевме да видиме од бројот на работни места во петокот, тоа беше многу над очекувањата, дека одиме напред, така што не гледам причина да мораме да проценуваме рецесија“, рече Бесент.

Иран го отфрли повикот на Трамп за директни разговори за нуклеарната програма

Работник вози велосипед пред зградата во која се наоѓа реакторот на иранската нуклеарна централа Бушер, 26 октомври 2010 година.
Работник вози велосипед пред зградата во која се наоѓа реакторот на иранската нуклеарна централа Бушер, 26 октомври 2010 година.

Иранскиот министер за надворешни работи денеска (6 април) ги отфрли американските предлози за директни разговори за нуклеарните амбиции на Техеран, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп повика на разговори лице в лице, јави агенцијата АФП.

Во соопштението објавено од иранското Министерство за надворешни работи, Абас Арагчи рече дека Техеран е подготвен да води индиректни разговори со Вашингтон.

„Иран е подготвен за сите можни или веројатни настани и како што е сериозен во дипломатијата и преговорите, исто така ќе биде одлучен и сериозен во одбраната на своите национални интереси и суверенитет“, рече тој.

Пред три дена Трамп повика на „директни разговори“ со Техеран, велејќи дека тие се „побрзи“ и нудат подобро разбирање од разговорите преку посредници.

Минатиот месец американскиот претседател испрати писмо до врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи во кое повикува на преговори и предупредување за воена акција доколку дипломатијата не успее.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во саботата рече дека Техеран е подготвен да се вклучи во дијалог на „еднакви основи“.

Во 2015 година, Иран постигна историски договор со САД, Франција, Кина, Русија и Обединетото Кралство, како и Германија, за да ги ограничи своите нуклеарни активности.

Договорот од 2015 година - познат како Заеднички сеопфатен план за акција - ги олесни санкциите кои воведоа ограничувања на економијата на Иран.

Сепак, за време на првиот мандат на Трамп, САД се повлекоа од договорот и повторно воведоа казнени санкции.

Иран ги отфрла западните тврдења дека се обидува да изгради нуклеарно оружје, инсистирајќи дека неговите програми се насочени само кон цивилни цели, како што е производството на електрична енергија.

Еден испишан од Љубљана, во странство се лекуваат 68 повредени во пожарот

Илустрација - Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“
Илустрација - Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза“

Во медицинските центри во странство во моментов се лекуваат 68 од повредените во пожарот во кочанската дискотека. Еден пациент е испишан од медицинскиот центар во Љубљана, а неговиот медицински третман го продолжува во друга држава, каде има здравствено осигурување, информираат попладнево од Министерството за здравство.

„Најавени се неколку исписи за пациенти за наредниве денови, по финализирање на постапката со протоколите. Непроменета останува состојбата на пациентите кои се третираат во странство, вклучително и состојбата на критичните пациенти“, се наведува во соопштението.

Во државава, шестмина пациенти се лекуваат во хируршката клиника „Свети Наум Охридски“, двајца на Клиниката за токсикологија, еден пациент на Клиниката за пластична хирургија. Двајца пациенти се лекуваат во „Систина“, според податоците на Министерството.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна рано наутро на 16 март. Шеесет лица го изгубија животот во трагедијата.

Мицкоски: Имаме стабилно мнозинство

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски

Владата функционира обединето, единствено. Мнозинството е стабилно и има неофицијално чиста дво-третинска поддршка во македонското Собрание, реално 78 пратеници ја поддржуваат, изјави денеска (6 април) премиерот Христијан Мицкоски, прашан за информациите дека Арбен Таравари ќе ја напушти коалицијата Вреди.

Тој истакна дека во јавноста има многу информации и ќе се воздржи од било какви коментари, додека одговараше на новинарски прашања по посетата на Општина Тетово.

И четирите партии, Беса, Алијанса за Албанците, Демократско движење и Алтернатива, кои се обединија во „Вреди“ за да ја испратат ДУИ во опозиција по дводецениското владеење, уверуваат дека владејачко мнозинство е стабилно, иако признаваат дека има несогласувања. Нив ги изнесоа на јавна сцена кога се доведе во прашање настапот на локалните избори и кој колкав дел од колачот ќе добие во однос на кандидати за градоначалници и советници.

Алијанса за Албанците, крилото чиј лидер е Арбен Таравари, денеска одржува собрание на партијатa, каде според дневниот ред ќе се дискутира за актуелна политичка состојба во државата и за локалните избори во 2025 година.

Локалните избори во Северна Македонија треба да се одржат во октомври 2025. Коалицијата Вреди (Влен) се формираше во пресрет на парламентарните и претседателските избори во април и мај 2024.

Иранската валута на рекордно ниско ниво додека американската стратегија за „максимален притисок“ го зема својот данок

Националната валута на Иран падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар
Националната валута на Иран падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар

Националната валута на Иран, риал, падна на рекордно ниско ниво во однос на американскиот долар, додека стратегијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „максимален притисок“ врз економијата на Исламската Република продолжува да го зема својот данок.

Од 5 април, еден долар вредеше повеќе од милион риали на девизните пазари, бидејќи продавниците за валути беа повторно отворени откако претходно беа затворени за прославата на Персиската Нова Година, Новруз.

АП објави дека на улицата Фердуси во Техеран, срцето на иранските валутни пазари, некои трговци ги исклучиле електронските табли во нивните продавници кои ги прикажувале тековните девизни курсеви, бидејќи се очекувало дека риалот најверојатно дополнително ќе падне.

„Го исклучивме бидејќи не сме сигурни за последователните промени на девизниот курс“, изјави за АП, Реза Шарифи, работник во менувачница.

Трамп повторно ја воведе кампањата за „максимален притисок“ против економијата на Иран што ја започна за време на неговиот прв мандат додека Вашингтон се обидува да го притисне Техеран да преговара за неговата нуклеарна програма.

Техеран тврди дека неговиот нуклеарен сектор е наменет исклучиво за цивилни цели, додека САД го обвинуваат Иран дека се обидува да развие нуклеарно оружје.


Трамп се закани дека ќе го бомбардира Иран доколку не постигне договор со Вашингтон. Техеран ја отфрли заканата, опишувајќи ја како „навреда“ за мирот и безбедноста.

Кон крајот на март, Иран поднесе официјален одговор на писмото испратено од Трамп, во кое се предлагаат директни преговори за постигнување нов нуклеарен договор.

Иран ја отфрли можноста за директни разговори додека е во сила кампањата за „максимален притисок“, но контрадикторните изјави од Техеран наведоа некои експерти да шпекулираат дека таквите разговори би можеле да продолжат.

Гневот на јавноста расте во Иран, бидејќи економската ситуација во земјата се влошува под тешките американски санкции, што врши притисок врз реформистичкиот претседател Масуд Пезешкијан, кој беше избран во 2024 годин, што ги зголеми надежите за подобри односи со Западот.

„Оваа (економска криза) ќе ја направи перспективата за промена во (Иран) невозможна во очите на луѓето... Гневното и гладно општество може да излезе на улица во секој момент“, изјави Саид Пејванди, професор по социологија на Универзитетот во Париз 13, за Радио Фарда РСЕ во февруари.

Пензионер кој го наведе само своето име, Саид, поради страв од одмазда, изјави за АП дека ако Иран ја прекине својата непријателска политика кон надворешниот свет, може да има финансиска помош.

„Ако сакаме да живееме удобно, треба да одржуваме добри односи со нашите соседи. Не треба да им покажуваме заби. Тие ќе го направат истото“, рече тој.

Русија истрела десетици дронови и ракети кон Украина

Пожарникари гаснат пожар во деловна зграда по руски ракетен напад во Киев рано на 6 април
Пожарникари гаснат пожар во деловна зграда по руски ракетен напад во Киев рано на 6 април

Русија го погоди украинскиот главен град со балистичка ракета и фрли моќна бомба „глајд“ врз град источно од Харкив, дополнително поткопувајќи ги напорите за зацврстување на примирјето меѓу Москва и Киев.

Редакцијата на Freedom TV беше тешко оштетена во нападот на 6-ти април -- што е втор пат радиодифузерот финансиран од државата да биде цел на руски напади.

Киевските власти соопштија дека едно лице загинало, а најмалку три лица се ранети кога проектилот погодил индустриски кварт, предизвикувајќи пожари и оштетувајќи магацин и други згради.

Жртвите се чинеше дека се минимални бидејќи во областите главно се наоѓаат индустриски бизниси и складишта.

Во соопштението, Freedom TV, која беше основана пред сеопфатната инвазија на Русија во февруари 2022 година, рече дека нејзините редакции биле тешко оштетени, но нема повредени вработени.

Во Купјанск, град источно од Харкив, руските сили фрлија бомба“глајд“ врз станбен кварт, предизвикувајќи голема штета, а ранети се две лица.

Пожар во зградата по нападот на 6 април, Купјанск
Пожар во зградата по нападот на 6 април, Купјанск

Голем дел од градот, кој е блиску до линиите на фронтот, беше евакуиран поради приближувањето на руските сили од север.

„Глајд“ бомбите се тешка муниција и се фрлаат од авиони зад линиите на фронтот. Од овие оружја е тешко да се одбрани, а руските сили ги користат за разурнувачки ефект против украинската одбрана долж линијата на фронтот.

Севкупно, Русија истрела речиси 20 проектили врз украински цели и повеќе од 100 дронови, соопштија официјални лица. Според нив, биле соборени половина од ракетите и речиси половина од дроновите.

Украина од своја страна истрела 11 дронови врз руски цели, соопшти руското Министерство за одбрана.

Во февруари, Кремљ и Белата куќа, како и украинските власти, објавија рамка за ограничен прекин на огнот што ќе ги ограничи нападите врз енергетската инфраструктура како што се електрани, далноводи и трафостаници. Москва и Вашингтон најавија и договор за ограничување на воените активности во регионот на Црното Море.

Сепак, украинските и руските сили продолжија со нападите со дорнови и ракети речиси секоја вечер.

На 4 април, руска ракета за која украинските власти соопштија дека била вооружена со касетна муниција, погодила населба во градот Криви Рих, југоисточно од Киев, при што загинале 19 лица. Беше погодено и детско игралиште, при што загинаа најмалку девет деца. Десетици луѓе беа повредени.

Москва тврдеше дека цел на нападот бил состанок на украинската армија.


Украинските власти прогласија ден на жалост на 6 април за загинатите во нападот.

„Мораме да извршиме притисок врз Русија, која избира убивање деца наместо примирје“, рече претседателот Володимир Зеленски во видео обраќање во текот на ноќта, додавајќи „мораме да воведеме дополнителни санкции против оние кои не можат да постојат без балистички напади врз соседните нации“.

Зеленски, исто така, ја критикуваше изјавата на американската амбасадорка Бриџит Бринк, која рече дека е згрозена од нападот, но не ја именуваше Русија.

„За жал, одговорот од американската амбасада е изненадувачки разочарувачки - толку силна земја, толку силен народ, но сепак толку слаба реакција“, напиша тој во објавата на Телеграм.

Сѐ уште нема реакција од американската амбасада на критиките на Зеленски.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG