Достапни линкови

Апетитите за локалните избори ја зовреа „Вреди“


Изборни плакати на коалицијата Вреди (Влен) за парламентарните избори во мај 2024 (фотоархива)
Изборни плакати на коалицијата Вреди (Влен) за парламентарните избори во мај 2024 (фотоархива)

Прашањето како да се настапи на локланите избори ги изнесе на површина несогласувањата во коалицијата Вреди. Додека Таравари отворено критикува, дел од партнерите се оптимисти дека ќе настапат заедно на избори. Засега, никој не го доведува во прашање учеството во Владата. За дел од аналитичарите ова е внатрекоалициско позиционирање за локалните избори.

Несогласувањата во коалицијата Вреди (Влен) се очигледни во пресрет на локалните избори во октомври, но засега никој од нив не го доведува во прашање опстојувањето во рамки на Владата каде оваа коалиција е партнер со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

Четирите партии, Беса, Алијанса за Албанците, Демократско движење и Алтернатива, кои се обединија во „Вреди“ за да ја испратат ДУИ во опозиција по дводецениското владеење, уверуваат дека владејачко мнозинство е стабилно, иако признаваат дека има несогласувања. Нив ги изнесоа на јавна сцена кога се доведе во прашање настапот на локалните избори и кој колкав дел од колачот ќе добие во однос на кандидати за градоначалници и советници.

„Ние засега не излегуваме и не планираме да излеземе од Влада, продолжуваме. Јас реков дека има одредено незадоволство, тоа е повеќе поради десинхронизацијата внатре со партиите дел од Влен. Тешко е со една партија, а не пак со четири партии. Ни треба подобра синхронизација. Впечатокот кај народот е лош, дека Влен не делува како што треба“, рече министерот за здравство Арбен Таравари на брифинг на 1 април.

Својот став го аргументира со анкета што ја правеле, а која, тврди, покажала оти Владата има доверба од 70%, а само 30% од граѓаните се задоволни од Вреди.

Таравари, претставник на Алијанса за Албанците, за која водеше и судски спор со Зијадин Села, е единствениот од четворицата лидери во Вреди (Влен) чии ставови не се на иста линија со останатите – Изет Меџити од Демократското движење, Зеќирија Ибрахими од Алтернатива и Билал Касами од Беса.

Додека критиките од Таравари може да се толкуваат како предвесник за евентуално негово излегување од коалицијата, несогласувањата во Вреди, засега не го плашат ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија за РСЕ само кусо одговорија дека „коалицијата со Вреди е стабилна“.

Меџити и Ибрахими уверени дека ќе опстојат додека прозивките продолжуваат

„Мнозинството е стабилно“, беше и одговорот што Радио Слободна Европа (РСЕ) го доби од Меџити, кој е и прв вицепремиер во Владата и министер за животна средина.

Првиот човек на Алтернатива, пратеникот Зеќирија Ибрахими, за разлика од Таравари смета оти „во рамки на постојните бројки и состојби, коалицијата функционира нормално и беспрекорно“.

„Секако има простор за корекција, но далеку сме од квалификацијата ’нефункционално‘. Нормално, тоа е дебата во која можеме да имаме и различни видувања и перцепции, но не мислам дека ќе влијае во нашите севкупни односи и во нашето тежнеење да одиме заедно на локалните избори. Влен е формирана како антипод на нонгратата и корумпирана ДУИ и ваквата обединувачка вредност е посилна од било каквите различни видувања околу деталите на начинот на кој функционира некој сегмент од Владата“, вели за РСЕ Зекирија Ибраими, кој стана лидер на Алтернатива откако Африм Гаши беше избран за претседател на Собранието.

Деновиве се очекува лидерите во Вреди да имаат состанок, а дотогаш нивните меѓусебни прозивки продолжуваат. Една од темите е и ДУИ – кој и како комуницирал со интегративците.

„Барем пратениците комуницираат едни со други, никој не може да каже дека една партија комуницира само со внатрешните членови. Сите партии комуницираат едни со други“, рече Таравари на брифингот со новинарите откако и синоќа (31 март) во телевизиско интервју за „360 степени“ кажа дека тој има канали за комуникација со ДУИ, исто како и другите партии од Вреди.

Беса веднаш го демантираше дека „ниту претседателот Билал Касами ниту некој друг од Движењето Беса има комуникација со ДУИ“.

Касами претходно во детали зборуваше каде се судираат со Таравари, потенцирајќи ги разидувањето околу кандидатските листи за советници на локалните избори.

„Тој (Таравари) цени дека доколку би отишле посебно секоја партија, би собрале повеќе гласови за да го добиеме тој легитимитет и на локалните избори. Но, кај сите други субјекти во рамките на коалицијата доминира идејата дека вредноста на секој поединечен субјект е поголема како дел од коалицијата отколку ако би било надвор од коалицијата“, рече Касами на 27 март.

Позиционирање за локалните избори?

За политичките аналитичари, несогласувањата на партнерите во Вреди сè уште не се на ниво кога може дека коалицијата се движи кон „распаѓање“.

„Сега, некои од нив со право, некои без право, имаат очекувања или барем перцепција дека нивната реална моќ не се отсликува внатре во власта. Исто така, и притисокот од партиските членови и функционери кои очекуваат многу повеќе да се исполнат предизборните ветувања и малата реализација ги става под притисок одредени политички лидери во коалицијата. Пред сè, мислам дека на Арбен Таравари, кој очекува многу повеќе власт од тоа што го има“, смета политичкиот аналитичар Сефер Селими.

Ако не ги надминат несогласувањата, според Селими, можно сценарио во оваа коалиција, е останатите тројца лидери да се обидат да го изолираат Таравари и да продолжат без него.

Ако дојде до ескалација, единствена што ќе има корист од тоа е ДУИ, смета и аналитичарот Владимир Божиновски. Причината за јавните несогласувања тој ја гледа во апетитите за локалните избори.

„Како се приближуваат локалните избори, секоја од тие четири партии си има свои политички апетити. Сепак, со оглед дека се на власт и имаат добра шанса да ѝ се спротивстават на ДУИ, но само заеднички, јас сè уште не гледам дека несогласувања се на тој степен што може да се загрозат внатрешните односи. Ова повеќе го гледам како позиционирање на овие четири партии внатре за локалните избори – која каде ќе има кандидати“, смета Божиновски додавајќи дека грешката на оваа коалиција е што продолжиле да настапуваат како четири одделни партии.

Локалните избори во Северна Македонија треба да се одржат во октомври 2025. Коалицијата Вреди (Влен) се формираше во пресрет на парламентарните и претседателските избори во април и мај 2024.

Пред јавните несогласувања, најавите беа дека на локалните избори ќе настапат заедно, како и оти ќе се започне со постапка за прераснување на коалицијата во една политичка партија.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG