Вести
Распишани меѓународни потерници по Груби и Бајрами
Министерството за внатрешни работи распиша меѓународни потерници за поранешниот вицепремиер Артан Груби и директорот на Државна Лотарија Перпарим Бајрами кои се товарат за проневера на околу осум милиони евра од Државна лотарија.
Јавното обвинителство на 17 декември соопшти дека ќе побара од Министерството за внатрешни работи да распише потерница по овие две лица на кои Основноот кривичен суд им определи мерка притвор од 30 дена.
Двете лица се недостапни за органите на прогонот.
Груби во неделата преку објава на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово и дека за тоа е известено неговото лично полициско обезбедување. Тој беше ставен на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека и Артан Груби и Перпарим Бајрами не се наоѓаат на територија на Северна Македонија.
За Груби рече дека „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“. За екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.
Во врска со истрагата за проневера во Државна лотарија, осомничени се повеќе лица, меѓу кои поранешен премиер и прв вицепремиер, поранешен генерален секретар и државни службеници.
Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.
види ги сите денешни вести
Паолучи: Загадениот воздух убива околу 2.800 македонски граѓани годишно
Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа. Ова го истакна директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи, на конференција во Скопје за квалитетот на воздухот.
Тој посочи и дека загадениот воздух годишно убива околу 2.800 жители во Северна Македонија, како и дека покрај напредокот од 1990-те, загадувањето на воздухот е сѐ уште високо, особено во зимските месеци.
Според првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој се обрати на конференцијата, првиот фактор е тоа што домаќинствата и индустријата сѐ уште користат неквалитетно дрво и други извори за греење, посебно во зимската сезона.
Тој на 16 декември ја претстави новата Планска програма за почист воздух 2024-2030 и рече дека целта на програмата е долгорочно и среднорочно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Северна Македонија.
Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет-Скопје, појасни дека програмата е направена врз база на долгорочни истражувања и најави строги инспекциски контроли на индустриските капацитети.
„Емисиите ќе бидат јавни и сите ќе бидеме сигурни дека тоа што се емитува е сигурно на европски ранг. Како што во 1963 формиравме силни научни институции, кога имавме проблем со земјотресот, сега сакаме да ги поддржиме научните институции да се бават со истражување за чистење на воздухот или за не загадување на воздухот и таква програма сме предвиделе“, додаде Димитровски.
Министерот Меџити порача дека инспекторите се веќе на терен, но и дека треба да се зголеми нивниот број за да може да се опфати целата држава.
Францускиот суд ја потврди пресудата со која Саркози беше осуден за корупција
Највисокиот суд во Франција, Cour de Cassation, денеска (18 декември) ја потврди пресудата со која поранешниот претседател на таа земја, Никола Саркози, беше осуден за корупција и тргување со влијание.
Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, поднесе жалба на пресудата од 2021, во која беше осуден на три години затвор.
Како што пренесува Ројтерс, двегодишните казни биле условни, па Саркози една година ќе носи електронска нараквица за следење.
Тој претходно беше прогласен за виновен од првостепениот суд за обид за поткуп на судија и тргување со влијание во замена за доверливи информации за истрагата за финансиите на неговата кампања во 2007 година.
Саркози ќе ги почитува условите на пресудата, но ќе поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права, изјави неговиот адвокат за Франс прес.
Како што се наведува, одлуката на Судот значи дека Саркози нема да има право да се кандидира за функција во рок од три години.
Ројтерс потсетува дека на Саркози следната година ќе му се суди под обвинение за корупција и незаконско финансирање поврзано со наводите за либиско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година.
Се наведува и дека доколку биде прогласен за виновен „во случајот со Либија“, Саркози би можел да добие и до 10 години затвор.
Саркози ги негираше сите кривични дела.
За Медведев претставници на НАТО се „легитимни цели“, по убиството на генерал Кирилов
Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, го обвини НАТО и официјални лица од земјите сојузници со Украина во нејзината битка да ги одбие инвазивните руски трупи, дека се учесници во конфликтот, правејќи ги „легитимни воени цели“.
Реагирајќи на лондонскиот весник „Тајмс“ кој вчерашното (17 декември) убиство на висок руски офицер го нарече „легитимен чин на одбрана од загрозена нација“, Медведев, поранешниот претседател кој стана познат по неговата растечка анти-западна реторика, рече дека Москва треба да ја примени истата логика во своја корист.
Во својата статија, „Тајмс“ вели дека атентатот бил „дискриминаторен напад против агресор“ и дека ја нагласува потребата западните влади да и ја дадат на Украина „сета поддршка што и е потребна за да води правична војна за самоодбрана“.
„Сите претставници на земјите на НАТО вклучени во одлуките за воена помош за Украина и оние кои учествуваат во хибридна или конвенционална војна против Русија сега се сметаат за легитимни воени цели за руската држава и сите руски патриоти“, напиша Медведев како одговор.
На прашањето за коментарите на Медведев, прес-службата на НАТО одговори преку е-пошта, велејќи: „Ќе ви се обратиме ако имаме нешто да кажеме“.
Генерал-полковник Игор Кирилов, шефот на руските сили за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана и неговиот помошник беа убиени од бомба сокриена во скутер пред влезот на зградата во Москва рано на 17 декември.
Кирилов е еден од бројните руски офицери и провоени фигури кои се убиени во Русија и во деловите на Украина окупирани од Русија. Неговата смрт дојде една недела откако висок функционер од руска компанија која развива крстосувачки ракети користени од Москва во војната, наводно, бил застрелан близу главниот град.
Реториката на Медведев, кој инаку има ограничена улога во рускиот политички систем, произлегува од долгорочниот наратив на Кремљ за обвинување на западните „сили“ за антируски акции ширум светот и за акти на саботажа и „тероризам“ на руска територија.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, вчера (17 декември) изјави дека Соединетите Држави ниту биле вмешани во убиството на Кирилов, ниту биле свесни за тоа однапред.
Руските истражители убиството го нарекоа „терористички“ напад и веднаш го препишаа на украинското разузнавање. Денеска (18 декември), руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека привела осомничен, 29-годишен неименуван државјанин на Узбекистан, во врска со случајот.
Медведев, исто така, се закани со одмазда против новинарите на Тајмс, предупредувајќи дека весникот може да биде вклучен во тие „легитимни воени цели“, додавајќи дека „во Лондон се случуваат многу работи... бидете внимателни“.
Тоа предупредување се чини дека е прикриено повикување на труењето со радиоактивен полониум-210 на поранешниот офицер на ФСБ и критичар на Кремљ, Александар Литвиненко во Лондон во 2006 година, и обидот за атентат на поранешниот руски разузнавач Сергеј Скрипал во британскиот град Солсбери со смртоносен нервен агенс во 2018 година.
Ковачевски: Секогаш работев во согласност со законите
Поранешниот премиер, а сега пратеник во Собранието, Димитар Ковачевски изјави дека во целото негово работење и како премиер и како заменик-министер за финансии, се водел согласно законите. Неговата реакција следува откако МВР поднесе кривична пријава против осум лица, вклучително и против него, за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласност со нив. Ние немаме на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“, изјави денеска Ковачевски во Собранието.
МВР вчера ги објави деталите од кривичната пријава која ја поднесе против осуммината за случајот „Лотарија“ меѓу кои е и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генералниот секретар на владата Методија Димовски.
Министерството за внатрешни работи на 13 декември 2024 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и корупција-Сектор за криминалистички истраги-Единица за корупција до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против осум лица за „злоупотреба на службената положба и овластување“,„примање поткуп“ и „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавнa набавкa или јавно-приватно партнерство“ во случајот со Државната лотарија на Република Северна Македонија.
Јавното обвинителство на 16 декември соопшти дека е покрената истрага против шест лица осомничени за проневера во АД „Државна лотарија“, како и за злоупотреба на службената положба.
Соопштението на Обвинителството следуваше откако претходно беше објавено дека полициски службеници изутрината на 16 декември вршеле претреси во домовите на поранешниот вицепремиер Артан Груби и екс директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.
Груби, кој неодамна заврши на црната листа на САД, на Фејсбук напиша дека е во приватна посета на Косово.
Алармантен одлив на кадар во правосудството, намален број на решени предмети
Намален број на решени судски предмети, формална, но не и суштинска транспарентност во работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и значителен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство, покажуваат извештаите на Коалиција „Сите за правично судење“ што беа презентирани на годишната конференција за презентација на анализите за 2024 година.
„Главните наоди во однос на судските постапки се во голема мера слични на наодите кои ги имавме минатата година со тоа што имаме одредено подобрување во поглед на јавноста и достапноста на податоци за судењата и комуникацијата на судовите со јавноста, меѓутоа имаме уназадување во други области како што се перформансот и бројот на решени предмети во текот на надгледуваниот период“, рече Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Од друга страна, од Коалицијата забележале подобрувања во делот на транспарентноста на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
„Меѓутоа мора да се потенцира дека станува збор за формална транспарентност, а не и за суштинска, она кога имате многу поголем број на достапни податоци за работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители јавно објавување на информации и податоци, но оние суштински моменти како на пример кога носат определена одлука повторно отсуствуваат битни образложенија независно за каков тип на одлука станува збор. Последен, најсвеж пример со тоа беше изборот на членовите за Управниот одбор во Академијата што беше практично пропратен со отсуство на суштински образложенија и аргументи зошто е тоа така“, додаде Аврамовски.
Анализата за состојбите со човечките ресурси, покажала дека се соочуваме со одлив на кадар од правосудството.
„Третата анализа откри фрапантни податоци затоа што очекувано беше да видиме дека има некој недостиг на судии и јавни обвинители во државата, меѓутоа она што беше неочекувано е што видовме дека се соочуваме со неверојатен одлив на кадар од судството и јавното обвинителство кој во изминатите пет години не успеваме воопшто да го надокнадиме. Ако продолжи ваквиот тренд, ние практично ќе останеме без судии, јавни обвинители и стручни служби,“ потенцираше тој.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, ја поздрави анализата за човечките ресурси и истакна дека ваквите истражувања се во насока на зацврстување на судската солидарност и унапредување на генералната состојба во судството.
Лајен: ЕУ ќе има улога во обликувањето на иднината на Сирија
Во услови кога старата Сирија ја нема, новата се уште не е родена, се отвораат многу прашања како тоа дали ќе има политичка транзиција која ќе го почитува националното единство, дали сите малцинства ќе бидат безбедни и заштитени и дали ќе продолжи борбата против исламистичката група Исламска Држава, порача претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќање пред Европскиот парламент во дебатата посветена на утрешниот Самит на ЕУ.
„Иднината на Сирија е полна со ветувања, но и со ризици. Следните недели и месеци ќе бидат клучни за нејзиното обликување и Европа ќе ја игра својата улога во тоа. Сирија дели поморска граница со една од нашите земји членки. Настаните во Сирија не погодија длабоко во последната деценија. Кредибилна и инклузивна транзиција е суштински европски интерес“, нагласи Фон дер Лајен.
Таа потсети дека ЕУ оваа година веќе одвои над 160 милиони евра за Сирија, но дека треба да се размислува и за проширување на европската поддршка надвор од хуманитарната помош, како и за преиспитување на санкциите, со цел ја олесни обновата на земјата.
Фон дер Лајен истакна дека падот на режимот на Башар Асад во Сирија претставува „предупредувачка приказна за границите на моќта“ на Русија, која и по три години не успева да го скрши отпорот на Украина, дури и со ново оружје, војници од Северна Кореја и нов бран напади врз енергетската инфраструктура на земјата.
Според неа стратегијата на рускиот претседател Владимир Путин е јасна и тој се обидува да оствари придобивки на теренот и да го тероризира украинскиот народ, па затоа зајакнувањето на Украина во моментов не е само морален, туку и стратешки императив.
Фон дер Лајен изјави дека иако ЕУ направи многу за помош на Украина, сепак мора да направи повеќе, па затоа на утрешниот Самит ќе побара од европските лидери да обезбедат дополнителна поддршка за земјата, особено за нејзиниот енергетски систем кој на стартот на зимата се соочува со „најнепосреден предизвик“.
Таа оцени дека од суштинско значење е да се поткопаат можностите за обезбедување „приходи на Путин“ и најави дека во подготовка е нов, 16-ти пакет санкции кон Русија.
Цената на струјата за домаќинствата ќе се зголеми за 0,92 отсто
Просечната цена на струјата за домаќинствата од 1 јануари ќе се зголеми за 0,92 проценти, објави денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Во првиот блок, како што наведе, зголемувањето е 0,68 проценти, во вториот за 0,9 проценти, во третиот за 1,93 проценти, во четвртиот за 2,24 проценти, додека во евтината тарифа за 0,9 проценти.
„Тоа значи дека едно просечно домаќинство во државата кое има сметка од 2300 денари, зголемувањето ќе има зголемен трошок од 21 денар“, рече Бислимоски на прес-конференција.
Согласно барањето на ЕВН хоум, цената за домаќинствата, како што рече, требаше да се зголеми за 4,4 проценти.
„Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика која постои меѓу тоа што сега го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција и за да обезбедуваме ценова стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин. Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92 проценти,“ рече Бислимоски.
АД ЕСМ на тендерот на ЕВН ХОУМ понуди цена од 62 евра за мегават часови.
Оваа цена е за две евра повисока од досегашната што АД ЕСМ му ја продаваше на универзалниот снабдувач и таа има најголемо влијание врз цената на струјата што граѓаните ќе ја плаќаат од 1 јануари следната година.
Претреси во скопско Арачиново: Пронајдени оружје и муниција
Претреси на повеќе локации во скопско Арачиново се дел од голема полициска акција која се одвивала во текот на ноќта и раните утрински часови.
Според информациите кои досега ги потврди МВР, извршени се претреси на повеќе места, а акцијата е се уште во тек.
„Утрово околу 01.30 часот од страна на полициски службеници од Единицата за брзо распоредување и Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје на локален пат од с.Орланци во правец кон с.Никуштак, во атарот на општина Арачиново, биле пронајдени еден пушкомитралез, девет автоматски пушки, повеќе празни рамки за автоматска пушка и реденик за пушкомитралез, две рамки за автоматска пушка со куршуми, една тегла со муниција, ранец и други предмети“, соопшти МВР.
Пронајденото оружје, како што појаснија надлежните, е предадено на вештачење во Одделот за форензички испитувања.
Од полицијата додаваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Најмалку 45 загинати во циклон во Мозамбик
Бројот на загинати од циклонот Чидо во Мозамбик се искачи на 45, додека речиси 500 луѓе се повредени, објави во средата Националниот институт за управување со ризици и катастрофи.
Институтот наведува дека циклонот донел ветрови кои дувале и до 260 километри на час, заедно со обилните врнежи, пренесува АФП.
Според податоците на Институтот, повеќе од 181000 луѓе биле погодени од невремето.
Циклонот погоди дел од северниот дел на Мозамбик, област која редовно е погодена од циклони, која според АФП е веќе ранлива поради конфликти.
Невремето го погоди Мозамбик откако претходно на 15 декември ја опустоши француската територија на островот Мајот во Индискиот Океан, каде што се стравува дека загинале стотици, а можеби и илјадници луѓе.
Се вели дека на островот Мајот биле оштетени станбени згради, владини згради и болница.
„Моите мисли се со нашите сонародници во Мајот, кои поминаа низ најстрашните неколку часа, а за некои изгубија се, ги загубија животите“, рече францускиот претседател Емануел Макрон на 15 декември.
Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен во недела вети помош од Европската Унија.
Херцог се сретнал со специјалниот пратеник на Трамп за заложниците
Израелскиот претседател Исак Херцог се сретна со Адам Болер, специјален пратеник на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за прашања на заложниците во неговата официјална резиденција во Ерусалим.
Како што јавува агенцијата ДПА, ова е дополнителен знак за напредок кон прекин на огнот во Појасот Газа.
САД заедно со Египет и Катар со месеци се стремат да ја прекинат војната во Појасот Газа. Тимот на Трамп сега игра клучна улога пред неговата инаугурација на 20 јануари.
Војната почна по терористичките напади на 7 октомври 2023 година од појасот Газа од страна на Хамас и други екстремистички организации во кои загинаа 1200 луѓе, а повеќе од 250 беа киднапирани. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и Европската Унија.
Според палестинските здравствени власти, бројот на загинати во регионот се искачи на повеќе од 45000. Израелските власти сметаат дека Хамас сè уште држи 100 заложници, од кои некои веќе не се живи.
Неодамнешните медиумски извештаи сугерираат дека е неизбежен пробив во разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете