Достапни линкови

Институциите на потег за функционерите на американската „црна листа“


Артан Груби
Артан Груби

Ден откако Артан Груби, поранешен вицепремиер од ДУИ и апелацискиот судија Енвер Беџети се најдоа на „црната листа“ на Стејт департментот, американската амбасадорка Агелер рече дека доказите за нив се достапни и македонските институции можат да ги најдат. Претседателката Сиљановска-Давкова повика Јавното обвинителство да постапи по допрен глас.

Што ќе преземат македонските институции ден откако Артан Груби, поранешен вицепремиер од опозициската Демократска унија за интеграција(ДУИ) и Енвер Беџети, судија на Апелациониот суд, се најдоа на црната листа на американскиот Стејт департмент, е прашање што си го поставува и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер.

Груби и Беџети се најдоа на црната листа поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството. Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.

Агелер: „Црната листа“ на САД не е затворена, ќе има и други имиња
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:11 0:00

„Што ќе се случува од тука, зависи од институциите што го спроведуваат законот и од судскиот систем“, рече Агелер на прес-конференција на 10 декември.

Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова повика Јавното обвинителство да постапи по допрен глас во врска со случаите за Груби и за Беџети.

„Постојат во меѓународното право и во меѓусебните односи начини како да се дојде до тие докази и да се започне постапка зашто во спротивно, ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и на тој начин го толерираме беззаконието. Очекувам Судот, јавниот обвинител да почне да постапува. Секогаш велам дека пресумпцијата на невиност важи за сите нив, но затоа мислам дека е редно надлежните органи да постапуваат“, изјави Сиљановска-Давкова.

Според неа, треба да се тргне од конкретниот случај и да се види „навистина како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции“.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ставањето на Груби и Беџети на црната листа е само потврда од стратешките партнери на она што го говореле уште во опозиција за вмешаност во корупција.

„Јас можам само да кажам дека во периодот којшто следи уште многу потврди на сето она кое што сме го имале за сомневање ќе излезе во јавноста и јавноста ќе биде запознаена“, изјави Мицкоски.

Епидемија на корупција во Северна Македонија

Амбасадорката Агелер рече дека оваа акција јасно покажува дека САД ќе ги користат сите алатки што им се на располагање за да ги повикаат на одговорност оние поединци чии криминални активности ја поткопуваат безбедноста, стабилноста и вредностите на управување на Северна Македонија.

Исто така, рече дека граѓаните сакаат да видат акција против корупцијата.

„Корупцијата, во каква и да е форма, не треба да се толерира во оваа земја. Оние кои го поткопуваат владеењето на правото за лична корист и на сметка на народот на Северна Македонија треба да сфатат дека корупцијата има последици. Така, додека Соединетите Држави ќе продолжат да бараат одговорност од корумпираните актери, се надевам дека судството и структурите за спроведување на законот во оваа земја ќе го сторат истото“, рече Агелер.

Улогата на Беџети

За апелациониот судија Беџети јавноста слушна мината година, кога на седница на Судски совет се откри дека тој како судија известител, вкупно девет месеци го чувал во фиока предметот на СЈО за масовното прислушување во УБК наречен ,,Таргет-Тврдина” .

Чувањето на предметот во фиока, заедно со контроверзните измени на Кривичниот законик овозможија пресудата за најголемата афера за прислушување да застари, по што првиот човек на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалко се спаси од 12 години затворска казна.

Инаку, ако процесот се спроведеше навреме во Апелациониот суд, пред да се донесат измените на Кривичниот законик, постоеше шанса предметот да стане правосилен.

Судскиот совет лани утврди дека Беџети како судија известител на предметот со месеци неоправдано не го решавал масовното прислушување, иако во меѓувреме решавал и нови предмети што му биле доделени.

Советот откако ги утврди пропустите, му изрече само дисциплинска мерка со која шест месеци добиваше помала плата за 20 отсто од месечната плата на судија.

На седницата на Судскиот совет на кој се очекуваше да биде сменет Беџети, беше сменета претедателката на тогашниот совет Весна Дамева. Нејзината смена беше незаконска, како што утврди Управниот суд минатата година.

Според она што е познато во јавноста за Беџети, станува збор за судија кој почнал да работи како секретар во општината Боговиње. Прв пат бил избран за судија во 2010 година во Кривичниот суд во Скопје, по што за две години, во 2012 година, додека на власт беше коалицијата ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ, стигна до позицијата судија во Апелациониот суд во Скопје. Неговото име се спомна во јавноста како еден од познатите родители чии деца влегоа во Академијата за судии и обвинители.

Бројни обвинувања на адреса на Груби

ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција го поврзуваше Груби со корупциски скандали, иако претходно беше во коалиција со неговата партија ДУИ и тесно соработуваше со него.

Партијата го обвини Груби за незаконски одлуки за овозможување онлајн коцкање, дека неговиот брат купил дуќан во центарот на Скопје по нереално ниска цена додека Груби бил вицепремиер. ВМРО-ДПМНЕ посочи на можно тргување со влијание од страна на Груби. ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше и дека Груби добил на подарок автомобил „ауди“ затоа што ѝ помогнал на фирма да купи хотел на Попова Шапка по багателна цена.

Груби ги негираше обвинувањата.

Радио Слободна Европа објави дека административци на ДУИ добиле државни пари наменети за одредени невладини организации преку Министерството со кое раководеше Груби.

Предметот „Таргет-Тврдина“

Предметот „Таргет-Тврдина“ беше меѓу главните на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) со кој требаше да се утврди масовно нелегално прислушување во Северна Македонија. Обвинението гласеше дека биле таргетирани над 5.000 телефонски броеви, а во прислушувањето биле опфатени над 20.000 граѓани.

Предметот првично се однесуваше на нелегално прислушување и на уништувањето на опрема во УБК за следењето на комуникациите, но сега со застарувањето на делата практично остана само делот уништувањето на опремата.

За случајот еднаш се донесе првостепена пресуда со која во февруари 2021 за 11 обвинети беа одредени вкупно 55 години затвор и 10 години условна казна.

Меѓу нив беа и Мијалков, кој доби 12 години затвор, како и бегалците и поранешни вработени во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски со по 15 години.

Меѓутоа, Апелацискиот суд Скопје во декември 2022 година ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење. Пратениците од минатиот состав во септември 2023 донесоа измени на Кривичниот законик кои опфатија и намалување на казните за злоупотреба на службената положба и овластувања и за злосторничко здружување. Тоа донесе застарување на бројни дела, меѓу кои на Мијалков и уште петмина, кои се гонеа во делот на прислушувањето.

Процесот продолжи само за уништувањето на опремата. На 27 ноември обвинителството даде заврши зборови, а на 10 декември тоа се очекува да го направи и одбраната, по што ќе се закаже и датум за изрекување на новата првостепена пресуда.

Годинава на американската „црна листа“ се најдоа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на општината Карпош, Стевчо Јакимовски. Минатата година беа ставени поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, бизнисменот Орце Камчев, бизнисменот Сергеј Самсоненко и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. На оваа листа тие им се придружија на експремиерот Никола Груевски и на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

XS
SM
MD
LG