Поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и членовите на неговото најблиско семејство и судијата од Апелациониот суд Енвер Беџети се најдоа на црната листа на американскиот Стејт департмент, објавена на 9 декември.
Во образложението се наведува дека тие примиле мито влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков.
„Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност на Северна Македонија и Контраразузнавање. Мијалков беше назначен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а ОФАК го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Во официјалното соопштение објавено на веб - страницата на Стејт департментот, се истакнува дека на Меѓународниот ден за борба против корупцијата и во пресрет на Денот на човековите права, Соединетите Држави ги преземаат активности за промовирање на одговорност за сторителите на корупција и злоупотреба на човековите права ширум светот.
„Стејт департментот назначува 14 лица, вклучително и членови на потесното семејство за вмешаност во значителна корупција и еден службеник за негова вмешаност во грубо кршење на човековите права, во согласност со член 7031(в) од годишниот Стејт департмент, надворешни операции и Закон за одобрени средства за поврзани програми, што ги прави неподобни за влез во Соединетите Држави“, стои во соопштението.
Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, на платформата Х напиша дека никој не е над законот.
„Денешното назначување на Артан Груби и Енвер Беџети е доказ дека политичкото мешање во судството не може и нема да се толерира. САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучуваат во значителна корупција која ги поткопува демократските институции. Никој не е над законот, а одговорноста е суштинска за напредок,“ истакна Агелер.