Достапни линкови

Вести

Предлог буџетот за 2025 година денеска на владина седница

илустрација
илустрација

Предлог буџетот за 2025 година денеска (29 октомври) ќе биде разгледан на седница на Владата, потврди премиерот Христијан Мицкоски.

Тој оцени дека е добро што нема драматично зголемување на дефицитот и оти постепено има изденачување со капиталните инвестиции.

„Капиталните инвестиции се некаде на ниво од 50-ина милијарди денари, од коишто 32 милијарди се од основниот буџет и некои 80-ина од заеми и програми коишто се веќе тековни или допрва ќе бидат земени. Буџетскиот дефицит мислам дека е околу 41-42 милијарди денари. Оваа година е добро тоа што немаме драматично зголемување на дефицитот, постепено капиталните инвестиции и буџетскиот дефицит се изедначуваат. Тие се сега негде на ниво 300 со 400 милиони евра, очекувам до крајот на годината да бидат многу блиску“, рече Мицкоски.

Наведе дека се забрзува реализацијата на големите инфратструктурни проекти.

„Се раздвижуваат работите, долговите се враќаат. Имаме околу 20-ина милијарди поголеми приходи од оние 30 милијарди зголемување на буџетскиот дефицит при ребалансот, така што полека, но сигурно овие индикатори за овие неколку месеци се добри. Сега како ќе биде понатаму ќе видиме“, рече Мицкоски пред учеството на Првата годишна конференција на Блумберг Адрија во Скопје.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претходно во телевизско гостување рече дека Буџетот за 2025 година ќе биде развоен, но нема да биде занемарена и социјалната компоненета.

Проекциите коишто ќе бидат пренесени во Буџетот за 2025 година беа презентирани со усвојување на Фискалната стратегија, односно 4 проценти буџетски дефицит и 3,7 проценти проценти раст на БДП.

види ги сите денешни вести

Следните десет дена ќе се знае дали во Србија ќе има нови избори, вели Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 28 јануари изјави дека во следните десет дена ќе се знае дали владејачката коалиција ќе предложи нов мандатар или ќе се одржат нови парламентарни избори, откако премиерот Милош Вучевиќ поднесе оставка.

Според Вучиќ, откако парламентот ќе ја потврди оставката на премиерот, ќе започне 30-дневна процедура за избор на нова влада. Доколку тоа не се направи, ќе се распишат избори.

Вучиќ рече дека ќе организира консултации со сите парламентарни партии за понатамошните чекори.

„Во следните десет дена ќе донесеме одлука дали ќе одиме на избори или ќе бидеме дел од новата влада. Ние како Српска напредна партија (СНС) се уште немаме кандидат“, рече Вучиќ.

Оваа изјава Вучиќ ја даде на прес-конференција по вонредна седница на Владата на Србија, на која присуствуваше и тој. Инаку денеска во неколку градови во Србија, студентите повторно организираа протести на 28 јануари, откако група мажи кои ноќта меѓу понеделникот и вторникот ги напуштија канцелариите на владејачката Српска напредна партија (СНС) ги нападнаа студентите кои во близина лепеа пропаганден материјал.

Во нападот тешко е повредена една студентка, а четири лица се уапсени и обвинети за насилничко однесување. Нападот се случи неколку часа откако претседателот Александар Вучиќ вечерта на 27 јануари испрати помирувачки пораки и уште еднаш повика на дијалог со студентите кои блокираат десетици факултети во земјата од крајот на ноември.

Како што рече, Ивица Дачиќ, претседател на Социјалистичката партија на Србија и коалициски партнер на СНС, „веќе изјави дека не е за нови избори“.

Милош Вучевиќ претходно во вторникот објави дека поднесува оставка, откако активисти на СНС претепаа група студенти кои лепеа пропаганден материјал во близина на просториите на партијата во Нови Сад.

Во нападот тешко е повредена една студентка. Нападот се случи откако претседателот, премиерот и претседателот на Народното собрание објавија дека се сисполнети сите барања на студентите, кои два месеца блокираат десетици факултети и бараат политичка и кривична одговорност за смртта на 15 лица при уривањето на настешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.

Во врска со нападот врз студентите пред просториите на СНС во Нови Сад, Вучиќ рече дека „нападите на просториите на таа партија траат со денови и недели“.

Тој рече дека тоа се повторило ноќта меѓу 27 и 28 јануари во Нови Сад.

„Речиси секогаш истите луѓе од истата анархистичка група во Нови Сад почнаа да чкртаат и да ставаат матрици по партиските простории. Момците од партиските простории излегоа, ги оттурнаа и ги тргнаа од таму“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека до тој момент „се беше во ред“, а потоа се случи „нешто скандалозно што не го разбираме“.

„Тие момци почнаа да ги бркаат оние што ги поставуваа тие шаблони низ улиците на Нови Сад и на крајот повредија една девојка“, рече Вучиќ.

Тој рече дека луѓето кои ги претепале студентите нанеле „голема штета на Србија, на нивната партија, на секој од нас“.

Вучиќ рече дека „тешко ја прифатил“ оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ, бидејќи добро си ја завршил работата и „не направил ништо лошо“.

Вучиќ рече дека во Србија се поддржува „незаконско однесување“ на сите нивоа и праша што ќе се случи ако активистите од СНС почнат да „гребат простории на други партии“.

Поради нападот врз студентите во Нови Сад, академици организираа протести во повеќе градови во Србија.

Студентите повеќе од два месеци блокираат повеќе од 60 факултети и бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Владините претставници тврдат дека се исполнети сите барања на студентите.

Академиците, пак, велат дека барањата не се исполнети и дека прекинот на работата на факултетите ќе продолжи до понатамошно известување.

Неколку масовни протести, на кои присуствуваа десетици илјади граѓани, се одржаа во последните недели на повик на студентите кои ги блокираа универзитетите.

Вишото јавно обвинителство во Нови Сад поднесе обвинителен акт против 13 лица во врска со уривањето на настрешницата.

Меѓу обвинетите се поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и неговата помошничка Анита Димоски, како и поранешната директорка на јавното претпријатие „Инфраструктура на Железници на Србија“ Јелена Танасковиќ.

10 обвинети се во притвор, Весиќ е во бегство, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.

Зеленски - Откажувањето на Украина од нуклеарките беше „апсолутно глупаво“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека е оптимист во врска со притисокот на САД врз Москва да стави крај на руската сеопфатна војна против Украина, според новото интервју, иако тој додаде дека мисли оти на претседателот Доналд Трамп не му е јасно како да го направи тоа.

Во коментарите објавени на 25 јануари за италијанскиот весник Ил Фољо, Зеленски исто така ги отфрли повиците за повеќе промени во системот за мобилизација во земјата, сугерирајќи дека тоа ќе резултира со масовни дезертирања.

Интервјуто го водеше Сесила Сала, новинарка и популарна подкастерка, која беше ослободена од затворот во Техеран претходно овој месец по 21 ден во притвор.

Коментарите на Зеленски доаѓаат додека преговорите зад сцената за решавање на речиси тригодишната инвазија се зголемуваат по инаугурацијата на Трамп.

Трамп вети дека брзо ќе стави крај на сеопфатната руска инвазија започната на 24 февруари 2022 година, а двајца негови врвни соработници за безбедност, Кит Келог и Мајк Волц, изнесоа различни начини на кои велат дека Русија може да се искористи за да поттикне прекин на огнот или мировен договор. Трамп изјави дека сака што поскоро да се сретне со рускиот лидер Владимир Путин.

Зеленски ги пофали заканите на Трамп за зголемени економски санкции за притисок врз Русија. Сепак, тој исто така рече дека му кажал на Трамп за претходните преговори со Путин кој, како што рече, „даде збор, а потоа да не го одржа“.

Зеленски рече дека го потсетил Трамп за Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, договорот според кој Украина се согласи да се откаже од своите мали поседувања на нуклеарно оружје во замена за безбедносни гаранции - од Русија, САД и Велика Британија. Некои Украинци велат дека Киев ќе можеше да ја одврати Русија од инвазија доколку го чуваше оружјето.

Откажувањето од оружјето беше „апсолутно глупаво, нелогично и многу неодговорно“, рече украинскиот лидер.

„Кога би можел да се вратам во 1994 година, само би го заменил нашето нуклеарно оружје за нешто што навистина може да го одврати секој агресор, без оглед на нивната политичка моќ, територијална големина или воена сила“, рече тој. „Трамп рече: „Да, разбирам што велиш. Не можете да ја направите истата грешка три пати“.

Украина постојано го губи теренот на бојното поле веќе речиси една година, бидејќи поголемата и подобро вооружена војска на Русија ја уништува украинската одбрана и нанесува огромни жртви.

Еден од повредените во несреќата во Нови Сад префрлен на ВМА во Белград

Амбулантна кола во Белград - илустративна фотографија.
Амбулантна кола во Белград - илустративна фотографија.

Ц.В.(2006), кој беше повреден при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, е префрлен на Воено-медицинска академија (ВМА) во Белград на продолжување на лекувањето.

Како што потврдија за Радио Слободна Европа (РСЕ) од Универзитетскиот клинички центар во Војводина, пациентот бил префрлен на 27 јануари по барање на неговата мајка.

Неговата и состојбата на повредениот М.Т.(2000) во моментов е сериозна, но стабилна.

„За нивното секојдневно лекување и рана рехабилитација одлучува мултидисциплинарен тим лекари од Нови Сад и Белград“, соопшти Универзитетскиот клинички центар во Војводина.

Во уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември загинаа 15 лица, а двајца беа повредени.

Несреќата предизвика масовни протести, а десетици илјади граѓани побараа кривична и политичка одговорност за трагедијата.

Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ и поранешниот министер за внатрешна и надворешна трговија Томислав Момировиќ поднесоа оставки набргу по несреќата во Нови Сад.

Речиси три месеци подоцна, на 28 јануари, оставки поднесоа и српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.

Киев го разреши заменикот министер за одбрана Клименков

УКРАИНА – Заменик-министерот за одбрана на Украина Дмитро Клименков. Киев, 2023 година.
УКРАИНА – Заменик-министерот за одбрана на Украина Дмитро Клименков. Киев, 2023 година.

Украинската влада официјално го разреши заменик-министерот за одбрана Дмитро Клименков, во како што изгледа поширока реорганизација на операциите за набавки на Министерството за одбрана.

Потегот објавен од владиниот претставник Тарас Мелничук на 28 јануари, ја нагласува она што се смета за итна потреба за реформи во управувањето во секторот кој е клучен за одбраната на Украина додека се бори против руската инвазија која започна пред речиси три години.

Клименков беше разрешен во согласност со новото ветување на министерот за одбрана Рустем Умеров за реструктуирање на набавките во Министерството за одбрана.

Во телевизиско емитување на 24-ти јануари, Умеров вети дека ќе ги отпушти „сите што не си ја завршиле работата како што треба“ и ќе започне сеопфатни реформи во Агенцијата за одбранбени набавки (АОЗ).

Умеров, исто така, одби да го обнови договорот со директорката на АОЗ, Марина Безрукова, а двајца државни претставници беа сменети во надзорниот одбор.

Умеров рече дека нов директор на АОЗ ќе биде Арсен Жумадилов, кој раководи со Државниот логистички оператор. Жумадилов потврди дека ја прифаќа оваа улога.

Овие потези доаѓаат по контроверзната одлука на надзорниот одбор на АОЗ пред една недела едногласно да го продолжи договорот на Безрукова на една година.

Министерството за одбрана веднаш се жалеше на оваа одлука, наведувајќи ги процедуралните нерегуларности.

Безрукова предупреди дека тековниот правен спор може да ги наруши клучните набавки, особено набавката на муниција.

Млекарите 24 часа ги блокираат регионалните патишта во Србија

Блокада во Брешница кај Чачак, 28.01.2025 година.
Блокада во Брешница кај Чачак, 28.01.2025 година.

Членови на Здружението на млекопроизводители на Шумадија и Поморавље денеска на 24 часа ја блокираа Ибарската магистрала на раскрсницата со стариот пат за Чачак, незадоволни од откупната цена на млекото, но и во знак на поддршка на студентите.

Во исто време, нивните колеги од Здружението на млекопроизводители Шајкача го блокираа главниот пат Крагуевац - Чачак во градот Бресница.

Тие тврдат дека српската Влада не исполнила во целост ниту едно од ветувањата дадени на минатогодишната средба во Равни Гај кај Крагуевац, поради што на повидок е нова млечна криза.

Пред почетокот на сообраќајната блокада на екстремно фреквентните главни сообраќајници, незадоволните млекопроизводители протестираа возејќи трактори во колона на улиците на Краљево и Чачак, со што го најавија почетокот на блокадите кои почнаа напладне.

Претседателот на Здружението на млекопроизводители на Шумадија и Поморавље, Предраг Вељковиќ, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека невниманието на Владата и Министерството за земјоделство повторно довело до сериозни нарушувања на пазарот на млеко.

„Во моментов имаме големо намалување на откупната цена на млекото, или целосен прекин на откупот на млекото, што е уште полошо. Неколку пати апелиравме до Владата и до Министерството за земјоделство да го прекинат неконтролираниот увоз на млеко, но не одговорија на нашите крици, па млекарниците почнаа да ги намалуваат цените“, рече тој.

Тој додаде дека земјоделците ќе инсистираат државата да го исполни она што го ветила и потпишала, но дека тоа не е доволно. Како што вели, некој треба да одговара за „уништување на селата и селаните во Србија“.

Одобрени 250 милиони евра за бизнисот од унгарскиот кредит

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Владата денеска ги одобри договорите за користење на средствата од унгарската кредитна линија, со што Развојната банка сега може да ги потпише договорите со банките, а средствата да станат оперативни.

Компаниите ќе имаат пристап до кредити со рок на отплата до 15 години и грејс период од три години. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти без дополнителни надоместоци, а максималниот износ за аплицирање е 10 милиони евра. Сите 13 комерцијални банки ќе бидат вклучени во проектот.

Според Владата, ова е најголемата сума досега дадена на располагање на бизнис секторот под исклучително поволни услови, со очекување дека ќе се зголеми конкурентноста на компаниите и ќе се отворат нови работни места.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференција истакна дека постапката ќе биде целосно транспарентна и критериумите еднакви за сите.

„Трошоците за одобрување се нула денари. Со денешните одлуки, влегуваме во завршната фаза од операционализацијата на средствата од унгарскиот заем. Со потпишување на договорите, Развојната банка ќе ги добие средствата од Буџетот, кои понатаму ќе бидат пренесени до банките, а оттаму до компаниите,“ изјави министерката.

Средствата се очекува да го поттикнат развојот на македонскиот бизнис сектор, обезбедувајќи долгорочни и поволни финансиски решенија.

ЕУ ја следи ситуација во Србија по протестите и оставката на премиерот Вучевиќ

Последниот час од 24-часовната студентска блокада на една од најголемите сообраќајници во Белград - Автокоманда, 28 јануари 2025 година.
Последниот час од 24-часовната студентска блокада на една од најголемите сообраќајници во Белград - Автокоманда, 28 јануари 2025 година.

Европската комисија е информирана за оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ, но официјални лица во Брисел не сакаат да го коментираат овој потег бидејќи го оценуваат како внатрешно политичко прашање во земјата.

Портпаролот на Комисијата Гијом Мерсие на прес-конференција потврди дека институциите на Европската унија внимателно ја следат актуелната внатрешно-политичка ситуација во Србија и големата мобилизација на студенти и други групи.

Тој потсети дека слободата на собирање е основно право на ЕУ, кое треба да се заштити и спроведува на мирен начин и со целосно почитување на владеењето на правото и јавниот ред.

„Загрижени сме поради инцидентите против демонстрантите, за кои очекуваме брза истрага од српските власти. Со оглед на извештаите за вториот напад и бегството [минатиот петок] и други случаи на повредени студенти, вклучително и синоќешниот напад во Нови Сад, потсетуваме дека според европскиот закон за човекови права „Во согласност со човековите права, властите мора да ги заштитат учесниците на собири од повреда или насилство од други луѓе или групи кои се спротивставуваат или сакаат да го спречат или попречат собирот“, рече портпаролот.

Тој истакна дека учеството на граѓаните игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество, вклучително и промовирање на транспарентност и одговорност.

Тој ги повика и сите страни кои ја поддржуваат европската интеграција да придонесат за напредокот на Србија на нејзиниот пат кон ЕУ преку дијалог и компромис.

„Потсетуваме дека ширењето на дезинформации и непријателска политичка реторика, вклучително и против ЕУ и нејзините граѓани, нема место на патот кон интеграција во ЕУ“, рече Мерсие.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ поднесе оставка во вторник на 28 јануари.

Како што појасни, одлуката ја донел по нападот на студентите во Нови Сад, каде што, според учесниците во блокадата, група мажи со бејзбол палки бркале студенти кои лепеле налепници низ Нови Сад.

Студентите повеќе од два месеци блокираат повеќе од 60 факултети и бараат кривична и политичка одговорност за смртта на 15 лица во уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.

Владините претставници тврдат дека се исполнети сите барања на студентите.

Ванг Шуиминг уапсен во Тиват по кинеска потерница

Аеродромот во Тиват - илустративна фотографија.
Аеродромот во Тиват - илустративна фотографија.

На тиватскиот аеродром во Црна Гора уапсен е В.С. по кого Кина распиша меѓународна потерница преку Интерпол, објави црногорската Полициска управа на 28 јануари.

Како што дознава Радио Слободна Европа од полицијата, станува збор за Ванг Шуиминг.

Тој бил меѓу патниците во приватен авион кој долета од Малдиви, а имал патни документи од Република Вануату, соопшти полицијата.

Оттаму додаваат дека Шуиминг бил уапсен поради кривична постапка против него под сомнение дека организирал нелегално обложување на интернет и со тоа правел незаконски профит.

„Ова вклучува „големи суми пари на штета на кинеските граѓани кои учествувале во спортски и други онлајн игри“, наведе полицијата.

За понатамошниот статус на уапсениот Шуиминг ќе одлучува истражниот судија на Вишиот суд во Подгорица.

Меѓународната организација OCCRP (Проект за известување за организиран криминал и корупција) минатата година пишуваше за деловните врски на Шуиминг со кинескиот државјанин Су Веији, обвинет за повеќе милионска кражба поврзана со колапсот на платформата за криптовалути Atom Asset Exchange (AAX), во Хонг Конг во 2022. Платформата имаше над два милиони корисници пред да пропадне.

Случајот против Су Веији е во тек.

Сингапурската полиција го истражуваше Шуиминг како член на група поврзана со Веији која испрала милијарди профити од „активности на организиран криминал, вклучително и измама и онлајн коцкање“, според OCCRP.

Властите во Сингапур заплениле имот од 2,3 милијарди долари на 10 лица уапсени минатата година.

Ванг Шуминг оттогаш е осуден на 14 месеци затвор, според OCCRP.

Граѓаните најавуваат бојкот на маркетите поради високите цени

Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

На социјалните мрежи во Северна Македонија се шири повик за бојкот на маркетите на 31 јануари (петок), инспириран од акцијата во Хрватска, каде минатата недела граѓаните ги бојкотираа продавниците поради високите цени на основните прехранбени производи.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека има лично разбирање за акцијата за бојкот на маркетите в петок поради високите цени на прехранбените производи и повтори дека институциите ја следат состојбата и реагираат кај оние трговци што генерираат висок профит.

„Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема. Од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат, рече Мицкоски.

Тој вети дека ќе се обрати до соодветните институции за преземање мерки по прашањето дека дел од произвовителите се уценувани од големите ланци маркети, кои се обидувале да го изиграат законот за нефер трговски практики и им давале договори со 10 отсто маржа, но потоа нуделе специјални договори за маржа и до 45 отсто.

„После оваа содржина на прашањето има две дилеми. Првата е ако се случува, тоа е кривично дело и второ кажете ги кои се. Кога ќе ја напуштам прес-конференцијата ќе се обратам до соодветните институции веднаш да преземат мерки“, изјави Мицкоски.

Најавите за бојкотот во Северна Македонија следат по примерот на Хрватска, каде на 24 јануари започна акцијата против високите цени, организирана од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“. Иницијативата во Хрватска доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, па дури и од Министерството за економија.

Според податоците, потрошувачките цени во Хрватска во декември 2024 година пораснале за 4,5% во однос на истиот период минатата година, што ја позиционира земјата меѓу трите членки на ЕУ со највисока инфлација.

Трамп вели дека Мајкрософт е во преговори за купување на ТикТок

Ова е втор пат името на Мајкрософт да се поврзува со можното купување на ТикТок.
Ова е втор пат името на Мајкрософт да се поврзува со можното купување на ТикТок.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп изјави дека Мајкрософт е во преговори за купување на ТикТок, додавајќи дека би сакал да види конкуренција за оваа апликација.

Технолошката компанија Мајкрософт не ја коментираше изјавата на Трамп. Ниту ТикТок ниту ByteDance, кои ја поседуваат апликацијата, не коментираа.

ТикТок, кој има околу 170 милиони корисници во САД, беше накратко затворен непосредно пред да стапи на сила законот на 19 јануари со кој се бара од неговиот кинески сопственик ByteDance да го продаде поради национална безбедност или во спротивно дека ќе се соочи со забрана.

Откако ја презеде функцијата на 20 јануари, Трамп потпиша извршна наредба со која се бара одложување од 75 дена во спроведувањето на законот, наведувајќи ја загриженоста за националната безбедност.

Трамп минатата недела рече дека разговарал со неколку луѓе за купување на ТикТок и дека би сакал одлуката за иднината на популарната апликација да биде донесена во рок од 30 дена.

Американскиот претседател претходно изјави дека е отворен милијардерот Илон Маск да ја купи апликацијата доколку сопственикот на Тесла сака да го стори тоа. Сепак, Маск јавно не ја коментираше изјавата на Трамп.

Ова е втор пат името на Мајкрософт да се поврзува со можното купување на ТикТок.

За време на неговиот прв претседателски мандат, Трамп се обиде да ја оддели американската верзија на ТикТок од ByteDance, наведувајќи загриженост за националната безбедност.

Во 2020 година, Мајкрософт беше главниот понудувач, но преговорите за купување на апликацијата пропаднаа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG