Достапни линкови

 
Барањето за поголема плата ќе извади дел од администрацијата на протест

Барањето за поголема плата ќе извади дел од администрацијата на протест


Протест на синдикати на УПОЗ, 24 ноември 2023 (фото архива)
Протест на синдикати на УПОЗ, 24 ноември 2023 (фото архива)

Стари барања на јавната администрација во новата година. Незадоволството од платите на службениците делумно ќе се одрази врз работата на институциите, од каде за утре најавуваат протест кој следува по штрајкот што минатата недела го отпочнаа вработените во Државното правобранителство.

Штрајкот на вработените во Правобранителството, кој почна на 8 јануари, ќе трае сè додека не биде потпишан нов колективен договор со кој платата би им се зголемила за 30 проценти. Освен тоа, тие бараат да се донесе и Закон за државно правобранителска служба, со што обврските и правата веќе нема да мора да ги исполнуваат според Законот за административни службеници.

Синдикатот на УПОЗ, кој ги обединува синдикалните организации на повеќе министерства и други јавни институции, пак по овој штрајк најави и протест на вработените во неколку министерства. Првиот човек на Синдикатот, Трпе Деаноски вели дека нивното незадоволство доаѓа откако Министерството за финансии не дозволило во буџетот на Правобранителството да има поголеми финансиски средства за зголемување на платите.

„Во овој момент немаме можност за склучување на ниту еден правен акт, дали е тоа колективен договор или носење на закон со којшто овие вработени би добиле додаток на плата од 30 проценти. Поради тоа, вработените се одлучија за започнување на штрајк кој ќе трае до исполнување на овие барања“, изјави Деаноски за Радио Слободна Европа.

Во Државното правобранителство работат 118 административни службеници, чија просечна нето плата по работник изнесува 31.119 денари.

Не само поголема плата, туку и посебен закон

Вработените во Правобранителството бараат и ново законско решение кое службата во оваа институција ќе ја издвои како посебна служба. Според Деаноски, овој закон кој Синдикатот всушност го бара од 2016 година, би значел подобра регулација на нивните работни права и обврски.

„Тие сега работат согласно Законот за административни службеници. Имајќи ја предвид нивната работа, воопшто не треба да спаѓаат под овој закон. Мора да се знае дека и вработените и правобранителите се адвокати на државата и тие ја бранат и застапуваат во граѓански, управни, како и во казнени постапки“, додава Деаноски за РСЕ.

Од Државното правобранителство пак, во писмениот одговор доставен до Радио Слободна Европа појаснуваат дека согласно закон, оваа институција ги штити имотните права и интереси на Републиката и на државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и странство.

Синдикатот веќе имал средба со државниот правобранител, Беким Емини кој изразил волја да се реши ова прашање. Но, како што вели Деаноски, одлуките за буџетите на институциите ги носи Министерството за финансии. Додека штрајкуваат, вработените во Државното правобранителство ги извршуваат само најитните задачи.

„Во законот за државно правобранителство е предвидено дека има итност кај времените мерки. Сите други работни задачи, вработените не ги извршуваат во моментот“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

Од оваа институција во изјава за Радио Слободна Европа тврдат дека додека трае штрајкот, работниците кои не учествуваат во него работат непречено.

Поддршка од колегите од други институции

Синдикатот на УПОЗ најави за утре, 14 јануари, получасовниот протест, на кој околу 4000 вработени ќе излезат пред зградите на нивните институции придружувајќи се кон барањето на Државното правобранителство за додаток од 30 проценти на платите.

На состанокот кој Синдикатот на УПОЗ го одржа минатиот четврток, протестот го потврдија вработените во Државниот архив, Заводот за статистика, но и во Министерство за животна средина, за култура, за образование, за локална самоуправа, за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исто така на протест излегуваат и вработените во Министерството за дигитализација, за јавна администрација и во Министерството за економија и труд.

„Од страна на министерствата нема да се изведуваат односно извршуваат работни задачи за време на протестите, меѓутоа од наша страна секогаш ќе има разбирање и вработени кои ќе ги изведуваат минимум потребните задачи за да не застане процесот на работа во Правобранителството, но и во министерствата“, истакна Деаноски за РСЕ.

Синдикатот од Министерството за финансии побара согласност за покачување на платите пред усвојувањето на Буџетот за 2025 година, а негативниот одговор го доби откако тој беше донесен во Собранието. Деаноски вели дека токму тоа, предизвикало револт кај административците.

„Во одговорот се вели дека не се обезбедени средства за потпишување на колективни договори и добивање додаток од 30 проценти за вработените, бидејќи Министерството за финансии го одобрува буџетот. Малку е дволично да добиваме ваков одговор“, смета Деаноски.

Влада: Зголемување на платите е надвор од можностите на Буџетот

Радио Слободна Европа праша, но не доби одговор од Министерството за финансии дали повторно ќе биде разгледано барањето на синдикалните организации и какви решенија ќе понуди институцијата.

РСЕ достави прашања и до Владата – како ја коментираат најавата за протест и дали може да се очекува зголемување на платите согласно барањето? Од владиниот сектор за односи со јавноста во писмениот одговор до Радио Слободна Европа велат дека синдикатите се активен партнер во Економско-социјалниот совет потсетувајќи дека „во првите шест месеци од формирањето, актуелната Влада постигна договор за зголемување на платите во здравството и во образованието“.

„Барањето на УПОЗ за зголемување на платите за 30% во овој момент е надвор од можностите на Буџетот. Такво зголемување би довело до сигурен дисбаланс и доведување во прашање на редовното функционирање на државата и нејзините институции“ – велат од Владата за РСЕ.

Сепак, оттаму додаваат дека се отворени за дијалог и сметаат дека синдикатот треба да носи заклучоци откако ќе издискутира со легалните институции и тела. Но од друга страна Владата се сомнева и во мешање на политичка заднина на протестите.

„Штрајкот кој се споменува како прв чекор на синдикатот, без да бидат исцрпени другите механизми, ни укажува дека е можно да станува збор и за политичка мотивираност за ваква одлука, во што не сакаме да веруваме, дека на тој начин би биле злоупотребени и инструментализирани работниците“, посочуваат од Владата.

Штрајкот од страна на вработените во Државното правобранителство беше најавен уште на крајот на октомври минатата година кога тие почнаа со протести по два часа во текот на денот во повеќе градови низ државата. Синдикатот на УПОЗ тогаш организираше собир пред Основниот суд во Гостивар од каде политичарите беа обвинети за игнорантски однос, поради кој вработените работат за плата пониска од просечната.

XS
SM
MD
LG