Вести
Собранието го донесе ребалансот на Буџетот
Собранието попладнево со 67 гласови „за“, седум против и без ниту еден воздржан, го усвои ребалансот на Буџетот за 2024 година.
Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 318,2 милијарди денари што е 2,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, вкупните расходи се планирани на 362,8 милијарди денари или за 5,6 проценти повеќе во однос на иницијалните проекции, капиталните расходи се планирани во висина од околу 44,7 милијарди денари, а дефицитот е планиран на ниво од 44,7 милијарди денари, односно од иницијално планираните 3,4 проценти на 4,9 проценти од БДП.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците рече дека ребалансот е обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите што имаат соодветна динамика. Треба да се обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспените обврски кон стопанството, истакна Димитриеска Кочоска.
„Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата“, рече Димитриеска Кочоска.
Опозициската СДСМ и колаицијата рече дека нема да го поддржи ребаланост, а пратениците на Европскиот фронт ја напуштија 12-тата седница на Собранието.
Пратеникот на СДСМ Димитар Ковачевски во општата собраниска расправа рече дека со ребалансот не се обезбедени средства за континуиран раст на платите и за зголемување на минималната плата, и дека не биле предвидени средства за исплата на договорните обврски за поддршка на инвестициите на домашните компании.
Тој исто така рече дека биле намалени средствата за земјоделски субвенции, и дека намалени за 10 милиони денари биле средствата за здруженијата на инвалидни лица и за организациите кои се борат против семејно насилство и други поврзани области.
Ковачевски рече дека според ребалансот, 4,9 проценти е дефицитот од планираниот БДП што е зголемување од една третина во однос на оригинално планираниот дефицит.
„СДСМ нема да ја одолговлекува расправата за ребалансот. Во текот на комисиската расправа, СДСМ и коалицијата поднесоа 58 амандмани од кои не беше прифатен нту еден. Во делот на плати не се обезбедени срдетсва за континуиран раст на платите и за пораст на минималната плата, не се определени средства за раст на платите во образованието иако постојат поголеми приходи во Буџетот, не се предвидени средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту за покачување на правата за детска заштита“, рече Ковачевски.
Пратениците на Европскиот фронт ја напуштија расправата за ребалансот на Буџетот.
Тие се незадволни од симнувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање од дневниот ред.
Како што истакна Блерим Беџети од Европскиот фронт додека не одлучи матичната комисија околу законот тие ќе ја напуштат седницата во знак на протест.
Претходно Беџети од Европскиот фронт во процедурално обраќање истакна дека не може закон предложен од пратеник да биде повлечен од друг пратеник. Опозицијата ќе предложи закон и утре, а мнозинството ќе го повлече и каде ќе дојдеме, рече Беџети.
Потоа, пратеникот Талат Џафери праша по кој деловник работи Собранието и додаде дека нема такво нешто во Деловникот што го усвои претходниот собраниски состав пред крајот на мандатот. Обвини за флагрантно кршење на постапката и за мајоризација на работата на Собранието.
види ги сите денешни вести
Најмалку 19 лица загинаа во експлозија на автомобил-бомба во северна Сирија
Aвтомобил-бомба експлодираше во предградието на град во северна Сирија на 3 февруари при животот го загубија најмалку 19 лица, а повеќе од десетина се повредени, јави агенцијата АП.
„Убиени се осумнаесет жени и еден маж“, изјави медицинска сестра во локалната болница, за АП.
Непосредно потоа, ниту една група не ја презеде одговорноста за експлозијата која се случи до возило со земјоделски работници во предградието на Манбиџ.
„Во период од над еден месец, ова е седми напад со автомобил-бомба“, изјави Мунир Мустафа, заменик-директор на цивилната одбрана, предупредувајќи дека нападите се закана за напорите на Сирија да донесе повоена безбедност и економско закрепнување.
Манбиџ во североисточната провинција Алеп продолжува да се соочува со насилство два месеци по падот на претседателот Башар ал Асад.
Фракциите поддржани од Турција, познати како Сириска национална армија, се судрија со Сириските демократски сили. Фракциите го презедоа градот од Сирискиот демократски сојуз (СДФ) на почетокот на декември.
Кратко откако обвинувањата против СДФ се појавија на социјалните медиуми, СДФ во соопштение го осудија нападот и ги обвинија групите поддржани од Анкара дека можеби се вклучени со цел да предизвикаат повеќе судири во Сирија.
Во напад со автомобил-бомба во Манбиџ во саботата загинаа четири цивили, а девет биле повредени, извести државната новинска агенција САНА, повикувајќи се на официјални службени лицаод цивилната одбрана.
Претседателот на Собранието на Црна Гора ја исклучи опозицијата од работата на Собранието на 15 дена
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ, на мнозинството пратеници од опозицијата им изрече 15 дена „мерка отстранување“ од Собранието поради, како што рече, континуираната блокада на законодавниот дом.
„Со ова се деблокира работата на Собранието по два месеци“, рече Мандиќ на седницата, која заврши по усвојувањето на дневниот ред на кој се најде буџетот за 2025 година.
Мерката не опфати само осум опозициски пратеници.
Еден од оние кои не беа казнети, пратеникот од опозицијата, Борис Мугоша, рече дека во Црна Гора се урива демократијата.
Од средината на декември опозицијата го спречува одржувањето на собраниските седници бидејќи Уставната комисија на Собранието ја презеде надлежноста на Уставниот суд во постапката за пензионирање на судии од тој суд.
Ова, опозицијата го нарече обид за уставен удар.
Последна во низата седници што беа блокирани беше седницата на 21 јануари кога на дневен ред беше буџетот за 2025 година.
Претходно, покрај барањето за поништување на разрешувањето на судијата на Уставниот суд, опозицијата побара и гаранции дека Уставот во делот на идентитетските прашања и Законот за црногорско државјанство нема да се менува без консензус.
Претходно од партијата на поранешниот проруски Демократски фронт, предводена од претседателот на Собранието, Андрија Мандиќ, беше најавено дека ќе бараат промена на Уставот во однос на измените на официјалниот јазик и либерализација на стекнувањето црногорско државјанство.
Барањето е српскиот да биде официјален јазик, со што ќе се изедначи со црногорскиот јазик, додека либерализацијата за добивање државјанство ќе им овозможи на граѓаните од соседните земји да станат црногорски државјани.
На ова, освен опозицијата, се спротивставија и албанските партии во Владата.
Премиерот Милојко Спајиќ рече дека за тоа ќе се одлучува со консензус на сите партии.
Одлуката на Собранието за престанок на мандатот на судијата на Уставниот суд предизвика загриженост кај Европската комисија кон средината на декември 2024.
ЕУ ги повика сите институции во Црна Гора да ги почитуваат законите и Уставот на земјата бидејќи тоа е клучно за европскиот пат на Црна Гора.
Црна Гора е лидер во процесот на пристапување во ЕУ, со сите 33 поглавја од преговорите отворени и со шест затворени поглавја.
САД ги одложи царините за Мексико за еден месец
Соединетите Американски Држави(САД) за еден месец ги одложуваат претходно објавените царини од 25 отсто за увоз од Мексико, објавија американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, јави агенцијата ДПА.
Трамп објави дека разговарал со Шејнбаум и се согласиле да ги одложат царините кои требаше да стапат на сила на 4 февруари.
Шејнбаум ја потврди информацијата за одложувањето во објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
За време на едномесечната пауза, американскиот државен секретар Марко Рубио, секретарот за финансии Скот Бесент, секретарот за трговија Хауард Лутник и високи претставници на Мексико ќе се сретнат за да се обидат да ги решат проблемите.
„Очекувам да учествувам во тие преговори со претседателката Шејнбаум, имајќи предвид дека се обидуваме да постигнеме договор меѓу нашите земји“, напиша Трамп.
Трамп најави дека ќе воведе 25 отсто царини против Мексико за она што тој рече дека е одмазда за „отворената граница" и нелегалното преминување на смртоносниот фентанил во САД.
Тој најави и царини за стоки од Канада и Кина.
Канада, Мексико и Кина се трите најголеми трговски партнери на САД и заедно сочинуваа повеќе од 40 отсто од американскиот увоз во 2024 година.
Шведска ја отфрли можноста за саботажа на подводниот кабел во Балтичкото Море
Шведските обвинители на 3 февруари ја отфрлија можноста за саботажа во случајот со оштетувањето на подводниот кабел со оптички влакна во Балтичко море. Тие соопштија дека го ослободуваат бугарскиот брод кој беше запленет поради инцидентот, со образложение дека штетата ја предизвикал случајно.
Шведска го заплени бродот „Вежен“ откако беше откриена штета на оптички кабел помеѓу Шведска и Летонија на дното на Балтичкото Море на 26 јануари.
Инцидентот беше еден од неколкуте кои вклучуваа оштетување на кабли и друга инфраструктура во Балтичко море, во услови на зголемени тензии меѓу Западот и Русија поради војната на Москва во Украина.
„Истрагата во врска со кабелот што пукна помеѓу Шведска и Летонија не го класифицираше тоа како случај на голема саботажа“, соопштија од шведското обвинителство.
Властите посочија дека е донесена одлука „да се укине запленувањето на бродот за кој постоеше сомневање дека е вклучен во прекинувањето на кабелот".
„Утврдено е дека комбинацијата на временските услови и недостатоците во опремата и морнарството придонеле за прекинувањето на кабелот", изјави обвинителот Матс Љунгквист.
Оштетувањето на кабелот, кој припаѓа на летонскиот државен радио и телевизиски центар, се случи во шведските територијални води на длабочина од најмалку 50 метри.
„Официјално бевме информирани од властите кои ја спроведуваат истрагата во Шведска дека нема причина да веруваме дека нашиот екипаж извршил саботажа или злонамерно дело на бродот“, изјави Александар Калчев, извршен директор на бродскиот оператор Навигација Поморски Булгар (Navibulgar).
Во моментот на инцидентот, бродот носел ѓубриво од Уст-Луга во Русија и се упатил кон Јужна Америка.
Во изјава за АФП, Калчев истакна дека според истрагата, една од котвите на бродот била оштетена и сидрото паднало во морето.
„Бродот може да продолжи да работи со оваа штета во следните три месеци, има дозвола да го стори тоа, но ние ќе се обидеме да застанеме во Данска за да ја поправиме штетата", изјави тој на 3 февруари.
Тензиите околу Балтичкото Море се зголемија од руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Серија подводни експлозии ги пукнаа гасоводите кои го пренесуваа рускиот гас во Европа во септември 2022 година, а причината допрва треба да се утврди.
Во октомври 2023 година, подводниот гасовод помеѓу Финска и Естонија беше затворен откако беше оштетен од сидрото на кинески товарен брод. Два телекомуникациски кабли во шведски води биле прекинати на 17-18 ноември минатата година.
Вучиќ ја покани на дијалог Ректорската управа на Универзитетот во Белград
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја покани Ректорската управа на Универзитетот во Белград во среда, на 5 февруари, на дијалог во чии рамки ќе се најде решение за актуелната блокада на наставата на факултетите, јави Радио-телевизија Србија (РТС).
Студенти блокираат повеќе од 60 факултети во Србија барајќи политичка и кривична одговорност за смртта на 15 лица при пад на бетонска настрешница на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Вучиќ изјави дека ја испратил поканата врз основа на уставното овластување од член 111 од Уставот на Србија, со своите постапки да изразувада изрази државно единство во Србија и „заложувајќи го својот авторитет како како носител на јавна функција, кого кого граѓаните директно го избрале за претседател на Републиката во два наврати“.
Студентите постојано му реплицираа на Вучиќ дека тој „не е надлежен“ за нивните барања.
На 1 и 2 февруари повеќе од десетици илјади студенти и граѓани учествуваа во блокадата на мостовите во Нови Сад по повод три месеци од трагедијата на железничката станица.
Студентите бараат да се објави комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад. Бараат и казни за напаѓачите на учесниците во протестите и прекин на постапките против демонстрантите.
Претставниците на надлежните тврдат дека се исполнети сите услови и ги повикуваат студентите да ги отворат факултетите.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ и градоначалникот на Нови Сад Милан Ѓуриќ поднесоа оставки. Студентите рекоа дека оставките не се меѓу нивните барања, дека барањата не се исполнети и дека продолжуваат со блокади на факултетите.
Вишото јавно обвинителство во Нови Сад на 30 декември поднесе обвинение против 13 осомничени за падот на настрешницата на железничката станица на 1 ноември. Меѓу нив се до неодамна министерот за градежништво и инфраструктура Горан Весиќ, неговата помошничка Анита Димоски и поранешната директорка на Железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ.
Весиќ е на слобода, а Танасковиќ и Димоски се во домашен притвор.
Коцевски: Прегазувањето на Фросина е кривично дело со умисла
Прегазувањето на Фросина Кулакова од Неготино е кривично дело со умисла, рече јавниот обвинител, Љупчо Коцевски на прес-конференција на 3 февруари.
„Се преземаат сите дејствија за обезбедување докази за овој кривично правен настан. Обвинителството во овој случај против осомничениот води постапка за најтешко кривично дело од областа на безбедноста на сообраќајот“, рече Коцевски.
За прегазувањето на 22-годишната Фросина, осомничен е 20-годишниот скопјанец Васил Јованов. Обвинителството соопшти дека тој никогаш не поседувал возачка дозвола, а во моментот на трагичниот настан бил во алкохолизирана состојба.
По барање на обвинителството, Кривичниот суд следниот ден по несреќата му одреди 30 дневен притвор на Јованов. Но, веднаш по тоа на социјалните мрежи се појавија негови фотографии каде тој држи мобилен во рака, по што Управата за извршување санкции направи претреси во келиите.
Информациите дека тој им бил познат на органите на прогонот од претходно, предизвикаа револт кај граѓани кои излегоа на протести барајќи „правда за Фросина“. Прво протестираа низ центарот на Скопје, потоа во родното Неготино на девојката, па во Кавадарци и повторно во Скопје, на 2 февруари, каде се движеа од булеварот „Партизански одреди“ до Кривичниот суд со паролата „Секој еден може да е следен“.
Во 2015 година, на истиот булевар „Партизански одреди“ беше прегазена студентката Фросина Цековска од 26-годишен возач возач кој исто така беше под дејство на алкохол и возел со брзина поголема од дозволената.
Во јануари 2022 беше прегазена и Викторија Николова од Радовиш. 22-годишниот возач, според Обвинителството, возел со поголема брзина од дозволената кога ја прегазил 24-годишната Николова.
Нема договор за минималната плата
Без договор за минималната плата заврши седницата на Економско-социјалниот совет што се одржа во Владата на 3 февруари. Сепак, ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат синдикатите, Државниот завод за статистика, Организација на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии.
„Телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница најверојатно ќе се формира на следната седница на Економско-социјалниот совет“, најави претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска.
Таа рече дека денеска дискутирале за минималната плата, но без ставови и заклучоци.
„Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи кои ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е нивен метод за вршење притисок“, изјави Трајкоска по седницата.
Претходно денеска, работодавачите истакнаа дека зголемувањето на минималната плата е можно доколку Владата субвенционира дел од придонесите.
Според претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов, зголемувањето на минималната плата ќе ја елиминира сивата економија во делот на „платата во плико“ или „платата под маса“.
„Тоа ја чини касата близу 250 милиони евра“, рече тој.
Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски потсети дека цените одат нагоре и како што рече, треба заеднички да се најде модул за тоа да се „заузда“.
Незадоволни од цените на производите во маркетите, граѓаните во петокот на 31 јануари одлучија да ги бојкотираат маркетите ширум државава. Граѓаните се организираа преку социјалните мрежи по примерот на Хрватска каде на 24 јануари почна акцијата против високите цени.
Минималната плата во Северна Македонија е 22.567 денари (367 евра).
Запален автомобил на скопски јавен обвинител
Засега непознати сторители опожариле автомобил на јавен обвинител во текот на ноќта, соопштија од Основното јавно обвинителство Скопје на 3 февруари.
Од Обвинителството велат дека интензивно се преземаат дејства за откривање на сторителите.
„Првичните сознанија упатуваат на можна поврзаност со фактот што јавниот обвинител постапува во два сензитивни предмети во кои во моментов интензивно презема истражни дејствија. Истражните органи работат на расчистување на настанот и на целосно утврдување на причините“, соопштија од Обвинителството.
Претходно, во декември 2024, беше опожарен автомобилот на обвинителот Џелал Бајрами од Куманово.
Како што посочи тогаш Бајрами во изјава за новинската агенција МИА, возилото било паркирано пред дворот од неговата куќа, а од пожарот немало друга штета.
Истата вечер во кумановската полиција, биле пријавени и два други случаи на опожарени патнички моторни возила.
Украина го критикува мировниот предлог на САД за прекин на огнот како „пропаднат план“
Одговарајќи на коментарите на претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина и Русија дека двете земји ќе мора да направат отстапки за да се стави крај на речиси тригодишната војна, украинските власти сооштија дека мировниот предлог на Вашингтон засега е „пропаднат план“.
Доцна на 2 февруари, Трамп рече дека преговорите со Украина и Русија се одвиваат „прилично добро“.
„Имаме закажани состаноци и разговори со различни страни, вклучително Украина и Русија. И мислам дека тие разговори всушност се одвиваат доста добро“, додаде тој без да наведе детали.
Неколку часа претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Украина и Русија, Кит Келог, предупреди дека двете страни ќе мора да направат отстапки доколку се надеваат дека ќе преговараат за решение за војната.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски „веќе навести дека ќе го ублажи својот став за територијата. И (рускиот претседател Владимир) Путин исто така ќе мора да го омекне својот став“, рече Келог.
„Ќе имаме разговори со сите, веројатно во блиска иднина. И тоа е добро за двете страни“, додаде тој.
Зеленски отфрли каков било договор во кој од него ќе се бара да направи територијални отстапки за Русија, која контролира големи делови од југоисточна Украина и полуостровот Крим.
Некои од овие територии беа заземени за време на претходната инвазија во 2014 година, а останатите по целосната руска инвазија во февруари 2022 година.
Како и да е, Украина се соочи со зголемени загуби на бојното поле во последните месеци, што доведе до притисок врз Зеленски да го омекне неговото противење за губење на територија, дури и привремено.
Иднината на американската воена помош е исто така нејасна.
Трамп го критикуваше обемот на помошта на претходната администрација за Киев, за која Келог рече дека е 174 милијарди долари.
Русија, исто така, претрпе огромни загуби на бојното поле, а нејзината економија е уништена од воените трошоци и санкциите наметнати од западните земји.
Трамп вети брз крај на војната, но не даде детали за потенцијалните планови.
Келог на 31 јануари рече дека Трамп има „цврста“ стратегија да стави крај на војната во Украина во рок од неколку месеци, исто така без да даде конкретни детали.
Тврдењето на Келог доаѓа во време на тајни разговори и преговори за изнаоѓање начин да се стави крај на речиси тригодишната руска инвазија. Путин, од своја страна, го пофали Трамп и изрази подготвеност за средба. Но, тој, исто така, ја отфрли можноста за разговор со Зеленски, што може да ги искомплицира сите претстојни преговори. Путин го нарече Зеленски „нелегитимен“ претседател бидејќи официјално му истече претседателскиот мандат.
Седница на Економско социјалниот совет, синдикалците бараат да се разговара за раст на платите
Можно е да се постигне и поголема минимална плата од 450 евра, ако Владата помогне преку социјалните придонеси, велат работодавачите. Тие денеска, пред седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС), изјавија дека секое покачување што ќе го издвојат во износ од 1000 до 9 000 денари треба да биде помогнато во рок од една година од Владата преку социјалните придонеси, а понатаму, со зајакнување на економијата, да има шанси да се исплаќа од нивна страна во целост.
Минималната плата не е точка од дневниот ред на седницата на ЕСС, но, како што нагласија претставниците од Сојузот на синдикатите (ССМ) и од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), ќе се бара отворање и на ова прашање.
Според ССМ, ако работодавачите имаат желба да се зголемат платите на сите вработени во приватниот сектор, треба да се изнајде решение со кое Владата ќе субвенционира дел од придонесите. КСС, пак, ќе предложи формула според која Владата би субвенционирала дел од платите на најсиромашните.
„Предлогот на синдикатите е 27 000 или 450 евра, но ние имаме шанси, ако бидеме поддржани од Владата со социјалните придонеси, тие плати да бидат зголемени за да постигнеме и малку поголем износ на минимална плата во регионот. Тоа значи дека минималецот понатаму би го договарале со колективни договори во секој сектор, но основата на покачувањето секоја година во март да биде согласно утврдената методологија, а со посебни колективни договори со синдикатите да има плус покачување. Тоа се некои решенија кои ние ги предлагаме, синдикатите имаат нешто слично, но најважно е бројот на компании и вработени да останат“, објасни Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Тој напомена и дека наглото покачување на минималната плата е голем товар за микро, малите и средните фирми, особено во занаетчиската дејност.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека на денешната седница на ЕСС нема точка за зголемување на платите, туку има точка за синдикалната минимална кошничка.
„Веројатно ќе не убедуваат дека добро се живее во Македонија и дека нема потреба од зголемување на платите. Но, цело наше претседателство дојде тука за да побараме прва точка да биде токму потребата од растот на платите во приватниот и јавниот сектор. Имаме наши предлози што ќе ги презентираме пред социјалните партнери. Треба да најдеме начин, ако работодавачите имаат желба да се зголемат платите на сите вработени во приватниот сектор, да се изнајде решение со кое и Владата ќе субвенционира дел од придонесите како зголемување на платите на вработените или ќе бидат ослободени за временски период по кој потоа ќе плаќаат придонеси. Така ќе се елиминира сивата економија во делот на „платата во плико“ или „платата под маса“ која ја чини касата близу 250 милиони евра“, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Тој дополни дека овој месец би требало ЕСС да заседава двапати неделно преку работни групи, за да се разговара за растот на платите.
Според претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати, Благоја Ралповски, мора да им се помогне барем на најсиромашните работници.
„Во последно време се повеќе се зголемуваат цените на мало за основните прехранбени производи што се случува од 2021 - 2022 година. Цените одат се погоре, заеднички треба да најдеме модел како да ги „зауздаме“ да може платите кога се покачуваат да имаат вредност и инфлацијата да биде на стабилно ниво. Секако, ќе се разговара и за минималната плата за која има формула како треба да се зголеми во март. Ние ќе дадеме свои идеи и гледишта за нејзино покачување повеќе од она што е предвидено со Законот, ќе видиме како ќе се одвива дискусијата. Сите заедно сме тука за да видиме како можеме да им помогнеме барем на најсирмоашните работници, околу 20 000, кои земаат минимална плата. Ќе предложиме формула според која Владата би субвенционирала дел од платите на најсиромашните. Имаме некои свои гледишта и идеи како би можела Владата да помогне во овој случај, а да не предизвикаме инфлаторни шокови“, истакна Ралповски.
Седницата на ЕСС е во тек, а по нејзиното завршување се очекува да бидат соопштени ставовите на сите партнери во дијалогот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете