“Не излегуваме од коалицијата Вреди, излегуваме со наши листи за советници. За кандидатите за градоначалници не е дефинитивно. Не може 4-5 луѓе од Влен да одлучуваат за кандидати за градоначалници без сондажи и анкети на јавното мислење.”, рече лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари во вторникот вечерта (15.04) по завршувањето на седницата на Централното Претседателство на партијата.
Според Таравари, Алијансата сака да остане дел од владеачката коалиција Влен, но „ако тие не исклучат, тогаш и ние ќе постапиме соодветно.”
Претходно Таравари изјави дека не мисли дека Алијансата ќе победи но дека е убеден во добар резултат на локалните избори.
„Ајде да видиме, на крај граѓаните одлучуваат“, изјави Арбен Таравари, лидерот на Алијасата за Албанците во понеделникот на 13 04.
Во партијата имено, веќе се правеле одредени анализи и анкети коишто покажале дека во одредени општини би имале добар резултат и доколку настапат сами.
Таравари смета дека „добро котираат во Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце, Сарај, Липково...“
На денешниот одговорот на Таравари инсистираа и коалиционите партнери од ВРЕДИ кои сметаат дека Арбен Таравари, преговара со Али Ахмети. Таравари ова децидно го отфрли.
Волкот и граѓаните
„Најголем губитник ќе биде оној што ќе излезе од коалицијата Влен. Народната поговорка вели – „тој што ќе се оддели од групата, ќе го јаде волкот“, изјави во неделното интервју за РСЕ, претседателот на БЕСА Биљал Касами, за неговиот партнер во Влен, Арбен Таравари по несогласувањата во коалицијата и критиките од лидерот на Алијанса за Албанците за нејзиното функционирање како дел од Владата.
„Ние сме се обиделе порано, секој поединично, до го предизвикаме Али Ахмети и ДУИ и не сме успеале. Успеавме само кога станавме заедно“, рече Касами.
На прашањето на новинарот на РСЕ за тоа што всушност бара Таравари, а што е прифатливо за Влен, во врска со распределбата на градоначалничките места и советничките листи, лидерот на БЕСА Касами одговори:
„Ако ние му дадовме пет загарантирани пратенички позиции во листите, (парламентарни избори) ние бевме спремни да му дадеме исто предност во делот на позициите во локалните избори. Дали за градоначалници, дали за советници. Но, инсистирањето да се оди посебно на листите и што останува во тие позиции, за нас оди во прилог на ова што го кажуваме цело време - давање на уште една можност на ДУИ да се врати. Затоа што сепак ова се локални избори“, вели Касами.
Инаку четирите партии во рамките на коалицијата на албанскиот политички блок Влен се согласни да одат со заеднички листи и програма на локалните избори наесен.