Вести
Финска се повлекува од договорот за нагазни мини поради Русија

Членката на НАТО Финска планира да ја напушти глобалната конвенција за забрана на противпешадиски мини и да ги зголеми трошоците за одбрана на најмалку 3 отсто од бруто домашниот производ до 2029 година како одговор на растечката воена закана од Русија, објави во вторникот нејзината влада.
Полска и балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија, минатиот месец објавија дека ќе се повлечат од Конвенцијата од Отава од 1997 година поради заканата што соседна Русија ја претставува за нив и за Европа.
Со напуштање на договорот, Финска, која ја чува најдолгата граница на НАТО со Русија, би можела повторно да започне со обезбедување на залихи на нагазни мини за да и бидат достапни доколку се појави потреба.
На прес-конференцијата премиерот Петри Орпо рече дека во моментов нема непосредна воена закана за нордиската нација, но дека Русија претставува долгорочна опасност за цела Европа.
„Повлекувањето од Конвенцијата од Отава ќе ни овозможи да се подготвиме за промени во сегашната безбедносна средина на посеопфатен и разноврсен начин“, рече тој.
Премиерот Орпо додаде дека Финска ќе одвои дополнителни три милијарди евра за одбраната, со што ќе го подигне нивото на воени трошоци од 2,41 отсто во 2024 година на 3 отсто од бруто домашниот производ до 2029 година копно и балтичките држави дека Русија би можела повторно да се вооружи и да ги нападне наместо Украина.
Финска се приклучи на воената алијанса НАТО во 2023 година, во промена на политиката по децении на неврзаност предизвикана од руската инвазија на Украина.
Финска почна да размислува за повлекување од Договорот од Отава во ноември минатата година, кога нејзиниот воен началник рече дека ова прашање треба да се разговара поради руската употреба на такво оружје во Украина.
„Финска ќе ги користи мините на одговорен начин, но тоа е одвраќање што ни треба“, рече министерот за земјоделство и шумарство Сари Есајах за новинарите во вторникот.
Противпешадиските нагазни мини се дизајнирани да бидат скриени во земјата и автоматски да се активираат кога некој ќе стапне или оди во нивна близина.
Финска уништи над милион нагазни мини по 2012 година, со што стана последната земја на ЕУ што ја потпиша Конвенцијата од Отава, која ја ратификуваа или пристапија повеќе од 160 земји - но не и Русија.
Договорот од 1997 година беше еден од низата меѓународни договори направени по крајот на Студената војна за промовирање на глобалното разоружување. Борците против мини ја добија Нобеловата награда за мир истата година.
Нагазни мини убија или осакатија десетици илјади цивили ширум светот, многу од нив долго по завршувањето на војните.
За напуштање на договорот ќе биде потребно одобрение од финскиот парламент.
види ги сите денешни вести
Следната средба меѓу претставниците на САД и Иран ќе биде во Рим

Следната рунда разговори меѓу САД и Иран за нуклеарната програма на Техеран ќе се одржи во Рим во сабота(19 април), соопшти холандскиот министер за надворешни работи и друг дипломатски извор.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи и американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, се согласија да ја одржат следната средба во првата рунда разговори во Оман за време на викендот, за која двете земји рекоа дека била „позитивна“ и „конструктивна“.
„Разговорите ќе се одржат во италијанската престолнина“, изјави холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп на состанокот на министрите на Европската Унија.
Двајца дипломати кои работат во Рим ја потврдија локацијата.
Иранското Министерство за надворешни работи во неделата објави дека разговорите планирани за следниот викенд повторно ќе бидат „индиректни“ со посредство на Оман и ќе се фокусираат исклучиво на нуклеарното прашање и укинувањето на санкциите. На состанокот во Мускат, главните преговарачи се сретнаа лице в лице накратко дури откако завршија индиректните разговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека очекува многу брзо да донесе одлука за Иран.
Трамп претходно јасно стави до знаење што сака: на Иран не може да му се дозволи да има нуклеарно оружје. Сепак, останува нејасно дали тој сака да ги ограничи нуклеарните активности на Иран или целосно да ги прекине.
Иран вели дека не се стреми кон атомска бомба, но ја отфрла идејата за целосно прекинување на својата нуклеарна програма, за која вели дека е за мирни цели.
Трамп, кој се закани со воена акција доколку не се постигне договор за запирање на нуклеарната програма на Иран, изјави дека се сретнал со советници за Иран и очекува брза одлука. Тој не даде дополнителни детали.
Разговорите во саботата во Оман беа првите меѓу Иран и администрацијата на Трамп, вклучувајќи го и неговиот прв мандат како претседател на САД од 2017 до 2021 година.
Мандатарот го достави предлогот за нова српска влада, седницата за избор закажана за 15 април

Кандидатот за премиер на Србија, Ѓуро Мацут до Собранието на Србија достави предлог за состав на Влада. Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ потврди дека предлогот за новата Влада пристигнал во Собранието и дека почетокот на седницата е закажан за утре (15 април) во 10 часот.
Утврден е дневниот ред на Втората специјална седница на Народното собрание - Избор на Влада и положување заклетва на претседател и членови на Владата.
За прв вицепремиер и министер за финансии е предложен Синиша Мали, за вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а за вицепремиер и министер за економија Адријана Месаровиќ. Братислав Гашиќ е предложен за министер за одбрана, Марко Ѓуриќ за министер за надворешни работи, а Немања Старовиќ за министер за евроинтеграции.
На 6 април, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му го довери мандатот за состав на новата влада на ендокринологот и професор на Медицинскиот факултет во Белград, Ѓуро Мацут. Вучиќ претходно одржа консултации со парламентарните партии за мандатот за состав на новата влада, во кои не учествуваше ниту една опозициска партија.
Опозицијата предложи формирање преодна влада, што владејачката коалиција го отфрли.
Владата на Србија е во технички мандат од 19 март, кога пратениците во Собранието ја потврдија оставката на Вучевиќ од функцијата премиер, со што започна рокот од 30 дена за избор на нова влада. Вучевиќ поднесе оставка еден и пол месец претходно, откако активисти на владејачката Српска напредна партија претепаа група студенти кои ја блокираа работата на факултетот во Нови Сад.
Падот на Владата на Србија предводена од Милош Вучевиќ се случи во екот на антирежимските протести предводени од студенти кои блокираат десетици факултети низ Србија од крајот на ноември 2024 година.
Фокусот на нивните барања, кои ги поставија пред институциите на Србија, е утврдување на правна и политичка одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември минатата година.
Алжир им нареди на 12 француски дипломати да ја напуштат земјата

Алжир им нареди на 12 вработени во француската амбасада да ја напуштат земјата во рок од 48 часа, потврди францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро за весникот Фигаро.
„Оваа одлука, како што се смета, е одговор на апсењето на тројца алжирски државјани осомничени за тешки кривични дела на француска територија“, изјави Баро.
Според телевизијата BFM TV, тој ја оцени мерката како „неоправдана“.
„Одлучивме заедно со алжирската влада да ја обновиме линијата на дијалог во служба на нашите две земји. Ги повикувам алжирските власти да се откажат од овие мерки за протерување, кои немаат никаква врска со тековната правна постапка“, додаде министерот.
Баро нагласи дека Франција ќе одговори „веднаш“ доколку протерувањата продолжат.
Си: Нема победници во трговската војна

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска (14 април) ја започна еднонеделната турнеја низ Југоисточна Азија во Виетнам, истакнувајќи ја посветеноста на Пекинг на глобалната трговија. Турнејата ја почнува веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп ја разбранува глобалната економија со одлуката за нови царини кон земјите.
Иако Трамп ги паузираше новите царини за голем број земји, тој ги остави оние за Кина, втората по големина економија во светот, на 145 отсто.
„Нема победници во трговската или војната со царини“, напиша Си во статијата објавена во виетнамските и кинеските официјални медиуми.
„Нашите две земји треба цврсто да го чуваат мултилатералниот трговски систем, стабилните глобални индустриски и снабдувачки синџири и отворената и кооперативна меѓународна средина, додаде Си.
Тој денеска пристигна во Ханој на почетокот на дводневната посета на Виетнам. Си ќе се сретне со генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам То Лам и премиерот Фам Мин Чин.
Виетнам има искуство во балансирање на односите со САД и Кина. Таа е управувана од комунистички еднопартиски систем како Кина, но има силни врски со САД.
Кина е најголемиот трговски партнер на Виетнам, а кинеско-виетнамската трговија ќе расте за 14,6 отсто на годишно ниво во 2024 година, според кинеските државни медиуми.
Трамп воведе царини од 46 отсто за Виетнам пред да прогласи 90-дневна пауза во спроведувањето на таа одлука.
Кина и Виетнам имаат и разлики и спорови, вклучително и за територијата во Јужното Кинеско Море. Виетнам имаше судири со кинеската крајбрежна стража, но не често објавува информации за таа конфронтација. По Виетнам, Си треба да оди во Малезија, а потоа во Камбоџа.
Почна судењето за отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јеол

Централниот окружен суд во Сеул денеска (14 април) го отвори процесот против отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-Јеол, обвинет за бунт и велепредавство, јави ДПА.
Според агенцијата „Јонхап“, 64-годишниот Јун избегнал средба со новинарите и влезе во судот преку подземната гаража.
На почетокот на рочиштето, обвинителството го прочитал обвинителниот акт, по што Јун доби можност да одговори на обвинувањата. Се очекува во текот на денот да започне и сослушувањето на сведоци.
Обвиненијата се однесуваат на краткотрајното воведување воена состојба во декември, што Јун го прогласи за време на жесток спор во парламентот околу државниот буџет. Иако мерката траеше само неколку часа, предизвика сериозна политичка криза.
Јун подоцна беше подложен на постапка за импичмент, а на 4 април Уставниот суд официјално го отстрани од функцијата.
Сведоци од армијата тврдат дека Јун наредил пратениците насила да бидат исфрлени од пленарната сала, во обид да спречи гласање што можело да ја укине воената состојба.
Јун ги отфрла сите обвинувања.
Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со доживотна затворска казна, а теоретски останува можност и за смртна казна, иако во Јужна Кореја не се извршени егзекуции од доцните 1990-ти.
Унгарскиот парламент треба да гласа за забрана за собири на ЛГБТК припадниците

Пратениците во Унгарија денеска (14 април) треба да гласаат за контроверзниот уставен амандман кој активистите за човекови права го опишаа како сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето и дополнително да ги ограничи човековите права.
Амандманот, поддржан од премиерот Виктор Орбан и неговата десничарска популистичка партија Фидес, се обидува да ја внесе неодамнешната забрана за Прајд во уставот, дозволувајќи им на властите да користат софтвер за препознавање лица за да ги идентификуваат учесниците и потенцијално да ги казнат.
Според владата, амандманот има за цел да го заштити физичкиот, менталниот и моралниот развој на децата, а во исто време уставно да се признае постоењето на само два пола, со што се отвора патот за отфрлање на родовите идентитети од страна на некои граѓани во Унгарија, пишува Гардијан.
Откако Орбан постојано тврдеше дека странци се мешаат во унгарската политика, уставниот амандман вклучува и можност за привремено суспендирање на унгарското државјанство за лицата со двојно државјанство за кои властите сметаат дека се закана за безбедноста или суверенитетот на земјата.
Унгарскиот Хелсиншки комитет, здружение за човекови права, го опиша амандманот како начин за легално ширење страв во земја-членка на ЕУ.
„Овие закони претставуваат сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето, да ја ослабне заштитата на човековите права и да го зацврсти своето владеење“, се вели во соопштението.
Опозициската партија Моментум предупреди на сличности со ограничувањата во Русија.
Како Владимир Путин, Орбан се обидува да се прикаже себеси како бранител на традиционалните семејни вредности, воведувајќи мерки како што се забрана за посвојување деца од истополови парови и исклучување на ЛГБТК+ темите од училишните програми.
Моментум преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да им се придружат во денешното блокирање на зградата на Собранието, во обид да го спречат гласањето на законот.
Уставниот амандман се очекува да биде усвоен речиси еден месец откако пратениците забрзано го следеа законот за забрана на јавните ЛГБТК+ настани. Оттогаш, илјадници луѓе протестираат на улиците, блокирајќи ги мостовите и главните патишта со пароли како „демократија“ и „собирот е основно право“.
Орбан и неговата влада тврдат дека нивната цел е да ги заштитат децата од она што тие го нарекуваат сексуална пропаганда, но аналитичарите посочуваат дека тоа е предизборна стратегија во која малцинството ЛГБТК+ се користи како жртвено јагне за мобилизирање на конзервативниот електорат.
По објавувањето на веста за забраната на Прајдот минатиот месец, 22 европски амбасади во Унгарија - меѓу кои британската, француската и германската - издадоа заедничка изјава во која изразија длабока загриженост дека законот може да доведе до ограничување на правото на мирно собирање и слободата на изразување.
Организаторите на Будимпешта Прајд, кој редовно собира десетици илјади луѓе, рекоа дека и покрај се, планираат овогодинешната парада да ја одржат на 28 јуни.
Унгарскиот Хелсиншки комитет, Унгарската унија за граѓански слободи, Амнести интернешнал и здружението Хатер ја повикаа Европската комисија да покрене постапка против унгарската влада, тврдејќи дека последните измени го прекршуваат правото на Европската Унија.
Калас: Дефинитивно треба да го придвижиме процесот на проширување

Процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа ни се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург.
„Гледаме како тензиите растат (во регионот) и дефинитивно треба да го придвижиме процесот на проширување“, истакна Калас.
Таа додаде дека синоќа (13 април) заедно со европските министри за надворешни работи присуствувала на вечера со колегите од Западниот Балкан на која, како што рече, разговарале и дискутирале со пријателите од регионот.
Калас нагласи и дека деновиве сме сведоци на најсмртоносните напади во руската инвазија врз Украина, во кои се убиени голем број цивили.
„Помина веќе е еден месец од кога Украина се согласи на безусловен прекин на огнот, но тоа не го гледаме од руска страна. Она што е јасно, е дека треба повеќе да ја поддржуваме Украина“, рече Калас.
Таа изрази задоволство што веќе се остварени две третини од нејзината иницијатива за обезбедување муниција за Украина, но дека ЕУ треба да направи повеќе, потсетувајќи дека оваа година европските земји се обврзаа на 23 милијарди евра поддршка за земјата, што е повеќе од минатата година, но дека треба и да се изврши и притисок врз Русија за да ја запре војната.
Високата претставничка информира дека на Советот ќе се разговара и за соработката на ЕУ со земјите од Африка и за засилување на европскиот ангажман на овој континент, како и за состојбата на Блискиот Исток, поврзано со можното олеснување на санкциите кон Сирија и за напорите за запирање на „ужасната загуба на животи“ во Газа.
Најмалку четворица повредени по напад со дронови врз Одеса

Одеса и регионот беа нападнати од над 10 дронови од Црното Море, објави градоначалникот на градот Генадиј Труханов на апликацијата Телеграм.
„Во градот одекнаа силни експлозии“, додаде тој.
Според прелиминарните информации, најмалку четири лица се повредени во нападот, изјави претседателот на Регионалната воена управа на Одеса, Олег Кипер.
„Непријателот ја нападна Одеса и регионот со беспилотни летала, предизвикувајќи штета на цивилната инфраструктура и автомобили“, напиша Кипер на Телеграм.
Остатоците од пресретнатата цел предизвикале пожар. Сите надлежни служби ги елиминираат последиците од нападот, додаде претседателот на Регионалната воена управа на Одеса.
Претходно локалните канали објавија дека освен кон Одеса, борбени дронови се упатуваат и кон приморските градови Черноморск и Јужни.
Властите ги повикаа жителите да се засолнат во засолништата за бомби.
Протест на транспортните работници во Софија

Возачите од градскиот превоз во Софија денеска (14 март) излегуваат на протест, што може да предизвика блокади и отежнато движење во градот.
Националниот протест, под мотото „Достоинствен труд – достоинствена плата! Без превоз, нема економија!“ е организиран од синдикатите на транспортните работници.
Од 8:00 часот се очекува демонстрантите да ги блокираат сообраќајните раскрсници во центарот на Софија, а дел од акциите вклучуваат и привремено попречување на работата на метрото, јави БТА.
Околу 11:00 часот, протестот ќе продолжи со марш кон Министерството за финансии и Градската управа.
Главното барање на транспортните работници е државата итно да обезбеди дополнително финансирање за секторот, со цел подобрување на платите и социјалната сигурност.
Од синдикатите нагласуваат дека моменталните предлози за зголемување на платите во Софија се недоволни.
Макрон: Потребни се „силни мерки“ за да се принуди Москва да прекине со огнот

Францускиот претседател Емануел Макрон на 13 април изјави дека се потребни „силни мерки“ за да се принуди Москва да се согласи на прекин на огнот во Украина, по крвавиот напад на руските сили врз градот Суми.
„Сите знаат: оваа војна ја започна самата Русија“, напиша Макрон на социјалната мрежа Х на 13 април.
„Дури и денес е јасно дека самата Русија избира да го продолжи ова – со јасно непочитување на човечките животи, меѓународното право и дипломатските напори на претседателот (Доналд) Трамп“, изјави Макрон, јавува новинската агенција Франс прес.
„Потребни се силни мерки за да се наметне прекин на огнот на Русија“, рече Макрон, додавајќи дека нападот предизвикал „бројни цивилни жртви, вклучително и деца“.
Во рускиот ракетен напад врз центарот на Суми, најмалку 32 лица загинаа, а 99 се ранети, соопшти Украина, додавајќи дека меѓу жртвите има и деца.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете