Достапни линкови

Што може да ги изгаси „пожарите” во ЈСП?


Пожар на автобус на ЈСП во Сопиште, 24 јануари 2025
Пожар на автобус на ЈСП во Сопиште, 24 јануари 2025

За седум месеци се запалија четири автобуси на ЈСП. Три од нив беа од украинските нископодни автобуси, а еден од кинеските двокатни. Вработени во ЈСП и експерти предлагаат украинските автобуси да се повлечат од линиите во висинските населби. Извештаите на ЈСП покажуваат дека ретко се прават ремонти, а вработените и за антифриз бараат одобрение од директорот.

Со резервни делови сме слаби, ама со стравови големи штом седнеш зад волан, вели за Радио Слободна Европа 63 годишен возач во јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП). Тој објаснува дека откако се запали градскиот автобус во саботата во скопско Сопиште, при секој мал чад, веднаш помислува да не се запалил автобусот.

„Има новитети, поминав низ гаража денеска и забележав дека ги проверуваат моторите, кои се чисти, кои се перени, дали тече масло од некаде,“ вели анонимно возачот кој речиси три децении превезува патници низ скопските улици.

Овие дополнителни проверки на состојбата на автобусите се откако и четвртиот автобус на ЈСП изгоре до шасија за седум месеци.

Тој додава дека во друга кожа надвор од својата не може, па ќе го проголта стравот, платата треба да се заработи. Побара да остане анонимен, затоа што, како што вели, не сака да си има плус проблеми во годината пред пензија. Но, тврди дека работите во ЈСП се далеку од сјајни.

„Автобусите се стари, ама не се до толку, се сеќавам и постари автобуси сме возеле, ама биле одржувани, а не како сега. Ние редовно пријавуваме дефекти, ама кој го проверил и средил дефектот без потребните делови и го пуштил пак да врти, тоа не знам“, вели тој.

Возачите кои членуваат во Независниот синдикат на ЈСП велат дека се загрижени и за својата безбедност, но и за безбедноста на патниците. Тие честопати се жалат на разни дефекти кои не се решаваат брзо затоа што во базата нема доволно резервни делови. Претседателот на овој синдикат Африм Муча вели дека за овој проблем разговарале и со раководството на ЈСП.

„Значи проблем е недостаток на гуми, каиши, најосновното фали, замислете и сијалички немаме. Немаше ни антифриз, требаше посебно барање до директорот на автобазата за да се досипе антифриз. Нешто не е во ред ни со раководството, не разбирам зашто така настапуваат. Замислете треба човек да се јави кај директорот и да праша дали може да сипеме антифриз во тоа и тоа возило, тоа го немало никогаш кај нас“, вели Муча.

Последните податоци од Бирото за јавни набавки покажуваат дека од вкупно 15 тендери распишани од почетокот на годинава, 9 се поништени, затоа што никој не се јавил за набавката.

Пропаднати тендери на ЈСП
Пропаднати тендери на ЈСП

„За една сијаличка чекаме тендери, за нафта чекаме тендери, па тендери за делови и ние само чекаме“, вели возачот на ЈСП.

Тој додава дека во зимски услови е проблематично да се вози без антифриз.

„Ако немаш антифриз, немаш парно. Се случуваше и без парно да те тераат да возиш, јас не прифаќам без парно да возам, ама помлади прифаќаа, немаат решение, се надеваат на трајно вработување, па се согласуваат и на тоа“, додава тој.

Според последните податоци на ЈСП, од 356 автобуси кои ги поседува, околу 240 автобуси сообраќаат во работни денови. Последниот објавен извештај за првото полугодие од минатата година покажува дека бројот на исправни автобуси во дневен просек е за 11 проценти помал од претходно. Но, во истиот извештај е посочено дека за 6 месеци се направени само 6 генерални ремонти на автобуси и два полуремонти.

„Активности во сервисирање на менувачи и диференцијали не се забележани“, се вели во последниот полугодишен извештај на ЈСП.

Тоа значи дека во тој шест месечен период не се поправани неисправните автобуси. Возачот со кој разговараше Радио Слободна Европа вели дека во гаражата на автобазата на ЈСП се паркирани од 20 до 30 автобуси кои служат само за делови.

„Ако се одржуваат возилата како што треба, ако се стари по 12 години тие ќе тераат уште 12 и 13 години, ама да се одржуваат како што треба, редовно менување на масло, амортизери, гуртни, плочки, предница, задница, редовен сервис си треба. Ние во картонот по завршување на смена редовно си го запишуваме секој проблем, а кој дозволува неисправни да се возат не знам“, додава тој.

Според синдикалецот Муча само во последниве две години по десетина автобуси дневно се пријавуваат во диспечерски центар за одреден дефект.

„Така е секој божји ден, може да се случи и 10, и 5, понекогаш и 30 во еден ден, затоа што се стари возилата, мора да се јави некој проблем“, објаснува тој.

„Колку пати на среде пат не оставаат, а сега и живи ќе изгоревме“

Освен последниот изгорен автобус во саботата, во ноември лани се запали автобус во скопската населба Злокуќани. Претходно во јули се запали еден во општината Бутел и еден кај Транспортниот центар во близина на Железничката станица. Сомнежите беа проблеми со електричната инсталација, но од ЈСП никогаш јавно не ги соопштија резултатите од вештачењата.

Повредени во овие инциденти нема. При последниот пожар на автобусот во Сопиште, на возачот му се слошило и бил однесен со итна помош во најблиската болница на проверки поради вдишениот чад.

Патничката Лиле Младеновска за РСЕ сведочи за неколкуте мига кои и биле потребни да им побегне на огнените јазици.

„Беше многу тесно. Една жена падна пред нас. Ние врз неа. Јас со торбите од пазар, ми останаа во автобусот, само да се спасам. Само што излеговме се слушна едно четири-пет пати како бомби. Пламен и дим имаше до горе. Страшно беше. Се возиме со автобуси крш. Крш! Колку пати на сред пат не оставаат, а сега и живи ќе изгоревме. Беше за секунда да излеземе. Нозете ми се фатија, едвај излегов,“ сведочеше Младеновска.

Директорот на ЈСП се сомнева во саботажа

По овој инцидент директорот на ЈСП Драги Кушовски изјави дека се сомнева во можна саботажа на автобусот. Како што изјави за ТВ Сител овој автобус што изгоре викендов бил, еден од подобрите и исправен. Според него причината за пожарот најверојатно лежи во инсталацијата, ама не ја исклучува можноста за евентуална саботажа.

„Да видиме дали тие сознанија ќе ни се потврдат или не. Дали можеби некој намерно или ненамерно од разни нему познати причини може да придонесува за неколку пати да се случуваат вакви работи“, изјави Кушовски за ТВ Сител.

Но, тој, ниту некој од раководството на ЈСП не одговорија на прашањата на РСЕ на што ги темели своите сомнежи, ниту дали се вршат редовни проверки и поправки на автобусите. Јавноста не дозна ни кои се причините за непријавувањето на фирмите на тендерите за резервни делови кои ги распишува ова јавно претпријатие, кое најмалку два месеца има блокирана банкарска сметка. Во јавното претпријатие, за три години се сменија пет директори. Последниот, Драги Кушовски е на оваа позиција речиси една година.

Патниците бараат итни мерки

Дел од патниците кои ги анкетиравме на автобуската постојка во центарот на градот, велат дека со страв се качуваат во автобус, но немаат друга алтернатива за да стигнат до работа. Тие сведочат дека многу пати им се случило да задоцнат на работа поради дефект на автобусот.

„После грдата слика на телевизија од пеплосан автобус, на човек да му е страв и да се качи во нив. Летово неколку пати ми се расипа автобус на среде улица, па не претовараа во друг...никогаш не можеш да бидеш сигурен кој автобус е безбеден за возење и со кој ќе стигнеш таму каде што си тргнал“, вели 45 годишна скопјанка.

Јавниот превоз во Скопје - „автобуси нема, нема, па три наеднаш“
please wait
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

No media source currently available

0:00 0:06 0:00
  • Auto
  • 240p
  • 360p
  • 480p
  • 720p
  • 1080p

Таа додава дека утрово можела пеш да стигне од Автокоманда до Рекорд, за времето кое што го поминала во чекање.

„Иако на дисплејот на станицата и на акликацијата на ЈСП за возниот ред стои дека ќе има автобус за 8 мин, па за 20 мин, па за 35... ниту еден не дојде. Виртуелно требаше да поминат три автобуси 50-ки, реално на улица немаше ниту една. На крај се качив во друг автобус, па одев пешки до крајната станица и доцнев на работа“, вели таа.

Граѓаните бараат итни мерки, безбедни автобуси и редовни линии.

„Месецов четири пати ми се случи да ни откаже автобусот, да не префрлаат во друг поради дефект“, вели скопјанката Цонче Сонова која чекаше на автобуската постојка во Центар.

„После школо, ми се случи, тука во Центар да ни се расипе автобусот 57-ца“, вели ученикот Јован Бошков, кој додава дека не се плаши да се вози со скопските автобуси.

Минатото лето автобус на ЈСП се заби во жардиниера на скопскиот булевар „Партизански одреди“. Тогаш возачот изјави пред камерите дека изгубил контрола затоа што му се закочил воланот.

Во првото полугодие од минатата година, автобусите на ЈСП учествувале во вкупно 92 сообраќајни незгоди, покажува извештајот на ЈСП. Според нивните податоци во 44 од случаите виновни биле другите учесници во сообраќајот, додека во 18 сообраќајни незгоди одговорноста била утврдена кај возачите на автобусите. Во 30 сообраќајни незгоди не била утврдена вина.

Реорганизација на автобуските линии - можно решение

На скопскиот јавен превоз му треба рестартирање, велат и вработените во ЈСП и експертите. Возачите велат дека најчестите инциденти се случуваат со украинските автобуси. Автобусот што се запали беше еден од 100- произведени во 2011 година од украинската фабрика ЛАЗ, која од 2014 година не постои. Такви во базата на ЈСП има уште 74.

Проблемот со нив е што имаат сложен систем за ладење, па честопати таму се јавуваат дефекти кои треба да се превенираат. Дел од возачите велат дека едно од можните решнија е овие автобуси да се тргнат од улиците, особено од висински населби како Сопиште или Припор, затоа што се созадаваат високи температури во моторот и постои ризик за нивна употреба.

„Добри беа овие автобуси во изминативе десетина години, немаше случки со нив, ама последниве две до три години има инциденти со нив. Амортизирани се веќе“, вели еден од вработените во ЈСП.

Проблемите на ЈСП лежат во парите

Професорот Никола Крстановски од Техничкиот факултет смета дека решението за скопскиот јавен превоз лежи во парите.

„Очигледно дека претпријатието не е во состојба да ги следи финансиски потребите за секојдневното работење во јавниот градски превоз. Состојбите се отежнати со стариот возен парк, меѓутоа уште повеќе и проблемите со одржувањето на возилата“, вели Крстаноски.

Во првото полугодие од минатата година, во касата на ЈСП влегле вкупно 16,2 милиони евра, од кои 6,1 милион евра се потрошени за плати, а речиси милион евра биле потрошени за камати за неисплатени долгови кон добавувачи.

Не изостануваат ни адвокатските услуги, за кои ЈСП за само шест месеци платил речиси 30 илјади евра, додека за судски трошоци само 3 илјади евра. ЈСП бележи загуба од тековното работење во вредност од над половина милион евра.

Долгот на ЈСП за само една година од 2021 до 2022 година пораснал речиси двојно, покажуваат податоците на Министерството за финансии. 2021 година ЈСП ја завршил со неплатени обврски во вредност од 2,5 милиони евра, додека 2022 долг достигнал до 5,1 милион евра, а годината потоа, во декември 2023 година се намалил на 4,5 милиони евра.

Но, лани за прв пат ЈСП не доставило информации до Министерството за финансии за доспеаните неплатени обврски, за ниту еден од трите квартали, иако тоа е законска обврска.

Блокираната банкарска сметка на ЈСП во пракса значи дека ова претпријатие не може да си ги плаќа своите обврски кон добавувачи, ниту пак да ги финансира своите тековни активности. Ревизорите во последниот извештај забележале дека и покрај редовните градски субвенции од 11 милиони евра, ЈСП Скопје не е во можност да постигне одржлив урбан транспортен систем.

Скопјани незадоволни од градскиот превоз, принудени на алтернативи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:24 0:00

А зошто ЈСП западна во толкави финансиски проблеми е сосема друго прашање, вели професорот Крстаноски.

„Ако пред 30 до 40-тина години, кога Скопје беше помал град, ЈСП годишно превезуваше и до 150 милиони патници, и се разбира остваруваше приход соодветен на тоа, пред минатата година податокот е 22 милиони патници, од кои верувам дека едно 5 милиони не плаќаат билети, поради тоа што се ослободени по некој основ. Што значи дека огромниот пад на бројот на патници и приходи од продадени билети го доведе ЈСП на колена“, вели професорот посочувајќи го тоа како една од причините за лошата економска состојба на градското претпријатие.

Можни долгорочни и краткорочни решенија

Решение според него треба да се гледа во две насоки, долгорочно и краткорочно. Предлогот за обнова на возниот парк, за кој градоначалничката Данела Арсовска бара, ама не добива одобрение од Советот на градот, е само еден дел од решението. Другиот дел да се помогне финансиски, со капитални инвестиции кои ќе имаат за цел да го претвори јавниот превоз во привлечен превоз со зголемена заработувачка од продадени билети.

„Нов возен парк и тоа како може да му помогне, но тоа е решение само за дел од проблемите. Проблемите се големи и треба сериозно и темелно да се решаваат“, додава тој.

Како краткорочно решение професорот предлага реорганизација на мрежата со истиот број на автобуси за да се постигне поголема ефикасност.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG