Достапни линкови

Вести

Конвој со странски дипломати нагази на мина во Пакистан

Полициско возило беше цел на бомба покрај пат во Сват, северозападен Пакистан, на 22 септември 2024 година, при што загина еден полицаец и повредени тројца други, Моин Фајаз, изјави портпаролот на локалната полиција за Радио Машаал.
Полициско возило беше цел на бомба покрај пат во Сват, северозападен Пакистан, на 22 септември 2024 година, при што загина еден полицаец и повредени тројца други, Моин Фајаз, изјави портпаролот на локалната полиција за Радио Машаал.

Странските дипломати, вклучително и еден од Босна и Херцеговина (БиХ), се безбедни откако конвојот со возила во кој се наоѓаа нагази на мина во Пакистан на 22 септември, според новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Пакистан.

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина засега нема никакви информации, велат од тоа министерство на прашање на РСЕ.

Во експлозијата на бомбата загинал полицаец кој бил задолжен за обезбедување на странски дипломати, а уште тројца се ранети, соопшти полицијата.

Полициско возило кое ги придружувало дипломатите до туристичкото место Малам Џаба во областа Сват, северозападен Пакистан, можеби нагазило на нагазна мина.

Во конвојот имало 12 дипломати од БиХ, Русија, Виетнам, Етиопија, Руанда, Зимбабве, Индонезија, Узбекистан, Туркменистан, Казахстан и Португалија.

Портпаролот на окружната полиција Моин Фајаз изјави за Радио Машал дека врз основа на првичната истрага, се чини дека бомбата била закопана покрај патот, но рече дека истрагата се уште е во тек.

Претставници на полицијата велат дека по инцидентот, странските амбасадори безбедно се вратиле во градот Мингор и дека патувањето до Мулам Џаба е откажано.

Спасувачките службеници и локални жители велат дека повредените војници се префрлени во болницата Сиду Шариф.

Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот врз полициското возило.

Сепак, портпаролот на полицијата Моин Фајаз рече дека е во тек операција за пребарување на милитантите во областа.

Пакистанските антитерористички сили одржуваат силно присуство во долината Сват, која долго време беше епицентар на исламистичките милитантни бунтови. Милитантите ги засилија своите напади од крајот на 2022 година, откако го прекршија примирјето со владата.

види ги сите денешни вести

Бугарија усвои декларација за запирање на антибугарската кампања во Северна Македонија

илустрација
илустрација

Бугарските пратеници едногласно со 178 гласа „за“ и без расправа донесоа декларација „во врска со систематското и методично уништување на дијалогот меѓу Република Северна Македонија (РСМ) и Република Бугарија и провокативните и навредливи изјави кон Бугарија од владејачки политички фактори во РСМ“.

Во декларацијата, Националното собрание на Бугарија ја потврдува политичката намера и стремеж за завршување на изградбата на Паневропскиот Коридор 8 од бугарска страна и ја повикува Владата на Република Северна Македонија да пристапи одговорно и со добра волја кон сите преземени обврски и договори со цел навремена изградба на делниците од трасата на коридорот на нејзина територија.

Бугарскиот парламент инсистира на враќање на позитивниот дијалог прекинат од РСМ и запирање на антибугарската кампања и провокативните изјави кон Бугарија во РСМ.

Декларацијата ја потврдува волјата на бугарската држава и институции во однос на организирање на заеднички прослави на заеднички историски настани и личности, со оглед на богатата заедничка историја на двете земји.

Народното собрание исто така силно не се согласува со негирањето на заедничката историја на РСМ и Бугарија од страна на членовите на владата на Република Северна Македонија и смета дека тоа е директно кршење на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија од 2027 година.

Во преамбулата на декларацијата се апелира до институциите во Република Северна Македонија, во духот на европските вредности и слободи, „да се воздржат од одлуки и дејствија кои сериозно би им наштетиле на односите меѓу двете земји и нивните граѓани“.

Декларацијата е донесена на предлог на проруската партија „Преродба“.

Односите меѓу двете соседни земји се влошени, откако на неодамнешната посета на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во Софија, беше фотографирана заедно со бугарскиот колега Румен Радев без македонското знаме, туку само покрај знамето на ЕУ и Бугарија.

Зеленски го претстави „планот за победа“ во Белата куќа

Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, 26 септември 2024
Украинскиот претседател Володомир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, 26 септември 2024

Американскиот претседател Џо Бајден го пречека украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа на 26 септември, откако најави милијарди воена помош за Киев, инсистирајќи повторно дека Русија „нема да надвладее“ во нејзината инвазија на Украина.

Зеленски му го претстави на Бајден, како што тој го нарече негов „план за победа“ и повторно побара Соединетите држави да ги укинат ограничувањата за употребата на оружјето со долг дострел што го обезбедија за удар длабоко во Русија врз воени цели.

„Русија нема да надвладее. Украина ќе победи, а ние ќе продолжиме да стоиме покрај вас на секој чекор“, му рече Бајден на Зеленски во Овалната соба, откако му се заблагодари за презентирањето на неговиот план.

„Длабоко цениме дека Украина и Америка застанаа рамо до рамо“, рече Зеленски, облечен во темно зелена облека во воен стил.

Зеленски, исто така, се сретна со потпретседателката Камала Харис, кандидатката на Демократската партија за претседател, и со неа го сподели својот „план за победа“.

Харис му кажа на Зеленски дека нејзината поддршка за народот на Украина е непоколеблива.

„Украинскиот народ храбро ги брани своите домови и својата татковина, својата слобода и својата демократија против бруталниот диктатор“, му кажала Харис на Зеленски во Белата куќа.

Таа исто така рече дека повиците Украина да и отстапи територија на Русија се „опасни и неприфатливи“. Додаде дека предлозите на републиканскиот кандидат Доналд Трамп и неговиот потпретседател, сенаторот Џеј Ди Ванс дека Украина треба да склучи договор за завршување на војната не беа предлози за мир, туку „предлози за предавање“.

Бајден претходно на 26 септември најави повеќе од 8 милијарди долари воена помош за Киев и повтори во изјавата дека Соединетите Држави „ќе и дадат на Украина потребната поддршка за да победи во оваа војна“.

Тројца мртви во напад на руски дрон на украинското пристаниште Измаил

илустрација
илустрација

Три лица загинале, а 11 биле повредени откако Русија извршила масовен напад со беспилотно летало врз украинското пристаниште на Дунав, Измаил, соопшти на Телеграм регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер.

Измаил е критичен центар за извозот на жито од Украина, лоциран на границата со Романија, членка на НАТО. Пристаништето постојано беше цел на руски напади.

Романските власти во регионот Тулчеа веднаш преку границата од Измаил издадоа тревога до јавноста, предупредувајќи дека беспилотните летала се лоцирани блиску до границата.

Украинските воздухопловни сили исто така издадоа предупредувања за беспилотни летала и ракети за регионите Херсон, Миколајев и Суми.

Либанскиот шеф на дипломатијата повика на меѓународна интервенција и прекин на огнот

илустрација
илустрација

Либанскиот министер за надворешни работи Абдалах Бу Хабиб вчера повика на прекин на насилството на Блискиот Исток, во апел до Генералното собрание на ОН во Њујорк.

„Ова е ситуација која бара меѓународна интервенција на итна основа пред ситуацијата да излезе од контрола, со домино ефект, што ќе ја оневозможи контролата на оваа криза“, рече Бу Хабиб во своето обраќање на Генералното собрание на ОН.

Тој, исто така, ги повика Израел и милицијата Хезболах поддржана од Иран да ги преземат „сите можни мерки“ за да обезбедат прифаќање на предлогот за прекин на огнот.

По неколкумесечните прекугранични престрелки меѓу израелските сили и Хезболах, кој вели дека делува од солидарност со Хамас во Газа, Израел во понеделникот почна интензивна воздушна кампања со напади врз цели на Хезболах во Либан, со што регионот сега е на работ на сеопфатна војна.

Стотици се убиени, а десетици илјади луѓе се раселени во Либан откако Израел почна со масовното бомбардирање пред четири дена.

Во тек се меѓународни напори да се преговара за прекин на огнот, но израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху негираше дека е договорен каков било план и се закани дека ќе продолжи да го напаѓа Хезболах со „цела сила“

КФОР и српската војска ја контролираат Копнената безбедносна зона меѓу Косово и Србија

Српски војник и член на мисијата на КФОР патролираат кај Куршумлија, септември 2024 година.
Српски војник и член на мисијата на КФОР патролираат кај Куршумлија, септември 2024 година.

Симултана патрола на војската на Србија и КФОР оваа недела била извршена во реонот на одговорност на воената база Шушњак кај Куршумлија, соопшти Министерството за одбрана на Србија.

Разменети се информации за состојбата на терен и прибрани се податоци значајни за реализација на идните задачи“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана на 26 септември.

Се додава дека српската армија континуирано соработува со мировната мисија КФОР на Косово во контролата на Копнената безбедносна зона.

Копнената безбедносна зона (КЗБ) со ширина од пет километри меѓу Косово и Србија беше дефинирана со Воено-техничкиот договор на 9 јуни 1999 година во Куманово помеѓу мисијата КФОР, Србија и тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ) по НАТО бомбардирање на СРЈ.

Министерството соопшти дека воспоставените линии на комуникација меѓу КФОР и Армијата на Србија овозможуваат континуирана размена на информации „без разлика дали се работи за спроведување на редовни задачи или за настани кои бараат итен одговор од една од страните“.

Министерството за одбрана наведува дека од 2001 година се одржуваат состаноци на сите нивоа, а се разменуваат
и информации за актуелната безбедносна состојба на Косово и во копнената безбедносна зона.

„На овие средби се договараат мерки за подобрување на безбедносната состојба преку планирање заедничко извидување, симултани патроли и набљудувачки пунктови“, велат од МО.

Се додава дека патролите влијаеле на намалување на незаконските активности во контролната зона.

Соопштено е дека патролите на Армијата на Србија и КФОР се спроведуваат од 2005 година во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и воено-техничкиот договор.

Сиљановска Давкова во ОН: Од европските партнери очекуваме деблокирање

Претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова се обрати на 79. Генерално собрание на ОН, 26.9.2024.
Претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова се обрати на 79. Генерално собрание на ОН, 26.9.2024.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во обраќање пред членовите на Генералното собрание на ОН на 26 септември рече дека од европските и стратешки партнери на државата очекувваат разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговори за членство во Европската Унија.

„Отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи“, рече Сиљановска Давкова во својот говор.

Таа додаде дека проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и, како што рече, да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет.

„Европската реунификација е како недовршена симфонија без нас. Европската Унија не е само политички систем туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој, рече шефицата на државата“, рече Сиљановска Давкова.

Инаку, на 26 септември Брисел објави дека Албанија ќе го отвори првиот кластер во пристапните преговори со ЕУ, со што неформално се одвојува од Северна Македонија кои заедно тргнаа по европскиот пат на почетокот на преговорите пред две години.

Причината за одвојувањето на Албанија е што Северна Македонија досега не го исполни условот што го наметна Бугарија - да го смени Уставот и во него да го вметне и бугарското малцинство.

Овој услов влезе во преговарачката рамка која македонското Собрание ја изгласа во јули 2022 година, под називот познат во јавноста како „француски предлог“. Тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше против уставни измени.

Сиљановска Давкова рече деа целосната интеграција на Балканот во ЕУ, според неа, ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен.

„Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот коишто станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европскиот пат“, рече Сиљановска Давкова.

Како што кажа пред Генералното собрание, за нас членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо.

„Оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“, рече таа додавајќи:

„Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународната и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година“, рече Сиљановска Давкова.

„Така, станавме „sui generis” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“, истакна Сиљановска Давкова.

Унгарскиот премиер Орбан пристигна во Северна Македонија

Официјалната посета на премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, Охрид 26.9.2024.
Официјалната посета на премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, Охрид 26.9.2024.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан вечерва пристигна во официјална посета на Северна Македонија.

Тој слета во Охрид, каде го пречека македосниот премиер Христијан Мицкоски.

„Горди на можноста да ја зајакнеме соработката помеѓу нашите две земји. Веруваме дека оваа посета ќе отвори нови патишта за економска и културна размена и ќе ја зајакне нашата пријателска врска. Очекуваме плодни разговори и заеднички иницијативи“, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Официјалните средби и активности ќе започнат утре на 27 септември.

Орбан со себе води голема делегација, а денеска во Охрид може да се забележи зголемено полициско присуство во текот над целиот ден.

Попладнево можеше да се забележи како полициски хеликоптер го надлетува градот.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Муцкоски в петок ќе оствари официјална тет а тет средба со Орбан во Охрид, а во рамки на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација.

Милион кубни метри гас дневно од Азербејџан за Србија

Изградба на гасовод Бугарија-Србија во близина на Костинброд, Бугарија, февруари 2023 година.
Изградба на гасовод Бугарија-Србија во близина на Костинброд, Бугарија, февруари 2023 година.

Српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ и Азербејџанецот Парвиз Шахбазов на 26 септември потпишаа Меморандум за разбирање во областа на зелената енергија, а беа потпишани и два договори за снабдување со гас меѓу компанијата „Србијагас“ и азербејџанската компанија „Сокар“.

Ѓедовиќ Хандановиќ најави дека во текот на претстојната зима Србија ќе може да смета на безбедни испораки на околу еден милион кубни метри гас од Азербејџан, што ќе ја зголеми енергетската безбедност на Србија, се вели во соопштението на Министерството.

Таа додаде дека минатата година во Баку биле потпишани договори за соработка меѓу релевантните министерства и гасните компании, кои предвидуваат Србија до 2026 година да добива до 400 милиони кубни метри гас годишно од Азербејџан, а потоа овие количини може да се зголемат на една милијарда кубни метри.

Србија од 1 ноември до 31 март ќе може да смета на еден милион кубни метри дневно од Азербејџан, се наведува во соопштението.

Таа нагласи дека со потпишувањето на Меморандумот енергетската соработка е проширена и во областа на зелената енергија, односно, според неа, опфаќа заеднички инвестиции во зелена енергија, примена на нови зелени технологии, технологии за зафаќање и складирање јаглерод итн.

На средбата се разговараше и за коридорот за зелена енергија, кој ќе го поврзува Азербејџан со земјите од Централна и Источна Европа.

Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека Србија потенцијално би можела да има значајно место во тој проект, пред се поради нејзината географска положба, имајќи предвид дека се планира зајакнување на интерконекцијата на преносната мрежа со Романија, Унгарија и Бугарија.

На средбата, како што е наведено, се разговарало за можноста Србија да стане дел од Зелениот коридор меѓу Каспискиот регион и Југоисточна Европа „со оглед дека Србија веќе граничи со три земји кои учествуваат во проектот и може да игра улога и на корисник и на транзит земја“.

Србија има развиено соработка со Азербејџан во областа на енергетиката, а кон таа земја се сврте по руската инвазија врз Украина.

Азербејџанскиот гас се доставува до Србија преку нов гасовод до Бугарија, кој делумно е финансиран од Европската унија (ЕУ).

Гасоводот беше пуштен во пробна работа во декември 2023 година.

Претседателите на двете земји, Александар Вучиќ и Илхам Алијев, го потпишаа Меморандумот за формирање на Совет за стратешко партнерство во ноември 2022 година, а потоа во декември истата година во Баку.

Поднесено обвинение против градоначалникот на Њујорк за корупција

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс.
Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс.

Американското правосудство го обвини градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс за измама и корупција.

Како што пренесува Би-Би-Си, обвинението на 57 страници во кое се обвинува Адамс за пет точки, вклучително примање мито, заговор за измама, поткуп и барање нелегални странски донации за неговата кампања.

Обвинението беше објавено откако американското Федерално биро за истраги (ФБИ) изврши рација во резиденцијата на Адамс во Њујорк на 26 септември.

Градоначалникот и другите највисоки градски функционери беа под зголемен надзор како дел од повеќе федерални истраги за корупција.

Во обвинението се наведува дека Адамс добивал повеќе од 25.000 долари годишно од странски државјани, бесплатно летал во бизнис класа во Франција и Турција и престојувал на луксузни локации во странство.

Ерик Адамс е поранешен полицаец кој, откако дојде на функцијата пред речиси три години, вети дека ќе го спречи криминалот во Њујорк.

Американските обвинители рекоа дека претставници на турски власти побарале од Адамс да им се оддолжи со тоа што ќеобезбедеи дека новата зграда на турскиот конзулат во Њујорк ќе биде подготвена за посетата на турскиот претседател, иако во неа не била извршена на противпожарна проверка.

Тие наведоа дека на претставникот на противпожарната служба му било кажано дека ќе ја изгуби работата доколку не ја одобри зградата на конзулатот.

„Адамс интервенираше и зградата беше отворена“, се наведува во обвинението.

Обвинителите тврдат дека во 2021 и 2022 година, Адамс примал мито од турски службеници преку бесплатни и длабоко намалени бенефиции за патување.

Во обвинението се наведува дека како резултат на тоа, Адамс бил под влијание на локалните регулативи во врска со Турската куќа, зграда од 36 ката која во моментов служи како седиште на различни турски дипломатски мисии, вклучително и конзулатот.

Пожарникарите претходно изразија загриженост за недостатоците во системите на зградата.

Пакистан ќе му продаде борбени авиони JF-17 на Азербејџан

Персоналот на пакистанското воено воздухопловство чува стража пред четиринаесет повеќенаменски авиони JF-17B со двојни седишта.
Персоналот на пакистанското воено воздухопловство чува стража пред четиринаесет повеќенаменски авиони JF-17B со двојни седишта.

Пакистанската војска на 26 септември соопшти дека земјата потпишала договор за продажба на борбени авиони JF-17 Block III на Азербејџан.

Авионот е копроизведен од Пакистанскиот аеронаутички комплекс и развиен заедно со Кина, со која Исламабад станува сè поблизок, додека врските со неговиот традиционален воен сојузник, Соединетите држави, ослабеа во последните неколку години.

Војската не ја соопшти цената или количината на авионите за кои се согласила, но во соопштението наведува дека продажбата е дел од напорите на Исламабад да ја зајакне одбранбената соработка со пријателските земји и да ги зајакне воздушните капацитети на Азербејџан.

Пакистан е, исто така, близок сојузник на Турција, која го поддржа Азербејџан во нејзиниот ќор-сокак со Ерменија кога избија судири меѓу двете земји од Јужниот Кавказ минатата година, продолжувајќи ги повеќедецениските непријателства.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG