Апелациониот суд Скопје денеска ги уважи жалбите на обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски и ја укина првостепената пресуда, а предметот „Организатори на 27 април“ го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Од Скопска апелација велат дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.
„Поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик“, се наведува во соопштението од Судот.
Во јули 2021 година Кривичниот суд ги осуди на затворски казни, Вељаноски, Јанакиски, Ристовски и Атанасовски. Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.
На укинувањето на пресудата реагираа и од Министерството за правда. Од таму бараат Судскиот совет веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка вклучувајќи ја и дисциплинска, ако се уврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво.
„Очигледно е дека намерните или ненамерните пропусти за суштествени повреди и натаму остануваат дозволива пракса за некои судии. Затоа, неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет , односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, се вели во реакцијата од ресорното министерство.
За Груевски и Бошковски нема судење додека се надвор од земјата
За Апелација е спорно е тоа што Кривичниот суд ги занемарил и приговорите што се однесуваат на Законот за амнестија, со којшто се запре кривичната постапка за дел од обвинетите за упадот на „27 април“.
„Првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење“, се наведува во соопштението од Апелација.
Оваа одлука доаѓа во период кога пред пред две недели пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година.
Ова исто така се случува непосредно пред Парламентот да ја отпочне постапката за изготвување на уставни измени со кои Бугарите би се вметнале во Преамбулата за да продолжат пристапните преговори за ЕУ. Во јавноста веќе се појавија сомнежи за можно повторување на настаните пред гласањето за Преспанскиот договор. Тогаш се случи првата амнестија на осудени за крвавиот четврток, меѓу кои, петмина пратеници.
Поднесен закон за амнестија во Собрание
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски објави дека го поднесува предлог законот за амнестија со очекување да се докаже дека нема селективна правда.
„Многу важно е да се напомене дека овој Предлог на закон е само продолжение на претходниот Закон за амнестија кој е донесен во декември 2018-та година, но со една голема и суштинска исправка, а тоа е надминување на селективноста и селективната правда која што произлегуваше од законот донесен во 2018та година. Напоменувам, со овој закон ќе бидат опфатени сите осудени лица за настаните од 27 ми април, без исклучок“, изјави тогаш Мицевски.
Единствениот политичар од власта кој досега јавно даде поддршка за иницијативата за амнестија, што најпрво ја најавија двајца адвокати на осудените е владиниот коалициски партнер Стојанче Ангелов. Тој не го оправдува насилниот упад во Собранието, но смета дека откако по конфликтот во 2001 имаше амнестија за припадници на ОНА и помирување на Македонците и Албанците, сега е време за надминување на нетрпеливоста меѓу Македонците.
За првиот предмет кој се однесува на „крвавиот четврток“ во 2017 година беа обвинети 33 лица од кои во пресрет на потпишувањето на Преспанскиот договор со закон за амнестија беа помилувани 15 лица меѓу кои и петмина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.
Вториот предмет се однесуваше на организатори на упадот, кој во 2021 година заврши со пресуди за обвинетите и вкупно 25 години затворска казна. Со денешната одлука на Апелацискиот суд казните им се укинати ним треба повторно да им се суди.