Достапни линкови

Вода на тензичната граница: Може ли Србија да го смени текот на Ибар?


Местото на оштетување на водоводниот канал Ибар-Лепенец во експлозијата на 29 ноември 2024 година.
Местото на оштетување на водоводниот канал Ибар-Лепенец во експлозијата на 29 ноември 2024 година.

Инцидентот од 29 ноември во кој беше оштетен каналот Ибар-Лепенец може да го загрози и снабдувањето со енергија на Косово. Србија негираше вмешаност и најави своја истрага за настанот.

Експлозијата што на 29 ноември го оштети каналот Ибар-Лепенец на северот на Косово, за која косовските власти ја обвинија Србија, предизвика дебата за безбедноста на овој витален водовод неопходен за животите на многу Косовари.

Каналот се снабдува со вода од езерото Ујман/Газивода кое пак се полни од реката Ибар што доаѓа од Србија. Експлозијата може да го загрози и снабдувањето со енергија на Косово, што ќе ја поттикне косовската влада да бара алтернативни извори на вода за своите електрани.

Во врска со инцидентот, кој предизвика рестрикции на вода во делови од Косово, беа извршени неколку апсења и рации во северниот регион.

Србија негираше вмешаност и најави своја истрага за настанот.

Во соопштение по експлозијата, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека од 1985 година има предлог за промена на текот на реката Ибар за да се задоволат потребите на населението во близина на езерото од српската страна, што последователно ќе го исуши езерото Ујман/Газовода, критичен извор на вода за Косово.

Според Вучиќ, тоа би можело да се случи „со одлука на Владата на Србија“. Но, тој изјави дека се спротивставил на идејата кога била предложена, уште додека бил премиер, нагласувајќи дека не сака „природата да се користи за политички цели“.

Според портпаролот на косовската влада, Запарим Криезиу, „Србија нема право да ја експлоатира реката Ибар на начин што сериозно ќе го оштети Косово, а камоли намерно да предизвика таква штета со менување на нејзиниот тек“.

Круезиу, исто така, тврди дека наговестувањето од Вучиќ за промена на текот на реката е „индикација дека тие стојат зад нападот на селото Варага во општина Зубин Поток“, област на северот на Косово населена претежно со Срби.

„Наместо да ја пренасочат реката Ибар, тие поставија експлозиви на каналот Ибар-Лепенец“, рече Круезиу.

Реката Ибар и нејзиното значење

Течението на реката Ибар, долго околу 270 километри, почнува од Црна Гора, поминува низ Србија, навлегува во Косово во должина од 82 километри, а потоа се враќа во Србија. Таа го исполнува вештачкото езеро Ујман, кое се протега на границата меѓу Косово и Србија.

Езерото снабдува со вода седум општини, го поддржува наводнувањето и ги лади термоелектраните во Обилиќ, кои произведуваат најголем дел од електричната енергија во Косово.

Косовската влада предупреди дека доколку експлозијата на каналот Ибар-Лепенец ја постигнеше целта, „последиците ќе беа запрепастувачки“, што ќе доведе до верижна реакција на недостиг на вода, прекини на електрична енергија, проблеми со греењето и дефекти во телекомуникациите.

„Министерот за економија (на 3 декември) потпиша решение со кое ги задолжи Косовската енергетска корпорација Ибар-Лепенац и Водостопанството Приштина да најдат алтернативно техничко решение за снабдување со вода на електраната Косово Б, со цел зголемување безбедноста на неговото водоснабдување“, рече Круезиу за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Дали меѓународното право дозволува менување на текот на реката?

Еден од клучните глобални инструменти кои ги регулираат прашањата за прекуграничните води е Конвенцијата на Обединетите нации за непловна употреба на меѓународни водни текови од 1997 година.

Србија е потписник на оваа конвенција, но Косово не е, бидејќи се уште не е членка на ОН.

Меѓу другите принципи, Конвенцијата на ОН пропишува дека за прекугранична употреба на водата мора да се почитува принципот на правична и разумна употреба и обврската да не се предизвикува значителна штета.

Тоа вклучува и општа обврска за соработка.

„Оваа конвенција важи и за земјите во конфликт“, изјави за РСЕ Мигел Борха Бернабе-Креспо, професор на Катедрата за географија на Универзитетот во Мадрид.

Тој е ,исто така, претседател на „Групата за географско размислување“ на Шпанското географско друштво и уредник на научното списание „Вода и територија“.

Во 2019 година, Бернабе-Креспо објави студија за управување со водите во езерото Ујман, кое се наоѓа во спорната погранична област.

Според него, доколку Владата на Србија одлучи да го смени текот на реката, Конвенцијата на ОН бара силно оправдување за таквата одлука.

„Конвенцијата ги обврзува државите да се информираат меѓусебно за сите мерки што би можеле да влијаат на другиот“, истакна Бернабе-Креспо.

Косовскиот експерт за води, Авдула Нишори изјави дека акцијата на Владата на Србија не е возможна ниту од економски причини.

„Промената на протокот на Ибар би била колосална инвестиција“, рече Нишори, кој моментално работи во одборот на директори на компанијата Ибар-Лепенац, која управува со водните ресурси на реката Ибар и езерото Ујман во Косово.

Нишори истакна дека Косово мора да разгледа алтернативни ресурси за да се справи со сценаријата како што е неодамнешниот напад или природна катастрофа што го загрозува снабдувањето со вода.

Дали Косово може да развие нови водни ресурси?

Според официјалните податоци, Косово се смета за земја со „вода под стрес“ поради недоволниот капацитет за водоснабдување.

Во Стратегијата за води на Косово 2023-2027 година, се забележува дека во споредба со земјите од регионот како Албанија, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, Косово има најниски водни ресурси по глава на жител.

„Нашата географска положба е таква што повеќето реки излегуваат од Косово или поминуваат низ него само на кратко. Покрај тоа, нашите реки се сезонски - во текот на зимата, кога побарувачката е помала, има повеќе вода, но во лето, кога побарувачката се зголемува, можеби нема да биде доволно“, објасни Авдула Нишори.

Според Нишори, долгорочните решенија како инвестирање во нови резервоари за вода бараат време и се скапи.

„Не сум склон да предлагам брзи решенија бидејќи тие обично се неефикасни. А нема евтини решенија бидејќи треба да се изгради инфраструктура“, рече тој.

Косовската влада за РСЕ потврди дека има планови за изградба на околу осум нови резервоари за вода кои би можеле да го зголемат капацитетот за водоснабдување за приближно 120 отсто од сегашното ниво, со исклучок на Ујманското Езеро. Сепак, не беше даден временски рок за овие проекти.

Инфраструктурата за каналот Ибар-Лепенец, започната во 1970-тите, беше дизајнирана да управува со водата од две косовски реки: Ибар и Лепенец.

Додека делницата Ибар беше завршена и останува во функција, делот Лепенец во југоисточниот дел на земјата никогаш не беше развиен.

Според стратегијата за вода на Косово, комплетирањето на оваа инфраструктура би можело да обезбеди посигурно водоснабдување за уште девет општини на истокот и југот на Косово.

Официјалните податоци покажуваат дека системите за водоснабдување во Косовоимаат загуби од над 50 отсто, вклучувајќи физички загуби (протекување на цевки) и комерцијални загуби (грешки во мерењето, кражба итн.).

Владата на Косово соопшти дека планираните проекти, како што е рехабилитацијата на водоводната мрежа во Ѓаковица, Гњилане, Урошевац и Призрен, се проценети на стотици милиони евра. Тие имаат за цел „да ги намалат загубите на вода, да го подобрат квалитетот и да воспостават зонска дистрибуција на снабдувањето“.

XS
SM
MD
LG