Достапни линкови

Вести

Клаудија Шајнбаум и официјално прогласена за претседателка на Мексико

Клаудија Шајнбаум
Клаудија Шајнбаум

Клаудија Шајнбаум, која на 2 јуни победи на претседателските избори во Мексико и официјално беше прогласена за новоизбрана претседателка на Мексико, што ја прави првата жена на оваа позиција во Мексико.

Поранешната градоначалничка на Мексико Сити на мала свеченост ја доби правната одлука со која се прогласува за следен претседател на земјата.

Одлуката досега беше одложувана поради жалбите пред сојузното изборно тело.

Шејнбаум победи со речиси 60 отсто од гласовите, двојно повеќе од нејзиниот најблизок конкурент Ксочитл Галвез.

Свечената претседателска заклетва таа ќе ја положи на 1 октомври, што е промена од досегашната традиција заклетвата да се положува на 1 декември. Преодниот период беше скратен откако мексиканските пратеници оценија дека претседателите во заминување се предолго на функцијата.

Шајнбаум ќе има шестгодишен мандат до 2030 година , а на Мексиканците им вети дека ќе ги следи сите политики на нејзиниот претходник и политички ментор, претседателот во заминување Андрес Мануел Лопез Обрадор.

види ги сите денешни вести

Азербејџан ја обвини Русија за прикривање на причините за авионската несреќа

Архивска фотографија од рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев
Архивска фотографија од рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев

Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на 29 декември ја обвини Москва дека се обидела да ја скрие причината за смртоносната авионска несреќа оваа недела и ја повика Русија да ја признае „вината“ за катастрофата, велејќи дека авионот бил соборен по грешка.

Алиев рече дека Баку жали што Москва „изнесе теории“ кои „јасно покажаа дека руската страна сака да го прикрие“ ова прашање.

„Признавањето на вината, навременото извинување на Азербејџан, која се смета за пријателска земја, и информирање на јавноста за тоа -- сето тоа беа мерки и чекори што требаше да се преземат“ изјави Алиев.

Претходно рускиот претседател Владимир Путин на азербејџанскиот лидер Илхам Алиев на 28 декември му рекол дека руската противвоздушна одбрана била активирана за да се одбие наводниот напад со украински беспилотни летала додека авион на Азербејџан ерлајнс се обидел да слета во рускиот град Грозни.

„Во ова време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одбиваше овие напади“, се наведува во соопштението од Кремљ за тоа што му рекол Путин на Алиев.

Меѓутоа, во него не е наведено дека Путин спомнал оти руската воздушна одбрана е одговорна за соборувањето на авионот, поточно дали руски проектил го соборил авионот.


Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан рано на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.

Доказите, од кои голем дел не се потврдени од властите во Азербејџан, Казахстан или Русија, вклучуваат снимки од внатрешноста на авионот пред падот, слики по несреќата од делот од опашката на авионот со дупка, коментари на преживеан и профили кои укажуваат дека имало сомнителен напад со дрон околу времето кога авионот очигледно се обидел да слета во Грозни.

Втора скијачка несреќа во еден викенд на Светскиот куп во Италија

Илустрација
Илустрација

Швајцарскиот скијач Џино Кавизел доживеа тешка несреќа за време на Светскиот куп во Бормио, Италија во неделата на 29 декември и мораше да биде префрлен во болница со хеликоптер.

Кавизел беше првиот што се спушти, но неговиот спуст траеше едвај 50 секунди. На портата пред скокот во Сан Пјетро, 32-годишникот фатил раб, изгубил баланс при скијање и се лизнал надолу по стрмната падина.


Кавизел остана да лежи на патеката и доби третман пред да биде префрлен со хеликоптер, при што беше прекината трката.

Претходно , францускиот скијач Сиприен Саразин во саботата на 28 декември успешно беше опериран со цел спречување на крварење во мозокот откако падна додека тренираше за спустот за Светскиот куп во Бормио во петокот.

Седумдневна жалост во Јужна Кореја по авионската несреќа

Пожарникарите и членовите на спасувачкиот тим работат во близина на остатоците од патнички авион на меѓународниот аеродром Муан во Муан, Јужна Кореја,
Пожарникарите и членовите на спасувачкиот тим работат во близина на остатоците од патнички авион на меѓународниот аеродром Муан во Муан, Јужна Кореја,

Вршителот на должноста претседател на Јужна Кореја, Чои Санг-мок, на итен состанок во неделата вечерта, прогласи седум дневна национална жалост до 4 јануари поради авионската несреќа на меѓународниот аеродром Муан.

Најмалку 177 луѓе загинаа на 29 декември откако откако патнички авион се урна при слетување на аеродром во Јужна Кореја. На летот на нискобуџетната авиокомпанија „Џеџу ер“ со „боинг 737-800“ имаше 181 патник и пристигнуваше на аеродромот Муан, околу 290 километри јужно од Сеул, од Бангкок, Тајланд.

Авионот се излизга од пистата на аеродромот и се удри во бетонска ограда и се запали откако неговата предна опрема за слетување очигледно не успеа да се спушти. Бројот на загинати се очекува дополнително да се зголеми бидејќи останатите луѓе во авионот се водат како исчезнати околу шест часа по инцидентот.

Двајца членови на екипажот, маж и жена, беа спасени од опашката на запалениот авион, изјави на брифинг шефот на противпожарната служба на Муан, Ли Јунг-Хјун.

Ова е најтешката и најсмртоносната авионска несреќа во која учествувала јужнокорејска авиокомпанија во речиси три децении.

Избрана градската власт во Подгорица и покрај конфликтот меѓу коалициските партнери

Саша Мујовиќ (десно), Јелена Боровиќ Бојовиќ (во средината) и Наѓа Љиљаниќ (лево) по разговорите на 26 декември 2024 г.
Саша Мујовиќ (десно), Јелена Боровиќ Бојовиќ (во средината) и Наѓа Љиљаниќ (лево) по разговорите на 26 декември 2024 г.

Градското Собрание на црногорскиот главен град доцна синоќа го избра Саша Мујовиќ, функционер од „Движењето Европа сега“ и актуелен министер за енергетика за градоначалник на Подгорица. Претходно за претседател на градскиот парламент беше избрана Јелена Боровиќ Бојовиќ од коалицијата „За иднината на Подгорица“.

Со ова се официјализираше новата-старата коалиција, која ќе ја сочинуваат владејачките партии на државно ниво - Движењето Европа сега (ПЕС) на премиерот Милојко Спајиќ, Демократите и проруската партија Демократски фронт и Движењето за Подгорица (ПзПГ ) поддржан од претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Со новото свикување на подгоричкиот парламент мнозинство ќе биде 31 од вкупно 59 советници.

„Моја голема желба е да создадам европска Подгорица која ќе биде вистински претставник на европска Црна Гора затоа што и припаѓа во секој поглед“, рече новиот градоначалник Мујовиќ.

Во опозиција ќе останат Демократската партија на социјалистите, која на изборите освои најмногу советнички мандати, Европската партија за напредок на Душко Марковиќ, Движењето УРА на Дритан Абазовиќ и Движењето Пресврт.

Договорот за формирање влада во Подгорица е постигнат и покрај отворениот конфликт и меѓусебните обвинувања меѓу претседателот Милатовиќ и владејачкото мнозинство предводено од премиерот Милојко Спајиќ.

Во последните објави на социјалните мрежи, Милатовиќ го нарече парламентарното мнозинство „антицрногорско и антиевропско“, додека Движењето Европа сега (ПЕС) на Спајиќ рече дека Милатовиќ е „политички погребан“.

Повод беше судир околу постапките за разрешување судии на Уставниот суд.

На расправата во Собранието на Подгорица беа споменати клучните проблеми на главниот град со кои ќе се соочи новото раководство.

Меѓу нив се отсуството на колектори за третман на отпадните води, немањето паркинг места, проблемите со отстранување на сметот и друго.

Дел од граѓаните, невладиниот сектор и дел од политичките партии дадоа отпор на носењето на новиот Просторен урбанистички план без јавна расправа.

Просторниот план е изготвен и предложен по ветувањето на Владата дека наскоро ќе почнат да градат нов станбен простор на периферијата на Подгорица за 20.000 жители.

Сириската преодна влада најави реструктуирање на безбедносните служби

Ослободени затвореници танцуваат на влезот од градот Алепо, на 9 декември 2024 година, по соборувањето на сирискиот претседател.
Ослободени затвореници танцуваат на влезот од градот Алепо, на 9 декември 2024 година, по соборувањето на сирискиот претседател.

Сириската преодна влада најави распуштање и реструктуирање на безбедносни и разузнавачки служби кои беа под капата на сега соборениот диктатор Башар ал Асад кој е обвинет за масовни убиства и злоупотреби. Ал Асад владееше со Сирија повеќе од две децении, а ја напушти земјата на почетокот на овој месец и доби политички азил во Русија.

Новоименуваниот шеф на разузнавањето Анас Хатаб рече дека сите безбедносни агенции ќе бидат распуштени и повторно изградени.

Хатаб го обвини режимот на Ал Асад за злоупотреба на безбедносниот апарат со цел потчинување на Сиријците.

"Нашиот храбар народ, со сите нивни различни вери и категории, претрпе многу неправда и угнетување од поранешниот режим преку неговите различни безбедносни служби", изјави Хатаб.

Безбедносните сили на преодната влада собраа околу 300 осомничени за помалку од една недела преку тековните операции во неколку делови на Сирија, објави Сириската опсерваторија за човекови права.

Според оваа опсерваторија со седиште во Велика Британија, Либан во саботата им предал на сириските власти околу 70 Сиријци, вклучително и поранешни офицери, на граничниот премин меѓу двете земји.

Хрватите избираат претседател

Хрватите на 29 декември по осми пат од независноста ќе избираат претседател на Републиката. Хрватската државна изборна комисија соопшти дека утрово биле отворени над 6.500 избирачки места во земјата и во 38 други држави во кои право на глас имаат над 3,7 милиони гласачи.

На изборите на 29 декември хрватските државјани одлучуваат дали ќе му дадат нов, втор мандат на актуелниот претседател Зоран Милановиќ кој го поддржуваат СДП и нејзините партнери или на некој од неговите противкандидати.


Негов ривал е кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Драган Приморац, кој беше исклучен од партијата во 2009 година, кога се кандидираше самостојно на претседателските избори и тогаш освои околу шест отсто од гласовите.

Останатите кандидати се Миро Буљ од десничарската конзервативна партија Мост, Ивана Кекин од зелено-левичарската партија Моземо, Бранка Лозо, која стои зад десничарската партија Дом и национален собир (ДОМИНО) и независните кандидати Томислав Јоњиќ, Марија Селак Распудиќ и Нико Токиќ Картело.

„Ги повикуваме гласачите да излезат на гласање и да го остварат своето право. Исто така, повикуваме се да се одвива во мир, во демократска атмосфера и гласачите да го остварат своето уставно право“, изјави потпретседателката Весна Фабијанчиќ Крижаниќ, потпретседател на Државната изборна комисија, на прес-конференција.

Од независноста на Хрватска, Фрањо Туѓман и Стјепан Месиќ беа претседатели во два мандата. По еден мандат освоија Иво Јосиповиќ и Колинда Грабар Китаровиќ. Актуелниот претседател Зоран Милановиќ на овие избори се бори за втор мандат.

Инагуриран нов грузиски претседател, претходничката не се повлекува

Новоизбраниот грузиски претседател Михаил Кавелашвили зборува на церемонијата на полагање заклетва во грузискиот парламент во Тбилиси, Грузија, недела, декември.
Новоизбраниот грузиски претседател Михаил Кавелашвили зборува на церемонијата на полагање заклетва во грузискиот парламент во Тбилиси, Грузија, недела, декември.

Михаил Кавелашвили, поранешен фудбалер и десничарски популист, положи заклетва како нов претседател на Грузија во време на повеќемесечна политичка криза.

Саломе Зурабишвили, шефот на државата во заминување, истиот ден ја напушти својата резиденција во претседателската палата во главниот град Тбилиси, но рече дека таа останува легитимен претседател.

Прозападната Зурабишвили, чиј мандат заврши на 29 декември, рече дека нема да се повлече. Таа тврдеше дека нејзиниот наследник, избран во пратеничкиот дом во кој доминира владејачкиот „Грузиски сон“, е „нелегитимен“.

Грузија е место на антивладини протести откако „Грузискиот сон“ прогласи победата на парламентарните избори во октомври, кои според меѓународните организации и грузиската опозиција беа спроведени и нарушени со случаи на купување гласови, двојно гласање, физичко насилство и заплашување.

Протестите се интензивираа по одлуката на владата минатиот месец да ги одложи преговорите за пристапување на Грузија во Европската унија.

Грузискиот претседател во заминување Саломе Зурабичвили, центар, ја напушта палатата Орбелиани, официјалната резиденција на претседателот на Грузија, во Тбилиси, Грузија, во недела, декември. 29, 2024
Грузискиот претседател во заминување Саломе Зурабичвили, центар, ја напушта палатата Орбелиани, официјалната резиденција на претседателот на Грузија, во Тбилиси, Грузија, во недела, декември. 29, 2024

Во пркосниот говор пред илјадниците поддржувачи пред претседателската палата на 29 декември, Зурабишвили која им се придружи на демонстрантите, рече дека таа останува „единствениот легитимен претседател“ и вети дека ќе продолжи да се бори против него.

Нејзините изјави уследија неколку моменти откако 53-годишниот Кавелашвили, тврдокорен критичар на Западот, беше инаугуриран на церемонија во парламентот.

Еден ден претходно, Зурабишвили им се придружи на демонстрантите во Тбилиси додека учесниците на протестот вееја грузиски и знамиња на ЕУ, пуштаа музика и маршираа по мостот Сарбрикен во главниот град за да формираат „синџир на единство“.

Со вчерашниот собир беше одбележан еден месец од почетокот на неодамнешниот бран антивладини протести, кои беа проследени со насилни полициски акции, повредени луѓе и масовни апсења од страна на грузиските власти. Демонстрантите ја обвинуваат владата на партијата Грузиски сон дека ја оддалечува земјата од ЕУ и се приближува до Москва.

На 24 декември, Хјуман рајтс воч повика Грузиските безбедносни сили да бидат под истрага за „бруталното полициско насилство“ врз главно мирните демонстранти кои излегоа на улиците да протестираат.

На 27 декември, Соединетите Држави соопштија дека воведоа нови санкции за грузискиот милијардер и пријател на Русија, Бидзина Иванишвили, кој беше поранешен премиер и основач на партијата Грузиски сон, поради поткопување на демократијата во Грузија во „корист на Руската Федерација“.

„Под водство на Иванишвили, Грузискиот сон ги унапреди интересите на Кремљ со попречување на евроатлантската траекторија на Грузија - во директна спротивност со она што беше предвидено од грузискиот народ и грузискиот устав“, изјави државниот секретар Антони Блинкен.

Обвинителството и МВР во потрага на шверцери на скапи автомобили

Илустрација, луксузни автомобили
Илустрација, луксузни автомобили

Криумчарени луксузни автомобили од странство е причината за полициски претреси во Скопје и неколку други градови, кусо соопштија од Основното јавно обвинителство.

„Меѓу осомничените има и службени лица и еден странски државјанин“, се вели во нивното соопштение.

Полицијата врши претреси во Скопје, Битола, Неготино, Дојран, Гевгелија, во потрага по криминална група која шверцувала скапи возила од ЕУ.

За натамошниот тек на постапката и за конкретните дејствија за кои постојат сомненија дека ги сториле инволвираните лица, обвинителството ќе информира по нивното завршување, велат од Јавното обвинителство. Други детали засега нема.

Авион со 181 патник се запали во Јужна Кореја, се стравува дека само двајца преживеале

Авионска несреќа во Јужна Кореја
Авионска несреќа во Јужна Кореја

Најмалку 150 луѓе загинаа откако патнички авион се урна при слетување на аеродром во Јужна Кореја. На летот на нискобуџетната авиокомпанија „Џеџу ер“ со „боинг 737-800“ имаше 181 патник и пристигнуваше на аеродромот Муан, околу 290 километри јужно од Сеул, од Бангкок, Тајланд. Властите стравуваат дека речиси сите патници се загинати, засега само двајца преживеани се извлечени од останките на авионот.

Авионот се излизга од пистата на аеродромот и се удри во бетонска ограда и се запали откако неговата предна опрема за слетување очигледно не успеа да се спушти. Бројот на загинати се очекува дополнително да се зголеми бидејќи останатите луѓе во авионот се водат како исчезнати околу шест часа по инцидентот.

Ова е најтешката и најсмртоносната авионска несреќа во која учествувала јужнокорејска авиокомпанија во речиси три децении.

Двајца членови на екипажот, маж и жена, беа спасени од опашката на запалениот авион, изјави на брифинг шефот на противпожарната служба на Муан, Ли Јунг-Хјун.

Неколку часа по несреќата, членовите на семејството се собраа во областа на пристигнувањето на аеродромот, некои плачеа и се гушкаа додека волонтерите на Црвениот крст делеа ќебиња. Надлежните објавија имиња на 22 жртви кои биле идентификувани по нивните отпечатоци.

Авиокомпанијата е основана во 2005 година и има околу 3.000 вработени. Опслужува голем број линии во Јужна Кореја, како и градови во азискиот ипацифик, вклучително и во Јапонија, Кина, Филипините и Тајланд. Од јануари 2024, авиокомпанијата лета во 44 градови и оперира речиси 220 летови дневно со своите 42 авиони.

Обвинителството бара одземање на пасошот на Деспотовски

Кандидат за лидер на СДСМ Јован Деспотовски
Кандидат за лидер на СДСМ Јован Деспотовски

Против поранешниот директор на Тирз и поранешен потпретседател на СДСМ Јован Деспотовски е отворена истражна постапка поради основано сомневање за злоупотреба на службена положба. Според соопштението од Основното скопско обвинителство, до Кривичниот суд е поднесено барање за одземање на пасошот и обврска привремено да се јавува во Судот како мерки на претпазливост.

„Во предметот се уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, се вели во соопштението од Обвинителството.

Претходно Деспотовски ги демантираше информациите во дел од медиумите дека е приведен поради проневера на два милиони евра.

„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, се вели во писмената реакција на Деспотовски.

Претходно, во текот на минатиот месец Телма објави дека Финансиската полиција веќе работи на истрага за фирма која имала 5 тендери во ТИРЗ за изработка на инфраструктура во економските зони во Штип и Струмица, а била учесник и добитник на договори за набавка на јаглен за РЕК Битола.

За „зделки“ во ТИРЗ, минатата година обвинуваше и ВМРО-ДПМНЕ. Во октомври минатата година по ваквите обвинувања Деспотовски кој беше и директорт во тоа време, ги демантираше тврдењата на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG